Стремежот на човекот да му угоди на Бог
„НЕМА ниедно човечко општество во кое Бог не одиграл улога, обично улога на контролор и на создател. Тоа е случај дури и во оние општества што намерно избрале да бидат секуларни.“ Вака вели Џон Боукер во својата книга God—A Brief History (Бог — кратка историја). Во секој случај, стремежот да се најде Бог и да се стекне неговата наклоност се проткајува низ човечкото однесување. Низ целиот свет, многумина имаат искрена желба да му угодат на Бог. Се разбира, начинот на кој се обидуваат да го сторат тоа се разликува во зависност од нивните верувања.
Некои веруваат дека сѐ што е потребно за да се добие Божјата наклоност е да се води чесен живот. Други мислат дека ќе добијат одобрување од Бог ако прават добротворни дела за сиромашните. Исто така, на милиони луѓе им се важни религиозните церемонии и ритуали.
Од друга страна, пак, има и такви кои веруваат дека Бог е надвор од човечки дофат — премногу далечен и премногу зафатен со други работи за да им обрне внимание на обичните луѓе. Се известува дека древниот грчки филозоф Епикур верувал дека ‚боговите се премногу далечни за да ти наштетат или да ти направат добро‘. Сепак, голем број од оние што имаат вакво мислење се религиозни. Некои можеби дури и принесуваат жртви и изведуваат ритуали со надеж дека ќе ги смират своите мртви предци.
Што мислиш ти? Дали Бог навистина ги забележува напорите што ги правиме за да ја стекнеме неговата наклоност? Можно ли е да допреме до срцето на Бог и да му угодиме?
[Извор на слика на страница 2]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Со љубезна дозвола на Англо-австралиската опсерваторија, фотографија на Дејвид Малин