Бестрашен „скитник заради евангелието“
СЕ ВЕЛИ дека на 18 години, Џорџ Бороу знаел 12 јазици. Две години подоцна можел „лесно и со префинетост“ да преведува на 20 различни јазици.
Во 1833, Британското библиско и инострано друштво во Лондон (Англија) го поканило на интервју овој необично талентиран човек. Не можејќи да си го финансира патувањето, но сепак решен да ја искористи таа поволна прилика, 30-годишниот Бороу од својот дом во Нориџ пропешачил 180 километри и тоа за само 28 часа.
Библиското друштво му дало една тешка задача — за шест месеци да научи манџуриски, јазик што се зборувал во делови од Кина. Побарал учебник по граматика, но сѐ што можеле да му дадат бил еден примерок од евангелието на Матеј на манџуриски и еден манџуриско-француски речник. Сепак, по 19 седмици пишал до Лондон: „Научив манџуриски“, со „помош од Бог“, како што самиот се изразил. Ова достигнување било уште позначајно зашто се вели дека во исто време го коригирал евангелието на Лука на нахуатл, еден од староседелските јазици во Мексико.
Библијата на манџуриски
Во 17 век, кога првпат се појавил во пишана форма користејќи писмо што било позајмено од монголската ујгурска азбука, манџурискиот бил јазикот што се користел во официјалните кругови во Кина. Иако со текот на времето сѐ помалку се користел, членовите на Британското и инострано библиско друштво имале желба да ја отпечатат и да ја дистрибуираат Библијата на манџуриски. Во 1822 финансирале издание на 550 примероци на евангелието на Матеј преведено од Степан В. Липофтсоф. Тој бил член на руското Министерство за надворешни работи и имал живеено во Кина 20 години. Евангелието било печатено во Санкт Петербург, но биле дистрибуирани само неколку примероци, а останатите биле уништени во поплава.
Набрзо следел превод на целокупните Грчки христијански списи. Интересот за Библијата се зголемил кога во 1834 била откриена верзија на еден древен ракопис на поголемиот дел од Хебрејските списи. Кој би можел да го организира ревидирањето на постоечката Библија на манџуриски и да го доврши преводот? Британското и инострано библиско друштво го испратило Џорџ Бороу да се зафати со оваа работа во нивно име.
Во Русија
Откако пристигнал во Санкт Петербург, Бороу се посветил на подлабоко изучување на манџурискиот јазик за да може поточно да го коригира и да го подготви за печатење библискиот текст. Сепак, задачата била напорна и работел по 13 часа на ден помагајќи да се подготват печатарските букви за Новиот завет, кој подоцна бил опишан како „прекрасно издание направено на ориентален начин“. Во 1835 биле отпечатени илјада примероци. Но, копнежот на Бороу да ги однесе во Кина и да ги дистрибуира таму бил осуетен. Руската влада, плашејќи се дека на тоа би можело да се гледа како на мисионерски потфат кој веројатно би ги загрозил пријателските односи со нејзиниот сосед, одбила да му дозволи да отпатува до кинеската граница дури кога би носел и „една единствена Библија на манџуриски“ со себе.
Околу десет години подоцна биле дистрибуирани неколку примероци, а преводот на евангелијата на Матеј и на Марко, со паралелни колони на манџуриски и на кинески, излегол во 1859. Меѓутоа, дотогаш поголемиот број луѓе што можеле да читаат на манџуриски повеќе сакале да читаат на кинески, и изгледите за целосна Библија на манџуриски почнале да бледнеат. Всушност, манџурискиот јазик бил во изумирање, и наскоро бил истиснат од кинескиот. Тој преод завршил во 1912 кога Кина станала република.
Пиринејскиот Полуостров
Зајакнат од своите искуства, Џорџ Бороу се вратил во Лондон. Во 1835 добил нова доделба во Португалија и Шпанија „за да открие колку се луѓето умствено подготвени да ги добијат вистините на христијанството“, како што подоцна рекол тој. Во тоа време, поради распространетите политички и социјални немири, Британското библиско и инострано друштво уште немало стигнато до тие две земји. Бороу уживал да се впушта во разговори околу Библијата со луѓето од селските заедници во Португалија, но за кратко време верската апатија и рамнодушност на кои наишол таму го натерале да премине во Шпанија.
Во Шпанија наишол на поинаков предизвик, особено со Ромите кои Бороу наскоро многу ги засакал, бидејќи го зборувал нивниот јазик. Набрзо откако пристигнал, почнал да го преведува „Новиот завет“ на шпански ромски јазик, хитано. За дел од овој потфат замолил две Ромки да му помогнат. Тој им ја читал верзијата на шпански и потоа ќе ги замолел да му ја преведат. На тој начин, можел да ја научи исправната употреба на ромските идиоми. Како резултат на овој напор, пролетта 1838 било издадено евангелието на Лука, што навело еден бискуп да изјави: „Тој ќе ја преобрати цела Шпанија со ромскиов јазик“.
Џорџ Бороу имал овластување да најде „некој способен да го преведе Писмото на баскиски јазик“. Таа задача му била доверена на д-р Отеиса, лекар „добро упатен во тој јазик, од кој и јас имам некакво познавање“, напишал Бороу. Во 1838, евангелието на Лука било првата библиска книга што излегла на шпански баскиски јазик.
Поттикнат од желбата да ги просветли обичните луѓе, Бороу одел на долги, честопати опасни патувања за да ги дистрибуира книгите од Библијата меѓу сиромашните луѓе во селските заедници. Сакал да ги ослободи од верското незнаење и од суеверието. Разоткривајќи дека индулгенциите што ги купувале се безвредни, тој, на пример, резонирал: „Зарем е можно Бог, кој е добар, да го одобри тргувањето со гревот?“ Но Библиското друштво, страхувајќи дека едно такво иконокластично дело би можело да предизвика нивните активности да бидат забранети, му наредило да се концентрира исклучително на дистрибуирањето на Библијата.
Бороу добил усна дозвола да го печати El Nuevo Testamento, Новиот завет на шпански, без доктринарните забелешки на римокатоличката црква. Дозволата била дадена и покрај тоа што премиерот, кој го опишал преводот како опасна и „непристојна книга“, во почетокот се противел на тоа. Потоа Бороу отворил магацин во Мадрид за да го продава својот Нов завет на шпански, чекор што го довел во судир и со верските водачи и со световните власти. Поминал 12 дена в затвор. Кога протестирал, од Бороу било побарано мирно да си замине. Бидејќи добро знаел дека е незаконски затворен, го навел примерот на апостол Павле и избрал да остане сѐ додека не е исправно ослободен од вината, без ниедна дамка на неговото име (Дела 16:37).
До 1840, кога неговиот ревносен пратеник ја напуштил Шпанија, Библиското друштво можело да рече: „Во последниве пет години, во Шпанија беа пуштени во оптек речиси 14.000 примероци на Библијата“. Бороу, кој одиграл голема улога во ова, го сумирал своето искуство во Шпанија како „најсреќните години во мојот живот“.
The Bible in Spain (Библијата на шпански), првпат објавена во 1842 — и сѐ уште се печати — е личен живописен извештај на Џорџ Бороу за неговите патувања и авантури. Во оваа книга, која веднаш доживеала успех, тој самиот се нарекува „скитник заради евангелието“. Напишал: „Имав намера да ги посетам скриените и осамени места меѓу карпестите ридови и планини и на мој начин да разговарам со луѓето за Христос“.
Со тоа што ја дистрибуирал и ја преведувал Библијата со таков ентузијазам, Џорџ Бороу поставил темел и за други по него — навистина скапоцена чест.
[Карта на страница 29]
(Види во публикацијата)
Напорите на Џорџ Бороу да ја преведе и да ја дистрибуира Библијата го однеле од 1) Англија до 2) Русија, 3) Португалија и 4) Шпанија
[Извор на слика]
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc
[Слика на страница 28]
Уводните зборови од евангелието на Јован на манџуриски, печатено во 1835, се чита од горе надолу одлево надесно
[Извор на слика]
Од книгата The Bible of Every Land (Библијата на секоја земја), 1860
[Извор на слика на страница 27]
Од книгата The Life of George Borrow (Животот на Џорџ Бороу) од Клемент К. Шортер, 1919