Хасмонејците и нивната оставина
КОГА Исус бил на Земјата, јудаизмот бил поделен на фракции, и сите тие се бореле за влијание врз народот. Таква слика се добива од евангелските извештаи, како и од записите на Јосиф, еврејски историчар од првиот век.
Фарисеите и садукеите се појавуваат на сцената како важни влијателни сили, способни да влијаат врз јавното мислење до тој степен што народот дури го отфрлил Исус како Месија (Матеј 15:1, 2; 16:1; Јован 11:47, 48; 12:42, 43). Меѓутоа, овие две влијателни групи никаде не се спомнати во Хебрејските списи.
Јосиф првпат ги спомнува садукеите и фарисеите во контекст на вториот век пр.н.е. Многу Евреи во овој период подлегнале на привлечноста на хеленизмот, т.е. на грчката култура и филозофија. Затегнатоста меѓу хеленизмот и јудаизмот достигнала кулминација кога селеукидските владетели го обесчестиле храмот во Ерусалим на тој начин што му го посветиле на Зевс. Еден динамичен еврејски водач, Јуда Макавеј, од семејството познато како Хасмонејци, повел една бунтовничка војска која го ослободила храмот од рацете на Грците.a
Годините веднаш по востанието и победата на Макавејците ги карактеризирала тенденција да се формираат секти на темел на сопернички идеологии, од кои секоја се борела да ја освои пошироката еврејска заедница. Но, зошто се развила ваква тенденција? Зошто јудаизмот толку се поделил? За да одговориме, да ја испитаме историјата на Хасмонејците.
Зголемена независност и неединство
Откако ја постигнал својата религиозна цел — обновување на обожавањето во Јеховиниот храм — Јуда Макавеј почнал да се занимава со политика. Поради тоа, многу Евреи престанале да го следат. Сепак, тој ја продолжил борбата против селеукидските владетели, склучил спогодба со Рим и настојувал да основа независна еврејска држава. Откако Јуда умрел во една битка, борбата ја продолжиле неговите браќа Јонатан и Симон. Во почетокот, селеукидските владетели жестоко им се противеле на Макавејците. Но, со текот на времето, владетелите прифатиле политички компромиси, дозволувајќи им на хасмонејските браќа извесна автономија.
Иако имале свештеничко потекло, ниеден Хасмонеец никогаш не служел на положба на првосвештеник. Многу Евреи сметале дека на таа положба треба да бидат свештеници од лозата на Садок, кого Соломон го помазал за првосвештеник (1. Цареви 2:35; Езекиел 43:19). Јонатан употребил борба и дипломатија за да ги убеди Селеукидите да го помазат за првосвештеник. Но, по неговата смрт, брат му Симон постигнал уште повеќе. Во септември 140 пр.н.е., во Ерусалим бил издаден еден важен декрет, чуван на бронзени плочки во грчки стил: „Царот Димитриј [грчки селеукидски владетел] го потврди неговото [на Симон] првосвештенство, го присоедини кон своите пријатели, и го почести со голема слава . . . Јудејците и свештениците се согласиле Симон за секогаш да им биде водач и првосвештеник — додека не се издигне веродостоен пророк“ (1. Макавејска 14:38-41 [историска апокрифна книга]).
Со тоа, положбата на Симон како владетел и првосвештеник — за него и за неговите потомци — не била призната само од странскиот селеукидски авторитет туку и од „Големиот собир“ на неговиот сопствен народ. Ова означило една важна пресвртница. Како што кажал историчарот Емил Ширер, штом Хасмонејците основале политичка династија, „нивна главна грижа повеќе не било исполнувањето на Тората [еврејскиот закон], туку сочувувањето и ширењето на нивната политичка моќ“. Меѓутоа, внимавајќи да не ги повреди болните точки на Евреите, Симон ја употребил титулата „етнарх“, односно „водач на народот“, а не „цар“.
Сите не биле среќни со тоа што Хасмонејците ја приграбиле и религиозната и политичката власт. Според многу изучувачи, токму во тој период била основана кумранската заедница. Еден свештеник од лозата на Садок, за кој се верува дека е оној на кого укажуваат Кумранските записи како на „Учител на праведноста“, го напуштил Ерусалим и повел една опозициона група во Јудејската Пустина покрај Мртвото Море. Еден од Свитоците од Мртвото Море, коментар кон книгата Хабакук, го осудува „злобниот свештеник кој во почетокот бил наречен со името на вистината, но кога завладеал над Израел неговото срце се вообразило“. Многу изучувачи веруваат дека на описот што сектата го дала за „злобниот свештеник“ можел да одговара или Јонатан или Симон.
Симон продолжил со воените походи за да ја прошири територијата што била под негова власт. Меѓутоа, неговото владеење дошло до ненадеен крај кога зет му Птолемеј извршил атентат врз него и врз неговите два сина додека се гоштавале во близината на Ерихон. Овој обид да се добие власта пропаднал. Јован Хиркан, синот што му останал на Симон, бил предупреден на обидот да биде убиен. Тој ги фатил потенцијалните атентатори и го презел водството и првосвештенството на местото на својот татко.
Понатамошно ширење и угнетување
Во почетокот, Јован Хиркан се соочил со сериозни закани од сириските сили, но потоа, во 129 пр.н.е., селеукидската династија изгубила една пресудна битка со Партите. Во врска со ефектот од оваа војна врз Селеукидите, еврејскиот изучувач Менахем Стерн напишал: „Целата структура на царството речиси се распаднала“. На тој начин Хиркан „можел во целост да ја обнови политичката независност на Јудеја и да почне да се шири во различни правци“. И навистина успеал во тоа.
Сега, кога не го попречувала никаква закана од Сирија, Хиркан почнал да напаѓа територии надвор од Јудеја, подјармувајќи ги. Жителите морале да се преобратат во јудаизмот или нивните градови ќе биле наполно уништени. Еден таков поход бил преземен против Идумејците (Едомците). Во врска со тоа, Стерн забележал: „Преобраќањето на Идумејците било прво од таков вид, бидејќи го опфаќало целиот род, а не само неколку поединци“. Меѓу другите подрачја била освоена Самарија, каде што Хиркан го уништил самарјанскиот храм сместен на гората Гаризим. Изразувајќи ја иронијата на ваквата политика на присилно преобраќање од страна на хасмонејската династија, историчарот Соломон Грејзел напишал: „Некој внук на Мататија [татко му на Јуда Макавеј] го прекршил самото начело — религиозната слобода — кое претходната генерација толку благородно го штитела“.
Се појавуваат фарисеите и садукеите
Јосиф првпат се зафаќа со сѐ поголемото влијание на фарисеите и садукеите кога пишува за владеењето на Хиркан. (Јосиф ги спомнува фарисеите што живееле за време на владеењето на Јонатан.) Тој не зборува за нивното потекло. Некои изучувачи ги сметаат за група што потекнала од хасидите, побожна секта што го поддржувала Јуда Макавеј во неговите религиозни цели, но го напуштила кога неговите амбиции станале политички.
Името фарисеи обично е поврзано со значењето на хебрејскиот корен „одвоени“, иако некои го сметаат сродно со зборот „толкувачи“. Фарисеите биле изучувачи од обичниот народ, без некакво специфично потекло. Тие се одвоиле од ритуалната нечистотија со една филозофија за посебна побожност, применувајќи ги храмските закони за свештеничка светост на обичните ситуации во секојдневниот живот. Фарисеите развиле еден нов облик на толкување на Писмото и концепт кој подоцна станал познат како уснен закон. За време на владеењето на Симон, тие се здобиле со поголемо влијание кога некои од нив биле наименувани во Герусијата (концил на постари мажи), која подоцна станала позната како Синедрион.
Јосиф раскажува дека Јован Хиркан во почетокот им бил ученик на фарисеите и ги поддржувал. Меѓутоа, во одреден момент, фарисеите го укориле бидејќи не се откажувал од првосвештенството. Ова водело до еден драматичен расцеп. Хиркан ги прогласил религиозните одредби на фарисеите за незаконски. Како додатна казна, тој застанал на страната на религиозните противници на фарисеите — садукеите.
Името садукеи веројатно е поврзано со првосвештеникот Садок, чии потомци ја држеле свештеничката служба уште од времето на Соломон. Меѓутоа, сите садукеи не биле од оваа лоза. Според Јосиф, садукеите биле аристократите и богатите луѓе од нацијата, и ја немале поддршката од масите. Професор Шифман коментира: „Повеќето од нив . . . изгледа биле свештеници или лица кои се сродиле со семејства на првосвештеници“. На тој начин, тие долго време биле тесно поврзани со лицата што имале моќ. Затоа, сѐ поголемата улога на фарисеите во јавниот живот и фарисејскиот концепт — на сите луѓе да се прошири светоста како онаа кај свештениците — била сметана за закана што можела да го поткопа природниот авторитет на садукеите. Така, во последните години од владеењето на Хиркан, садукеите повторно добиле власт.
Повеќе политика, помалку побожност
Аристобул, најстариот син на Хиркан, владеел само една година пред да умре. Тој продолжил со политиката на присилно преобраќање кај Итурејците и ја ставил горна Галилеја под хасмонејска власт. Но, хасмонејската династија го достигнала зенитот на својата моќ под владеењето на неговиот брат Александар Јанус, кој владеел од 103—76 пр.н.е.
Александар Јанус прекинал со претходната политика и отворено се прогласил за првосвештеник и цар. Судирите меѓу Хасмонејците и фарисеите се засилиле, што водело дури и до граѓанска војна во која загинале 50.000 Евреи. Откако бунтот бил задушен, во еден чин што потсетувал на паганските цареви, Јанус наредил да се приковаат 800 бунтовници. Додека тие умирале, жените и децата им биле заклани пред нивни очи, а Јанус јавно се гоштавал со своите конкубини.b
И покрај своето непријателство кон фарисеите, Јанус бил прагматичен политичар. Тој увидел дека фарисеите добивале сѐ поголема поддршка од јавноста. Неговото упатство до сопругата Салома Александра, додека се наоѓал на смртна постела, било да ја дели власта со нив. За наследник на своето царство Јанус ја избрал неа, а не своите синови. Таа се покажала способен владетел и ѝ обезбедила на нацијата еден од најмирните периоди под хасмонејското владеење (76—67 пр.н.е.). На фарисеите им била вратена положбата на авторитет, а законите против нивните религиозни уредби биле укинати.
Кога Салома умрела, нејзините синови Хиркан II, кој служел како првосвештеник, и Аристобул II стапиле во борба за власт. На обајцата им недостигал политичкиот и воениот увид што го имале нивните прататковци и изгледа дека ниеден од нив не го сфатил во целост значењето на зголемената римска присутност на тоа подрачје по целосниот распад на селеукидското царство. Во 63 пр.н.е., двајцата браќа му се обратиле на римскиот владетел Помпеј, додека тој се наоѓал во Дамаск, и побарале негово посредништво во својот спор. Истата година, Помпеј и неговите војски навлегле во Ерусалим и ја презеле власта. Со тоа започнал крајот на хасмонејското царство. Ерусалим бил освоен во 37 пр.н.е. од идумејскиот цар Ирод Велики, кого римскиот Сенат го одобрил како „цар на Јудеја“, „сојузник и пријател на римскиот народ“. Хасмонејското царство исчезнало.
Оставина на Хасмонејците
Периодот на Хасмонејците, од Јуда Макавеј до Аристобул II, го положил темелот за поделената религиозна сцена што постоела кога Исус дошол на Земјата. Хасмонејците започнале со ревност за обожавањето на Бог, но таа се претворила во расипана саможивост. Нивните свештеници, кои имале можност да го обединат народот во следењето на Божјиот закон, ја одвеле нацијата во бездната на внатрешна политичка борба. Во ваква околина цветале раздорни религиозни гледишта. Хасмонејците веќе ги немало, но борбата за религиозна власт меѓу садукеите, фарисеите и некои други станала карактеристика на нацијата под власта на Ирод и Рим.
[Фусноти]
a Види ја статијата „Кои биле Макавејците?“ во Стражарска кула од 15 ноември 1998.
b Свитокот од Мртвото Море „Коментар кон Наум“ го спомнува „Лавот на гневот“ кој „обеси живи луѓе“, што можеби укажува на гореспоменатиот настан.
[Табела на страница 30]
(Види во публикацијата)
Хасмонејската династија
Јуда Макавеј
Јонатан Макавеј
Симон Макавеј
↓
Јован Хиркан
↓ ↓
Салома Александра — мажена за — Александар Јанус
↓ ↓
Хиркан II
Аристобул II
[Слика на страница 27]
Јуда Макавеј барал независност на Евреите
[Извор на слика]
The Dorè Bible Illustrations/Dover Publications, Inc.
[Слика на страница 29]
Хасмонејците се бореле за да ја прошират власта над нееврејските градови
[Извор на слика]
The Dorè Bible Illustrations/Dover Publications, Inc.