Сатана — мит или злобна реалност?
ПОТЕКЛОТО на злото ги интересирало мислителите од најстари времиња. A Dictionary of the Bible (Речник на Библијата) од Џејмс Хејстингс вели: „На почетокот на човечката свест човекот се нашол пред сили што не бил способен да ги контролира и кои вршеле штетно или уништувачко влијание“. Истиот прирачник вели: „Раното човештво инстинктивно ги побарало причините и ги протолкувало силите и другите природни појави како да се личности“.
Според историчарите, верувањето во демонски богови и зли духови може да се пронајде уште во најраната историја на Месопотамија. Древните Вавилонци верувале дека подземниот свет, или „земјата од кај што нема враќање“, била управувана од Нергал, насилно божество, познато како „оној што спалува“. Се плашеле и од демоните што се обидувале да ги смират со помош на магични зборови и клетви. Во египетската митологија, Сет бил богот на злото, „претставен како да има црти на чуден ѕвер со тенка, извиткана муцка, прави, четвртести уши и здрвен опаш како вила“ (Larousse Encyclopedia of Mythology — Енциклопедија на митологијата од Ларус).
Иако имале и добри и злобни божества, Грците и Римјаните немале доминантен злобен бог. Нивните филозофи поучувале за постоењето на два спротивставени принципа. За Емпедокле, тоа биле Љубовта и Неслогата. За Платон, светот имал две „Души“, едната предизвикувала добро а другата зло. Како што Жорж Миноа изјавува во својата книга Le Diable (Ѓаволот), „класичната [грчко-римска] паганска религија не знаела за Ѓавол“.
Во Иран, зороастријанизмот поучувал дека врховното божество Ахура Мазда, или Ормазд, го создал Ангра Маинју, или Ахриман, кој избрал да прави зло и на тој начин станал Уништувачки Дух, или Уништувач.
Во јудаизмот имало едноставна претстава на Сатана како Божји противник кој го предизвикал гревот. Но, по многу векови, таа станала извалкана со пагански идеи. Encyclopaedia Judaica вели: „Се случила голема промена . . . до крајот на последните векови од пр.н.е. Во овој период [еврејската] религија . . . презела многу карактеристики од дуалистичкиот систем во кој на Бог и на силите на доброто и вистината им се спротивставувале моќните сили на злото и измамата на небото и на Земјата. Се чини дека ова било под влијание на персиската религија“. The Concise Jewish Encyclopedia изјавува: „Заштита против демоните се добивала со држење на заповедите и со користење амајлии“.
Отпадничка христијанска теологија
Како што јудаизмот присвоил небиблиски сфаќања во врска со Сатана и демоните така и отпадничките христијани разработиле небиблиски идеи. The Anchor Bible Dictionary вели: „Една од поекстремните древни теолошки идеи е дека Бог го откупил својот народ така што му платил на Сатана за нивното ослободување“. Оваа идеја била предложена од Ирениј (втор век н.е.). Таа понатаму била развиена од Ориген (трет век н.е.), кој тврдел дека „ѓаволот стекнал законско право над луѓето“ и кој ја сметал „смртта на Христос . . . како откупнина што му била платена на ѓаволот“ (History of Dogma — Историја на догмата, од Адолф Харнак).
Како што вели The Catholic Encyclopedia, „околу илјада години [идејата дека откупнината му била платена на Ѓаволот] играла значајна улога во историјата на теологијата“ и останала дел од верувањето на црквата. Други црковни отци, вклучувајќи го и Августин (четврти/петти век н.е.), ја присвоиле идејата дека откупнината му била платена на Сатана. Конечно, до 12 век н.е., католичките теолози Анзелм и Абелар дошле до заклучок дека Христовата жртва не му била принесена на Сатана туку на Бог.
Средновековно суеверие
Иако повеќето католички црковни концили останале значително воздржани на темата за Сатана, во 1215 н.е., четвртиот латерански концил го вовел она што New Catholic Encyclopedia го нарекува „свечена изјава на вера“. Канон 1 вели: „ Бог ги создал Ѓаволот и другите демони добри по природа, но станале зли по нивна сопствена вина“. Додава дека тие напорно работат обидувајќи се да го искушаат човештвото. Последнава мисла опседнувала многу луѓе во текот на средниот век. Сатана стоел зад сѐ што изгледало необично, како што биле необјаснива болест, ненадејна смрт или лоша жетва. Во 1233 н.е., Григориј IX издал неколку папски були против еретиците, вклучувајќи и една против Луциферијанците, наводно, обожаватели на Ѓаволот.
Верувањето дека луѓето можат да бидат опседнати од Ѓаволот или од неговите демони набрзо покренало една општа параноја — хистеричен страв од волшебништво и магија. Од 13 до 17 век, стравот од вештерки зел замав низ Европа, а со европските колонисти стигнал и до Северна Америка. Дури и протестантските реформатори Мартин Лутер и Џон Калвин го одобрувале ловот на вештерки. Во Европа судењата на вештерките темелени само на гласини или злобни обвиненија биле водени и од инквизицијата и од световните судови. Мачењето често се користело за да се изнудат признанија за „вина“.
Оние што ќе биле прогласени виновни можеле да бидат осудени на смрт или со спалување или, во Англија и Шкотска, со бесење. За бројот на жртвите, The World Book Encyclopedia вели: „Од 1484 до 1782, според некои историчари, христијанската црква убила околу 300.000 жени поради магија“. Ако Сатана стоел зад оваа средновековна трагедија, кои биле неговите инструменти — жртвите или нивните фанатички религиозни прогонители?
Сегашно верување или неверување
Осумнаесеттиот век беше сведок на процутот на рационалистичката мисла, позната како просветителство. Encyclopædia Britannica вели: „Филозофијата и теологијата на просветителството настојуваа да го исфрлат ликот на ѓаволот од христијанската свест како производ на митолошката фантазија на средниот век“. Римокатоличката црква реагираше на ова и повторно го потврди своето верување во Сатана Ѓаволот на Првиот ватикански концил (1869—1870), повторувајќи го ова верување малку срамежливо и на Вториот ватикански концил (1962—1965).
Официјално, како што признава New Catholic Encyclopedia, „Црквата верува во ангели и демони“. Меѓутоа, Thèo, француски речник на католицизмот, признава дека „многу христијани денес одбиваат да му го припишат злото во светот на ѓаволот“. Неодамнешниве години католичките теолози одат по тенка жица, нестабилно балансирајќи помеѓу официјалната католичка доктрина и современото размислување. „Либералната христијанска теологија“, вели Encyclopædia Britannica, „е склона да го смета библискиот јазик во врска со Сатана како ‚сликовито размислување‘ кое не треба да се сфати дословно — туку како митолошки обид да се изрази реалноста и степенот на злото во универзумот“. Што се однесува до протестантите, истото дело вели: „Современите либерални протестанти се склони да ја одречат потребата од верување во ѓаволот како личност“. Но, треба ли вистинските христијани да го сметаат она што Библијата го кажува за Сатана само за „сликовито размислување“?
Што поучува Библијата
Човечката филозофија и теологија не понудиле подобро објаснување за потеклото на злото од она што е дадено во Библијата. Она што Писмото го кажува за Сатана е основно за да се разбере потеклото на злото и на човечкото страдање, како и тоа зошто најлошото насилство што може да се замисли станува полошо секоја година.
Некој можеби ќе праша: ‚Ако Бог е добар Творец полн со љубов, како може да создаде едно злобно духовно суштество како Сатана?‘ Библијата го изнесува начелото дека сите дела на Јехова Бог се совршени и дека сите негови интелигентни суштества се обдарени со слободна волја (Второзаконие 30:19; 32:4; Исус Навин 24:15; 1. Цареви 18:21). Според тоа, духовната личност која станала Сатана мора да била создадена совршена и мора намерно да избрала да отстапи од патот на вистината и праведноста (Јован 8:44; Јаков 1:14, 15).
На многу начини, бунтовничкиот правец на Сатана е сличен на оној на „тирскиот цар“, кој поетски е опишан како „чудесно убав“ и ‚совршен по своите патишта од денот на неговото создавање додека не му се зачнало беззаконие во срцето‘ (Езекиел 28:11—19). Сатана не ја оспорувал Јеховината превласт ниту неговото Творештво. Како и би можел, кога и самиот бил создаден од Бог? Меѓутоа, Сатана го предизвикал начинот на кој Јехова го спроведувал својот суверенитет. Во Еденската градина, Сатана алудирал на тоа дека Бог ја лишувал првата човечка двојка од нешто на што имале право и од што зависела нивната благосостојба (Битие 3:1—5). Тој успеал да ги натера Адам и Ева да се побунат против Јеховиниот праведен суверенитет, нанесувајќи им грев и смрт ним и на нивните потомци (Битие 3:6—19; Римјаните 5:12). На тој начин, Библијата покажува дека Сатана е коренската причина за човечкото страдање.
Некое време пред Потопот, и други ангели му се придружиле на Сатана во неговата побуна. Се материјализирале во човечки тела за да ги задоволат своите копнежи по сексуални задоволства со човечките ќерки (Битие 6:1—4). Во Потопот овие отпаднати ангели се вратиле во духовното подрачје, но не и на нивната „првобитна положба“ кај Бог на небото (Јуда 6). Тие биле понижени во состојба на густа духовна темнина (1. Петрово 3:19, 20; 2. Петрово 2:4). Станале демони, не служеле повеќе под Јеховиниот суверенитет туку живееле во подложност на Сатана. Иако изгледа не се способни повторно да се материјализираат, демоните сѐ уште можат да имаат голема моќ над умовите и животите на луѓето и тие, несомнено, се одговорни за голем дел од насилството на кое сме сведоци денес (Матеј 12:43—45; Лука 8:27—33).
Близу е крајот на Сатановото владеење
Очигледно е дека денес во светот дејствуваат зли сили. Апостол Јован напишал: „Целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19).
Меѓутоа, исполнетите библиски пророштва покажуваат дека Ѓаволот ги засилува маките на Земјата зашто знае дека му останува само „кратко време“ да направи пустош пред да биде затворен (Откровение 12:7—12; 20:1—3). Крајот на Сатановото владеење ќе воведе еден праведен нов свет, каде што солзи, смрт, болка „нема да има веќе“. Тогаш Божјата волја ‚ќе се извршува овде на Земјата, како што се извршува на небото‘ (Откровение 21:1—4; Матеј 6:10, Радосна вест).
[Слики на страница 4]
Вавилонците верувале во Нергал (на крајот лево), едно насилно божество; Платон (лево) верувал во две спротивставени „Души“
[Извори на слики]
Цилиндар: музеј Лувр, Париз; Платон: Национален археолошки музеј, Атина, Грција
[Слики на страница 5]
Ирениј, Ориген и Августин поучувале дека откупнината му била платена на Ѓаволот
[Извори на слики]
Ориген: Culver Pictures; Августин: од книгата Големи мажи и славни жени
[Слика на страница 6]
Стравот од вештерки довел до погубување на стотици илјади луѓе
[Извор на слика]
Од книгата Bildersaal deutscher Geschichte