Прашања од читателите
Зошто во Евреите 2:14 Сатана е наречен „оној кој го има средството да предизвикува смрт“?
Накратко кажано, Павле мислел дека Сатана, лично или преку своите застапници, може да предизвика физичка смрт кај луѓето. Во склад со тоа, Исус го нарекол Сатана „човекоубиец кога почна“ (Јован 8:44).
Во врска со Евреите 2:14 може да дојде до недоразбирања зашто во некои преводи се вели дека Сатана ја има „власта над смртта“ (ДХК). Од ваквите преводи може да изгледа како Сатана да има неограничена способност да убие кого сака. Меѓутоа, тоа очигледно не е така. Кога би било, тој најверојатно уште одамна би ги збришал обожавателите на Јехова од лицето на земјата (Битие 3:15).
Грчкиот израз преведен со ‚власт над смртта‘ во некои преводи и ‚средство да предизвикува смрт‘ во Превод Нов свет е „кратос тоу танатоу“. Тоу танатоу е облик на изразот што значи „смрт“. Кратос во основа значи „сила, јачина, моќ“. Според еден речник, тој го означува „присуството и значењето на силата или јачината а не нејзината примена“ (Theological Dictionary of the New Testament). Според тоа, во Евреите 2:14 Павле не укажува дека Сатана има апсолутна власт над смртта. Напротив, тој укажува на способноста или потенцијалот на Сатана да предизвика смрт.
Како го користи Сатана „средството да предизвикува смрт“? Во книгата Јов читаме за еден случај што можеби на некој начин е исклучок. Извештајот кажува дека Сатана употребил бура за да ‚ја предизвика смртта‘ на децата на Јов. Меѓутоа, забележи дека Сатана не можел да го направи тоа без дозвола од Бог, која му била дадена затоа што морало да биде решено едно многу важно спорно прашање (Јов 1:12, 18, 19). Всушност, Сатана не можел да го убие Јов. Не му била дадена дозвола за тоа (Јов 2:6). Ова покажува дека, иако понекогаш Сатана може да ја предизвика смртта на верните луѓе, не треба да се плашиме дека може да ни го одземе животот кога ќе посака.
Сатана исто така предизвикал смрт и преку човечки застапници. Така, многу христијани умреле за својата вера, некои убиени од разјарени толпи или неправедно погубени по наредба на владини службеници или корумпирани судии (Откровение 2:13).
Освен тоа, Сатана понекогаш предизвикувал смрт така што ги искористувал човечките слабости. Во времето на Израел, пророкот Валаам ги советувал Моавците да ги наговорат Израелците „да истапат против Господа“ (Броеви 31:16). Како последица на тоа загинале повеќе од 23.000 Израелци (Броеви 25:9; 1. Коринќаните 10:8). Денес некои на сличен начин паѓаат на Сатановите „сплетки“ и се намамени во неморал или други безбожни практики (Ефешаните 6:11). Точно, обично ваквите лица не го губат животот веднаш. Но, ризикуваат да го изгубат вечниот живот, а на тој начин Сатана ја предизвикува нивната смрт.
Иако го признаваме потенцијалот на Сатана да ни нанесе штета, не треба претерано да се плашиме од него. Кога Павле рекол дека Сатана го има средството да предизвика смрт, исто така рекол дека Христос умрел за да „го уништи [Сатана] . . . и да ги ослободи сите оние кои поради страв од смрт целиот свој живот биле подложени на робување“ (Евреите 2:14, 15). Да, Исус ја платил откупнината и на тој начин го ослободил верното човештво од ропството на гревот и смртта (2. Тимотеј 1:10).
Се разбира, отрезнувачки е да размислуваме дека Сатана го има средството да предизвикува смрт, но сигурни сме дека Јехова може да ја поправи секоја штета што ни ја нанел Сатана или неговите застапници. Јехова нѐ уверува дека воскреснатиот Исус ќе ги „разбие делата на Ѓаволот“ (1. Јованово 3:8). Со моќ дадена од Јехова, Исус ќе ги воскресне мртвите и на тој начин ќе ја укине и самата смрт (Јован 5:28, 29). На крај, Исус на еден драматичен начин ќе ги разоткрие границите на моќта на Сатана фрлајќи го во бездна. Сатана конечно ќе биде испратен во вечно уништување (Откровение 20:1—10).