Современата привлечност на „светците“
„Се сеќавате ли на времето кога изгледаше дека ни е преку глава од херои? Се чини дека тоа не влијаеше на 4,2 милиони Американци што на 13 септември го гледаа погребот на Мајка Тереза. Од нејзината смрт на 5 септември, луѓето го бомбардираа Ватикан со барања формално да биде прогласена за светица. Малкумина се сомневаат дека тоа ќе се случи“ (SUN-SENTINEL, САД, 3 ОКТОМВРИ 1997).
МНОГУМИНА, хуманитарната и добротворна работа на католичката мисионерка Мајка Тереза ја сметаат како суштина на поимот светица. Херојски личности постојат и во другите религии. Меѓутоа, можеби ниеден од нив не е официјално признат како оние што се канонизирани од римокатоличката црква.
Во текот на своето папско владеење, папата Јован Павле II канонизирал преку 450 луѓе, повеќе од бројот на оние што во 20 век ги канонизирале сите папи заедно.a Зошто постои толку трајна оддаденост на „светци“, од кои малкумина се познати меѓу католиците воопшто?
Лоренс Канингам, теолог на Универзитетот Нотр-Дам, објаснува: „Луѓето ги интересира концептот на светост во светот. Светците покажуваат дека има можност за херојски живот дури и денес“. Освен тоа, се смета дека „светците“ имаат посебен пристап до Бог, што ги прави делотворни посредници за живите. Кога ќе се пронајдат реликвии или остатоци од телото на некој „светец“, тие се длабоко почитувани со верба дека од нив избива некоја сила.
Катехизмот на концилот во Трент, издаден во 16 век со цел да ја потврди католичката догма, донел одлука: „Оправдано заклучуваме дека да се слават светците ‚кои се кај Бога‘, да се привикува нивно посредство и длабоко да се почитуваат нивните свети реликвии и нивната пепел, наместо да ја намали служи за во значителна мера да ја зголеми славата на Бог, а за ова во голема мера ќе придонесе и тоа колку надежта на еден христијанин е оживеана и зајакната, и колку тој самиот е подбуден да ги имитира нивните доблести“ (The Catechism of the Council of Trent, 1905). Вистинските христијани, се разбира, сакаат да живеат чесен живот, да му пристапуваат на Бог на исправен начин и да добијат божествена помош (Јаков 4:7, 8). Тогаш, според Божјата реч, кои се квалификуваат како вистински светци? И, каква улога играат тие?
[Фуснота]
a Со канонизирањето официјално се признава некој починат римокатолик како достоен за универзално и задолжително длабоко почитување.