Кристоф Плантан — пионер во печатењето на Библијата
ЈОХАНЕС ГУТЕНБЕРГ (околу 1397-1468) е познат по тоа што прв отпечатил Библија со помош на подвижни печатарски букви. За разлика од него, Кристоф Плантан не им е познат на многу луѓе. Тој бил пионер во печатењето што одиграл важна улога во тоа многу книги и Библии да им бидат достапни на луѓето во светот во 1500-тите години.
Кристоф Плантан е роден некаде во 1520 година во Сен Авертен (Франција). Бидејќи сакал да живее во земја каде што владеел потолерантен став кон религијата и каде што економската состојба била подобра отколку во Франција, Плантан се преселил во Антверпен, во денешна Белгија, кога сѐ уште немал ни 30 години.
Плантан ја започнал својата кариера како подврзувач на книги и изработувач на производи од кожа. Богатите луѓе многу ги купувале неговите раскошно украсени кожни производи. Меѓутоа, по еден настан што се случил во 1555 година, Плантан морал да ја промени својата професија. Додека одел да ја однесе кожната кутија што била порачана за цар Филип II од Шпанија, кој владеел и со територијата што денес им припаѓа на Белгија, Холандија и Луксембург, Плантан бил нападнат во една улица во Антверпен. Некои пијани луѓе му го проболе рамото со меч. Иако раната му заздравела, повеќе не можел да врши рачна работа и затоа морал да се откаже од својот занает. Со финансиска помош од Хендрик Никлас, кој бил водач на една анабаптистичка група, Плантан почнал да се занимава со печатарство.
„Работа и истрајност“
Плантан ја нарекол својата печатница De Gulden Passer (Златниот шестар). На неговиот заштитен знак биле нацртани два златни шестара и имало натпис Labore et Constantia, што значи „Работа и истрајност“. Овој заштитен знак сосема му прилегал на овој трудољубив човек.
Бидејќи живеел во ера на големи верски и политички пресврти во Европа, Плантан сакал да избегне неволја. Поважна од сѐ друго му била печатарската дејност. Иако ја симпатизирал протестантската реформација, тој „покажал нејасен став во поглед на религијата“, вели авторот Мавриц Сабе. Затоа, за Плантан се ширеле гласини дека печати еретички книги. На пример, во 1562 година, тој морал да избега во Париз и таму да остане подолго од една година.
Кога Плантан се вратил во Антверпен во 1563 година, почнал да соработува со некои богати трговци, од кои неколку биле познати по своите калвинистички верувања. Во текот на едно петгодишно партнерство, од печатарските преси на Плантан излегле 260 различни дела. Меѓу нив имало Библии на хебрејски, грчки и латински јазик, како и прекрасно украсени изданија на холандската католичка Louvain Bible (Библијата од Лувен).
„Најважно достигнување во печатарството“
Во 1567 година, во периодот кога на територијата на денешни Белгија, Холандија и Луксембург се засилувал отпорот против шпанското владеење, шпанскиот цар Филип II го испратил војводата од Алба да служи таму како гувернер. Со целосно овластување од царот, војводата настојувал да го задуши сѐ поголемиот отпор од страна на протестантите. Затоа Плантан започнал еден огромен проект што се надевал дека ќе ги отстрани сите сомневања за ерес. Тој многу сакал да отпечати едно школско издание на библиски текстови на нивниот оригинален јазик. За ова ново издание, Плантан успеал да ја добие поддршката од Филип II. Овој цар ветил дека ќе даде финансиска помош и го испратил познатиот хуманист Аријас Монтано да го надгледува проектот.
Монтано бил надарен за јазици и работел по 11 часа на ден. Нему му помагале лингвисти од Шпанија, Белгија и Франција. Тие имале цел да подготват нова верзија на прочуената Complutensian Polyglot (Повеќејазична Библија).a Освен латинската Вулгата, грчката Септуагинта и оригиналниот хебрејски текст, новата Повеќејазична Библија на Плантан ги вклучувала и арамејскиот Таргум и сириската Пешита, како и нивниот буквален превод на латински јазик.
Печатењето започнало во 1568 година. Овој огромен потфат бил завршен во 1573. За тие услови, тоа било кратко време. Во едно писмо до царот Филип II, Монтано напишал: „За еден месец овде е направено повеќе отколку во Рим за една година“. Плантан отпечатил 1.213 примероци од новата Повеќејазична Библија, а секој од нив се состоел од комплет од осум големи томови. На насловната страница биле нацртани лав, бик, волк и јагне како јадат заедно од исто корито, слика, каква што ни пренесуваат зборовите од Исаија 65:25. Еден комплет кој сѐ уште не бил подврзан во една книга чинел 70 гулдени — прилично висока сума, бидејќи во тоа време едно просечно семејство заработувало околу 50 гулдени годишно. Целиот комплет бил познат како Antwerp Polyglot (Повеќејазична Библија од Антверпен). Бил наречен и Biblia Regia (Кралска Библија), затоа што нејзиното печатење го финансирал царот Филип II.
Иако папата Гргур XIII го одобрил печатењето на оваа Библија, Аријас Монтано бил жестоко критикуван за својата работа. Една причина била таа што Монтано сметал дека оригиналниот хебрејски текст е подобар од латинската Вулгата. Неговиот главен противник бил Леон де Кастро, шпански теолог што сметал дека латинската Вулгата е апсолутно меродавна. Де Кастро го обвинил Монтано дека го расипува текстот со филозофија против тројството. На пример, де Кастро особено замерувал што од сириската Пешита бил испуштен неавтентичниот текст што бил додаден во 1. Јованово 5:7, „на небото, Таткото, Речта и Светиот дух: и овие три се едно“ (King James Version). Меѓутоа, шпанската инквизиција го ослободила Монтано од сите сомненија за ерес. Повеќејазичната Библија од Антверпен некои ја сметаат за „најважното достигнување во печатарството од еден единствен печатач во 16 век“.
Трајна корист
Повеќето печатари од тоа време имале само по две или три печатарски преси. Меѓутоа, на врвот на своето печатење, Плантан веројатно имал 22 печатарски преси и 160 работници. Во земјите каде што се зборувал шпанскиот јазик стекнал глас на главен печатар.
Во меѓувреме, на територијата на денешни Белгија, Холандија и Луксембург сѐ повеќе сѐ засилувал отпорот против шпанската власт. Во Антверпен се разгореле конфликти. Во 1576 година, шпанските наемници што не добиле плата се побуниле и го опљачкале градот. Биле запалени повеќе од 600 куќи, а илјадници жители на Антверпен биле убиени. Трговците избегале од градот. Тоа значело голема финансиска загуба за Плантан. Освен тоа, морал да им плати на бунтовниците неверојатно висок данок.
Во 1583 година, Плантан се преселил во Лајден, град на околу 100 километри северно од Антверпен. Таму отворил една печатница и бил поставен за печатар за универзитетот во Лајден, институција што ја основале калвинистичките протестанти. Повторно биле изнесени старите обвиненија дека ја изневерил католичката црква. Затоа Плантан се вратил во Антверпен кон крајот на 1585 година, кратко откако градот повторно потпаднал под шпанска власт. Тогаш веќе имал 60 години, и во Златниот шестар имало само уште четворица вработени што работеле на една единствена преса. Плантан почнал повторно да ја гради печатницата. Меѓутоа, таа никогаш повторно не станала како порано, а Плантан умрел на 1 јули 1589 година.
Во период од 34 години, Кристоф Плантан отпечатил 1.863 изданија на книги, што во просек изнесува речиси 55 секоја година. Дури и денес, тоа би било извонреден потфат за еден самостоен печатар! Иако самиот Плантан не зазел цврст став во поглед на религијата, со неговата дејност било унапредено не само печатењето туку и проучувањето на вдахновеното Свето писмо (2. Тимотеј 3:16). Всушност, Плантан и печатарите од негово време многу придонеле Библијата да им стане достапна на обичните луѓе.
[Фуснота]
a Оваа повеќејазична Библија била издадена во 1517 година. Текстот во неа бил на хебрејски, грчки и латински и некои делови на арамејски јазик. Види ја статијата „Complutensian Polyglot — алатка за преведување од историско значење“, во Стражарска кула од 15 април 2004, страници 28-31.
[Рамка/слика на страница 15]
МУЗЕЈОТ ПЛАНТАН-МОРЕТУС
Зградата во градот Антверпен каде што живееле и работеле Плантан и неговите потомци била отворена за јавноста како музеј во 1877 година. Ниедна друга печатница од тој период не е толку зачувана. Во неа се изложени пет печатарски преси од 17 и 18 век. Уште две други — најстарите што се познати во светот — датираат речиси од времето на Плантан. Во музејот има околу 15.000 матрици што се користеле за леење на буквите, 15.000 дрвени калапи и 3.000 изгравирани бакарни плочи. Библиотеката на музејот содржи 638 манускрипти што датираат од 9 до 16 век, како и 154 книги отпечатени пред 1501 година. Меѓу нив има и една оригинална Гутенбергова Библија што датира од времето пред 1461 година, како и една од прочуените Повеќејазични Библии од Антверпен што ги отпечатил Плантан.
[Слика на страница 15]
Аријас Монтано
[Слика на страница 16]
Повеќејазичната Библија од Антверпен содржи хебрејски текст, латинската „Вулгата“ и грчката „Септуагинта“, како и сириската „Пешита“ и арамејскиот Таргум заедно со нивниот превод на латински јазик
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Plantin-Moretus/Stedelijk Prentenkabinet Antwerpen
[Извор на слика на страница 15]
Двете слики: Со љубезна дозвола на Museum Plantin-Moretus/Stedelijk Prentenkabinet Antwerpen