Јехова го мрази патот на неверство
‚Не бидете неверни еден на друг‘ (МАЛАХИЈА 2:10).
1. Што бара Бог од нас за да добиеме вечен живот?
САКАШ ли вечен живот? Ако веруваш во таа надеж ветена во Библијата, веројатно ќе речеш: ‚Се разбира‘. Но, ако сакаш Бог да те удостои со бескраен живот во неговиот нов свет, ќе треба да ги исполниш неговите барања (Проповедник 12:13; Јован 17:3). Дали е неразумно да се очекува нешто такво од несовршени луѓе? Не, зашто Јехова ја дава оваа охрабрувачка изјава: „Милоста ја сакам, а не жртви, и познавањето на Бога, повеќе од палениците“ (Осија 6:6). Значи, дури и луѓето што се склони да грешат можат да ги исполнат Божјите барања.
2. На кој начин многу Израелци го изневериле Јехова?
2 Меѓутоа, секој не сака да ја врши Јеховината волја. Осија открива дека дури и многу Израелци не го сакале тоа. Како нација, тие се сложиле да стапат во сојуз, договор, да бидат послушни на Божјите закони (Излез 24:1—8). Сепак, набрзо ‚го прекршиле заветот‘ така што ги престапувале неговите закони. Затоа, Јехова рекол дека тие Израелци го ‚изневериле‘ (Осија 6:7). А така постапуваат и многу луѓе оттогаш па наваму. Но, Јехова го мрази патот на неверство, сеедно дали е тоа насочено кон него или кон оние што го љубат и му служат.
3. Каква анализа ќе биде направена во оваа студија?
3 Осија не бил единствениот пророк што го истакнал Божјето гледиште за неверството, гледиште кое треба да го усвоиме ако се надеваме да уживаме среќен живот. Во претходната статија се зафативме со анализа на голем дел од пророчката порака на Малахија, започнувајќи со првото поглавје од неговата книга. Сега, да преминеме на второто поглавје од таа книга и да видиме како му е обрнато додатно внимание на Божјето гледиште за неверството. Иако Малахија се занимавал со ситуацијата што преовладувала меѓу Божјите слуги со децении по нивното враќање од заробеништво од Вавилон, тоа второ поглавје има вистинско значење за нас денес.
Свештеници што заслужуваат прекор
4. Какво предупредување им дал Јехова на свештениците?
4 Поглавје 2 започнува со Јеховината осуда на еврејските свештеници заради тоа што отстапиле од неговите праведни патишта. Ако не го зеле при срце неговиот совет и не ги исправеле своите патишта, сигурно ќе следеле сериозни последици. Забележи ги првите два стиха: „Ви заповедам, свештеници! Ако не послушате, ако не земете на срце да Го прославите Моето Име — зборува Господ над Воинствата — ќе испратам клетва врз вас и ќе го проколнам вашиот благослов“. Да ги поучувале луѓето за Божјите закони и да ги држеле самите, свештениците ќе биле благословени. Но, поради тоа што ја игнорирале Божјата волја, требало наместо тоа да дојде клетва, проклетство. Дури и благословите што ги изрекувале свештениците требало да се претворат во клетва.
5, 6. а) Зошто особено свештениците заслужувале прекор? б) На кој начин Јехова изразил презир кон свештениците?
5 Зошто особено свештениците заслужувале прекор? Стих 7 дава јасен показател: „Свештениковите усни треба да го чуваат знаењето, а од неговата уста треба да се [народот треба да го, NW] бара Законот: зашто тој е пратеник на Господа над Воинствата“. Повеќе од илјада години пред тоа, во Божјите закони што му биле дадени на Израел преку Мојсеј стоело дека свештениците имале должност ‚да ги научат Израелевите синови на сите закони што Господ ги дал преку Мојсеј‘ (Левит 10:11). За жал, во еден подоцнежен период, писателот на 2. Летописи 15:3 известил: „Долго Израелците беа без вистинскиот Бог и без свештеник — учител и без Закон“.
6 Во времето на Малахија, во петтиот век пр.н.е., ситуацијата со свештенството била иста. Тоа пропуштало да го поучува народот за Божјиот закон. Затоа тие свештеници заслужиле да бидат повикани да поднесат сметка. Забележи ги силните зборови што Јехова им ги упатува. Малахија 2:3 изјавува: „Ќе ви фрлам нечистота [измет, NW] во лицето, нечистотата [изметот, NW] на вашите празници“. Каков укор! Изметот од животните за жртви требало да се изнесе надвор од логорот и да се изгори (Левит 16:27). Но, кога им вели дека, наместо тоа, изметот ќе им биде фрлен в лице, Јехова јасно покажува дека ги презрел и ги отфрлил жртвите и оние што ги принесувале.
7. Зошто Јехова се разлутил на учителите на Законот?
7 Со векови пред времето на Малахија, Јехова им доделил на Левитите да се грижат за шаторот, а подоцна и за храмот и за светата служба. Тие биле учители во нацијата Израел. Исполнувањето на нивната задача ќе значело живот и мир за нив и за нацијата (Броеви 3:5—8). Сепак, Левитите го изгубиле стравот од Бог што го имале во почетокот. Затоа Јехова им рекол: „Вие застранивте од патот, направивте мнозина да се сопнуваат од Законот, го изгазивте Левиевиот Завет . . . не се држевте за Моите патишта“ (Малахија 2:8, 9). Со нивниот пропуст да поучуваат за вистината и со лошиот пример, свештениците завеле многу Израелци, така што Јехова со право се разлутил на нив.
Држење на Божјите мерила
8. Дали е премногу да се очекува несовршените луѓе да ги држат Божјите мерила? Објасни.
8 Да не мислиме дека тие свештеници заслужиле сочувство и дека требало да им се прости затоа што биле само несовршени луѓе и не можело да се очекува да ги држат Божјите мерила. Факт е дека луѓето можат да ги држат Божјите заповеди, зашто Јехова не очекува од нив нешто што не можат да прават. Веројатно поединци од свештениците во тоа време ги држеле Божјите мерила, и не постои сомневање во врска со еден што подоцна го правел тоа — Исус, големиот ‚првосвештеник‘ (Евреите 3:1). За него можело вистински да се рече: „Законот на вистината беше во неговата уста, немаше вина на неговите усни; одеше по Мене во мир и справедливост и мнозина одврати од грев“ (Малахија 2:6).
9. Кој верно ја дели вистината во нашево време?
9 На сличен начин, веќе над еден век, помазаните браќа на Христос, оние со небесна надеж, служат како ‚свето свештенство, за да принесуваат духовни жртви прифатливи за Бог‘ (1. Петрово 2:5). Тие предводат во делењето на библиските вистини на другите. Кога си ги дознал вистините за кои тие поучуваат, зарем не си открил од искуство дека самиот закон на вистината е на нивните усни? Тие им помогнале на многумина да се одвратат од религиозниот грев, така што сега во светот има милиони луѓе кои ги дознале библиските вистини и имаат надеж за вечен живот. Тие пак, од своја страна, ја имаат предноста да поучуваат за законот на вистината уште милиони други луѓе (Јован 10:16; Откровение 7:9).
Причина за претпазливост
10. Зошто имаме причина да бидеме претпазливи?
10 Меѓутоа, имаме причина да бидеме претпазливи. Би можеле да ги пропуштиме лекциите што се вклучени во Малахија 2:1—9. Дали лично сме будни, така што на нашите усни не се наоѓа никаква неправедност? На пример, можат ли членовите на нашето семејство навистина да имаат доверба во она што го кажуваме? Може ли истото да биде случај со нашите духовни браќа и сестри во собранието? Би било лесно да развиеме навика да изразуваме нечии зборови со термини што се технички точни, но создаваат погрешна претстава. Или, пак, некој би можел да преувеличува или да крие детали за некоја деловна работа. Дали Јехова нема да го види тоа? И ако следиме такви практики, дали тој ќе ги прифати жртвите на фалба од нашите усни?
11. Кој треба да биде особено претпазлив?
11 Што се однесува до оние кои имаат предност да поучуваат за Божјата реч во собранијата денес, Малахија 2:7 треба да служи како предупредување. Таму се вели дека нивните усни „треба да го чуваат знаењето“, и од нивните усти „народот треба да го бара“ законот. Врз таквите учители лежи сериозна одговорност, зашто Јаков 3:1 покажува дека тие ‚ќе добијат потежок суд‘. Иако треба да поучуваат енергично и одушевено, нивното учење мора да биде цврсто темелено на Божјата пишана Реч и на поуката што доаѓа преку Јеховината организација. На тој начин ќе бидат „соодветно оспособени да поучуваат други“. Затоа, советот до нив е: „Дај сѐ од себе да се покажеш како одобрен пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, кој исправно ракува со речта на вистината“ (2. Тимотеј 2:2, 15).
12. На што треба да пазат оние што поучуваат?
12 Ако не сме внимателни, би можеле да бидеме искушани да внесеме лични склоности или мислења во нашето поучување. Ова ќе претставува ризик особено за лице што е склоно да биде самоуверено во своите сопствени заклучоци, дури и кога тие се противречни на она за кое поучува Јеховината организација. Но, Малахија 2. поглавје покажува дека треба да очекуваме собраниските учители да се држат за спознанието од Бог а не за лични идеи, кои би можеле да ги спрепнат овците. Исус рекол: „Кој ќе спрепне едно од овие мали кои веруваат во мене, покорисно би му било околу вратот да му обесат воденичен камен, како оној што го врти магарето, и да потоне во широкото, отворено море“ (Матеј 18:6).
Стапување во брак со неверник
13, 14. Кој бил еден од неверните патишта што ги истакнал Малахија?
13 Од 10. стих па натаму, во Малахија 2. поглавје уште подиректно се истакнува неверството. Малахија се сосредоточува на два сродни пата за кои тој секогаш одново го користи зборот „неверни“. Прво, забележи дека Малахија го воведува својот совет со овие прашања: „Немаме ли сите еден татко? Не нѐ создаде ли еден Бог? Зошто сме тогаш неверни еден на друг та го осквернуваме Заветот на своите татковци?“ Потоа, 11. стих додава дека неверниот пат на Израел е рамен на сквернавење на „Светината [на Јехова, NW]“. Што правеле тие, а било толку сериозно? Тој стих идентификува една од погрешните практики: Тие ‚се женеле со ќерката на туѓ бог‘.
14 Со други зборови, некои Израелци, кои биле дел од нацијата предадена на Бог, стапувале во брак со лица што не го обожавале него. Контекстот ни помага да увидиме зошто тоа било толку сериозно. Стих 10 вели дека тие имале еден заеднички татко. Со ова не се мислело на Јаков (чие име биле сменето во Израел) ниту на Авраам, па дури ни на Адам. Малахија 1:6 покажува дека Јехова бил тој „еден татко“. Нацијата Израел била во однос со него, странка во сојузот склучен со нивните прататковци. Еден од законите во тој сојуз бил: „Не земај жена од нив, не мажи ја својата ќерка за нивниот син, ниту жени го својот син за нивна ќерка“ (Второзаконие 7:3).
15. а) Како би можеле некои да го оправдуваат стапувањето во брак со неверник? б) Како се изјаснува Јехова во врска со бракот?
15 Некои денес би можеле да резонираат: ‚Личноста што ми се допаѓа е многу фина. Со текот на времето, тој (или таа) веројатно ќе го прифати вистинското обожавање‘. Таквото размислување го потврдува инспирираното предупредување: „Поизмамливо од сѐ е срцето, и е страшно болно“ (Еремија 17:9). Божјето гледиште за стапување во брак со неверник е изразено во Малахија 2:12: „Секој кој ќе направи така, ма кој да бил тој, Господ нека го откорне“. Затоа христијаните се поттикнати да стапуваат во брак „само во Господ“ (1. Коринќаните 7:39). Под христијанскиот систем на работи, еден верник не е ‚откорнат‘ заради стапување во брак со неверник. Сепак, ако неверникот остане во своето неверување, што ќе се случи со него кога наскоро Бог ќе му стави крај на овој систем? (Псалм 37:37, 38).
Малтретирање на брачниот партнер
16, 17. По каков неверен пат тргнале некои?
16 Потоа Малахија го разгледува второто неверство: малтретирање на брачниот партнер, особено со неправедно разведување. Стих 14 од 2. поглавје вели: „Господ беше сведок меѓу тебе и жената на твојата младост, на која си ѝ неверен, иако ти беше сопруга и твоја законска жена [жена на твојот сојуз, NW]“. Со тоа што постапувале неверно со своите сопруги, еврејските сопрузи предизвикале Јеховиниот олтар да биде ‚залеан со солзи‘ (Малахија 2:13). Тие мажи добивале разводи на незаконска основа, погрешно напуштајќи ги жените на својата младост, веројатно за да се женат со помлади жени или со паганки. А расипаните свештеници го дозволувале тоа! Сепак, Малахија 2:16 изјавува: „Јас го мразам напуштањето на жената [разведувањето, NW] — зборува Господ“. Подоцна, Исус покажал дека неморалот е единствената основа за развод која би го ослободила недолжниот партнер за повторно да стапи во брак (Матеј 19:9).
17 Размисли за зборовите на Малахија, и види како тие апелираат на срцата и чувствата на основна љубезност. Тој укажува на ‚твојата сопруга и жената на твојот сојуз‘. Секој од мажите кои биле вклучени, бил оженет со сообожавателка, Израелка, избирајќи ја како драга придружничка, доживотна партнерка. Иако тој брак веројатно бил склучен кога тој и таа биле млади, одминувањето на времето и доаѓањето на староста не го поништувало сојузот во кој стапиле, т.е. брачниот договор.
18. На кои начини важи денес советот на Малахија во врска со неверството?
18 Советот во врска со тие прашања подеднакво важи и денес. Штета е што некои го игнорираат Божјето упатство во врска со стапувањето во брак само во Господ. А жално е и што некои не продолжуваат да работат на тоа да го одржат јак својот брак. Наместо тоа, наоѓаат изговори и се стремат кон пат што Бог го мрази на тој начин што добиваат небиблиски развод за да стапат во брак со друг. Притоа, тие ‚му досадуваат на Господа‘. Во времето на Малахија, оние што го игнорирале божествениот совет дури имале смелост и да мислат дека Јехова е неправеден во своите гледишта. Тие, всушност, велеле: „Каде е Бог на правдата?“ Какво само изопачено размислување! Да не дозволиме да паднеме во таа замка (Малахија 2:17).
19. Како можат сопрузите и сопругите да го добијат Божјиот дух?
19 Но, гледано од позитивната страна, Малахија покажува дека некои сопрузи не постапувале неверно со своите сопруги. ‚Остатокот на Духот‘ бил во нив (15. стих). За среќа, денес Божјата организација изобилува со мажи кои ‚им искажуваат чест на своите сопруги‘ (1. Петрово 3:7). Тие не ги малтретираат сопругите ни физички ни вербално, не инсистираат на понижувачки сексуални практики и не ги обесчестуваат своите сопруги флертувајќи со други жени или гледајќи порнографија. Јеховината организација е благословена и со тоа што има изобилство верни христијански сопруги кои му се лојални на Бог и на неговите закони. Сите такви мажи и жени знаат што Бог мрази, и размислуваат и постапуваат според тоа. Продолжи да бидеш како нив, со тоа што ќе го ‚слушаш Бог како владетел‘ и со тоа што ќе бидеш благословен да го добиваш неговиот свет дух (Дела 5:29).
20. Какво време се приближува за целото човештво?
20 Наскоро Јехова ќе му суди на целиот свет. Секој поединец ќе мора да одговара пред него за своите верувања и постапки. „Секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Римјаните 14:12). Затоа, интересно прашање во овој момент е: Кој ќе го преживее Јеховиниот ден? Третата и последна статија од оваа серија ќе дискутира на таа тема.
Можеш ли да објасниш?
• Од која основна причина Јехова ги осудил свештениците во Израел?
• Зошто Божјите мерила не се превисоки за луѓето?
• Зошто треба да пазиме на нашето поучување денес?
• Кои две практики Јехова особено ги осудил?
[Слика на страница 15]
Свештениците во времето на Малахија биле силно прекорени поради тоа што не се држеле за Јеховините патишта
[Слика на страница 16]
Мораме да внимаваме да поучуваме за Јеховините патишта, а не да унапредуваме лични склоности
[Слики на страница 18]
Јехова ги осудил Израелците што лекомислено се разведувале од своите жени и стапувале во брак со паганки
[Слика на страница 18]
Христијаните денес му искажуваат чест на својот брачен сојуз