Во потрага по добро водство
„Оди си, ти велам, готово е со тебе. Во име Божје, бегај!“ (Оливер Кромвел; цитиран од Леополд Ејмери, член на Британскиот парламент).
Втората светска војна беснеела веќе осум месеци, а на Британија и на нејзините сојузници не им одело на добро. Леополд Ејмери и некои други во владата сметале дека е потребна промена во раководството. Па така, на 7 мај 1940, во Долниот дом на британскиот парламент, г-н Ејмери му ги цитирал горенаведените зборови на премиерот Невил Чемберлејн. Три дена подоцна, г-н Чемберлејн си дал оставка, а на негово место дошол Винстон Черчил.
ПОТРЕБАТА од водство е основна човекова потреба, но не е доволно да се има каков и да било водач. Дури и во едно семејство, таткото мора да е способен да преземе водство ако сака неговата жена и деца да бидат среќни. Тогаш, замисли само што би се барало од еден национален или светски водач! Ништо чудно што се покажало дека е многу тешко да се најде добар водач.
Како последица од ова, во текот на илјадници години имало безброј крунисувања, револуции, државни удари, наименувања, избори, атентати и промена на режими. Цареви, премиери, кнезови, претседатели, генерални секретари и диктатори доаѓале на власт и си заминувале. Со неочекувани промени биле отстранувани од власт дури и моќни владетели. (Види ја рамката „Наеднаш отстранети од власт“, на 5. страница.) И покрај сѐ, луѓето никако не успеале да најдат едно способно и трајно водство.
„Мораме да се снаоѓаме со тие што ги имаме“ — дали?
Затоа, кога станува збор за тоа да се најде добро водство, не е чудо што мнозина изгубиле секаква надеж. Во некои земји, посебно за време на изборите станува очигледно колку луѓето се чувствуваат рамнодушно и безнадежно. Џеф Хил, новинар од Африка, забележал: „Кога луѓето се чувствуваат немоќни да ја променат бедата во која живеат, владее рамнодушност и тие не [гласаат] . . . Во Африка, кога луѓето не гласаат, не мора да значи дека се задоволни. Честопати тоа е само повик за помош од оние што мислат дека никој не ги слуша“. На сличен начин, во врска со претстојните избори во Соединетите Држави еден новински колумнист напишал: „Би сакал во трката за претседател да имаше совршен кандидат“. Тој додал: „Но, таков не постои. Никогаш нема таков. Мора да се снаоѓаме со тие што ги имаме“.
Дали човештвото навистина нема друг избор освен да ‚се снаоѓа‘ со несовршени водачи? Дали фактот што човечките водачи не биле способни да ги задоволат потребите на своите поданици е доказ дека никогаш нема да имаме добро водство? Не. На располагање ни е најдоброто можно водство. Во следната статија ќе разгледаме кој е идеалниот водач за човештвото и како неговото водство може да им користи на милиони луѓе од најразлично потекло — вклучувајќи те и тебе.
[Слики на страница 3]
Горе лево: Н. Чемберлејн
Горе десно: Л. Ејмери
Долу: В. Черчил
[Извори на слики]
Чемберлејн: фотографија на Jimmy Sime/Central Press/Getty Images; Ејмери: фотографија на Kurt Hutton/Picture Post/Getty Images; Черчил: The Trustees of the Imperial War Museum (MH 26392)