Complutensian Polyglot — алатка за преведување од историско значење
ОКОЛУ 1455 дошло до револуција во издавањето на Библијата. Јоханес Гутенберг користел печатарска машина за да ја направи првата Библија што некогаш била печатена со подвижни букви. Оковите што ја држеле Библијата во само мал број пишани списи конечно биле раскинати. Конечно, можеле да се произведуваат Библии во голем број и со релативно мали трошоци. Наскоро Библијата станала најдистрибуираната книга во светот.
Гутенберговата Библија била на латински. Но, европските изучувачи наскоро сфатиле дека им треба веродостоен текст на Библијата на нејзините оригинални јазици — хебрејски и грчки. Католичката црква ја сметала латинската Вулгата за единствениот прифатлив превод на Библијата, меѓутоа таа имала два големи недостатока. Во 16 век повеќето луѓе не разбирале латински. Освен тоа, низ период од илјада години, во текстот на Вулгата се насобрале значителен број грешки при препишувањето.
И на преведувачите и на изучувачите им била потребна Библија на оригиналните јазици, како и подобар превод на латински. Во 1502, кардиналот Хименез де Сиснерос, политички и духовен советник на шпанската кралица Изабела I, одлучил да ги задоволи нивните потреби со само една публикација. Оваа алатка за преведување од историско значење станала позната како Complutensian Polyglot. Сиснерос имал намера да направи Polyglot, или повеќејазична Библија, која ќе ги содржи најдобрите текстови на хебрејски, грчки и латински, заедно со некои делови на арамејски. Печатарството сѐ уште било во својот зародиш, па затоа резултатот од ова достигнување бил пресвртница во уметноста на печатењето.
Сиснерос ја започнал оваа задача со застрашувачки размер така што купувал древни хебрејски ракописи, кои во Шпанија ги имало во голем број. Исто така, собрал и разни грчки и латински ракописи. Тие го дале темелот за текстот од Polyglot. Сиснерос им ја доверил работата на збирката на еден тим изучувачи што ги организирал во новооснованиот универзитет во Алкала де Хенарес (Шпанија). Меѓу изучувачите што биле повикани да соработуваат бил и Еразмо Ротердамски, но овој прочуен лингвист ја одбил поканата.
На изучувачите им биле потребни десет години за да го состават ова монументално дело, по што за печатењето биле потребни уште дополнителни четири години. Имало голем број технички проблеми зашто печатарите во Шпанија немале на располагање ни хебрејски, ни грчки ниту, пак, арамејски печатарски букви. Затоа, Сиснерос ги искористил услугите на еден врвен печатар, Арналдо Гилјермо Брокарио, за да ги изработи буквите на овие јазици. Конечно печатарите почнале со печатењето во 1514. Шесте томови биле завршени на 10 јули 1517, само четири месеци пред смртта на кардиналот. Иронично, шестотини примероци од комплетното дело биле отпечатени во исто време кога шпанската Инквизиција била на својот врв.a
Внатрешниот изглед на делото
На секоја страница од Polyglot има богатство од информации. Во четирите тома што ги содржат Хебрејските списи, текстот од Вулгата се наоѓа во средината на секоја страница; хебрејскиот текст ја сочинува надворешната колона; а грчкиот текст, заедно со интерлинеарен превод на латински, внатрешната колона. На маргините се наоѓаат корените на многу хебрејски изрази. Во долниот дел на секоја страница од Пентатеухот, заедно со латинскиот превод издавачите го вклучиле и Targum of Onkelos (арамејска парафраза на првите пет книги од Библијата).
Петтиот том од Polyglot ги содржел Грчките списи во две колони. Во едната бил изнесен грчкиот текст а во другата соодветниот латински текст од Вулгата. Врската помеѓу текстовите на двата јазика била покажана со помош на мали букви што го упатувале читателот до истиот збор во секоја колона. Грчкиот текст во Polyglot бил првата комплетна збирка на Грчките списи, или „Новиот завет“, што некогаш била отпечатена, по која набрзо следело и изданието што го подготвил Еразмо.
Изучувачите обрнале толку големо внимание на коригирањето на текстот од петтиот том што имало само 50 печатни грешки. Поради таквата голема грижа што ја посветиле овие изучувачи, современите критичари го оценуваат овој текст како подобар од познатиот грчки текст на Еразмо. Елегантните грчки букви ѝ биле рамни на едноставната убавина на постарите уницијални ракописи. Во својата книга The Printing of Greek in the Fifteenth Century (Печатењето на грчки во петнаесеттиот век), Р. Проктор вели: „На Шпанија ѝ припаѓа заслугата за тоа што своите први грчки букви ги направила да бидат несомнено најубавите грчки букви што некогаш биле изработени“.
Шестиот том од Polyglot содржел различни помагала за проучување на Библијата: речник на хебрејски и арамејски, објаснувања на грчките, хебрејските и арамејските имиња, хебрејска граматика и латински индекс за речникот. Не изненадува тоа што Complutensian Polyglot е прогласен за „споменик на печатарската уметност и на науката за Библијата“.
Сиснерос имал намера ова дело „да го оживее дотогаш замреното изучување на Писмото“, но немал желба да ја направи Библијата достапна за широката јавност. Тој мислел дека „Речта Божја мора да биде обвиена во превез од мистерии, надвор од досегот на обичниот човек“. Исто така, сметал дека „Писмото треба да биде ограничено на трите древни јазици што Бог дозволил да бидат напишани на натписот што бил над главата на неговиот распнат Син“.b Од оваа причина, во Complutensian Polyglot не бил вклучен каков и да е превод на шпански.
Вулгата наспроти оригиналните јазици
Самата природа на Polyglot довела до некои несогласувања меѓу изучувачите што биле вклучени. Познатиот шпански изучувач Антонио де Небрихаc бил одговорен за ревидирањето на текстот од Вулгата кој требало да се наоѓа и во Polyglot. Иако католичката црква ја сметала Вулгата на Ероним за единствениот одобрен превод, Небриха увидел потреба да ја спореди Вулгата со оригиналните хебрејски, арамејски и грчки текстови. Сакал да ги коригира очигледните грешки што се вовлекле во постоечките примероци на Вулгата.
За да ги отстрани сите разлики меѓу Вулгата и оригиналните јазици, Небриха го наговарал Сиснерос: „Запали ги повторно двата згаснати огна на нашата религија, хебрејскиот и грчкиот јазик. Награди ги оние што се посветуваат на оваа задача“. Исто така, го дал и следниов предлог: „Секојпат кога ќе се појави разлика во латинските ракописи на Новиот завет, треба да се осврнеме на грчките ракописи. Секојпат кога некои латински ракописи се разликуваат меѓусебно или грчките ракописи на Стариот завет се разликуваат од латинските, за да видиме што е точно треба да провериме во автентичниот хебрејски извор“.
Како реагирал Сиснерос? Во својот предговор во Polyglot, Сиснерос јасно го кажал своето мислење: „Латинскиот превод на свети Ероним го ставивме помеѓу преводот на Синагогата [хебрејскиот текст] и преводот на Источната црква [грчкиот текст], исто како што крадците биле закачени, по еден од секоја страна на Исус, кој ја претставува Римската, или латинската, црква“. Според тоа, Сиснерос не му дозволил на Небриха да ја коригира латинската Вулгата за да биде во склад со текстот на оригиналните јазици. На крајот, Небриха одлучил да го напушти проектот наместо да го стави своето име на едно ревидирано дело со недостатоци.
Comma Johanneum
Иако Polyglot од Алкала де Хенарес се покажало како џиновски чекор напред во создавањето на еден подобрен текст на оригиналните јазици на Библијата, понекогаш традицијата преовладувала над знаењето. Вулгата била толку ценета што издавачите се чувствувале обврзани во неколку прилики да го коригираат грчкиот текст од „Новиот завет“ за да се погрижат да одговара на латинскиот наместо да го направат обратното. Еден од овие примери е прочуениот неоригинален текст познат како comma Johanneum.d Ниеден од раните грчки ракописи не ја содржи оваа фраза, која по сѐ изгледа била вметната неколку векови откако Јован го напишал своето писмо; ниту, пак, ја има во најстарите латински ракописи на Вулгата. Затоа Еразмо го исклучил овој вметнат текст од својот „Нов завет“ на грчки.
Издавачите на Polyglot не биле спремни да се откажат од еден стих што со векови бил дел од традиционалниот текст на Вулгата. Затоа го задржале тој неоригинален текст во латинскиот и решиле да го преведат и да го вметнат во грчкиот текст за да ги усогласат двете колони.
Темел за нови преводи на Библијата
Вредноста на Complutensian Polyglot не е одредена само од фактот што заедно со Септуагинтата го содржи првото отпечатено издание на комплетните Грчки списи. Исто како што грчкиот „Нов завет“ на Еразмо станал „Општоприфатен текст“ на Грчките списи (темел за многу преводи на други јазици), хебрејскиот текст од Polyglot го дал основниот текст за Хебрејско-арамејските списи.e Вилијам Тиндејл го користел овој Polyglot како темел за хебрејскиот текст во неговиот превод на Библијата на англиски.
Според тоа, научната работа на тимот што ја изработил Complutensian Polyglot значително придонела за напредокот во изучувањето на Библијата. Тој превод бил издаден во време кога сѐ поголемиот интерес за Библијата низ Европа почнал да го поттикнува нејзиното преведување на јазикот на обичниот народ. Polyglot се покажал како уште една алка во низата потфати што придонеле за да се прочисти и да се зачува грчкиот и хебрејскиот текст. Сето ова е во склад со Божјата намера ‚Божјето испитано [прочистено, NW] слово‘, ‚Словото на нашиот Бог да остане засекогаш‘ (Псалм 18:30; Исаија 40:8; 1. Петрово 1:25).
[Фусноти]
a Шестотини примероци биле направени на хартија, а шест на пергамент. Во 1984 беше отпечатен факсимил со ограничен број копии.
b Хебрејски, грчки и латински (Јован 19:20).
c Небриха се смета за предвесник на шпанските хуманисти (либерални изучувачи). Во 1492 ја издал првата Gramática castellana (Граматика на кастилијанскиот јазик). Три години подоцна одлучил остатокот од својот живот да го посвети на изучување на Светото писмо.
d Неоригиналниот додаток што се наоѓа во некои преводи на Библијата во 1. Јованово 5:7 гласи: „во небото: Таткото, Словото и Светиот Дух; и Овие Три се едно“.
e За преглед на делото на Еразмо, види го англиското издание на Стражарска кула од 15 септември 1982, страници 8—11.
[Слика на страница 29]
Кардинал Хименез де Сиснерос
[Извор на слика]
Biblioteca Histórica. Universidad Complutense de Madrid
[Слика на страница 30]
Антонио де Небриха
[Извор на слика]
Biblioteca Histórica. Universidad Complutense de Madrid
[Извор на слика на страница 28]
Biblioteca Histórica. Universidad Complutense de Madrid