Исполнувањето на божествените барања го велича Јехова
„Ќе Го величам со зафалници [благодарење, NW]“ (ПСАЛМ 69:30).
1. а) Зошто Јехова заслужува да биде величан? б) На кој начин го величаме со благодарење?
ЈЕХОВА е семоќниот Бог, Универзалниот Суверен, Творецот. Како таков, неговото име и неговите намери заслужуваат да бидат величани. Да го величаме Јехова значи да гледаме на него со највисоко почитување, да го фалиме и да го воздигнуваме со збор и со дела. За да го правиме тоа „со благодарење“, потребно е секогаш да бидеме благодарни за она што тој го прави сега за нас и за она што ќе го стори во иднина. Ставот што треба да го имаме се гледа од Откровение 4:11, каде што верните духовни суштества на небото објавуваат: „Достоен си, Јехова, да, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, зашто ти создаде сѐ, и поради твојата волја постои и е создадено“. Како го величаме Јехова? На тој начин што учиме за него и потоа го правиме она што тој го бара од нас. Треба да се чувствуваме како што се чувствувал псалмистот кога рекол: „Научи ме да ја исполнувам Твојата волја, зашто Ти си мој Бог“ (Псалм 143:10).
2. На кој начин постапува Јехова со оние што го величаат и со оние што не го величаат?
2 Јехова ги цени оние што го величаат. Затоа „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). Каква е наградата? Во молитва, Исус на својот небесен Татко му рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Да, оние што ‚го величаат [Јехова] со благодарење‘, ќе „ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“ (Псалм 37:29). Од друга страна, пак, „лошиот човек нема иднина“ (Пословици 24:20). А во овие последни денови, потребата да се велича Јехова е итна бидејќи наскоро тој ќе ги уништи злите и ќе ги сочува праведните. „Светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17; Пословици 2:21, 22).
3. Зошто треба да обрнеме внимание на книгата Малахија?
3 Јеховината волја се наоѓа во Библијата, зашто „целото Писмо е инспирирано од Бог“ (2. Тимотеј 3:16). Таа Божја реч содржи многу извештаи за тоа како Јехова ги благословува оние што го величаат и што се случува со оние што не го прават тоа. Еден од тие извештаи е поврзан со она што се случило во Израел во времето на пророкот Малахија. Околу 443 пр.н.е., за време на управителството на Неемија над Јуда, Малахија ја напишал книгата што го носи неговото име. Оваа моќна и возбудлива книга содржи информации и пророштва што ‚биле напишани како предупредување за нас на кои дојдоа краевите на системите на работи‘ (1. Коринќаните 10:11). Обрнувањето внимание на зборовите на Малахија може да ни помогне да се подготвиме за „Господовиот [Јеховиниот, NW] Ден, ден голем и страшен“, кога Тој ќе го уништи овој зол систем (Малахија 4:5).
4. Кон кои шест точки ни е свртено вниманието во Малахија 1. поглавје?
4 Како книгата на Малахија, напишана пред повеќе од 2.400 години, ни помага во овој 21 век да се подготвиме за тој голем и страшен Јеховин ден? Првото поглавје ни го свртува вниманието кон најмалку шест точки што се пресудни за да го величаме Јехова со благодарење со цел да ја стекнеме неговата наклоност и вечен живот: 1) Јехова го љуби својот народ. 2) Мораме да покажуваме ценење за светите работи. 3) Јехова очекува да му го дадеме најдоброто. 4) Вистинското обожавање е мотивирано од несебична љубов, а не од алчност. 5) Прифатливата служба за Бог не е некоја тегобна формалност. 6) Секој од нас мора да положи сметка пред Бог. Затоа, во оваа прва од трите статии за книгата Малахија, да ја разгледаме секоја од овие точки додека одблиску го испитуваме Малахија 1. поглавје.
Јехова го љуби својот народ
5, 6. а) Зошто Јехова го љубел Јаков? б) Што можеме да очекуваме ако ја имитираме верноста на Јаков?
5 Јеховината љубов јасно се гледа во првите стихови на Малахија. Книгата започнува со зборовите: „Пророштво. Господово слово до Израел“. Понатаму, Бог вели: „Ве љубев вас“. Наведувајќи еден пример, Јехова во 3. стих вели: „Го возљубив Јакова“. Јаков бил човек што имал вера во Јехова. Со текот на времето, Јехова му го сменил името на Јаков во Израел, и тој станал прататко на нацијата Израел. Затоа што Јаков бил човек од вера, Јехова го љубел. Јехова ги љубел и оние од народот што кон Него го покажувале ставот на Јаков (Малахија 1:1, 2).
6 Ако го љубиме Јехова и лојално се прилепиме кон неговиот народ, можеме да црпиме утеха од изјавата во 1. Самоил 12:22: „Господ нема да го отфрли Својот народ заради Своето величествено име“. Јехова го љуби својот народ и го наградува на крајот со вечен живот. Затоа читаме: „Надевај се на Господа и прави добро, живеј на земјата и храни се со вистината. Сета твоја радост нека биде во Господа: Тој ќе ги исполни желбите на твоето срце!“ (Псалм 37:3, 4). Да го љубиме Јехова ја вклучува и втората точка кон која Малахија 1. поглавје ни го свртува вниманието.
Покажувај ценење за светите работи
7. Зошто Јехова го мразел Исав?
7 Како што читаме во Малахија 1:2, 3, откако вели „го возљубив Јакова“, Јехова наведува: „А Исава го замразив“. Зошто таа разлика? Јаков го величал Јехова, но неговиот брат близнак Исав не го величал. Исав бил наречен и Едом. Во Малахија 1:4 земјата Едом е наречена безбожничка земја, а нејзините жители се разобличени. Името Едом (што значи „црвен“) му било дадено на Исав откако му го продал своето скапоцено првородство на Јаков за малку црвено вариво. „Исав го презре своето првородство“, се вели во Битие 25:34. Апостол Павле силно ги поттикнал соверниците да внимаваат ‚да нема блудник ниту некој кој не ги цени светите работи, како Исав, кој во замена за еден оброк се одрекол од своите права како првороден‘ (Евреите 12:14—16).
8. Што го навело Павле да го спореди Исав со блудник?
8 Зошто Павле ги споредил постапките на Исав со блуд? Затоа што кога некој го има умствениот став на Исав, тоа може да го наведе да не ги цени светите работи. Ова пак, од своја страна, може да резултира во сериозни гревови, како што е блуд. Затоа, секој од нас би можел да се праша: ‚Дали понекогаш сум искушан да го трампам моето христијанско наследство — вечниот живот — за нешто толку краткотрајно како што е чинија со вариво од леќа? Дали ги презирам светите работи, можеби, без да сум свесен за тоа?‘ Исав имал нестрплива желба да задоволи еден физички копнеж. На Јаков му рекол: „[Брзо, NW], дај ми да јадам од црвеното варило“ (Битие 25:30). За жал, некои Божји слуги, всушност, рекле: „Брзо! Зошто да чекам за чесен брак?“ Желбата за сексуално задоволство по секоја цена станала нивна чинија со вариво од леќа.
9. Како можеме да задржиме побожен страв од Јехова?
9 Никогаш да не ги презираме светите работи омаловажувајќи ги чесноста, интегритетот и нашето духовно наследство. Наместо да бидеме како Исав, да бидеме како верниот Јаков и да задржиме побожен страв од Бог покажувајќи длабоко ценење за светите работи. Како можеме да го правиме ова? Така што ќе внимаваме да ги исполниме Јеховините барања. Ова логично нѐ води до третата точка изнесена во Малахија 1. поглавје. Која е таа?
Да му го дадеме на Јехова најдоброто
10. На кој начин свештениците ја презирале Јеховината трпеза?
10 Свештениците на Јуда, кои во времето на Малахија служеле во храмот во Ерусалим, не му ги принесувале на Јехова најдобрите жртви. Во Малахија 1:6—8 се вели: „Синот го почитува таткото, а слугата господарот. Но ако Сум Јас Татко, каде е почитувањето кон Мене? Ако Сум Господар, каде е стравот од Мене? Тоа ви говори Господ над Воинствата Вам, свештеници, кои го презирате Моето име“. „Со што го презревме Твоето име?“ — прашале свештениците. „Принесувате обесветен леб врз Мојот жртвеник“, одговорил Јехова. „Со што те обесветивме?“, прашале свештениците. Затоа Јехова им рекол: „Со тоа што велите: ‚Господовиот стол е неважна работа [нешто што треба да се презре, NW]‘“. Тие свештеници покажувале дека ја презираат Јеховината трпеза секојпат кога ќе принеселе жртва со недостаток, велејќи: „Тоа не е зло“.
11. а) Што рекол Јехова за неприфатливите жртви? б) На кој начин биле виновни луѓето во целина?
11 Потоа Јехова резонирал во врска со тие неприфатливи жртви: „Донеси му нешто такво на својот намесник, дали ќе биде задоволен и дали ќе те прими добро?“ Не, на нивниот намесник немало да му причини задоволство еден таков дар. Колку помалку Универзалниот Суверен би прифатил такви приноси со недостаток! Но, не биле виновни само свештениците. Точно, тие покажувале презир кон Јехова со самото тоа што принесувале такви жртви. Но, дали луѓето во целина биле без вина? Не, никако! Тие биле оние што избирале слепи, сакати и болни животни и им ги носеле на свештениците за да ги жртвуваат. Каква грешност!
12. На кој начин добиваме помош да му го дадеме на Јехова најдоброто?
12 Да му го даваме на Јехова најдоброто што можеме е начинот на кој ќе покажеме дека навистина го љубиме (Матеј 22:37, 38). За разлика од своеглавите свештеници во времето на Малахија, Јеховината организација денес дели многу убави библиски упатства кои ни помагаат да го величаме Јехова со благодарење така што ќе ги исполнуваме божествените барања. Со ова е поврзана и четвртата важна точка што може да се извлече од Малахија 1. поглавје.
Вистинското обожавање е мотивирано од љубов, а не од алчност
13. Што правеле свештениците, а покажало дека биле мотивирани од алчност?
13 Свештениците од времето на Малахија биле себични, без љубов и лакоми за пари. Од каде го знаеме тоа? Во Малахија 1:10 се вели: „О, кога некој од вас би ја затворил вратата, за да не Ми палите напразно оган врз жртвеникот! Не сте Ми мили — говори Господ над Воинствата — и не примам жртва од Вашите раце“. Да, тие алчни свештеници ги наплатувале дури и наједноставните храмски услуги, барајќи да им се плати и за тоа што ја затворале вратата и ги палеле огновите на жртвеникот! Не е ни чудо што на Јехова не му биле мили приносите од нивните раце!
14. Зошто можеме да кажеме дека Јеховините сведоци се мотивирани од љубов?
14 Алчноста и себичноста на грешните свештеници од древниот Ерусалим веројатно нѐ потсетуваат дека, според Божјата реч, алчните нема да го наследат Божјето Царство (1. Коринќаните 6:9, 10). Размислувањето за себичните патишта на тие свештеници го продлабочува нашето ценење за светското дело на проповедање кое го вршат Јеховините сведоци. Тоа е доброволно; ние никогаш не наплатуваме за кој и да е дел од нашата служба. Не, „ние не сме трговци со Божјата реч“ (2. Коринќаните 2:17). Исто како Павле, секој од нас може чесно да каже: „Радо ви ја објавив Божјата добра вест бесплатно“ (2. Коринќаните 11:7). Забележи дека Павле ‚радо ја објавил добрата вест‘. Тоа укажува на петтата точка кон која ни е свртено вниманието во Малахија 1. поглавје.
Службата за Бог не е тегобна формалност
15, 16. а) Каков став имале свештениците кон принесувањето жртви? б) Како Јеховините сведоци ги принесуваат своите жртви?
15 Неверните свештеници во древниот Ерусалим на принесувањето жртви гледале како на заморна формалност. Тоа им било товар. Како што е забележано во Малахија 1:13, Бог им рекол: „Уште велите: ‚Ете штета на трудот!‘ и го презирате“. Тие свештеници ги презирале, односно ги омаловажувале Божјите свети работи. Да се молиме ние лично никогаш да не станеме како нив. Наместо тоа, секогаш да го покажуваме духот што се гледа во зборовите од 1. Јованово 5:3: „Љубовта кон Бог значи ова: да ги држиме неговите заповеди; а неговите заповеди не се тешки“.
16 Да се радуваме на принесувањето духовни жртви на Бог, и никогаш да не го сметаме за заморен товар. Да внимаваме на пророчките зборови: „Земете ги со себе зборовите и обратете се кон [Јехова]. Речете Му: ‚Одземи го од нас беззаконието и прими го за добро и ние ќе Ти дадеме благодарни приноси [млади бикови, NW] со своите усни‘“ (Осија 14:3). Изразот ‚млади бикови со своите усни‘ означува духовни жртви, зборовите што ги кажуваме за фалба на Јехова и на неговите намери. Во Евреите 13:15 се наведува: „Преку [Исус Христос] секогаш да му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните кои даваат јавна изјава за неговото име“. Колку сме само среќни што нашите духовни жртви не се само формалности, туку манифестации на нашата љубов кон Бог со сето срце! Ова води до шестата точка што може да се научи од Малахија 1. поглавје.
Секој мора да положи сметка
17, 18. а) Зошто Јехова го проколнал „измамникот“? б) Што не зеле предвид оние што постапувале измамнички?
17 Поединците што живееле во времето на Малахија носеле лична одговорност за своите постапки, а така е и со нас (Римјаните 14:12; Галатите 6:5). Затоа, во Малахија 1:14 се наведува: „Проклет да е измамникот, кој во стадото има [неизвалкан] овен, што Ми го заветувал, а Ми жртвува јалова овца“. Човек што имал ‚стадо‘ не поседувал само едно животно — да речеме само една овца — па да немал избор. При изборот на животно за жртва, тој не морал да го избере она што било слепо, хромо или болно. Ако навистина изберел такво суштество со недостаток, тоа ќе покажело дека ја презирал Јеховината подготовка за жртви, зашто човек што имал стадо животни сигурно можел да најде некое што било без такви недостатоци!
18 Затоа, Јехова со право го проколнал измамникот, оној што имал пригодно машко животно, но принесувал — можеби морал да влече — некое слепо, хромо или болно суштество кај свештеникот за жртва. Сепак, не постои ни трага дека некој од свештениците го цитирал Божјиот закон дека не се прифатливи животни со недостаток (Левит 22:17—20). Разумните поединци знаеле дека ќе си поминат лошо ако се обидувале да му подметнат таков дар на нивниот управител. Но, всушност, тие имале работа со Универзалниот Суверен, Јехова, кој е далеку, далеку поголем од кој и да е човечки управител. Малахија 1:14 кажува вака: „Јас Сум Велик Цар — зборува Господ над Воинствата — и Моето Име е страшно меѓу народите“.
19. По што копнееме, и што треба да правиме?
19 Како лојални Божји слуги, ние копнееме по денот кога целото човештво ќе го почитува Големиот Цар, Јехова. Во тоа време, „земјата ќе се исполни со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода“ (Исаија 11:9). Во меѓувреме, да настојуваме да ги исполниме Јеховините барања така што ќе го имитираме псалмистот, кој рекол: „Ќе Го величам со зафалници [благодарење, NW]“ (Псалм 69:30). За таа цел, Малахија има понатамошни совети што можат да бидат од голема корист. Затоа, во следните две статии да обрнеме грижливо внимание на другите делови од книгата Малахија.
Се сеќаваш ли?
• Зошто треба да го величаме Јехова?
• Зошто свештеничките жртви од времето на Малахија му биле неприфатливи на Јехова?
• На кој начин му принесуваме на Јехова жртва на фалба?
• Која треба да биде мотивацијата за вистинското обожавање?
[Слика на страница 9]
Пророштвото на Малахија укажувало на нашево време
[Слика на страница 10]
Исав не ги ценел светите работи
[Слика на страница 11]
Свештениците и народот принесувале неприфатливи жртви
[Слика на страница 12]
Низ целиот свет, Јеховините сведоци бесплатно принесуваат жртви на фалба