Кралската Библија — значајно дело во изучувањето
ВО ПОЧЕТОКОТ на 16. век, еден брод тргнал од Шпанија и се упатил кон италијанскиот полуостров. Во неговото складиште бил сместен товар од непроценлива вредност — повеќето од отпечатените примероци на библискиот превод Complutensian Polyglot, повеќејазична Библија што била отпечатена помеѓу 1514 и 1517 година. Одеднаш се појавила страшна бура. Членовите на екипажот правеле сѐ за да го спасат бродот, но без успех. Бродот потонал заедно со својот скапоцен товар.
Поради оваа несреќа било потребно да се отпечати ново издание на оваа повеќејазична Библија. Конечно, професионалниот печатар Кристоф Плантан се согласил да ја изврши таа тешка задача. Му требал некој богат покровител што ќе го финансира тоа монументално дело, па затоа го замолил кралот на Шпанија, Филип II, да биде официјален покровител. Пред да донесе одлука, кралот се советувал со различни шпански изучувачи, меѓу кои и прочуениот библиски изучувач Бенито Аријас Монтано. Тој му рекол на кралот Филип: „Освен тоа што ќе послужи во службата за Бог и ќе ѝ користи на Католичката црква, таа многу ќе го прослави кралското име на Вашето Височество и ќе го зголеми ценењето за Вашиот добар глас“.
Едно ревидирано издание на Complutensian Polyglot би претставувало значајно културно достигнување, па затоа Филип одлучил од сѐ срце да го поддржи проектот на Плантан. Тој го задолжил Аријас Монтано да заврши една огромна работа — да издаде еден превод што подоцна бил наречен Royal Bible (Кралска Библија), или Antwerp Polyglot (Повеќејазична Библија од Антверпен).a
Филип бил толку заинтересиран за тоа како напредува работата на оваа повеќејазична Библија што побарал да му биде испратен секој лист за да го провери. Се разбира, Плантан не сакал да чека листот да се испрати од Антверпен во Шпанија, кралот да го прочита и да го коригира, а потоа да го врати. Сѐ завршило со тоа што Филип го добил само првиот лист што бил отпечатен и веројатно некои од првите страници. Во меѓувреме, на Монтано добро му одело вистинското коригирање на текстот, благодарение на скапоцената помош што ја добил од тројца професори од Лувен и од ќерката на Плантан, која била тинејџерка.
Љубов кон Божјата реч
Аријас Монтано добро се сложувал со изучувачите од Антверпен. Поради своите широки погледи му се допаднал на Плантан, и нивното пријателство и соработка траеле до крајот на животот. Монтано отскокнувал од другите не само по своето образование туку и по својата голема љубов кон Божјата реч.b Како млад човек, едвај чекал да ги заврши своите универзитетски студии за да се посвети само на изучување на Светото писмо.
Аријас Монтано сметал дека еден превод на Библијата треба да биде колку што е можно подословен. Настојувал да го преведе токму тоа што било напишано во оригиналниот текст, и со тоа му дал можност на читателот да ја има точната Божја реч. Монтано го следел геслото на Еразмо, кој ги поттикнувал изучувачите „да проповедаат за Христос од оригиналниот текст“. Смислата на оригиналните јазици на кои било пишувано Светото писмо со векови била непозната за народот затоа што му било тешко да ги разбере латинските преводи.
Како било составено ова дело
Аријас Монтано успеал да ги набави сите ракописи што Алфонсо де Замора ги подготвил и ги ревидирал за да се отпечати Complutensian Polyglot. Потоа Монтано ги употребил за да се состави Кралската Библија.c
Кралската Библија во почетокот била замислена како второ издание на Complutensian Polyglot, но станала нешто многу повеќе од обична ревизија. Хебрејскиот и грчкиот текст на Септуагинтата биле земени од Библијата Complutensian Polyglot; потоа биле додадени и нови текстови заедно со еден обемен додаток. Новата повеќејазична Библија на крајот се состоела од осум тома. Се печатела пет години, од 1568 до 1572 — што е многу кратко време со оглед на сложеноста на ова дело. На крајот, биле отпечатени 1.213 примероци.
Додека Complutensian Polyglot од 1517 претставувала „споменик на печатарската уметност“, новата Antwerp Polyglot го надминала својот претходник по својата техничка вредност и по содржината. Таа претставувала уште едно значајно дело во историјата на печатарството и, што е уште поважно, во подготовката на ревидирани текстови на Библијата што ќе послужат како основа за натамошни преводи.
Напади од непријателите на Божјата реч
Не е никакво изненадување тоа што наскоро на сцената се појавиле непријатели што биле против еден точен библиски превод. Иако Antwerp Polyglot била одобрена од папата а Аријас Монтано заслужено уживал репутација на почесен изучувач, тој сепак бил обвинет пред инквизицијата. Противниците рекле дека неговото дело било одраз на новиот ревидиран латински текст на Сантес Пагнинус како уште поточен превод на хебрејските и на грчките оригинални ракописи отколку Вулгатата, која била преведена повеќе векови претходно. Исто така, го обвиниле Монтано дека се служел со оригиналните јазици во својата желба да направи точен превод на Библијата — што тие го сметале за ерес.
Инквизицијата тврдела дури и дека „за кралот не била голема чест што го поддржал и што го финансирал ова дело“. Се жалеле што Монтано не ја истакнувал доволно важноста на Вулгатата, која била во официјална уптореба. И покрај овие обвиненија, не можеле да се најдат доволно докази за да бидат осудени ниту Монтано ниту неговата повеќејазична Библија. На крајот, Кралската Библија била широко прифатена и станала стандрадно дело што се изучувало на многу универзитети.
Корисна алатка за преведување на Библијата
Иако верзијата Antwerp Polyglot не била дело наменето за широката јавност, наскоро станала корисна алатка за преведувачите на Библијата. Исто како нејзиниот претходник, Complutensian Polyglot, оваа Библија придонела за подобрување на текстовите на Светото писмо што биле на располагање во тоа време. Исто така, им помогнала на преведувачите подобро да ги разберат оригиналните јазици. Ова дело било од корист кога се преведувала Библијата на неколку главни европоски јазици. На пример, The Cambridge History of the Bible известува дека преведувачите на прочуениот превод King James Version, или Authorized Version, кој бил издаден во 1611 година, ја користеле Antwerp Polyglot како непроценлива помош во преведувањето од древните јазици. Кралската Библија извршила големо влијание и врз две важни повеќејазични Библии издадени во 17 век. (Види ја рамката „Повеќејазични Библии“.)
Една од многуте заслуги на Antwerp Polyglot била тоа што на европските изучувачи првпат им го ставила на располагање преводот на Грчките списи на старосириски јазик. Тој старосириски текст стоел покрај дословниот латински превод. Тоа било многу корисно, бидејќи старосирискиот превод бил еден од најстарите преводи на Христијанските грчки списи. Бидејќи датира од петтиот век од н.е., преводот на старосириски јазик се темелел на манускрипти што датирале од вториот век од н.е. Според The International Standard Bible Encyclopedia, „општо е призната вредноста на [старосириската] Пешита за да се оцени текстот. Таа е еден од најстарите и најважни извори на информации за древните традиции“.
Ниту разбеснетото море ниту нападите на шпанската инквизиција не спречиле во 1572 повторно да се појави една подобрена и проширена верзија на Complutensian Polyglot, овој пат во облик на Кралската Библија. Историјата на Повеќејазичната Библија од Антверпен е уште еден пример за напорите што ги вложувале искрените луѓе за да ја одбранат и зачуваат Божјата реч.
Сеедно дали биле свесни за тоа или не, со својот несебичен труд овие вредни луѓе покажале дека се точни пророчките зборови на Исаија, кој пред речиси три илјади години напишал: „Тревата се суши, цветот овенува, но Словото на нашиот Бог останува довека“ (Исаија 40:8).
[Фусноти]
a Била наречена Кралска Библија затоа што била финансирана од кралот Филип, а била наречена и Повеќејазична Библија од Антверпен затоа што била отпечатена во градот Антверпен, кој во тоа време ѝ припаѓал на Шпанската империја.
b Тој вешто зборувал арапски, грчки, латински, старосириски и хебрејски, петте главни јазици што се користеле во повеќејазичната Библија. Освен тоа, имал големо познавање од областа на археологијата, медицината, природните науки и теологијата, науки што добро ги искористил кога го подготвувал додатокот на ова дело.
c За објаснување на значењето на библискиот превод Complutensian Polyglot, види Стражарска кула од 15 април 2004.
[Истакната мисла на страница 13]
„А речта на нашиот Бог ќе остане засекогаш“
[Рамка/слики на страница 12]
ПОВЕЌЕЈАЗИЧНИ БИБЛИИ
„Повеќејазична Библија е онаа што содржи текст на различни јазици“, објаснува шпанскиот изучувач Федерико Перес Кастро. „Меѓутоа, по традиција, овој термин се однесува за Библиите чиј текст е на оригиналните јазици. Според ова ограничено сфаќање на овој термин, бројот на повеќејазични Библии е многу мал.“
1. Complutensian Polyglot (1514-1517), финансирана од кардинал Сиснерос, била отпечатена во Алкала де Хенарес, во Шпанија. Нејзините шест тома го содржеле библискиот текст на четири јазика: хебрејски, грчки, арамејски и латински. На преведувачите во 16 век овој текст им служел како основа за превод на Хебрејско-арамејските списи.
2. Antwerp Polyglot (1568-1572), што ја издал Бенито Аријас Монтано, во која кон текстот на Complutensian Polyglot бил додаден и старосирискиот превод Пешита на Христијанските грчки списи, како и арамејскиот Таргум на Јонатан. Хебрејскиот текст, во кој биле означени самогласките и акцентот, бил ревидиран според хебрејскиот текст што бил добиен од Јаков бен Хајим. Со тоа станал стандрден текст на Хебрејските списи што го користеле преведувачите на Библијата.
3. Paris Polyglot (1629-1645) била финансирана од францускиот адвокат Ги Мишел ле Же. Била изработена под влијание на Antwerp Polyglot, иако содржела и некои самариски и арапски текстови.
4. London Polyglot (1655-1657), издадена од Брајан Волтон, исто така се базирала на Antwerp Polyglot. Оваа повеќејазична Библија содржела древни преводи на Библијата на етиопски и на персиски јазик, иако тие не му додале некоја голема јасност на библискиот текст.
[Извори на слики]
Транспарент и примероци на Antwerp Polyglot (двете долу): Biblioteca Histórica. Universidad Complutense de Madrid; Antwerp Polyglot (горе): Со љубезна дозвола на Museum Plantin-Moretus/Stedelijk Prentenkabinet Antwerpen; London Polyglot: Од книгата The Walton Polyglot Bible, Vol. III, 1655-1657
[Слика на страница 9]
Филип II, кралот на Шпанија
[Извор на слика]
Филип II: Biblioteca Nacional, Madrid
[Слика на страница 10]
Аријас Монтано
[Извор на слика]
Монтано: Biblioteca Histórica. Universidad Complutense de Madrid
[Слика на страница 10]
Оригиналните печатарски преси во Антверпен (Белгија)
[Извор на слика]
Преса: Со љубезна дозвола на Museum Plantin-Moretus/Stedelijk Prentenkabinet Antwerpen
[Слики на страница 11]
Лево: Кристоф Плантан и насловната страница на Antwerp Polyglot
[Извор на слика]
Насловната страница и Плантан: Со љубезна дозвола на Museum Plantin-Moretus/Stedelijk Prentenkabinet Antwerpen
[Слика на страница 11]
Горе: Излез, поглавје 15, во текст во четири колони
[Извор на слика на страница 9]
Насловната страница и Плантан: Со љубезна дозвола на Museum Plantin-Moretus/Stedelijk Prentenkabinet Antwerpen
[Извор на слика на страница 13]
Biblioteca Histórica. Universidad Complutense de Madrid