Изградувај ги другите
1 Со оглед на тоа што живееме во „времиња тешки“, на сите нас ни треба охрабрување (2. Тим. 3:1). Сосема свесен за оваа потреба, уште во свое време, Павле едвај чекал да ги искористи контактите со своите браќа за да ‚размени охрабрувања‘. Ги подбудувал своите браќа ‚да го бараат она, што служи за . . . заемно подобрување еден на друг‘ (Рим. 1:11, 12; 14:19). Овие напори успеале во ‚утврдувањето на душите на учениците и советувањето во верата да бидат постојани‘ (Дела 14:22). Нам денес очајнички ни треба таков вид охрабрување.
2 Можеме да ги изградуваме другите со она што го кажуваме. Кога се употребени соодветно, нашите зборови можат да бидат ‚како златни јаболка во сребрена кошничка‘ (Изр. 25:11). Со учествувањето на состаноците „се охрабруваме еден со друг“ (Евр. 10:25, НС). Нашиот јазик може да се користи на позитивен начин кога раскажуваме искуства, даваме пофалби или дискутираме за духовни работи. Таквата здрава употреба на јазикот е ‚добра за изградување . . . за да им биде корисна на слушателите‘ (Ефеш. 4:29, НС).
3 Зборувај за работи што се изградувачки: Во Филипјаните 4:8, Павле дал корисни упатства за нашиот говор. Тој рекол дека треба да размислуваме за сѐ што е вистинито, сѐ што е од сериозен интерес, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е вредно за љубов, сѐ за кое добро се зборува, за секаква доблест и сѐ што е вредно за пофалба. Можеме секогаш да бидеме сигурни дека она што ќе го кажеме е вистинито и корисно за другите доколку е темелено на Божјата Реч (Јован 17:17). Нашата христијанска предаденост, она што го учиме на собраниските состаноци, начинот на којшто ја извршуваме нашата служба во потполност и слично, се работи од сериозен интерес. Позитивните разговори за мерилата и начелата на Божјата Реч сигурно ќе ни помогнат да станеме ‚мудри за спасение‘ (2. Тим. 3:15). Можеме да го изразиме своето ценење за чесното однесување што го имаат припадниците на Јеховината чиста организација. Можеме да ги фалиме љубезните постапки на доброта од страна на нашите браќа (Јован 13:34, 35). Во работите за кои добро се зборува, спаѓаат здравите христијански особини како вера, радост, мир и долготрпеливост — особини што ги забележуваме кај нашите браќа. Разговорите за такви доблесни работи, достојни за фалба, се ‚добри за изградување‘ на другите (Рим. 15:2, НС).
4 Секој ден сме соочени со обесхрабрувачките грижи на светот. Колку само е освежувачки да се остават настрана тие работи и да се биде во љубезното друштво на нашите браќа! Драгоценото време што можеме да го поминеме заедно е богатство што треба да го цениме. Ако секогаш ги охрабруваме и изградуваме другите, тие навистина ќе речат за нас: „Го успокоија духот мој“ (1. Кор. 16:18).