Сиромашните стануваат сѐ посиромашни
„Ниедно општество, во кое поголемиот дел од членовите се сиромашни и бедни, не може да напредува и да биде среќно.“
ЕКОНОМИСТОТ Адам Смит го изјавил ова уште во 18 век. Мнозина се уверени дека вистинитоста на она што го рекол денес е уште поочигледна. Разликата помеѓу оние што имаат и оние што немаат стана уште повидлива. Во Филипини, една третина од населението живее со помалку од 1 долар дневно, износ што во побогатите земји се заработува за само неколку минути. Извештајот за развој на човештвото за 2002 на Обединетите нации вели дека „најбогатите 5 проценти од луѓето во светот имаат приходи што се 114 пати поголеми од приходите на најсиромашните 5 проценти“.
Додека некои живеат во релативна удобност, милиони живеат како диви станари, подигајќи си колипки секаде каде што можат. Други немаат толку среќа; живеат на улица, можеби само со некое парче картон или најлон меѓу нив и земјата. Многумина од нив врзуваат крај со крај како знаат и умеат — пребарувајќи низ ѓубриштата, влечејќи тешки товари или собирајќи во колички материјали што можат да се рециклираат.
Нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните ја има не само во земјите во развој туку, како што вели Светската Банка, „,Сиромашните маала‘ се вообичаени за сите земји“. Од Бангладеш до Соединетите Држави, сеедно колку богати можат да бидат едни, има други што се мачат да најдат парче леб или покрив над главата. The New York Times го цитираше извештајот на Бирото за попис на населението на САД од 2001, кој укажува дека јазот помеѓу богатите и сиромашните во Соединетите Држави и понатаму се зголемува. Во него стоеше: „Најбогатата петтина од населението доби половина од целокупниот домашен приход минатата година . . . Најсиромашната петтина доби 3,5 проценти“. Ситуацијата е иста или дури и полоша во многу други земји. Извештајот на Светската Банка покажа дека околу 57 проценти од светското население живее со помалку од 2 долара на ден.
За да биде уште полошо, во 2002, милиони беа вознемирени од извештаите за директори што се збогатиле под сомнителни околности. Дури и ако не било направено ништо што е очигледно незаконски, многумина сметаат дека овие директори, како што беше кажано во списанието Fortune, „станале претерано, необично и страшно богати“. Кога ќе се земе предвид што се случува во светот, некои се прашуваат како може да се оправдаат таквите големи и неочекувани добивки, што кај поединци се проценуваат на стотици милиони долари, кога толку многу луѓе живеат во сиромаштија.
Сиромаштија засекогаш?
Ова не значи дека никој не се обидува да направи нешто во врска со тешката состојба на сиромашните. Добронамерните државни власти и организациите за помош сигурно дале предлози за промени. Сепак, фактите и понатаму се обесхрабрувачки. Извештајот за развој на човештвото за 2002 вели: „Многу земји се посиромашни отколку пред 10, 20, а во некои случаи и 30 години“, и покрај многуте благородни напори за подобрување.
Дали со ова сиромашните се оставени без надеж? Те покануваме да ја прочиташ следната статија во која е разгледана една практична мудрост што може да помогне уште сега, како и решенија на кои можеби не си ни помислил.