Твоето право да веруваш
Веројатно високо го цениш своето право да веруваш во што сакаш. И скоро сите високо го ценат тоа. Користејќи го ова право, шесте милијарди жители на Земјата создале неверојатна разновидност од верувања. Како што во творештвото наоѓаме најразлични бои, облици, состав, вкусови, мириси и звуци така и различните верувања честопати го зголемуваат интересот, возбудливоста и уживањето во животот. Таквата разновидност, всушност, може да биде зачин во животот (Псалм 104:24).
НО, ПОСТОИ потреба од претпазливост. Некои верувања не се само поинакви, туку и опасни. Во почетокот на 20 век, на пример, некои луѓе почнале да веруваат дека Евреите и масоните имале планови да „ја нарушат христијанската цивилизација и да создадат една светска држава под нивно заедничко владеење“. Еден извор на ваквото верување бил некој антисемитски трактат со наслов Protocols of the Learned Elders of Zion (Протоколи на сионските мудреци). Во трактатот се наведувало дека плановите вклучувале залагање за прекумерни даноци, унапредување на производството на оружје, охрабрување на гигантски монополи така што ‚богатството на не-Евреите би се уништило со еден удар‘. Тврдењата вклучувале и манипулирање со образовниот систем со цел ‚не-Евреите да се претворат во животни кои не размислуваат‘, па дури и изградба на подземни железници кои ќе ги поврзуваат главните градови така што еврејските старешини би можеле да ги ‚совладаат сите противници на тој начин што сосема ќе ги елиминираат‘.
Ова, се разбира, биле лаги — наменети за да потпалат антисемитски чувства. ‚Оваа апсурдна измислица‘, вели Марк Џонс од Британскиот музеј, ‚се проширила надвор од Русија‘, каде што првпат се појавила во 1903, во една новинска статија. Во лондонски The Times стигнала на 8 мај 1920. По повеќе од една година, The Times го разоткрил документот како фалсификат. Во меѓувреме, штетата веќе била направена. ‚Вакви лаги‘, вели Џонс, ‚тешко се потиснуваат.‘ Штом луѓето ќе ги прифатат, тие создаваат верувања кои се полни со омраза, отровни се и опасни — честопати со катастрофални последици, како што покажа историјата на 20 век (Пословици 6:16-19).
Верувањето против вистината
Се разбира, не се потребни секогаш намерни лаги за да се развијат погрешни верувања. Понекогаш, едноставно погрешно ги толкуваме работите. Колку луѓе се соочиле со предвремена смрт правејќи нешто за кое верувале дека е исправно? Исто така, честопати веруваме во нешто едноставно затоа што сакаме да веруваме. Еден професор вели дека дури и научниците „честопати се вљубуваат во своите сопствени концепти“. Нивните верувања им го замрачуваат сопственото критичко просудување. Потоа, можеби поминуваат еден цел животен век залудно обидувајќи се да ги поддржат погрешните верувања (Еремија 17:9).
Слични работи се случуваат и со религиозните верувања — каде што постојат огромни противречности (1. Тимотеј 4:1; 2. Тимотеј 4:3, 4). Некој има длабока вера во Бог. Друг вели дека тој човек ја темели верата на глупости. Некој смета дека имаме бесмртна душа што ја преживува смртта. Друг верува дека кога умира, човекот престанува да постои, и тоа целосно и комплетно. Очигледно, сите овие конфликтни верувања не можат да бидат точни. Тогаш, зарем не е мудро да се осигуриш дека она во што ти веруваш навистина е точно, а не само нешто во кое сакаш да веруваш? (Пословици 1:5). Како можеш да го сториш тоа? Следната статија ќе ја преиспита оваа тема.
[Слика на страница 3]
Статија од 1921 во која се разоткриени „Протоколите на сионските мудреци“