Можеме ли да имаме доверба во некого?
ПО ПАДОТ на Берлинскиот ѕид во 1989, беа откриени голем број добро чувани тајни. На пример, Лидијаa открила дека за време на социјалистичкиот режим во Источна Германија, Штази, или државната служба за безбедност, имала направено досие за нејзините приватни активности. Иако Лидија била изненадена кога чула за досието, останала запрепастена кога дознала кој ѝ ги давал информациите на Штази — нејзиниот сопруг. Била изневерена од некого во кого требало да може да има потполна доверба.
Роберт бил постар господин што гледал на својот локален доктор со „најголема почит, восхит и доверба“, известува лондонски The Times. За докторот се велело дека е „љубезен и сочувствителен по природа“. Тогаш Роберт неочекувано починал. Дали доживеал срцев удар или мозочен удар? Не. Властите заклучиле дека докторот го посетил Роберт дома и без знаење на Роберт и на неговото семејство му дал смртоносна инјекција. Се чини дека Роберт бил убиен од личност на која потполно ѝ верувал.
И на Лидија и на Роберт им била изневерена довербата, и тоа со сериозни последици. Во други случаи, резултатите не се толку сериозни. Сепак, не е невообичаено да бидеме разочарани од некого во кого имаме доверба. Еден извештај објавен во водечкиот германски институт за анкетирање, Allensbacher Jahrbuch der Demoskopie 1998-2002, открил во една анкета дека 86 проценти од испитаниците биле разочарани од некого во кого ја положиле својата доверба. Можеби и ти си имал слично искуство. Затоа, не треба многу да нѐ изненади тоа што швајцарскиот весник Neue Zürcher Zeitung во 2002 извести дека „во западните индустриски земји односите на меѓусебна доверба веќе со децении се во опаѓање“.
Бавно стекната, брзо изгубена
Што е доверба? Според еден речник, да имаш доверба во другите значи да веруваш дека се чесни и искрени и дека нема да направат ништо за намерно да те повредат. Довербата се стекнува полека, но може да биде изгубена за миг. Покрај толку многу луѓе што сметаат дека нивната доверба била злоупотребена, зарем е чудно што луѓето не се многу спремни да имаат доверба во другите? Според една анкета извршена во Германија во 2002, „помалку од еден од тројца млади има основна доверба во другите“.
Можеби ќе се запрашаме: ‚Можеме ли навистина да имаме доверба во некого? Дали вреди да ја положиме довербата ризикувајќи да бидеме разочарани?‘
[Фуснота]
a Имињата се сменети
[Истакната мисла на страница 3]
Една анкета открила дека 86 проценти од испитаниците биле разочарани од некого во кого ја положиле својата доверба