Твојот напредок нека биде видлив
„Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. ТИМ. 4:15)
1, 2. Што знаеме за детството и младоста на Тимотеј, како и за промената што настапила кога имал дваесетина години?
ТИМОТЕЈ пораснал во римската провинција Галатија, која се наоѓала во денешна Турција. Во децениите по смртта на Исус, таму биле основани неколку христијански собранија. И младиот Тимотеј, неговата мајка, како и неговата баба, го прифатиле христијанството и почнале активно да служат во едно од тие собранија (2. Тим. 1:5; 3:14, 15). Тимотеј сигурно водел исполнет живот како млад христијанин во својата средина. Но, одеднаш работите почнале да се менуваат.
2 Промената настапила кога апостол Павле дошол по вторпат во таа област. Најверојатно додека бил во Листра, тој забележал дека за Тимотеј ‚зборувале добро браќата‘ во тамошните собранија (Дела 16:2). Во тоа време Тимотеј можеби имал дваесетина години. Очигледно, овој млад човек бил многу зрел за своите години. Под водство на светиот дух, Павле и тамошното старешинство положиле раце врз него, и со тоа го одвоиле за една посебна задача во собранието (1. Тим. 4:14; 2. Тим. 1:6).
3. Каква невообичаена задача во службата добил Тимотеј?
3 Всушност, Тимотеј добил една невообичаена покана — да го придружува Павле на неговите проповеднички патувања! (Дела 16:3). Замисли си колку изненаден и возбуден бил Тимотеј! Во следните години, тој требало да патува со Павле, а понекогаш и со други христијани, и да извршува разни задачи што ги добивал од апостолите и од старешините. Павле и Тимотеј имале удел во едно патувачко дело со кое многу им помогнале на браќата духовно да се зајакнат. (Прочитај Дела 16:4, 5.) Така, за духовниот напредок на Тимотеј знаеле многу христијани. Откако десетина години соработувал со него, апостол Павле им го напишал следново на Филипјаните: „Немам никој друг како [Тимотеј], кој вистински би се грижел за вашата благосостојба... Вие знаете како каков се докажа тој, дека, како дете со татко, робуваше со мене во ширењето на добрата вест“ (Фил. 2:20-22).
4. а) Каква одговорна задача му била доверена на Тимотеј? б) Кои прашања се поставуваат во врска со она што го рекол Павле во 1. Тимотеј 4:15?
4 Некаде во времето кога им пишал на Филипјаните, Павле му дал на Тимотеј една многу одговорна задача — да поставува старешини и слуги-помошници (1. Тим. 3:1; 5:22). Очигледно, Тимотеј станал одговорен христијански надгледник во кој браќата можеле да имаат доверба. Сепак, во истото писмо, Павле му рекол да се потруди неговиот „напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тим. 4:15). Зарем не било доволно видливо дека Тимотеј веќе многу напредувал? Тогаш, што сакал да каже Павле со овие зборови, и како може да ни користи неговиот совет?
Како покажуваме дека сме напредувале како христијани
5, 6. Што ѝ се заканувало на духовната чистота на собранието во Ефес, и што можел да направи Тимотеј за да го спречи тоа?
5 Да го разгледаме контекстот на 1. Тимотеј 4:15. (Прочитај 1. Тимотеј 4:11-16.) Пред да ги напише тие зборови, Павле отпатувал за Македонија, но го замолил Тимотеј да остане во Ефес. Зошто? Некои христијани во тој град предизвикувале поделби во собранието така што почнале да шират лажни учења. Тимотеј требало да ја заштити духовната чистота на собранието. Како можел да го постигне ова? Еден начин бил да им даде добар пример на другите.
6 Павле му напишал: „Биди им пример на верните во говорот, во постапките, во љубовта, во верата, во чистотата“. Потоа додал: „Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тим. 4:12, 15). Овој напредок бил поврзан со духовните особини на Тимотеј, а не со некоја одговорна положба во собранието. Токму во таа смисла треба да биде видлив напредокот на секој христијанин.
7. Што се очекува од сите во собранието?
7 Денес, исто како во времето на Тимотеј, во собранието се вршат најразлични одговорни задачи. Некои служат како старешини или слуги-помошници. Други се во пионерска служба. Трети, пак, служат во патувачкото дело, во Бетел или како мисионери. Старешините имаат удел во поучувањето, на пример, кога имаат точки на собирите и на конгресите. Меѓутоа, сите христијани — мажи, жени и деца — можат духовно да напредуваат и тоа да им биде видливо и на другите (Мат. 5:16). Всушност, како и во случајот на Тимотеј, дури и кај христијаните што се на посебни одговорни положби треба јасно да се гледа дека и понатаму напредуваат во духовен поглед.
Биди пример во говорот
8. Какво влијание има нашиот говор врз нашето обожавање?
8 Меѓу другото, Тимотеј требало да даде добар пример во говорот. Како може да покажеме дека напредуваме на ова поле? Нашиот говор открива многу за нас. Исус со право рекол: „Устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Мат. 12:34). Јаков, полубратот на Исус, исто така бил свесен колкаво влијание може да има нашиот говор врз нашето обожавање на Бог. Тој напишал: „Ако некој мисли дека го почитува Бог на исправен начин, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговото почитување е залудно“ (Јак. 1:26).
9. Во кој поглед треба да бидеме пример во нашиот говор?
9 Од нашиот говор, другите во собранието можат да видат до кој степен сме напредувале духовно. Наместо да користат недостоинствен, негативен, критизерски и навредлив говор, зрелите христијани се трудат да ги изградуваат, тешат и охрабруваат другите (Изр. 12:18; Еф. 4:29; 1. Тим. 6:3-5, 20). Нашата спремност да зборуваме со другите за нашите морални убедувања и да ги браниме Божјите возвишени мерила може да открие колку сме му оддадени на Бог (Рим. 1:15, 16). Искрените сигурно ќе забележат како го користиме дарот на говор и можеби ќе го следат нашиот пример (Фил. 4:8, 9).
Биди пример во твоето однесување и во чистотата
10. Зошто е неопходно да имаме нелицемерна вера за да можеме духовно да напредуваме?
10 За еден христијанин да биде добар пример, не е доволно само да зборува позитивно. Кога некој само го кажува она што е исправно, но не го прави, тогаш е лицемер. Павле многу добро го знаел лицемерството на фарисеите, како и лошите последици од нивното постапување. Тој повеќе пати го предупредил Тимотеј да се чува од таква неискреност и преправање (1. Тим. 1:5; 4:1, 2). Но, Тимотеј не бил лицемер. Во второто писмо што му го напишал, Павле рекол: „Се сеќавам на твојата нелицемерна вера“ (2. Тим. 1:5). Сепак, другите требало јасно да видат дека Тимотеј е искрен христијанин. Затоа, требало да им даде добар пример со своето однесување.
11. Што му напишал Павле на Тимотеј во врска со богатството?
11 Во двете писма што му ги напишал на Тимотеј, Павле му дал совети за тоа како да се однесува на неколку полиња од животот. На пример, Тимотеј не требало да тежнее по богатство. Павле напишал: „Љубовта кон парите е корен на секакви зла и, поради неа, некои одлутаа од верата и си нанесоа многу маки“ (1. Тим. 6:10). Оној што многу ги сака парите има проблем со духовноста. Спротивно на ова, христијаните што живеат едноставно и се задоволни со тоа што ‚имаат храна, облека и покрив над главата‘, покажуваат дека духовно напредуваат (1. Тим. 6:6-8; Фил. 4:11-13).
12. Како можеме да покажеме дека сме напредувале и кога станува збор за нашите лични работи?
12 Павле му спомнал на Тимотеј и колку е важно христијанките „да се облекуваат пристојно, а притоа да бидат скромни и разборити“ (1. Тим. 2:9). Жените кои се скромни и разборити кога станува збор за нивниот изглед, облека и други лични работи, се одличен пример (1. Тим. 3:11). Ова начело важи и за мажите. Павле напишал дека надгледниците треба ‚да бидат умерени во сѐ, разборити и да живеат уредно‘ (1. Тим. 3:2). Кога ги покажуваме овие особини во секојдневниот живот, нашиот напредок им станува видлив на сите.
13. Како можеме и ние да бидеме пример во чистотата, како што бил Тимотеј?
13 Тимотеј требало да биде пример и во чистотата. Кога го употребил овој збор, Павле, всушност, имал на ум едно конкретно подрачје — моралната чистота. Тимотеј особено требало беспрекорно да се однесува кон жените. Требало да постапува со „постарите жени како [со] мајки, а [со] помладите жени како [со] сестри — со сета чистота“ (1. Тим. 4:12; 5:2). Бог знае за секоја неморална постапка, дури и кога некој мисли дека ја направил во тајност, а со текот на времето сигурно ќе дознаат и други. Но, точно е и тоа дека и добрите дела што ги прави еден христијанин не можат да се скријат (1. Тим. 5:24, 25). Сите во собранието имаат можност да покажат дека духовно напредуваат во своето однесување и во чистотата.
Неопходни се љубовта и верата
14. Како Библијата нагласува дека треба да се сакаме?
14 Една од главните одлики на вистинското христијанство е љубовта. Исус им рекол на своите следбеници: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). На кој начин покажуваме ваква љубов? Божјата реч нѐ поттикнува да се поднесуваме „еден со друг со љубов“, да бидеме ‚милостиви еден спрема друг, да имаме сомилост, спремно да си простуваме еден на друг‘ и да бидеме гостољубиви (Еф. 4:2, 32; Евр. 13:1, 2). Апостол Павле напишал: „Со братска љубов сакајте се срдечно еден со друг“ (Рим. 12:10).
15. Зошто сите мора да покажуваат љубов, а особено христијанските надгледници?
15 Ако Тимотеј бил груб или нељубезен кон сохристијаните, тоа ќе го срушело сето добро што го постигнал како учител и надгледник. (Прочитај 1. Коринќаните 13:1-3.) Од друга страна, искрената љубов што ја покажувал кон браќата, како со зборови така и со добрите дела што ги правел за нив и со својата гостољубивост, сигурно им помогнале јасно да го видат неговиот духовен напредок. Значи, сосема е на место тоа што, во своето писмо до Тимотеј, апостол Павле конкретно ја спомнал љубовта како една од особините во кои Тимотеј требало да биде пример.
16. Зошто Тимотеј требало да покаже силна вера?
16 Додека бил во Ефес, верата на Тимотеј била ставена на испит. Некои ширеле учења кои не биле во согласност со учењата на вистинското христијанство. Други ширеле „измислени прикаски“ или навлегувале во работи кои воопшто не придонесувале за подобрување на духовноста на собранието. (Прочитај 1. Тимотеј 1:3, 4.) Павле рекол дека таквите се ‚горди и ништо не разбираат, дека се болни од потпрашувања и препирки околу зборови‘ (1. Тим. 6:3, 4). Можел ли Тимотеј да си дозволи да ризикува со тоа што би размислувал за штетните идеи кои навлегле во собранието? Не, бидејќи Павле го поттикнал да ‚ја води добрата борба на верата‘ и да ги избегнува „празните разговори, кои го сквернават она што е свето, и противречното таканаречено спознание“ (1. Тим. 6:12, 20, 21). Нема никакво сомневање дека Тимотеј го послушал мудриот совет на Павле (1. Кор. 10:12).
17. Како може нашата вера да биде ставена на испит денес?
17 Интересно е тоа што на Тимотеј му било кажано дека „во идните времиња некои ќе отпаднат од верата, слушајќи заведувачки вдахновени објави и учења на демони“ (1. Тим. 4:1). Затоа, сите во собранието денес, вклучувајќи ги и оние кои се на одговорна положба, треба да бидат како Тимотеј и да покажуваат силна и непоколеблива вера. Ако заземеме цврст став и решително се спротивставиме на отпадништвото, нашиот напредок ќе биде видлив и ќе бидеме пример во верата.
Дај сѐ од себе за твојот напредок да биде видлив
18, 19. а) Како може твојот напредок да им биде видлив на сите? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
18 Јасно е дека духовниот напредок на еден вистински христијанин не е поврзан со неговиот надворешен изглед, со неговите вродени способности или со угледот што го има кај другите. А не мора да биде неминовно поврзан ни со годините што ги поминал служејќи во собранието. Напротив, вистинскиот духовен напредок се гледа во тоа колку сме му послушни на Јехова во мислите, во говорот и во однесувањето (Рим. 16:19). Треба да ја послушаме заповедта да се сакаме еден со друг и да си ја зајакнуваме верата. Затоа, да размислуваме длабоко за работите што Павле му ги кажал на Тимотеј и целосно да им се посветиме, бидејќи така нашиот напредок ќе им биде видлив на сите.
19 Друга особина која е резултат на нашиот духовен напредок и христијанска зрелост е радоста, која е плод на Божјиот свет дух (Гал. 5:22, 23). Во следната статија ќе разгледаме како можеме да бидеме и да останеме радосни дури и кога трпиме неволји.
Како би одговорил?
• Што можат да дознаат другите за нас од нашиот говор?
• Како покажуваме дека сме напредувале во своето однесување и во чистотата?
• Зошто христијаните треба да бидат пример во љубовта и во верата?
[Слика на страница 11]
Младиот Тимотеј бил многу зрел за своите години
[Слики на страница 13]
Дали другите можат да го видат твојот напредок?