Не била престара за да му служи на Јехова
МНОГУ стари луѓе сметаат дека годините што им преостануваат не им даваат некаква надеж за среќа. Една мошне позната остарена артистка дури изјавила: „Својот живот го упропастив и сега е предоцна тоа да го сменам . . . Додека шетам сама, размислувам за животот што сум го водела и не сум баш среќна поради начинот на кој сум го проживеала . . . секаде се чувствувам немирно и неспособна да се средам“.
Една остарена жена која живеела пред скоро 2.000 години немала такви проблеми. Станува збор за една 84-годишна вдовица но која била активна, среќна и на прекрасен начин почествувана од Божја страна. Се викала Ана, а имала посебна причина за радост. Која?
„Не се отстрануваше од храмот“
Лука, писател на едно Евангелие, нѐ запознава со Ана. „Таму“ — вели тој — „беше и пророчицата Ана, ќерката Фануилова, од Асировото колено“ во Израел. Како пророчица, од Божјиот свети дух, односно, активна сила, имала дар за посебни работи. Ана имала и голема предност да прорекува во една значајна прилика.
Лука раскажува: „И беше многу остарела, а со мажот проживеала само седум години, по моминството свое. Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години“ (Лука 2:36, 37). Веројатно Ана, кога останала вдовица, била многу млада. Христијанските жени кои на било која возраст останале вдовици, знаат колку е тешко кога поради смрт ќе се изгуби саканиот сопруг. Но Ана, како и многу денешни богобојазливи жени, не допуштила ова тажно искуство да ја спречи во нејзината служба за Бог.
Лука ни раскажува дека Ана „не се отстрануваше од храмот“ во Ерусалим (Лука 2:37). Таа од сѐ срце ја ценела среќата која произлегувала од службата во Божјата куќа. Нејзините постапки откривале дека таа, како и израелскиот цар, псалмистот Давид, имала само едно нешто за кое го молела Јехова. Што било тоа? Давид пеел: „Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да го посетувам Неговиот свет храм“ (Псалм 26:4). И Ана во овој поглед била како денешните христијански жени кои наоѓаат задоволство во редовното посетување на Јеховиното место на обожавање.
Ана му принесувала света служба на Јехова ден и ноќ. Тоа го правела со „пост и молитва“ што укажува на нејзината тага и искрена желба (Лука 2:37). Вековната подложност на Евреите на пагански владетели заедно со расипаната состојба на религијата која допрела дури до храмот и свештенството, веројатно многу придонесувале за Аниниот пост и молитви до Јехова Бог. Но, имала и причина да биде среќна, особено поради тоа што се случило нешто извонредно еден навистина знаменит ден во втората година пр. н. е.
Неочекуван благослов
На овој мошне значаен ден, во храмот во Ерусалим го донеле детето Исус неговата мајка Марија и очувот Јосиф. Остарениот Симеон го видел бебето и во таа прилика пророчки се изразил (Лука 2:25-35). Ана, како и обично, била во храмот. „Во тој час“ — известува Лука — „пристапи и таа“ (Лука 2:38). Колку само Ана морала да биде возбудена кога нејзините остарени очи го здогледале идниот Месија!
Четириесет дена пред тоа, Божјиот ангел ги уплашил пастирите во близината на Витлеем кога им рекол: „Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“. Многубројното небесно воинство го славело Јехова и додало: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2:8-14). Исто така, Ана сега била поттикната да сведочи за Оној кој ќе биде Месијата!
Откако го видела бебето Исус, Ана ‚почнала да Го слави Господа и да им прикажува за Него на сите, што чекале спасение во Ерусалим‘ (Лука 2:38). Како и остарениот Симеон кој ја имал предноста да го види детето Исус во храмот, веројатно и таа копнеела, се молела и чекала на ветениот Ослободител. Добрата вест дека Исус е Тој била толку добра за неа што не можела тоа да го задржи само за себе.
Ана можеби не очекувала да биде жива кога Исус ќе порасне, но што направила? Радосно им сведочела на другите за ослободувањето кое ќе се исполни преку Месијата кој доаѓа.
Аниниот одличен пример
Колкумина религиозни луѓе во светот би сведочеле на таков начин или сѐ уште би принесувале обожавање ден и ноќ на возраст од 84 години? Веројатно таквите би барале пензија уште многу порано. Ана и Симеон биле поинакви. Оставиле прекрасен пример за сите остарени Јеховини слуги. Навистина, го сакале Јеховиниот дом на обожавање и го восфалувале со сето свое срце.
Ана ни е прекрасен пример на богобојазлива вдовица. Всушност, описот на Лука на оваа понизна стара жена сосема одговара на квалификациите кои треба да ги има една угледна вдовица како што се истакнува во 1. Тимотеј 5:3-16. Таму апостол Павле вели дека таквата вдовица „пребива во молитви и молења дење и ноќе“, „имала само еден маж“ и е „позната по добри дела“. Ана била токму таква жена.
Денес имаме верни остарени вдовици кои ден и ноќ му принесуваат света служба на Бог во илјадници собранија на Јеховините сведоци по целата земја. Колку само ние ги цениме овие денешни „Ани“ во нашата средина!
Дури и на постара возраст мажите и жените можат да му се предадат на Бог и тоа да го симболизираат со крштение во вода. Старите не се никогаш толку стари за да му служат на Јехова и да сведочат за Месијанското Царство кое е сега поставено на небесата и кое наскоро ќе донесе богати благослови за послушното човештво. Старите лица кои денес му принесуваат света служба на Бог можат да сведочат за Јеховиниот благослов над нив, како што Ана била посебно благословена пред многу века. Таа не била престара за да му служи на Јехова и да го слави неговото свето име — а ниту се тие.