Таа ги споделила своите верувања со соучениците
САКАШ ли да им помогнеш на своите соученици подобро да ги сфатат твоите верувања што се темелат на Библијата? Магдалена, 18-годишна средношколка од Полска, честопати разговара со соучениците за своите верувања како Јеховин сведок. Како резултат на тоа, честопати ѝ поставуваат прашања како: ‚Што значи тоа да се биде Јеховин сведок?‘ и ‚Зарем не верувате во Исус Христос‘? Како можела да им помогне на своите соученици? Магдалена му се молела на Јехова да ѝ даде водство и потоа постапувала во склад со своите молитви (Јаков 1:5).
Еден ден, Магдалена ја замолила професорката, која ги почитува верувањата на Магдалена, ако може да му ја прикаже на класот видеокасетата Јеховини сведоци — организација зад името.a Професорката се согласила. Магдалена им рекла на соучениците: „Договорив еден пријател да изнесе 90-минутна програма пред класот. Ќе има видео презентација и дискусија во врска со Јеховините сведоци. Сакате ли да дојдете?“ Сите рекле ‚да‘. Магдалена и Војчех, искусен полновремен евангелизатор, почнале да се подготвуваат за проектот.
Планот бил да ја почнат презентацијата со 20-минутен говор темелен на брошурата Јеховините сведоци — кои се тие? Што веруваат?b по кој ќе следи дискусија со прашања и одговори. Потоа, во училишната библиотека ќе биде прикажана видеокасетата. На секој ученик од класот ќе му дадат подарок — еден голем плик во кој ќе има неколку брошури, книгата Младите прашуваат — Делотворни одговориc и некои трактати и списанија.
На денот на презентацијата биле присутни 14 соученици, професорката и 4 други ученици што се затекле во библиотеката. Војчех најпрво објаснил дека голем број полски поети и писатели во своите дела го користеле Божјето име, Јехова. Исто така, навел дека и некои стари католички катехизми го содржат Божјето име. Кога ја објаснувал современата активност на Јеховините сведоци, покажал брошури од различни канцеларии на подружниците и фотографии од повеќе Собирни сали.
Следела жива дискусија. Магдалена и Војчех ја користеле Библијата за да одговорат на прашањата. Ова оставило впечаток кај присутните и ги уверило дека Јеховините сведоци не проповедаат сопствени идеи. Кои биле некои од прашањата, и како биле одговорени?
Прашање: Библијата е полна со нејасен јазик и метафори, кои можат да се толкуваат на различни начини. Како е можно да се живее во склад со Библијата?
Одговор: Некои велат дека Библијата е како виолина на која може да ја отсвириш која и да сакаш мелодија. Но, размисли: Ако сакаш да дознаеш што мисли авторот со својата изјава, зарем не е најдобро едноставно да го прашаш него? За разлика од мртвите писатели на делата напишани од луѓе, Авторот на Библијата, Јехова Бог, е жив (Римјаните 1:20; 1. Коринќаните 8:5, 6). Контекстот на некој стих може да укаже на точното толкување. Освен тоа, Библијата честопати ја обработува истата тема на неколку места, затоа може да биде од помош ако направиме споредба. Така, можеме да му дозволиме на Бог да ги води нашите мисли, како тој самиот да ни го објаснува стихот. На тој начин, можеме да ја запознаеме и да живееме во склад со неговата волја што ни е откриена во Библијата, зарем не?
Прашање: Која е разликата помеѓу христијаните и Јеховините сведоци?
Одговор: Ние сме христијани! Но, наместо само да тврдат дека се христијани, Јеховините сведоци се трудат да живеат во склад со она во што веруваат и со она на што Бог ги поучува за нивна корист (Исаија 48:17, 18). Затоа што сите нивни учења се темелат на Библијата, тие знаат дека ја имаат вистината (Матеј 7:13, 14, 21—23).
Прашање: Зошто им приоѓате на потполно непознати луѓе и настојувате да разговарате со нив? Зарем со тоа не им ја наметнувате својата вера на другите?
Одговор: Дали мислите дека е погрешно кога некој на улица ти зборува учтиво и те прашува што мислиш ти за нешто? (Еремија 5:1; Софонија 2:2, 3). (Потоа, Војчех и Магдалена покажале како прашуваат некој минувач дали Бог се грижи за оние што настрадале во неодамнешната поплава во Полска.) Откако ќе го чуеме мислењето на лицето, укажуваме на Библијата. Ако некој не сака да слуша, му посакуваме сѐ најдобро и си заминуваме (Матеј 10:11—14). Зарем со тоа ги присилуваме другите да разговараат со нас? Или, пак, луѓето повеќе не треба да разговараат еден со друг?
Прашање: Зошто не славите празници?
Одговор: Ние го одбележуваме единствениот настан којшто Библијата ни заповеда да го славиме — Меморијалот на смртта на Исус Христос (1. Коринќаните 11:23—26). Што се однесува до празниците, можете да дознаете за нивното потекло ако побарате во енциклопедиите или во некои други веродостојни извори. Ако го направите тоа, лесно ќе сфатите зошто не ги одбележуваме таквите настани (2. Коринќаните 6:14—18).
Беа поставени и одговорени уште многу други прашања. Дискусијата траеше толку долго што видео презентацијата мораше да се одложи.
Како реагираа учениците? Нека ни каже Магдалена: „Бев изненадена што некои ученици кои обично се однесуваат неразумно и кои се подигруваат со другите поставуваа сериозни прашања. Иако тврдеа дека се атеисти, во текот на дискусијата покажаа вера во Бог!“ Присутните благодарно ги прифатиле подароците — им биле дадени вкупно 35 книги, 63 брошури и 34 списанија.
Колку прекрасни резултати од еден училишен проект! Не само што овој проект им помогнал на соучениците на Магдалена да ги запознаат и подобро да ги сфатат Јеховините сведоци туку и охрабрил многумина од младите луѓе да размислат за смислата на животот. Зошто не се потрудиш и ти не им помогнеш на твоите соученици да дознаат повеќе за она во што веруваш?
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.
b Издадена од Јеховините сведоци.
c Издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 31]
Магдалена и Војчех се подготвуваат за дискусијата