Духовните разговори изградуваат
„Никаков гнил збор да не излегува од вашата уста, туку само оној кој е добар за изградување, според потребата, за на оние кои слушаат да им го даде она што е корисно“ (ЕФЕШАНИТЕ 4:29).
1, 2. а) Колку е скапоцен човечкиот говор? б) Како сакаат да го користат својот јазик Јеховините слуги?
„ЧОВЕЧКИОТ говор е тајна; тој е подарок од Бог, чудо.“ Така напишал лексикографот Лудвиг Келер. Можеби овој скапоцен подарок од Бог го земаме здраво за готово (Јаков 1:17). Но, размисли само за тоа колкаво богатство е изгубено кога поради мозочен удар некој наш сакан ќе ја изгуби способноста да зборува разбирливо. „Бевме блиски затоа што имавме прекрасна комуникација“, објаснува Џоен, чиј сопруг неодамна доживеал мозочен удар. „Колку само ми недостасуваат нашите разговори!“
2 Разговорите можат да ги зацврстат пријателствата, да ги средат недоразбирањата, да ги разведрат потиштените, да ја зајакнат верата и да го збогатат животот — но тоа никогаш не доаѓа автоматски. Мудриот цар Соломон забележал: „Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување“ (Пословици 12:18). Како Јеховини слуги, ние сакаме нашите разговори да лекуваат и да изградуваат наместо да повредуваат и да рушат. Исто така, сакаме да го користиме јазикот за фалба на Јехова, како во јавната служба така и во приватните разговори. Псалмистот пеел: „Се фалевме со Бога во секое доба и Твоето име го славевме секогаш“ (Псалм 44:8).
3, 4. а) Со кој проблем се соочува секој од нас во поглед на говорот? б) Зошто е важно што зборуваме?
3 „Јазикот“, опоменува ученикот Јаков, „никој од човечкиот род не може да го скроти“. Тој нѐ потсетува: „Сите ние се спрепнуваме многу пати. Ако некој не се спрепнува во збор, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело“ (Јаков 3:2, 8). Никој од нас не е совршен. Според тоа, и покрај најдобрите намери, нашиот говор не ги изградува секогаш другите ниту, пак, му оддава фалба на Творецот. Затоа, мораме да научиме да внимаваме што зборуваме. Освен тоа, Исус рекол: „За секој бескорисен збор што луѓето ќе го изговорат, ќе положат сметка во Судниот ден; зашто по своите зборови ќе бидеш прогласен за праведен, и по своите зборови ќе бидеш осуден“ (Матеј 12:36, 37). Да, вистинскиот Бог нѐ смета одговорни за нашите зборови.
4 Еден од најдобрите начини да избегнуваме штетен говор е да стекнеме навика да водиме духовни разговори. Во оваа статија ќе разгледаме како можеме да го правиме тоа, за какви теми можеме да зборуваме и какви користи можеме да имаме од изградувачкиот говор.
Внимавај на срцето
5. На кој начин срцето игра клучна улога во унапредувањето изградувачки разговори?
5 Додека си стекнуваме навика да водиме изградувачки разговори, најнапред мораме да сфатиме дека нашиот говор го одразува она што ни е во срцето. Исус рекол: „Устата зборува од изобилието на срцето“ (Матеј 12:34). Едноставно речено, сакаме да зборуваме за работи што ни се важни. Затоа, треба да се прашаме: ‚Што откриваат моите разговори за состојбата на моето срце? Кога сум со семејството или со соверниците, дали мојот разговор се сосредоточува на духовни работи или, пак, секогаш се врти околу спорт, облека, филмови, храна, најновите работи што сум ги купил или некои други безначајни ситници?‘ Можеби несвесно, нашиот живот и нашите мисли почнале да се вртат околу споредни работи. Со тоа што ќе ги преиначиме своите приоритети, ќе се подобрат и нашите разговори и нашиот живот (Филипјаните 1:10).
6. Каква улога игра медитирањето во нашите разговори?
6 Смисловното медитирање е уште еден начин да го подобриме квалитетот на она што го кажуваме. Ако совесно вложуваме напори да размислуваме за духовни работи, ќе видиме дека природно ни доаѓа да водиме духовни разговори. Цар Давид ја увидел ваквата поврзаност. Тој пеел: „Зборовите на мојата уста и размислувањата на моето срце, нека бидат угодни пред Тебе, Господи“ (Псалм 19:14). А псалмистот Асаф рекол: „Јас сигурно ќе медитирам за сета твоја [Божја] активност, и ќе се занимавам со твоите постапки“ (Псалм 77:12, NW). Нормално дека срцето и умот што длабоко се занимаваат со вистините од Божјата реч ќе се прелеваат во говор полн со фалба. Еремија не можел да се воздржи да не зборува за работите за кои го поучил Јехова (Еремија 20:9). Така може да биде и со нас ако редовно размислуваме за духовни работи (1. Тимотеј 4:15).
7, 8. На кои теми можат да се водат изградувачки разговори?
7 Добрата духовна рутина ни дава изобилство теми за да водиме изградувачки разговори (Филипјаните 3:16). Собирите, конгресите, собраниските состаноци, тековните публикации и дневниот стих со отпечатениот коментар нѐ опремуваат со духовни бисери што можеме да ги поделиме со другите (Матеј 13:52). И колкав само духовен поттик можат да дадат искуствата од нашата христијанска служба!
8 Цар Соломон бил воодушевен од најразличните дрвја, животни, птици и риби што ги набљудувал во Израел (1. Цареви 4:33). Се радувал на разговорите за Божјите творечки дела. И ние можеме да го правиме истото. Јеховините слуги многу сакаат да разговараат на најразлични теми, но духовните теми секогаш се присутни во разговорите на луѓето што се духовно настроени (1. Коринќаните 2:13).
„За тоа размислувајте и понатаму“
9. Каков совет им дал Павле на филипјаните?
9 На која и да е тема, нашите разговори ќе ги изградат другите ако се во склад со советот што му го дал апостол Павле на собранието во Филипи. Тој напишал: „Сѐ што е вистинито, сѐ што заслужува сериозно внимание, сѐ што е праведно, сѐ што е чесно, сѐ што е вредно за сакање, за кое добро се зборува, секоја доблест што постои и сѐ што е вредно за фалба, за тоа размислувајте и понатаму“ (Филипјаните 4:8). Она што го спомнал Павле е толку важно што вели „за тоа размислувајте и понатаму“. Со тие работи треба да го наполниме умот и срцето. Затоа, да видиме на кој начин тоа што ќе обрнеме внимание на секоја од осумте работи што ги навел Павле може да ни помогне во нашите разговори.
10. Како може во нашите разговори да биде вклучено она што е вистинито?
10 Она што е вистинито вклучува повеќе отколку информации што се точни и не се погрешни. Тоа се однесува на нешто што е исправно и веродостојно, како што е вистината од Божјата реч. Значи, кога зборуваме со другите за библиските вистини што нѐ воодушевиле, за предавањата или говорите што нѐ охрабриле или, пак, за библискиот совет што ни помогнал, ние размислуваме за работи што се вистинити. Од друга страна, пак, го отфрламе она што ‚лажно е наречено „спознание“‘, кое само изгледа вистинито (1. Тимотеј 6:20). Исто така, избегнуваме да пренесуваме нечие озборување или да раскажуваме сомнителни искуства што не можат да се потврдат.
11. Кои работи што заслужуваат сериозно внимание можеме да ги вклучиме во нашите разговори?
11 Она што заслужува сериозно внимание се теми што се достоинствени и важни, а не плитки или безначајни. Во нив спаѓаат работи поврзани со нашата христијанска служба, критичните времиња во кои живееме и потребата да задржиме добро однесување. Кога дискутираме за такви сериозни работи, ја зајакнуваме нашата решеност да останеме духовно будни, да го задржиме интегритетот и да продолжиме да ја проповедаме добрата вест. Навистина, интересните искуства во службата и тековните настани што нѐ потсетуваат дека живееме во последните денови даваат најразличен материјал за поттикнувачки разговори (Дела 14:27; 2. Тимотеј 3:1—5).
12. Со оглед на советот на Павле да размислуваме за она што е праведно и чесно, што треба да избегнуваме?
12 Зборот праведно значи да се биде како што треба во Божји очи — да се задоволат неговите мерила. Чесно ја пренесува мислата за чистота во мислите и во однесувањето. Во нашите разговори нема место за клеветење, срамотни шеги или сексуални алузии (Ефешаните 5:3; Колошаните 3:8). На работното место или на училиште, христијаните мудро се тргаат настрана кога разговорите ќе добијат таков тон.
13. Дај примери за разговори што се вртат околу она што е вредно за сакање и за кое добро се зборува.
13 Кога Павле советува да размислуваме за она што е вредно за сакање, тој мисли на она што е пријатно и допадливо или што поттикнува на љубов, за разлика од она што предизвикува омраза, огорченост или расправија. Работите за кои добро се зборува се однесуваат на информации што се на добар глас. Во тоа спаѓаат животните приказни на верни браќа и сестри, кои редовно излегуваат во списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Зошто не им ги пренесеш и на другите твоите впечатоци откако ќе ги прочиташ овие статии што ја зајакнуваат верата? И колку само е охрабрувачки да се чуе што постигнале другите на духовно поле! Таквите разговори ќе ја изградат љубовта и единството во собранието.
14. а) Што се бара од нас за да покажуваме доблест? б) Како може нашиот говор да го вклучува она што е вредно за фалба?
14 Павле зборува за „секоја доблест што постои“. Доблест означува доброта или морална извонредност. Мораме да внимаваме нашите усни да бидат водени од библиските начела и да не отстапуваат од она што е праведно, чесно и доблесно. Вредно за фалба значи „пофално“. Ако чуеш некое убаво предавање или забележиш некој верен пример во собранието, зборувај за тоа — и на лицето за кое станува збор и на другите. Апостол Павле често ги фалел убавите особини на своите сообожаватели (Римјаните 16:12; Филипјаните 2:19—22; Филимон 4—7). И, секако, она што го создал нашиот Творец е навистина вредно за фалба. Во творештвото наоѓаме богатство теми за да водиме изградувачки разговори (Пословици 6:6—8; 20:12; 26:2).
Води изградувачки разговори
15. Која библиска заповед ги обврзува родителите да водат смисловни разговори со своите деца?
15 Во Второзаконие 6:6, 7 стои: „Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето. Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш“. Јасно, според оваа заповед, родителите треба да водат смисловни, духовни разговори со своите деца.
16, 17. Што можат да научат христијанските родители од примерите на Јехова и на Авраам?
16 Можеме само да си ги замислиме долгите разговори што Исус сигурно ги водел со својот небесен Татко кога дискутирале за неговата доделба на земјата. „Самиот Татко кој ме испрати, ми даде заповед што да кажам и што да зборувам“, им рекол Исус на своите ученици (Јован 12:49; Второзаконие 18:18). Патријархот Авраам мора да посветил многу часови разговарајќи со својот син Исак за тоа како Јехова ги благословил нив и нивните прататковци. Таквите разговори сигурно им помогнале и на Исус и на Исак понизно да се подложат на Божјата волја (Битие 22:7—9; Матеј 26:39).
17 И на нашите деца им се потребни изградувачки разговори. Родителите мораат да најдат време во својот исполнет распоред за да разговараат со своите деца. Ако е можно, зошто не се договорите да седнете заедно како семејство барем на еден оброк во текот на денот? За време на таквите оброци и по нив, ќе има прилики за изградувачки дискусии што можат да бидат скапоцени за духовното здравје на семејството.
18. Раскажи едно искуство што покажува какви се користите од добрата комуникација помеѓу родителите и децата.
18 Алехандро, пионер во своите рани 20-ти, се сеќава на сомневањата што ги имал на 14-годишна возраст. Тој раскажува: „Поради влијанието на соучениците и наставниците, не бев сигурен во тоа дали постои Бог и дали Библијата е автентична. Моите родители минаа многу часови стрпливо разговарајќи со мене. Тие разговори ми помогнаа не само да ги надминам сомневањата што ги имав во тој тежок период туку и да донесувам добри одлуки во мојот живот“. А како стојат работите денес? Алехандро понатаму вели: „Сѐ уште живеам дома. Но, поради нашиот исполнет распоред, татко ми и јас тешко успеваме да разговараме насамо. Затоа, двајцата јадеме заедно еднаш седмично на неговото работно место. Навистина ги ценам тие разговори“.
19. Зошто на сите ни требаат духовни разговори?
19 Зарем не ги цениме и приликите кога водиме наградувачки духовни разговори со нашите соверници? Такви прилики има на состаноците, кога сме во служба на теренот, на друштвените собири и кога патуваме. Павле со радост чекал да разговара со христијаните во Рим. „Копнеам да ве видам“, им напишал тој, „за да ви дадам некој духовен дар со цел да се зацврстите; или, поправо, за да има размена на охрабрување меѓу вас, секој преку верата на другиот, и со вашата и со мојата“ (Римјаните 1:11, 12). „Духовните разговори со сохристијаните задоволуваат една многу важна потреба“, забележува Јоханес, еден христијански старешина. „Тие охрабруваат и го олеснуваат секојдневниот товар. Честопати ги замолувам постарите да ми раскажат за својот живот и за тоа што им помогнало да останат верни. Низ годините зборував со многу од нив, и секој од нив ми пренесе некоја мудрост или поука што ми го збогати животот“.
20. Што можеме да направиме ако сретнеме некој што е срамежлив?
20 Што ако некој не реагира баш кога ќе отвориш некоја духовна тема? Не откажувај се. Можеби во друго време ќе ти се укаже подобра прилика. „Зборови кажани во право време, се златни јаболки во сребрени садови“, забележал Соломон (Пословици 25:11). Покажи разбирање кон оние што се срамежливи. „Советот во човековото срце е длабока вода, и разумниот човек ќе ја исцрпи“a (Пословици 20:5). Над сѐ, никогаш не дозволувај ставовите на другите да те спречат да зборуваш за она што те допрело до срце.
Духовните разговори носат награди
21, 22. Какви користи извлекуваме ако водиме духовни разговори?
21 „Никаков гнил збор да не излегува од вашата уста“, советувал Павле, „туку само оној кој е добар за изградување, според потребата, за на оние кои слушаат да им го даде она што е корисно“ (Ефешаните 4:29; Римјаните 10:10). Можеби ќе биде потребен напор да се насочат разговорите во исправен правец, но тоа носи многу награди. Духовните разговори ни овозможуваат да ја споделуваме со другите нашата вера и да го изградуваме нашето братство.
22 Затоа, да го користиме дарот на говор за да ги изградуваме другите и да го фалиме Бог. Таквите разговори ќе бидат извор на задоволство за нас и извор на охрабрување за другите. Пред сѐ, тие ќе го радуваат Јеховиното срце затоа што тој внимава на нашите разговори и се радува кога го користиме јазикот на исправен начин (Псалм 139:4; Пословици 27:11). Кога нашите разговори се духовни, можеме да бидеме сигурни дека Јехова нема да нѐ заборави. Осврнувајќи се на оние што му служат на Јехова во денешно време, Библијата наведува: „Кога разговараат оние, кои се плашат од Бога, Господ внимава, ги слуша и тоа се запишува пред него во Спомен книгата во полза на оние, кои се бојат од Господа и кои Го почитуваат Неговото име“ (Малахија 3:16; 4:5). Колку само е важно нашите разговори да бидат духовно изградувачки!
[Фуснота]
a Некои бунари во Израел биле многу длабоки. Во Гаваон, археолозите откриле еден голем бунар длабок околу 25 метри. Тој има скалила, кои им овозможувале на луѓето да се спуштат до дното за да нацрпат вода.
Како би одговорил?
• Што откриваат за нас нашите разговори?
• За кои изградувачки работи можеме да зборуваме?
• Каква важна улога играат разговорите во семејниот круг и во христијанското собрание?
• Какви се користите од изградувачките разговори?
[Слики на страница 12]
Изградувачките разговори се сосредоточуваат на . . .
„сѐ што е вистинито“
„сѐ што заслужува сериозно внимание“
„сѐ што е вредно за фалба“
„за кое добро се зборува“
[Извори на слики]
Корица на видеокасета, Сталин: фотографија на армијата на САД; насловна страница на книгата Творец, небулата Орел: Џ. Хестер и П. Скоуен (AZ State Univ.), НАСА
[Слика на страница 13]
Оброците претставуваат прекрасни прилики за да се водат духовни разговори