Прашања од читателите
Дали би претставувало облик на меѓуверство да се купи зграда од друга религиозна група и да се пренамени во Сала на Царството?
Општо земено, Јеховините сведоци избегнуваат такви деловни работи со другите религии. Сепак, една таква зделка не мора да претставува чин на меѓуверство. Таа едноставно може да се смета за еднократен деловен договор. Локалното собрание на Јеховините сведоци не соработува со некоја друга религиозна група за да изградат место за обожавање што ќе го користат двете странки.
Што во Јеховини очи претставува чин на меѓуверство? Разгледај го упатството што го дал апостол Павле: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници. Зашто, што имаат заедничко праведноста и беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината? Понатаму, каква хармонија постои меѓу Христос и Велијар? Или каков удел има верниот со неверникот? И каква согласност има Божјиот храм со идолите? . . ‚Затоа, излезете од нивната средина и одвојте се‘, вели Јехова, ‚и престанете да го допирате она што е нечисто‘; ‚и јас ќе ве примам‘“ (2. Коринќаните 6:14—17). Што мислел Павле со зборовите „заедничко“ и „заедништво“?
Она заедничкото што Павле го спомнал, јасно вклучува обожавање и духовно дружење со идолопоклоници и неверници. Тој ги предупредил Коринќаните да не ‚учествуваат на . . . трпезата на демоните‘ (1. Коринќаните 10:20, 21). Според тоа, чин на меѓуверство е да се учествува во обожавањето или да се има духовно заедништво со други религиозни организации (Излез 20:5; 23:13; 34:12). Кога ќе се купи зграда што ја користела некоја друга религиозна организација, тоа се прави едноставно за да се добие основната градба што е потребна за една Сала на Царството. Пред да се користи како Сала на Царството, се чисти од сите остатоци од лажното обожавање. Штом е така приспособена, се посветува на Јехова единствено за негово обожавање. Нема никакво заедништво и ништо заедничко помеѓу вистинското и лажното обожавање.
Кога се дискутира за деталите околу купопродажбата, контактите со другата странка треба да се држат на минимум и треба да бидат строго деловни. Членовите на христијанското собрание прават добро ако го имаат на ум предупредувањето на Павле да не станеме ‚впрегнати во нееднаков јарем со неверници‘. Иако не се чувствуваме супериорни во однос на оние што исповедуваат друга вера, ние избегнуваме да се дружиме со нив или да бидеме вовлечени во нивното обожавање.a
Какво е гледиштето за тоа едно собрание да изнајми зграда што ѝ припаѓа на друга религиозна организација? Изнајмувањето обично доведува до редовни контакти, што треба да се избегнува. Дури и да се изнајми таква зграда само за еден настан, старешинското тело треба да го земе предвид следново: Ќе има ли некакви идоли или религиозни симболи внатре или надвор од зградата? Како ќе гледаат луѓето од заедницата на тоа што го користиме тој објект? Дали некој во собранието ќе биде спрепнат затоа што ја користиме таа зграда? (Матеј 18:6; 1. Коринќаните 8:7—13). Старешините ги проценуваат овие фактори и потоа одлучуваат во склад со тоа. Нивната совест и совеста на собранието во целина, исто така, мора да се земе предвид кога се одлучува дали да се купи и пренамени таква зграда во Сала на Царството.
[Фуснота]
a За информации во врска со тоа дали е соодветно да се има деловни зделки со организации што Јехова не ги одобрува види Стражарска кула од 15 април 1999, страници 28 и 29.
[Слика на страница 27]
Оваа зграда, која беше синагога, беше купена и реновирана во Сала на Царството