Зошто веруваш во она во што веруваш?
Да се верува се дефинира како „да се прифати нешто како точно, вистинито или реално“. Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации го брани „правото на слобода на мислата, совеста и религијата“ на секој човек. Ова право ја вклучува и слободата „да ја смени својата религија или верување“, доколку сака.
НО, ЗОШТО некој би сакал да си ја смени религијата или верувањето? „Си имам свои верувања, и задоволен сум со нив“ е едно вообичаено гледиште кое се застапува денес. Многумина сметаат дека дури и погрешните верувања не причинуваат некаква голема штета. На пример, некој што верува дека Земјата е плоча, веројатно нема да си наштети ни себеси ни на некој друг. „Треба да помириме со тоа дека едноставно се разликуваме“, велат некои. Дали е тоа секогаш мудро? Дали еден лекар би се помирил со тоа дека едноставно станува збор за разлика ако некој негов колега и понатаму верува дека би можел од мртовечница, каде што работел со лешеви, да оди директно да прегледува болни пациенти на некој болнички оддел?
Што се однесува до религијата, погрешните верувања предизвикале голема штета низ историјата. Помисли само на ужасите што резултирале кога верските водачи „ги поттикнувале христијанските зелоти на бездушно насилство“ во текот на таканаречените Свети крстоносни војни во средниот век, или помисли на денешните „христијански“ пиштолџии во една неодамнешна граѓанска војна, кои „исто како средновековните борци што на дршките на своите мечеви имале имиња на светци, лепат слики од дева Марија на кундаците од своите пушки“. Сите овие зелоти верувале дека имале право. Сепак, очигледно во овие и во други верски борби и судири, нешто било страшно погрешно.
Зошто има толку многу збрки и конфликти? Библискиот одговор е дека Сатана Ѓаволот „ја заведува целата населена земја“ (Откровение 12:9; 2. Коринќаните 4:4; 11:3). Апостол Павле предупредил дека многу религиозни луѓе, за жал, ќе „одат по патот кој води во пропаст“ бидејќи ќе бидат измамени од Сатана, кој ќе „покаже лажни чудотворни знаци“. Таквите, рекол Павле, ќе „одбиваат да ја засакаат вистината и така да се спасат“ и на тој начин ‚со измама ќе поверуваат во сите лаги‘ (2. Солуњаните 2:9-12, Иван Грозданов). Како можеш да ја минимизираш можноста да веруваш во лага? Всушност, зошто веруваш во она во што веруваш?
Воспитан да веруваш така?
Можеби си бил воспитан според верувањата на твоето семејство. Најверојатно тоа е нешто добро. Бог сака родителите да ги поучуваат своите деца (Второзаконие 6:4-9; 11:18-21). Младиот Тимотеј, на пример, извлекол голема корист слушајќи ги мајка си и баба си (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15). Писмото охрабрува на почит кон она што го веруваат родителите (Пословици 1:8; Ефешаните 6:1). Но, дали твојот Творец имал намера да веруваш во одредени работи само затоа што родителите веруваат во нив? Непромислената приврзаност кон она во што верувале и што го правеле претходните генерации, всушност, може да биде опасна (Псалм 78:8; Амос 2:4).
Една Самарјанка, која го сретнала Исус Христос, била воспитана да верува во својата самарјанска религија (Јован 4:20). Исус ја почитувал нејзината слобода да избере да верува како што сака, но исто така ѝ укажал: „Вие го обожавате она што не го знаете“. Многу нејзини религиозни верувања, всушност, биле погрешни, и тој ѝ рекол дека ќе мора да направи промени во верувањата за да го обожава Бог на прифатлив начин — „со дух и со вистина“. Наместо да се држат за верувањата што несомнено им биле драги, таа и другите како неа, со текот на времето, морале да станат „послушни на верата“ што ја открил Исус Христос (Јован 4:21-24, 39-41; Дела 6:7).
Школуван да веруваш така?
Многу учители и авторитети за специјализирани полиња на науката заслужуваат голема почит. Сепак, историјата е преполна со примери на прочуени учители кои биле во апсолутна заблуда. На пример, во врска со двете книги за научни теми што ги напишал грчкиот филозоф Аристотел, историчарот Бертранд Расел рекол дека „во светлина на современата наука тешко е да се прифати макар и една реченица од нив“. Дури и некои денешни авторитети честопати доаѓаат до драстично погрешни заклучоци. „Да летаат машини што се потешки од воздухот — тоа е невозможно“, уверливо тврдел британскиот научник лорд Келвин во 1895. Затоа, еден мудар човек не верува слепо дека нешто е точно само затоа што тоа го вели некој авторитетен учител (Псалм 146:3).
Истата претпазливост е потребна и кога станува збор за религиозното школување. Апостол Павле бил добро школуван од своите религиозни учители и бил крајно „ревносен за традициите на [своите] татковци“. Меѓутоа, ревноста за традиционалните верувања на неговите предци, всушност, му создала проблеми. Го довела до тоа да го ‚прогонува Божјето собрание и да го пустоши‘ (Галатите 1:13, 14; Јован 16:2, 3). Што било уште полошо, Павле долго време ‚клоцал против остенот‘, противејќи се на влијанијата што требало да го водат до тоа да верува во Исус Христос. Била потребна драматична интервенција од самиот Исус за Павле да биде поттикнат да ги преиначи своите верувања (Дела 9:1-6; 26:14).
Под влијание на медиумите?
Можеби твоите верувања во голема мера се под влијание на медиумите. Повеќето луѓе се среќни што медиумите имаат слобода на говорот, бидејќи тоа им дава пристап до корисни информации. Меѓутоа, постојат моќни сили што можат да манипулираат со медиумите и честопати го прават тоа. Често се презентираат пристрасни информации што можат потајно да влијаат врз твоето размислување.
Освен тоа, за да привлечат поголема публика, медиумите се склони да даваат публицитет на сензационални и неконвенционални работи. Она што само пред неколку години тешко смеело да се каже или да се печати во јавноста, денес станало секојдневие. Полека но сигурно, утврдените мерила на однесување се напаѓаат и нагризуваат. Размислувањето на луѓето постепено се искривува. Почнуваат да веруваат дека ‚злото е добро, а доброто зло‘ (Исаија 5:20; 1. Коринќаните 6:9, 10).
Да се најде цврст темел за верување
Да се гради врз човечките идеи и филозофии е исто како да се гради врз песок (Матеј 7:26; 1. Коринќаните 1:19, 20). Тогаш, на што можеш со доверба да ги темелиш своите верувања? Со оглед на тоа што Бог ти дал интелектуална способност да го истражуваш светот околу себе и да поставуваш прашања во врска со духовните работи, зар нема смисла тој да обезбеди и начин да добиеш точни одговори на твоите прашања? (1. Јованово 5:20). Да, се разбира! Но, како можеш да утврдиш што е точно, вистинито или реално кога станува збор за обожавањето? Не се колебаме да кажеме дека Божјата реч, Библијата, го дава единствениот темел за тоа (Јован 17:17; 2. Тимотеј 3:16, 17).
„Но, чекај“, ќе каже некој, „зар најголемите конфликти и збрки во светските работи не ги предизвикале токму оние што ја поседуваат Библијата?“ Па, точно е дека верските водачи, кои тврдат дека ја следат Библијата, создале многу збунувачки и конфликтни идеи. Тоа е случај затоа што, всушност, тие не ги темелат своите верувања на Библијата. Апостол Петар ги опишува како „лажни пророци“ и „лажни учители“ кои ќе создаваат „погубни секти“. Како последица од нивните активности, вели Петар, „ќе се зборува срамно за патот на вистината“ (2. Петрово 2:1, 2). Сепак, пишува Петар, „ја имаме пророчката реч уште посигурна; и добро правите што ѝ обрнувате внимание како на светилка која свети на темно место“ (2. Петрово 1:19; Псалм 119:105).
Библијата нѐ охрабрува да ги преиспитаме своите верувања со она што таа го учи (1. Јованово 4:1). Милиони читатели на ова списание можат да посведочат дека тоа им ја зголемило смислата и стабилноста во животот. Затоа, биди како благородно настроените Веријци. ‚Секојдневно испитувај го внимателно Писмото‘ пред да одлучиш во што ќе веруваш (Дела 17:11). На Јеховините сведоци ќе им биде драго да ти помогнат да го сториш тоа. Се разбира, твоја одлука е во што сакаш да веруваш. Меѓутоа, мудро е да се осигуриш дека твоите верувања не се обликувани од човечката мудрост и желби, туку напротив, од Божјата откриена реч на вистината (1. Солуњаните 2:13; 5:21).
[Слики на страница 6]
Можеш со доверба да ги темелиш своите верувања на Библијата