Прашања од читателите
Дали би било прикладно еден христијанин да се заортачи со неверник, кога веќе Библијата ни вели: „Не впрегнувајте се заедно со неверниците“?
Тој совет го наоѓаме во 2. Коринтјаните 6:14-16: „Не впрегнувајте се заедно со неверниците; зашто, какво, општување постои меѓу правдата и беззаконието? Што општо има меѓу светлината и темнината? Какво согласие може да има меѓу Христа и Велијар? Или, што општо има меѓу верник и неверник? Каква сличност има храмот Божји со идолите?“
Не постои причина да се верува дека апостолот Павле го дал овој совет со намера да постави специфични забрани, како што би била забраната христијаните да се заортачуваат со неверници. Сепак, неговиот совет бездруго е применлив и тука, како и на другите полиња од животот.
Павле им го напишал тој совет на своите христијански браќа во древниот Коринт. Бидејќи живееле во град кој бил особено расипан, тие секојдневно морале да се борат со морални и духовни опасности. Доколку не биле внимателни, изложеноста на нездрави влијанија можела постепено да ја ослабе нивната решеност да бидат различни од другите луѓе, „род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени“ (1. Петрово 2:9).
Пред да им го напише она од 2. Коринтјаните 6:14-16, Павле се справувал со сериозни проблеми меѓу неговите браќа од Коринт. Тие дозволиле во нивната средина да постои случај на тежок неморал, па затоа Павле ги упатил да го исфрлат, односно исклучат непокајничкиот грешник (1. Коринтјаните 5:1). Гревот на овој човек покажал дека лошото друштво или непретпазливото изложување на световната морална клима може да се одрази на христијаните.
Коринтските христијани требало да избегнуваат да се дружат со исклучениот, но дали тоа значело дека требало потполно да се одделат од неверниците? Требало ли да избегнуваат практички секаков контакт или работа со нехристијани, па да станат некој вид калуѓерска секта, како Евреите кои се повлекле во Кумран, близу Мртвото Море? Нека одговори Павле: „Ви пишав во писмото свое — да не се мешате со луѓе што блудствуваат, но не и општо со блудници од овој свет, . . . оти, инаку, би требало да излезете од овој свет“ (1. Коринтјаните 5:9, 10).
Примената на овие зборови е јасна. Павле бил потполно свесен дека христијаните биле сѐ уште на оваа планета, живееле и имале скоро секојдневен контакт со неверници чиј морал бил низок и чии мерила биле различни. Бидејќи тоа во основа било неизбежно, христијаните требало да бидат будни за опасностите од таквите контакти.
Ајде да го разгледаме повторно Павловото второ писмо до коринтјаните. Тој укажал дека помазаните христијани се оспособени за Божји слуги, пратеници место Христос. Им рекол да внимаваат да не дадат никаков повод за спрепнување кој може да фрли лоша светлина на нивната служба (2. Коринтјаните 4:1–6:3). Павле директно ги подбудил своите браќа во Коринт, кои биле како негови духовни деца, да се рашират во нивната наклоност (2. Коринтјаните 6:13). После тоа ги подбудил: „Не впрегнувајте се заедно со неверниците“. Употребил серија реторички контрасти за да ја подвлече таа мисла.
Контекстот покажува дека Павле не се сосредоточувал на некои специфични подрачја од животот, како што е водење фирма или вработување, и не поставувал формални правила кои би се наметнувале во таа насока. Наместо тоа, им пружил отворен, здрав и корисен совет на браќата кои многу ги сакал.
Дали овој совет е применлив, на пример, во случај кога еден христијанин се интересира за брак? Секако. Во своето прво писмо, апостолот ги советувал коринтјаните кои сакале да стапат во брак да го сторат тоа „само во Господ“ (1. Коринтјаните 7:39, Даничиќ-Караџиќ). Мудроста на тие зборови ја истакнал со она што го напишал подоцна, а е наведено во 2. Коринтјаните 6:14-18. Ако еден христијанин има намера да се венча со некој кој не е слуга на Јехова и не е следбеник на Христос, тој или таа треба да земе предвид дека се поврзува со неверник. (Спореди 3. Мојсеева 19:19; 5. Мојсеева 22:10.) Се разбира, основната нездружливост би ја зголемила веројатноста од проблеми, вклучувајќи и духовни. На пример, неверникот може моментално или во иднина да обожава некој лажен бог. Павле резонирал: „Какво согласие може да има меѓу Христа и Велијар?“
Сепак, што е со едно друго поле на животот — заортачување со неверник? Во некои случаи, христијанинот може да смета дека за да заработи за живот и да се грижи за семејството треба да се заортачи со некој кој не е сохристијанин (1. Тимотеј 5:8). Размисли за ова што е само пример:
Еден христијанин можеби би сакал да отвори продавница за некој вид стока, но единствениот начин би бил да прифати партнерство со човек кој има пристап до потребните продукти или готови пари. Друг христијанин сака да работи земја (или да одгледува некаков добиток), но нема расположливо земјиште, затоа ќе мора тоа да го стори заедно со некого кој е спремен да му изнајми земјиште за да има дел во некој профит. Можеби друг христијанин не е во состојба да отвори водоинсталатерски дуќан затоа што владата издава само неколку овластувања, а тие се веќе разземени; единствениот начин би бил да му се придружи на роднината кој не е верник, а има овластување (Марко 12:17).
Ова беа само илустрации. Ние не се обидуваме да ја исклучиме секоја можност, ниту се изјаснуваме за или против. Но, кога ги имаш на ум овие примери, зарем не гледаш зошто советот од 2. Коринтјаните 6:14-16 не треба да се игнорира?
Христијанинот кој се заортачува со неверник, било да е роднина или не, веројатно ќе се соочи со неочекувани проблеми и искушенија. Можеби партнерот смета дека разумен профит ќе се оствари ако не ги пријават приходите или ако вработат непријавени работници, дури и ако е тоа противзаконски. Можеби ќе биде спремен да му плати под рака на доставувачот затоа што не запишал во фактурата некои стоки. Дали христијанинот би учествувал во таква или слична нечесност? И што ќе стори христијанинот кога ќе дојде време двајцата да ги потпишат даночните документи или други правни документи околу нивната продавница? (2. Мојсеева 23:1; Римјаните 13:1, 7).
Или, ортакот кој не е верник може да сака да држи артикли кои се поврзани со пагански празници, да испраќа празнични честитки во име на фирмата и да ја украсува продавницата за религиозни празници. Павле прашал: „Каква сличност има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог“. Колку е прикладен коментарот: „,Затоа излезете од нивната средина и одделете се!‘, Вели Господ, и ‚Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!‘“ (2. Коринтјаните 6:16, 17). Применувајќи го овој мудар совет, многу христијани избрале такви работни места кои ќе ги изложуваат на колку што е можно помалку проблеми (Евреите 13:5, 6, 18).
Собранието не е задолжено да надзира или иследува сѐ што христијаните прават на нивното световно работно место, било како вработени било како сопственици на фирми. Се разбира, ако се дознае дека христијанинот учестувал во престап, како што е унапредување на лажно обожавање или некој вид лажење или крадење, собранието ќе мора да преземе чекори за да ги поддржи Јеховините мерила.
Сепак, клучната мисла е дека Павловиот инспириран совет: „Не впрегнувајте се заедно со неверници“, може да му помогне на христијанинот да избегне проблеми и каква и да е непотребна правна постапка од страна на старешините. Мудрите христијани ќе го земат при срце тој совет и нема да упаѓаат во ситуации во кои ќе бидат под додатен притисок да ги компромитираат библиските начела. Ако некој смета дека мора да се заортачи со неверник, другите не треба да бидат брзи да го осудат или да го критизираат, бидејќи треба да сфатат дека тој ќе мора да ја сноси одговорноста за изборот. Во основа, Павле не поставил формално, наметнато правило против заортачувањето со неверник. Сепак, неговиот совет не треба да се игнорира. Бог го инспирирал тој совет и го запишал во Библијата за наша корист. А ние сме мудри што се придржуваме кон него.