Постои ли некаква надеж за спасение?
Дваесеттиот век е наречен еден од најкрвавите векови што ги доживеало човештвото. Криминалот, војните, етничките борби, злоупотребата на дрога, нечесноста и насилството биле особено раширени во последниве неколку децении. Тука се и болките и страдањата како резултат на болеста, староста и смртта. Кој е тој што не копнее по ослободување од огромните проблеми што постојат во светот денес? Додека гледаме на иднината, постои ли некаква надеж за спасение?
РАЗГЛЕДАЈ ја визијата што му била дадена на апостол Јован пред околу 2.000 години. Тој напишал: „Гледај, Божјиот шатор е со луѓето, и тој ќе престојува со нив, и тие ќе бидат негови народи. И самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:3, 4). Пророкот Исаија претскажал нешто слично: „Ќе ја уништи смртта засекогаш. И Господ Бог ќе ја избрише солзата од секое лице — ќе го симне срамот на Својот народ од целата земја: Господ рече така“ (Исаија 25:8).
Замисли си само што ќе значи исполнувањето на Божјите ветувања! Човештвото ќе биде спасено, односно избавено, од угнетување и насилство, од причините за страдањата и неволјите. Дури и болеста, староста и смртта нема повеќе да нѐ измачуваат! Божјата реч, Библијата, ветува вечен живот под совршени околности на Земјата (Лука 23:43; Јован 17:3). А таа им е достапна на сите што ја сакаат. „[Божја] волја е сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4).
Но, за да имаме корист од Божјите ветувања, мораме да ја разбереме улогата што ја игра Исус Христос во нашето спасение и да практикуваме вера во него. Самиот Исус рекол: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Укажувајќи на централната улога на Исус Христос во ова, апостол Петар рекол: „Во никој друг нема спасение, зашто нема друго име под небото дадено на луѓето преку кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4:12). На еден искрен испитувач, апостол Павле и неговиот придружник Сила му го дале следниов поттик: „Верувај во Господ Исус и ќе се спасиш, ти и твојот дом“ (Дела 16:30, 31).
Да, Исус Христос е „Главниот Застапник на животот“, и спасение е можно само преку него (Дела 3:15). Но, како може еден човек да биде таква клучна личност во нашето спасение? Јасното разбирање на неговата улога во тој поглед треба да ја зајакне нашата надеж за спасение.
[Извори на слики на страница 2]
Страница 3: Бомбардери: Фотографија на USAF; изгладнети деца UNITED NATIONS/J. FRAND: боен брод што гори: Фотографија на Морнарицата на САД