ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w10 1/9 стр. 10-13
  • Внимавај да не бидеш измамен

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Внимавај да не бидеш измамен
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Опасно е да се биде измамен
  • Дали сите сме во опасност?
  • Може ли и ти да бидеш измамен?
  • Како да се заштитиш?
  • Применувај го она што го учиш
  • Чувај се од измама
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Спротивстави му се на духот на еден свет што се менува
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Зошто веруваш во она во што веруваш?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Дали религијата е коренот на човечките проблеми?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
w10 1/9 стр. 10-13

Внимавај да не бидеш измамен

ДОН КИХОТ е познат лик од истоимениот роман на шпанскиот писател Мигел де Сервантес, кој живеел во 16 век. Во него се зборува за Дон Кихот, кој се опседнал со легенди и бајки за смели витези во блескави оклопи што ги спасувале девојките во неволја. Набрзо почнал да верува дека и самиот тој е благороден витез. Во еден познат дел од книгата тој напаѓа неколку ветерници кои му се причиниле како дружина опасни џинови. Уверен дека ќе ја изврши Божјата волја ако ги убие тие џинови, на крајот доживува крајно понижување.

Се разбира, Дон Кихот е само измислена личност, но ретко кога е смешно човек да биде измамен. На пример, еден алкохоличар можеби е уверен дека може да пие колку сака, но на крајот си го уништува и здравјето и семејството. Или, пак, една девојка што има анорексија можеби си мисли дека јаде доволно и дека е здрава, но реалноста е дека таа малку по малку умира од глад.

Можно ли е некој од нас да падне во замката на некоја измама? За жал, одговорот е ‚да‘. Всушност, на сите може да ни се случи тоа. Една можност е да бидеме измамени во врска со нашите верски убедувања — и тоа со катастрофални последици. Зошто е тоа така? Што можеш да направиш за да не бидеш измамен?

Опасно е да се биде измамен

Според еден речник, да измамиш некого значи „да го наведеш да го прифати како точно она што е неточно или лажно“. Тоа подразбира и „да му наметнеш лажно сфаќање или верување што води до неукост, збунетост или беспомошност“. Основното значење на овој и на некои други зборови, како што се зборовите „заведува“ или „прелажува“, е некој да биде одвлечен од вистината на подмолен начин. Се разбира, оној што не е свесен дека некој го држи во состојба на „неукост, збунетост или беспомошност“ со тоа што намерно му дава погрешни информации, се наоѓа во сериозна опасност.

Многу е жално тоа што честопати лицето кое е измамено или заведено цврсто се држи за своето верување, и покрај силните докази за спротивното. Изгледа дека емоционално толку се приврзува за своите верувања што едноставно ги затвора очите и ушите пред секаков доказ што би можел да му ги оспори.

Дали сите сме во опасност?

Можеби ќе прашаш: ‚Зар не е претерано да се рече дека сите сме во опасност да бидеме измамени во врска со нашите верски убедувања?‘ Не, не е претерано. Тоа е така затоа што Сатана Ѓаволот, кого Исус го нарекол „татко на лагата“, е решен да нѐ измами сите (Јован 8:44). Во Библијата, Сатана е наречен и „богот на овој свет“. Низ историјата, тој ‚им ги заслепил умовите‘ на милиони луѓе (2. Коринќаните 4:4). Дури и денес „го заведува целиот свет“ (Откровение 12:9).

Сатана почнал да ги заведува луѓето уште од самиот почеток на човечката историја. На пример, ја навел Ева да верува дека не треба да се подложува на законите на нејзиниот Создател и дека може самата да биде ‚како Бог и да знае што е добро, а што зло‘, односно да одлучува што е добро, а што лошо (1. Мојсеева 3:1-5). Тоа била првата голема измама бидејќи, иако на луѓето им била дадена слобода да изберат што да прават, тие не биле создадени со способност сами да одредуваат што е исправно, а што погрешно. Тоа право го има само Бог, кој е Создател и Севишен (Еремија 10:23; Откровение 4:11). Колкава измама е да се верува дека правото да се избере помеѓу она што е исправно и погрешно значи и право да се одреди што е исправно, а што погрешно! За жал, ние како несовршени луѓе лесно паѓаме во таа замка.

Може ли и ти да бидеш измамен?

Можеби твоите лични верски убедувања постоеле со векови и се пренесувале од колено на колено. Меѓутоа, тоа не е гаранција дека се точни. Зошто? Па, Библијата покажува дека, кратко по смртта на Христовите апостоли, во христијанското собрание се појавиле измамници кои учеле „искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:29, 30). Тие вешто заведувале луѓе „со измамливи зборови“ и со „мудрување и со празна измама, која се темели на човечки преданија“ (Колошаните 2:4, 8).

Дали ситуацијата денес е поинаква? Не баш. Апостол Павле предупредил дека работите ќе стануваат полоши во „последните денови“, т.е. во времето во кое живееме ние. Тој напишал: „Злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо. Ќе заведуваат други, а и самите ќе бидат заведени“ (2. Тимотеј 3:1, 13).

Затоа, мудро е сериозно да ја сфатиме опомената што ја дал апостол Павле: „Значи, кој мисли дека стои, нека внимава да не падне“ (1. Коринќаните 10:12). Се разбира, тој зборувал за нашиот однос со Бог. Всушност, ако мислиш дека Сатана никогаш не може да те измами, веќе си во голема заблуда. Буквално никој не е имун на Сатановите „сплетки“ (Ефешаните 6:11). Од таа причина апостол Павле им рекол на христијаните дека се плаши ‚како што змијата ја завела Ева со своето лукавство — да не се расипат и нивните мисли и да се одвратат од искреноста и чистотата, кои му ги должат на Христос‘ (2. Коринќаните 11:3).

Како да се заштитиш?

Што можеш да направиш за да не те измами Сатана? Како да се осигураш дека ‚му оддаваш почит на Бог со дух и со вистина‘? (Јован 4:24). Користи го она што ти го дал Јехова Бог. Пред сѐ, тој ти дал „разум“ за да можеш да разликуваш вистина од лага (1. Јованово 5:20). Исто така, ти помага да ги препознаеш намерите на Сатана (2. Коринќаните 2:11). Всушност, ти дал сѐ што ти треба за да се заштитиш од обидите на Сатана да те измами (Изреки 3:1-6; Ефешаните 6:10-18).

Најважно од сѐ, Бог ти покажува еден сигурен начин да се заштитиш. Кој е тој? Треба да го правиш истото она што апостол Павле му го препорачал на својот придружник Тимотеј кога му зборувал за верата. Откако го предупредил дека ќе има ‚зли луѓе и измамници‘, апостол Павле му рекол да им се спротивстави со тоа што своите верувања ќе ги темели на „светите списи“ — односно, на Божјата света Реч, Библијата (2. Тимотеј 3:15).

Се разбира, некои може да речат дека секој што верува во Бог и ја прифаќа Библијата како Негова вдахновена Реч е заведен. Но, реално гледано, заведени се токму оние што тврдоглаво ги отфрлаат сите докази дека постои Творец и дека Библијата е навистина Божја вдахновена Речa (Римјаните 1:18-25; 2. Тимотеј 3:16, 17; 2. Петрово 1:19-21).

Наместо да бидеш измамен од „таканаречено спознание“, користи ја Божјата Реч за да се увериш која е вистината (1. Тимотеј 6:20, 21). Биди како благородните мажи и жени на кои апостол Павле им проповедал во Верија. Тие ‚горливо ја примиле речта‘. Не само што искрено верувале во она што ги поучил апостол Павле туку и ‚секој ден ги истражувале Писмата за да видат дали е тоа така‘ (Дела 17:11).

Нема потреба да се плашиш да ги преиспиташ своите верувања на ваков начин. Всушност, Библијата те поттикнува ‚сѐ да испиташ‘ пред да прифатиш нешто како точно (1. Солуњаните 5:21). Некаде кон крајот на првиот век од н.е., апостол Јован ги поттикнал сохристијаните: „Сакани, не верувајте ѝ на секоја изјава, која наводно е вдахновена од Бог, туку испитајте дали таквите изјави потекнуваат од Бог“ (1. Јованово 4:1). Да, иако некое верско учење изгледа ‚вдахновено‘ — односно дека доаѓа од Бог — сепак е мудро да испиташ во Светото писмо дали да го прифатиш како вистинито (Јован 8:31, 32).

Применувај го она што го учиш

Меѓутоа, потребно е уште нешто. Ученикот Јаков напишал: „Немојте само да ја слушате речта, туку и извршувајте ја, за да не се залажувате самите себе“ (Јаков 1:22). Не е доволно само да знаеш што учи Библијата. Мора и да го применуваш тоа во животот. Како? Така што ќе го правиш она што го заповеда Бог и нема да го правиш она што го забранува.

На пример, размисли за моралниот распад во светот. Зар тој не покажува колку успешно Сатана ги заведува луѓето да мислат дека можат да ги занемарат Божјите морални закони без да имаат последици? Токму поради тоа, апостол Павле искрено ги предупредил христијаните: „Не залажувајте се: со Бог нема подигрување! Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7).

Не биди како ‚безумниот човек‘ за кого Исус рекол дека ги „слуша“ неговите зборови, ама не ги „извршува“. Како што Дон Кихот од романот на Сервантес бил измамен од сопствената бујна фантазија, човекот од Исусовата споредба се лажел себеси затоа што си мислел дека може да изгради цврста, стабилна куќа врз несигурен, слаб темел поставен на песок. Наместо тоа, биди како човекот „кој си ја изградил куќата на карпа“. Исус рекол дека тој бил ‚разборит‘ затоа што ‚ги слушал неговите зборови и ги извршувал‘ (Матеј 7:24-27).

[Фуснота]

a Нешто повеќе во врска со тоа можеш да прочиташ во книгите Постои ли Творец кој се грижи за тебе? и Библијата — Реч Божја или човечка?, издадени од Јеховините сведоци.

[Рамка/слика на страници 12 и 13]

Дали ги гледаш работите такви какви што навистина се?

Во 1930-тите, шведскиот уметник Оскар Ројтерсвард нацртал и јавно објавил низа слики од фигури кои биле наречени неверојатни, односно невозможни. Еден современ пример на таква фигура е прикажан лево. На прв поглед се чини дека цртежите го прикажуваат како возможно она што се коси со здравиот разум. Меѓутоа, кога ќе се разгледаат повнимателно, може да се види дека се вешто измислени трикови за да ги збунат или измамат окото и умот на оној што ги гледа.

Неверојатните фигури не се единственото нешто кое изгледа поинаку од она што навистина е. Пред околу две илјади години, Библијата предупредила: „Пазете се некој да не ве заведе со мудрување и со празна измама, која се темели на човечки преданија, на начелата на овој свет, а не на Христовите учења“ (Колошаните 2:8).

Ова предупредување добива на тежина затоа што и самиот оној што го напишал бил жртва на измама. Бидејќи се школувал кај еден од најпрочуените верски учители на своето време и се движел во високите кругови, тој бил личност што најмалку би се очекувало да биде измамена (Дела 22:3).

Овој човек — Савле од Тарс — бил наведен да верува дека секој што не се држи за неговите верски преданија и обичаи е проколнат. Подбуцнат од еврејските верски водачи, сметал дека има задача од Бог да ги прогонува сите што не сакале да се откажат од христијанската вера. Тој дури и го одобрил убиството на еден свој сонародник, кој бил лажно обвинет за богохулење (Дела 22:4, 5, 20).

Со текот на времето, на Савле му било помогнато да увиди која е разликата помеѓу она што е исправно и она што е погрешно, односно она што Бог го одобрува и она што не го одобрува. Штом сфатил дека не бил во право, тој ревносен човек се променил и станал познат како Павле, апостол на Исус Христос. Откако повеќе не бил жртва на измама, Павле научил како да му служи на Бог на исправен начин (Дела 22:6-16; Римјаните 1:1).

Исто како Павле, и многу други искрени луѓе некогаш биле измамени од учења што би можеле да се споредат со неверојатните фигури — верувања што звучат логично, ама не се темелат на Божјата Реч (Изреки 14:12; Римјаните 10:2, 3). Но, подоцна им било помогнато да сфатат какви навистина се верувањата и плодовите на нивната религија (Матеј 7:15-20). Кога добро ја запознале Библијата, ги промениле своите верувања и својот живот за да ја добијат Божјата милост.

Би сакал ли да го следиш примерот на апостол Павле и да ги преиспиташ своите верувања во светло на Божјата Реч, Библијата? Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат во тоа.

[Извор на слика на страница 10]

Резби од Doré

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели