Нека твојот напредок биде видлив
„Длабоко размислувај за овие работи; биди задлабочен во нив, за твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. ТИМОТЕЈ 4:15).
1. Од каде знаеш кога овошјето е зрело и може да се јаде?
ЗАМИСЛИ СИ го твоето омилено овошје — праска, круша, јагода или нешто друго. Знаеш ли кога е зрело и веќе може да се јаде? Сигурно. Неговата арома, боја и осет ти кажуваат дека те очекува пријатно доживување. Во моментот кога ќе гризнеш од него, можеби ќе испуштиш и некој глас од сласт. Колку е сочно! Колку е слатко! Тоа ти причинува големо уживање и задоволство.
2. Како се гледа зрелоста, и каков ефект има таа врз меѓусебните односи?
2 Ова едноставно, но пријатно искуство има паралели во други подрачја од животот. Една е таа дека, како и зрелоста на овошјето, духовната зрелост на еден човек исто така се гледа на различни начини. Кај некого препознаваме зрелост кога гледаме проникливост, увид, мудрост итн. (Јов 32:7-9). Сигурно е пријатно да се дружиме и да работиме со луѓе што во своите ставови и постапки покажуваат такви особини (Пословици 13:20).
3. Што открива за зрелоста Исусовиот опис на луѓето од неговото време?
3 Од друга страна, пак, некој може да биде физички пораснат, но начинот на којшто зборува и постапува можеби открива дека е емоционално и духовно незрел. На пример, говорејќи ѝ на своеглавата генерација од своето време, Исус Христос рекол: „Дојде Јован кој ниту јадеше ниту пиеше, а сепак велат: ‚Има демон‘; дојде Синот човечки кој и јаде и пие, па пак велат: ‚Гледај! Човек ненаситник и оддаден на вино, пријател на даночници и на грешници‘“. Иако тие луѓе биле физички зрели, Исус рекол дека постапувале како „мали деца“ — биле сѐ, само не зрели. Затоа додал: „Сепак, мудроста се докажува праведна преку своите дела“ (Матеј 11:16-19).
4. На кои начини се гледаат напредокот и зрелоста?
4 Од Исусовите зборови можеме да видиме дека, дали некој поседува вистинска мудрост — карактеристичен знак на зрелоста — се гледа по делата што ги извршува и по резултатите од нив. Во врска со тоа забележи го советот што му го дал апостол Павле на Тимотеј. Откако набројал кон кои работи треба Тимотеј да се стреми, Павле рекол: „Длабоко размислувај за овие работи; биди задлабочен во нив, за твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тимотеј 4:15). Да, напредокот на еден христијанин кон зрелост е „видлив“, т.е. јасно забележлив. Христијанската зрелост, како сјајна светлина, не е некоја внатрешна или скриена особина (Матеј 5:14-16). Затоа, ќе разгледаме два основни начина на кои можат да се видат напредокот и зрелоста: 1) растење во спознание, разбирање и мудрост; 2) покажување на плодовите на духот.
Единство во верата и во спознанието
5. Како може да се дефинира зрелоста?
5 Повеќето речници ја опишуваат зрелоста како состојба на целосен развој, да се биде потполно возрасен и да се достигне конечната состојба или пожелниот стандард. Едно овошје, како што беше спомнато претходно, е зрело кога го завршило природниот циклус на растење и кога неговиот изглед, боја, арома и вкус го достигнале она што се смета за пожелно. Според тоа, синоними за зрелост се извонредност, целосност, па и совршеност (Исаија 18:5; Матеј 5:45-48; Јаков 1:4).
6, 7. а) Што покажува дека Јехова е длабоко заинтересиран за тоа сите негови обожаватели да напредуваат кон духовна зрелост? б) Со што е тесно поврзана духовната зрелост?
6 Јехова Бог е длабоко заинтересиран за тоа сите негови обожаватели да напредуваат кон духовна зрелост. За таа цел направил прекрасни подготовки во рамките на христијанското собрание. На христијаните во Ефес, апостол Павле им напишал: „Даде некои како апостоли, некои како пророци, некои како евангелизатори, некои како пастири и учители, со цел да се исправаат светите, за делото на служење, за изградувањето на Христовото тело, додека сите ние не дојдеме до единство во верата и во точното спознание на Синот Божји, до потполно возрасен човек, до мерата на растот која ѝ припаѓа на Христовата полнота; за повеќе да не бидеме бебиња, фрлани наоколу како од бранови и носени ваму-таму од секој ветар на учењето преку човечката измама, преку лукавството во смислување на заблуда“ (Ефешаните 4:11-14).
7 Во овие стихови Павле објаснил дека во причините зошто Бог направил толку обилни духовни подготовки во собранието спаѓаат сите ‚да дојдат до единство на верата и точното спознание‘, да станат ‚потполно возрасни луѓе‘ и да ја имаат ‚мерата на растот на Христос‘. Само тогаш ќе бидеме сигурни дека нема да бидеме фрлани како духовни бебиња од лажни идеи и учења. На тој начин ја гледаме тесната врска меѓу напредувањето кон христијанска зрелост и стекнувањето „единство во верата и во точното спознание на Синот Божји“. Во Павловиот совет има неколку точки што ќе биде добро да ги земеме при срце.
8. Што е потребно за да се достигне „единство“ во верата и во точното спознание?
8 Прво, со оглед на тоа што треба да се задржи ‚единството‘, зрелиот христијанин мора да биде во обединетост и во целосна согласност со соверниците што се однесува до верата и спознанието. Тој не застапува ниту инсистира на сопствени мислења ниту, пак, негува лични идеи кога станува збор за разбирањето на Библијата. Наместо тоа, има целосна доверба во вистината која ја открил Јехова Бог преку својот Син, Исус Христос, и преку „верниот и разборит роб“. Ако редовно примаме духовна храна која се обезбедува „во право време“ — преку христијанските публикации, состаноците, собирите и конгресите — можеме да бидеме сигурни дека задржуваме „единство“ со сохристијаните во верата и во спознанието (Матеј 24:45).
9. Објасни го значењето на изразот „верата“ кој го употребил Павле во своето писмо до ефешаните.
9 Второ, изразот „верата“ не укажува на увереноста што ја исповедува секој христијанин поединечно, туку на нашето севкупно верување, неговата ‚ширина и должина и висина и длабочина‘ (Ефешаните 3:18; 4:5; Колошаните 1:23; 2:7). Всушност, како може еден христијанин да биде во единство со соверниците ако верува или прифаќа само извесен дел од „верата“? Ова значи дека не смееме да бидеме задоволни само со тоа да ги знаеме основните библиски учења или само да имаме едно замаглено или делумно спознание на вистината. Наместо тоа, треба да бидеме заинтересирани да ги искористиме сите подготовки што Јехова ги прави преку неговата организација на тој начин што длабоко ќе копаме по неговата Реч. Мораме да настојуваме да стекнеме колку што е можно поточно и поцелосно разбирање на Божјата волја и намера. Ова вклучува да си одвоиме време да ги читаме и проучуваме Библијата и библиските публикации, да му се молиме на Бог за помош и водство, редовно да присуствуваме на христијанските состаноци и да имаме целосен удел во делото на проповедање на Царството и на правење ученици (Пословици 2:1-5).
10. Какво е значењето на зборовите „додека сите не дојдеме до“, употребени во Ефешаните 4:13?
10 Трето, пред да ја опише трикратната цел, Павле започнал со зборовите „додека сите не дојдеме до“. Во врска со изразот „сите“, еден библиски прирачник го дава значењето „не сите еден по еден засебно, туку сите заедно“. Со други зборови, секој од нас треба да вложи разумни напори да се стреми кон целта — христијанска зрелост заедно со целото братство. The Interpreter’s Bible [Библија на толкувачот] забележува: „Целосноста на духовниот дострел не се постигнува со изолиран поединец, исто како што ниту еден дел од телото не може да го достигне развојот кон зрелост ако целото тело не продолжи со својот здрав раст“. Павле ги потсетил ефешките христијани дека тие ќе настојуваат „со сите свети“ умствено да го сфатат целиот опсег на својата вера (Ефешаните 3:18а).
11. а) Што не значи духовно да се напредува? б) Што треба да правиме за да напредуваме?
11 Од зборовите на Павле е јасно дека духовниот напредок не значи само да се полни умот со спознание и голема ученост. Зрелиот христијанин не е таков да ги импресионира другите со својата брилијантност. Наместо тоа, Библијата вели: „Праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сѐ појасна до полниот ден“ (Пословици 4:18). Да, „сѐ појасна“ станува „патеката“, а не поединецот. Ако вложуваме постојани напори да бидеме во чекор со сѐ појасното разбирање на Божјата реч, кое Јехова му го дава на својот народ, духовно ќе напредуваме. Во овој случај, да се биде во чекор значи да се оди напред, а тоа е нешто што сите можеме да го правиме (Псалм 97:11; 119:105).
Покажувај ги „плодовите на духот“
12. Зошто е важно да ги покажуваме плодовите на духот додека се стремиме кон духовен напредок?
12 Иако доаѓањето до „единство во верата и во точното спознание“ е важно, за нас е подеднакво важно да ги покажуваме плодовите на Божјиот дух во секој аспект на нашиот живот. Зошто? Затоа што зрелоста, како што видовме, не е внатрешна или скриена, туку се одликува со јасно забележливи карактеристики, кои можат да им користат на другите и да ги изградат. Се разбира, нашето стремење кон духовен напредок не е само напор да изгледаме културни или да бидеме извештачени. Наместо тоа, додека духовно растеме, следејќи го водството на Божјиот дух, ќе дојде до прекрасно преобразување на нашите ставови и постапки. „Одете по духот и воопшто нема да ја извршувате желбата на телото“, рекол апостол Павле (Галатите 5:16).
13. Која промена е јасен показател за напредок?
13 Павле продолжил да ги набројува „делата на телото“, кои ги има многу и се ‚видливи‘. Пред некој да ги сфати Божјите барања, неговиот живот е обликуван според патиштата на светот и може да биде исполнет со некои од работите што Павле ги спомнал: „блуд, нечистота, распуштено однесување, идолопоклонство, вршење спиритизам, непријателства, кавги, љубомора, изливи на гнев, препирки, поделби, секти, зависти, пијанки, лумпувања и слично“ (Галатите 5:19-21). Но, како што човек духовно напредува така постепено стекнува контрола над овие непожелни ‚дела на телото‘ и отстапува простор за „плодовите на духот“. Оваа однадвор видлива промена е јасен показател дека лицето напредува кон христијанска зрелост (Галатите 5:22).
14. Објасни ги двата израза: „делата на телото“ и „плодовите на духот“.
14 Треба да ги забележиме двата израза: „делата на телото“ и „плодовите на духот“. „Делата“ се резултат на она што некој го прави, производ на нечии постапки. Со други зборови, работите што Павле ги набројал како дела на телото се резултат на нечиј свесен избор или на влијанието од паднатото човечко тело (Римјаните 1:24, 28; 7:21-25). Од друга страна, пак, од изразот „плодовите на духот“ се подразбира дека наброените особини не се резултат на напорите во таканаречениот развој на карактерот или подобрување на личноста, туку резултат на дејствувањето на Божјиот дух врз некого. Исто како што едно дрво ќе донесува плодови кога правилно се негува така и лицето ќе ги покажува плодовите на духот кога светиот дух слободно протекува во неговиот живот (Псалм 1:1-3).
15. Зошто е важно да им обрнеме внимание на сите аспекти на „плодовите на духот“?
15 Друга точка што треба да ја разгледаме е тоа што Павле го употребил зборот „плодовите“ за да ги опфати сите пожелни особини што ги спомнал. Духот не донесува различни плодови па ние да си го избереме омилениот. Сите особини што ги набројал Павле — љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, кротост и самосовладување — се подеднакво важни и заедно ја овозможуваат новата христијанска личност (Ефешаните 4:24; Колошаните 3:10). Според тоа, иако можеби сфаќаме дека некои од овие особини се поочигледни во нашиот живот заради нашата личност и склоности, важно е да им обрнеме внимание на сите аспекти што ги спомнал Павле. На тој начин можеме уште поцелосно во животот да ја одразуваме личноста слична на Христовата (1. Петрово 2:12, 21).
16. Каква цел имаме додека се стремиме кон христијанска зрелост, и како можеме да ја постигнеме?
16 Важната лекција што можеме да ја научиме од дискусијата на Павле е дека при стремењето кон христијанска зрелост, нашата цел не е да стекнеме некакво големо спознание и ученост ниту, пак, да негуваме префинети карактерни црти. Целта ни е да имаме слободен проток на Божјиот дух во нашиот живот. До мерата до којашто нашето размислување и постапки реагираат на водството на Божјиот дух до таа мера стануваме духовно зрели. Како можеме да ја постигнеме оваа цел? Мораме да ги отвориме срцето и умот за влијанието на Божјиот дух. Тоа вклучува верно да ги посетуваме христијанските состаноци и да учествуваме на нив. Исто така, треба редовно да ја проучуваме Божјата реч и да медитираме за неа, дозволувајќи нејзините начела да ги водат нашите постапки со другите, нашите избори и одлуките што ги донесуваме. Тогаш нашиот напредок сигурно ќе биде јасно видлив.
Напредувај заради Божја слава
17. Како нашиот напредок е поврзан со славењето на нашиот небесен Татко?
17 На крајот, ако нашиот напредок биде видлив, тоа не ни донесува слава и фалба нам, туку на нашиот небесен Татко, Јехова, кој ни овозможува да стекнеме духовна зрелост. Ноќта пред да биде убиен, Исус им рекол на учениците: „Со тоа мојот Татко е прославен, да донесувате многу плод и да се покажете дека сте мои ученици“ (Јован 15:8). И со плодовите на духот и со плодовите на Царството од нивната служба, учениците му донеле слава на Јехова (Дела 11:4, 18; 13:48).
18. а) Каква радосна жетва се врши денес? б) Каков предизвик наметнува оваа жетва?
18 Денес, Јеховиниот благослов почива врз неговиот народ додека тој учествува во една глобална духовна жетва. Веќе неколку години, секоја година по околу 300.000 нови лица му се предаваат на Јехова и го симболизираат своето предание со крштавање во вода. Ова нѐ прави среќни нас а несомнено го радува и Јеховиното срце (Пословици 27:11). Меѓутоа, за ова да биде континуиран извор на радост и фалба на Јехова, сите тие нови треба ‚и понатаму да одат во обединетост со [Христос], вкоренети и изградени во него и утврдени во верата“ (Колошаните 2:6, 7). Ова наметнува двоен предизвик за Божјиот народ. Од една страна, ако си новокрстен, дали ќе го прифатиш предизвикот да се посветиш на тоа „твојот напредок да им биде видлив на сите“? Од друга страна, пак, ако веќе некое време си во вистината, дали ќе го прифатиш предизвикот да ја преземеш одговорноста во грижата за духовното добро на новите? Во обата случаја е јасна потребата од напрегање кон зрелост (Филипјаните 3:16; Евреите 6:1).
19. Каква привилегија и какви благослови можеш да имаш ако твојот напредок биде видлив?
19 Сите кои напорно работат за да биде видлив нивниот напредок ги очекуваат прекрасни благослови. Сети се на Павловите охрабрувачки зборови, откако го поттикнал Тимотеј да напредува: „Обрнувај постојано внимание на себе и на своето поучување. Остани во овие работи, зашто правејќи го ова ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат“ (1. Тимотеј 4:16). Ако марливо се трудиш твојот напредок да биде видлив, и ти можеш да имаш удел во привилегијата да го славиш Божјето име и да ги уживаш неговите благослови.
Се сеќаваш ли?
• На кои начини може да биде видлива духовната зрелост?
• Кој вид спознание и разбирање одразува зрелост?
• Како покажувањето на „плодовите над духот“ е знак на духовен напредок?
• Кој предизвик треба да го прифатиме додека се напрегаме кон зрелост?
[Слика на страница 13]
Созреаноста, односно зрелоста е јасно забележлива
[Слика на страница 15]
Ние напредуваме духовно на тој начин што одиме во чекор со откриената вистина
[Слика на страница 17]
Молитвата ни помага да ги покажуваме „плодовите на духот“