Животна приказна
Мојот удел во унапредувањето на глобалното божествено образование
РАСКАЖАЛ РОБЕРТ НИЗБЕТ
Кралот Собуза II од Свазиленд нѐ пречека мене и брат ми Џорџ во својата кралска резиденција. Тоа беше во 1936, но сѐ уште живо се сеќавам на нашиот разговор. Причината за овој долг разговор со еден крал беше дел
од тоа што долги години бев поврзан со големото библиско образовно дело. Сега, на 95 години, со љубов си спомнувам за мојот удел во тоа дело што ме однесе на пет различни континенти.
СЀ ЗАПОЧНА во 1925 кога еден трговец со чај по име Добсон почна да го посетува нашето семејство во Единбург (Шкотска). Бев во своите доцни тинејџерски години и работев како помошник аптекар. Иако сѐ уште бев релативно млад, сепак бев загрижен за значајните промени што за семејствата и за религиозниот живот ги донесе светската војна од 1914 до 1918. При една од неговите посети, г-н Добсон ни ја остави книгата The Divine Plan of the Ages (Божествениот план на вековите). Начинот на кој во неа беше претставен еден интелигентен Творец со одреден „план“ изгледаше толку разумен и во склад со Богот што јас сакав да го обожавам.
Набрзо, јас и мајка ми почнавме да присуствуваме на состаноците на Библиските студенти, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци. Во септември 1926, на еден конгрес во Глазгов, јас и мајка ми го симболизиравме нашето предание на Јехова со потопување во вода. Секој кандидат за крштавање доби една долга наметка со ремчиња за глуждовите што требаше да ја облечеме врз нашите костуми за капење. Во тоа време, ова се сметаше за соодветна облека за таква сериозна прилика.
Во тие рани денови, на нашето разбирање за многу работи му требаше разјаснување. Повеќето, ако не и сите членови на собранието славеа Божиќ. Многу малку учествуваа во службата на теренот. Дури и некои старешини приговараа на дистрибуирањето литература во неделите, зашто сметаа дека тоа го прекршува сабатот. Меѓутоа, статиите од Стражарска кула од 1925 почнаа да ставаат поголем нагласок на стихови како Марко 13:10: „Во сите нации најпрво мора да биде проповедана добрата вест“.
Како ќе биде извршено тоа светско дело? При мојот прв скромен обид да учествувам во проповедањето од куќа до куќа, едноставно му раков на станарот дека продавам убави религиозни книги и му ја понудив The Harp of God (Харфа Божја), книга што објаснуваше десет важни учења од Библијата споредувајќи ги со десет жици на една харфа. Подоцна, добивме картичка со сведоштво, на која беше изнесена кратка порака што станарот требаше да ја прочита. Исто така користевме и снимени говори од четири и пол минути што можевме да ги пуштиме на пренослив фонограф. Раните модели на тој апарат беа доста тешки за носење, но поновите модели беа значително полесни, а некои дури можеа да работат и во вертикална положба.
Од 1925 па до 1930-те, го извршувавме нашето проповедничко дело најдобро што знаевме. Тогаш, во раните 1940-ти, во сите собранија беше воведена Теократската школа за служба. Бевме поучени лично да ја презентираме пораката за Царството директно зборувајќи со станарите што ќе слушаат. Исто така, научивме колку е важно да се водат домашни библиски студии со заинтересираните луѓе. Можеме да кажеме дека, на некој начин, тоа беше сегашното светско образовно библиско дело во својот зародиш.
Охрабрување од брат Ратерфорд
Мојата желба да имам поголем удел во образовното дело доведе до тоа во 1931 да стапам во полновремената пионерска служба. Требаше да почнам веднаш по еден конгрес во Лондон. Меѓутоа, за време на една пауза за ручек, брат Џозеф Ратерфорд, кој го надгледуваше делото во тоа време, сакаше да зборува со мене. Тој имаше во план некој пионер да оди во Африка. „Ќе сакаш ли да одиш?“, ме праша. Иако бев малку изненаден, успеав доста одлучно да кажам: „Да, ќе одам“.
Во тоа време главна цел ни беше да дистрибуираме колку што е можно повеќе библиска литература, а тоа значеше постојано да бидеме во движење. Бев охрабрен да останам неженет, како што беа и повеќето од браќата на одговорни надгледнички положби во тоа време. Моето подрачје почнуваше во Кејп Таун, на јужниот крај на Африка, и се протегаше по должината на источната страна на континентот, вклучувајќи ги и крајбрежните острови во Индискиот Океан. Западната граница ме водеше низ жешките песоци на пустината Калахари па сѐ до езерото Викторија, изворот на реката Нил. Заедно со мојот партнер, требаше да поминам шест месеци секоја година во една или повеќе африкански земји што се наоѓаа на ова големо подрачје.
Двесте кутии духовно богатство
Кога пристигнав во Кејп Таун, ми покажаа 200 кутии литература што беше наменета за Источна Африка. Литературата беше печатена на четири европски и четири азиски јазици, но ништо од неа не беше на некој африкански јазик. Кога се распрашав зошто сета таа литература беше таму уште пред да пристигнам јас, ми рекоа дека таа била наменета за Френк и Греј Смит, двајца пионери што неодамна отишле да проповедаат во Кенија. Речиси веднаш штом пристигнале во Кенија и двајцата се заразиле од маларија и, за жал, Френк починал.
Иако оваа вест беше отрезнувачка, не ме обесхрабри. Јас и мојот партнер, Дејвид Норман, со брод заминавме од Кејп Таун на нашата прва доделба, Танзанија, на оддалеченост од околу 5.000 километри. Еден патнички агент во Момбаса (Кенија) се грижеше за нашата резерва на литература и ги праќаше кутиите до секое одредиште каде што ќе побаравме да ги прати. Во почетокот, сведочевме во деловните области — продавниците и канцелариите во секој град. Дел од нашата резерва од литература се состоеше од комплет од 9 книги и 11 џебни брошури, кои затоа што беа во различни бои станаа познати како комплетите виножито.
Како следно одлучивме да го посетиме островот Занзибар, оддалечен околу 30 километри од источниот брег. Со векови, Занзибар бил центар на трговијата со робови, но исто така беше познат и по каранфилчето, чиј мирис можевме да го почувствуваме насекаде во градот. Беше малку обесхрабрувачки тоа што не можевме баш лесно да се снаоѓаме низ градот, зашто беше изграден без никаков план. Улиците се виткаа и извртуваа на начин што збунуваше и беше лесно да го изгубиме чувството за ориентација. Нашиот хотел беше доволно удобен, но вратите беа со нитни а дебелите ѕидови наликуваа повеќе на затвор отколку на хотел. Сепак, имавме добри резултати таму и бевме среќни што најдовме Арапи, Индијци и други што спремно ја прифатија нашата литература.
Возови, бродови и автомобили
Во тоа време, да се патува низ Источна Африка не беше лесно. На пример, на пат од Момбаса кон планинскиот крај на Кенија, нашиот воз беше запрен од наезда на скакулци. Милиони скакулци ја прекрија земјата и шините правејќи ги премногу лизгави за да можат тркалата на локомотивата да ја издржат силата на триењето. Единственото решение беше шините пред возот да се мијат со врелата вода од локомотивата. На тој начин, полека напредувавме додека конечно не се ослободивме од ројот скакулци. Какво само олеснување беше кога возот почна да се искачува повисоко и кога можевме да уживаме во посвежата клима на планинскиот крај!
Додека до крајбрежните градови лесно можеше да се дојде со воз и со брод, до селските области најлесно можеше да се дојде со автомобил. Бев среќен кога ми се придружи брат ми Џорџ, зашто тогаш можевме да купиме доста големо комбе, доволно големо за да биде опремено со кревети, кујна, шпајз и со прозорци што не пропуштаа комарци. На кровот ставивме и звучници. Вака опремени, преку ден можевме да сведочиме од куќа до куќа и да ги поканиме луѓето на нашите вечерни говори што ги одржувавме на пазариштата. Една популарна снимка што ја пуштавме имаше наслов „Дали пеколот е жежок?“ Направивме едно патување од Јужна Африка до Кенија, патување од околу 3.000 километри со нашиот „мобилен дом“, и ни беше мило што сега веќе имавме различни џебни брошури на неколку африкански јазици, што локалното население со возбуда ги прими.
Пријатно искуство за нас беше тоа што на ваквите патувања можевме да видиме голем дел од африканските диви животни. Се разбира, за наша безбедност, навечер останувавме во комбето, но многу ни ја зајакна верата тоа што видовме толку различни животински творби на Јехова во нивната природна животна средина.
Почнува противење
Иако бевме внимателни со дивите животни, тоа не беше ништо во споредба со она што требаше да го правиме кога се соочувавме со различни владини службеници и со некои бесни верски водачи што почнаа доста отворено да се противат на нашето дело на проповедање на Царството. Еден голем проблем со кој што моравме да се бориме беше проблемот со еден фанатик што се нарекуваше себеси Мвана Леса, што значи „Син Божји“ и со неговата група позната како Китавала, што за жал значи „Стражарска кула“ (Watchtower). Некое време пред ние да пристигнеме, овој човек удавил голем број Африканци, тврдејќи дека ги крштава. На крајот беше уапсен и обесен. Подоцна имав прилика да разговарам со човекот што го обесил за да му објаснам дека тој човек немаше ништо заедничко со нашата Watch Tower Society.
Имавме проблеми и со мнозина Европејци што, главно од финансиски причини, не беа баш среќни поради нашето образовно дело. Еден управник на складиште се жалеше: „За да остане белиот човек во оваа земја, еден Африканец не смее да открие колку евтино се експлоатира неговиот труд“. Од истата таа причина, шефот на една компанија за ископување на злато насила ме исфрли од својата канцеларија. Потоа, налутено ме испрати сѐ до улицата.
Без сомнение под големо влијание на таквите верски и комерцијални противници, владата на Родезија (сега Зимбабве) на крај ни нареди да ја напуштиме земјата. Поднесовме жалба против оваа одлука и успеавме да ни биде дозволено да останеме, под услов да не им проповедаме на Африканците. Едно службено лице рече дека причината е тоа што нашата литература „не одговара на умот на еден Африканец“. Меѓутоа, во другите земји нашето образовно дело меѓу Африканците се одвиваше без пречки, дури беше поздравено. Една од тие земји беше Свазиленд.
Кралски пречек во Свазиленд
Свазиленд е мала, независна земја од 17.364 квадратни километри, сместена во Јужна Африка. Токму тука го сретнавме речовитиот крал Собуза II, спомнат во почетокот. Тој имаше одлично познавање на англискиот јазик, што го стекнал додека студирал на некој британски универзитет. Неформално облечен, тој направи да се чувствуваме мошне добредојдени.
Нашиот разговор со него се сосредоточуваше на земниот рај што Бог го наумил за исправно наклонетите луѓе. Иако не беше многу заинтересиран за таа тема, ни даде до знаење дека има слична работа на ум. Кралот беше посветен на тоа да го подобри животниот стандард на сиромашните и необразованите луѓе. Не му се допаѓаа активностите на многу мисионери од христијанскиот свет, кои изгледаа како да се повеќе заинтересирани да добијат повеќе членови во своите цркви отколку да ги образуваат луѓето. Меѓутоа, кралот бил запознат со активноста на неколку наши пионери и нѐ пофали за нашето библиско образовно дело, особено затоа што бевме спремни да го правиме тоа без да бараме пари или некакви други обврски.
Библиското образование забрзува
Во 1943 беше воведена Библиската школа Гилеад на Watchtower за обука на мисионери. Беше ставен нагласок на тоа да се следи секој интерес на кој ќе наидеме наместо главно да се концентрираме да дадеме библиска литература. Во 1950, јас и Џорџ бевме поканети да присуствуваме на 16 клас на Гилеад. Тука првпат ја сретнав Џин Хајд, една фина сестра од Австралија која, откако и двајцата дипломиравме, беше доделена на мисионерското дело во Јапонија. Самештвото сѐ уште беше во голема мода во тоа време, па така нашето пријателство тогаш не отиде подалеку.
По обуката во Гилеад, јас и Џорџ добивме мисионерска доделба во Маврициус, остров во Индискиот Океан. Се спријателивме со луѓето, го научивме нивниот јазик и водевме домашни библиски студии со нив. Подоцна, мојот помал брат Вилијам и неговата сопруга, Мјуриел, исто така дипломираа на Гилеад. Беа испратени на моето старо подрачје — Кенија.
Осум години поминаа брзо и тогаш, на меѓународниот конгрес во Њујорк во 1958, повторно се сретнав со Џин Хајд. Го продолживме нашето пријателство и потоа се свршивме. Мојата мисионерска доделба се смени од Маврициус на Јапонија, и таму, во 1959, Џин и јас се венчавме. Тогаш за нас почна еден многу среќен период од мисионерското дело во Хирошима, каде што во тоа време имаше само едно мало собрание. Денес, во тој град има 36 собранија.
Сајонара на Јапонија
Како што годините одминуваа, здравствените проблеми и на двајцата почнаа сѐ повеќе да ни ја отежнуваат мисионерската служба и на крај моравме да си заминеме од Јапонија и да се удомиме во земјата на Џин, Австралија. Денот кога си заминавме од Хирошима беше тажен ден. На перонот на железничката станица им рековме сајонара, или збогум, на сите наши драги пријатели.
Сега живееме во Австралија и, колку што ни дозволуваат нашите ограничени способности, продолжуваме да му служиме на Јехова заедно со собранието Армидејл во државата Нов јужен Велс. Колкава само радост е да се споделува богатството на христијанската вистина со толку многу луѓе речиси осум децении! Го видов прекрасниот пораст на библиската образовна програма и лично бев сведок на значајни духовни настани. Ниту еден човек или група на луѓе не се заслужни за тоа. Навистина, да се послужам со зборовите на псалмистот, „тоа е од Господа и прекрасно е во нашите очи!“ (Псалм 118:23).
[Слика на страница 28]
Брат ми Џорџ со нашиот дом-автомобил
[Слика на страница 28]
Јас на езерото Викторија
[Слика на страница 29]
Средношколци што присуствуваа на едно јавно предавање во Свазиленд во 1938
[Слики на страница 30]
Со Џин на нашата венчавка во 1959 и денес