Прогонувани, а сепак среќни
„Среќни сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат и лажно зборуваат секакво зло против вас“ (МАТЕЈ 5:11).
1. Што ги уверил Исус своите следбеници во врска со среќата и прогонството?
КОГА првпат ги испратил своите апостоли да проповедаат за Царството, Исус ги предупредил дека ќе се соочат со противење. Им рекол: „Ќе бидете предмет на омраза кај сите луѓе поради моето име“ (Матеј 10:5—18, 22). Меѓутоа, претходно, во својата Проповед на гората, ги уверил своите апостоли и другите дека таквото противење не мора да им го загрози длабокото чувство на среќа. Всушност, Исус дури и покажал дека постои врска помеѓу тоа да се биде среќен и да се биде прогонуван како христијанин! Како може прогонството да донесе среќа?
Да се страда поради праведност
2. Според зборовите на Исус и на апостол Петар, кое страдање донесува среќа?
2 Осмата причина за среќа што Исус ја навел е: „Среќни се оние кои се прогонувани поради праведност, бидејќи ним им припаѓа небесното царство“ (Матеј 5:10). Страдањето само по себе не заслужува пофалба. Апостол Петар напишал: „Каква е заслугата ако поднесувате кога грешите и ве удираат? Но ако трпите затоа што правите добро и поднесувате, тоа му е угодно на Бог“. Понатаму рекол: „Меѓутоа, никој од вас да не страда како убиец или крадец или злосторник или како некој кој се меша во туѓи работи. Но, ако страда како христијанин нека не се срами, туку нека го прославува Бога во тоа име“ (1. Петрово 2:20; 4:15, 16). Според зборовите на Исус, кога се поднесува поради праведност, страдањето донесува среќа.
3. а) Што значи да се биде прогонуван поради праведност? б) Како влијаело прогонството врз раните христијани?
3 Вистинската праведност се мери по тоа колку некој се повинува на Божјата волја и на неговите заповеди. Оттука, некој да страда поради праведност значи да страда поради тоа што се спротивставува на притисокот да ги прекрши Божјите мерила или барања. Апостолите биле прогонувани од еврејските водачи затоа што одбивале да прекинат да проповедаат во името на Исус (Дела 4:18—20; 5:27—29, 40). Дали ова им ја намалило радоста или, пак, ги спречило да проповедаат? Во никој случај! „Тие, пак, си заминаа од Синедрионот, радувајќи се што беа сметани за достојни да бидат посрамени поради неговото име. И секој ден во храмот и од куќа до куќа продолжија без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест за Христос, Исус“ (Дела 5:41, 42). Ова прогонство им донело радост и им ја обновило ревноста во проповедничкото дело. Подоцна, раните христијани биле прогонувани од Римјаните затоа што одбиле да го обожаваат императорот.
4. Кои се некои причини поради кои христијаните се прогонувани?
4 Во современа доба, Јеховините сведоци се прогонувани затоа што одбиваат да прекинат да ја проповедаат „оваа добра вест за царството“ (Матеј 24:14). Кога нивните христијански состаноци се забранети, спремни се попрво да страдаат отколку да престанат да се собираат, како што заповеда Библијата (Евреите 10:24, 25). Прогонувани се поради нивната христијанска неутралност или поради тоа што одбиваат да ја користат крвта на погрешен начин (Јован 17:14; Дела 15:28, 29). И покрај тоа, овој став за праведноста му донесува на Божјиот народ денес голем внатрешен мир и среќа (1. Петрово 3:14).
Укорувани поради Христос
5. Која е главната причина што Јеховиниот народ е прогонуван денес?
5 И деветтата причина што Исус ја разгледал во својата Проповед на гората е во врска со прогонството. Тој рекол: „Среќни сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат и лажно зборуваат секакво зло против вас“ (Матеј 5:11). Главната причина зошто Јеховиниот народ е прогонуван е тоа што не е дел од сегашниот систем на работи. Исус им рекол на своите ученици: „Да бевте дел од светот, светот ќе го сакаше своето. А бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази“ (Јован 15:19). Слично на тоа, апостол Петар рекол: „Поради тоа што повеќе не трчате со нив по тој пат во истото длабоко калиште на разузданост, се чудат и зборуваат срамно за вас“ (1. Петрово 4:4).
6. а) Зошто се прекорувани и прогонувани остатокот и неговите придружници? б) Дали таквиот прекор ни ја намалува среќата?
6 Веќе видовме дека раните христијани биле прогонувани затоа што одбиле да престанат да проповедаат во името на Исус. На своите следбеници Христос им дал налог: „Ќе ми бидете сведоци . . . сѐ до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). Верниот остаток од помазани браќа на Христос, потпомогнат од своите лојални придружници од ‚големото мноштво‘, ревносно го исполнува овој налог (Откровение 7:9). Затоа Сатана води војна „против преостанатите од нејзиното семе [семето на „жената“, небесниот дел од Божјата организација], кои ги држат заповедите Божји и го имаат делото на сведочење за Исус“ (Откровение 12:9, 17). Како Јеховини сведоци, ние сведочиме за Исус, кој сега владее како Цар во владата на Царството, и кој ќе ги уништи човечките влади што му се спротивставуваат на Божјиот праведен нов свет (Даниел 2:44; 2. Петрово 3:13). Поради ова сме прекорувани и прогонувани, но се сметаме за среќни што страдаме поради името на Христос (1. Петрово 4:14).
7, 8. Што зборувале лажно противниците против раните христијани?
7 Исус рекол дека неговите следбеници треба да се сметаат за среќни дури и кога поради него луѓето „лажно зборуваат секакво зло“ против нив (Матеј 5:11). Ова секако важело за раните христијани. Кога апостол Павле бил во притвор во Рим, околу 59—61 н.е., тамошните еврејски водачи за христијаните рекле: „За оваа секта навистина знаеме дека насекаде се зборува против неа“ (Дела 28:22). Павле и Сила биле обвинети дека ‚ја превртеле целата населена земја‘ и дека работеле „против одредбите на цезарот“ (Дела 17:6, 7).
8 Пишувајќи за христијаните во времето на Римската Империја, историчарот К. С. Латурет рекол: „Имало различни обвиненија. Затоа што одбивале да учествуваат во паганските свечености, христијаните биле етикетирани како атеисти. Бидејќи не учествувале во голем дел од општествениот живот — во паганските празници, јавните забави . . . — биле исмејувани како луѓе што го мразат човечкиот род . . . Се вели дека мажите и жените се состанувале навечер . . . и дека потоа имале блудни односи . . . Фактот што [Меморијалот на Христовата смрт] се славел само во присуство на верниците, ги распламтел гласините дека христијаните често жртвуваат дете и дека му ја пијат крвта и му го јадат месото“. Освен тоа, затоа што раните христијани одбивале да го обожаваат императорот, биле обвинети како државни непријатели.
9. Како реагирале христијаните од првиот век на лажните обвиненија што биле покренати против нив, и каква е ситуацијата денес?
9 Тие лажни обвиненија не ги спречиле раните христијани да го извршуваат својот налог да ја проповедаат добрата вест за Царството. Во 60—61 н.е., за ‚добрата вест‘ Павле можел да каже дека „донесува плод и расте во целиот свет“ и дека била „проповедана на сето создание што е под небото“ (Колошаните 1:5, 6, 23). Истото се случува и денес. Јеховините сведоци лажно се обвинувани, исто како што биле и христијаните од првиот век. Сепак, денес делото на проповедање на пораката за Царството напредува и им донесува голема среќа на оние што учествуваат во него.
Среќни затоа што сме прогонувани како пророците
10, 11. а) Како го завршил Исус своето разгледување на деветтата причина за среќа? б) Зошто биле прогонувани пророците? Дај примери.
10 Исус го завршил своето разгледување на деветтата причина за среќа со зборовите: „Радувајте се . . . зашто така ги прогонуваа пророците пред вас“ (Матеј 5:12). Пророците што Јехова ги испратил да го предупредат неверниот Израел наидувале на лош прием, а честопати биле и прогонувани (Еремија 7:25, 26). Апостол Павле посведочил за овој факт кога напишал: „И што уште да кажам? Зашто ќе ми недостига време ако почнам да раскажувам за . . . другите пророци, кои со вера . . . беа ставани на испит со исмејувања и камшикувања, па дури и со окови и затвори“ (Евреите 11:32—38).
11 За време на владеењето на злобниот цар Ахав и неговата жена, Језавела, голем број Јеховини пророци биле убиени со меч (1. Цареви 18:4, 13; 19:10). Пророкот Еремија бил ставен во клада, а подоцна бил фрлен во каллив резервоар за вода (Еремија 20:1, 2; 38:6). Пророкот Даниел бил фрлен во лавовска јама (Даниел 6:16, 17). Сите овие претхристијански пророци биле прогонувани затоа што го бранеле чистото обожавање на Јехова. Многу пророци биле прогонувани од еврејските верски водачи. Исус ги нарекол книжниците и фарисеите „синови на оние кои ги убија пророците“ (Матеј 23:31).
12. Зошто за нас, како Јеховини сведоци, е привилегија да бидеме прогонувани како пророците од старо време?
12 Денес, ние како Јеховини сведоци честопати сме прогонувани затоа што ревносно ја проповедаме добрата вест за Царството. Нашите непријатели нѐ обвинуваат за „агресивно прозелитизирање“, но ние знаеме дека верните обожаватели на Јехова пред нас се соочиле со слични критики (Еремија 11:21; 20:8, 11). За нас е привилегија да страдаме од истата причина од која страдале верните пророци од старо време. Ученикот Јаков напишал: „Браќа, како образец за поднесување зло и за практикување стрпливост земете ги пророците кои зборуваа во името на Јехова. Гледајте! Ги прогласуваме за среќни оние кои истрајале“ (Јаков 5:10, 11).
Силни причини да бидеме среќни
13. а) Зошто прогонството не нѐ обесхрабрува? б) Што ни помага да останеме цврсти, и што докажува тоа?
13 Далеку од тоа да бидеме обесхрабрени од прогонството, ние сме утешени од помислата дека ги следиме стапките на пророците, на раните христијани и на самиот Христос Исус (1. Петрово 2:21). Црпиме длабоко задоволство од Библијата, како на пример, од овие зборови на апостол Петар: „Љубени, нека не ве чуди она што пламти меѓу вас, кое ви се случува заради искушување, како да ве снаоѓа нешто чудно. Ако ве прекоруваат поради Христовото име, среќни сте, бидејќи духот на славата, да, духот Божји, почива врз вас“ (1. Петрово 4:12, 14). Од искуство знаеме дека можеме да останеме цврсти под прогонство само затоа што Јеховиниот дух почива врз нас и нѐ зајакнува. Поддршката од светиот дух е доказ дека Јехова нѐ прифаќа, а тоа ни донесува голема среќа (Псалм 5:12; Филипјаните 1:27—29).
14. Кои причини ги имаме за да се радуваме што сме прогонувани поради праведност?
14 Среќни сме кога наидуваме на противење и прогонство поради праведност и од една друга причина — тоа докажува дека живееме како вистински христијани со побожна оддаденост. Апостол Павле напишал: „Сите оние кои сакаат да живеат со побожна оддаденост во поврзаност со Христос Исус, исто така ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12). Ние сме бескрајно среќни кога ќе помислиме дека кога го задржуваме својот интегритет под испит, и ние даваме одговор на тврдењето на Сатана дека сите Јеховини битија Му служат од себични интереси (Јов 1:9—11; 2:3, 4). Се радуваме што и ние имаме удел, колку и да е мал, во оправдувањето на Јеховиниот праведен суверенитет (Пословици 27:11).
Потскокнувајте од радост поради наградата
15, 16. а) Кои причини ги дал Исус за да се ‚радуваме и да потскокнуваме од радост‘? б) Каква награда ги очекува помазаните христијани на небото, и како ќе бидат наградени нивните придружници од ‚другите овци‘?
15 Исус дал и уште една причина за да се радуваме кога сме оцрнувани и прогонувани како пророците од старо време. При крајот на деветтата причина за среќа, тој рекол: „Радувајте се и потскокнувајте од радост, бидејќи голема е вашата награда на небесата“ (Матеј 5:12). Апостол Павле напишал: „Платата што ја дава гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23). Да, ‚големата награда‘ е живот, а тоа не е плата што можеме да ја заработиме. Тоа е бесплатен дар. Исус рекол дека наградата е „на небесата“ зашто доаѓа од Јехова.
16 Помазаниците ја добиваат „круната на животот“, т.е., во нивниот случај, бесмртен живот со Христос на небото (Јаков 1:12, 17). Оние што имаат земна надеж, ‚другите овци‘, се радуваат на тоа што ќе наследат вечен живот во рајска земја (Јован 10:16; Откровение 21:3—5). И во двата случаи, ‚наградата‘ не е заработена. И помазаниците и ‚другите овци‘ ја добиваат својата награда поради Јеховината „ненадминлива незаслужена љубезност“ која го поттикнала апостол Павле да рече: „Фала му на Бога за неговиот неопислив бесплатен дар“ (2. Коринќаните 9:14, 15).
17. Зошто можеме да бидеме среќни кога сме прогонувани и фигуративно да ‚потскокнуваме од радост‘?
17 На христијаните, од кои некои наскоро ги очекувало сурово прогонство од страна на императорот Нерон, апостол Павле им напишал: „Да ликуваме додека сме во неволји, зашто знаеме дека неволјата донесува истрајност; истрајноста, пак, одобрена состојба; а одобрената состојба надеж, а надежта не води до разочарување“. Исто така, рекол: „Радувајте се во надежта. Издржете во неволја“ (Римјаните 5:3—5; 12:12). Без разлика дали имаме небесна или земна надеж, нашата награда за верност под испит е далеку поголема од сѐ што заслужуваме. Нашата радост, затоа што имаме изглед вечно да живееме и да му служиме и да го фалиме нашиот Татко полн со љубов, Јехова, под нашиот цар Исус Христос, е неизмерна. Ние фигуративно ‚потскокнуваме од радост‘.
18. Што може да се очекува од нациите додека крајот се приближува, и што ќе стори Јехова?
18 Во некои земји Јеховините сведоци сѐ уште се прогонувани. Во своето пророштво за завршетокот на системот на работи, Исус ги предупредил вистинските христијани: „Ќе им бидете предмет на омраза на сите нации поради моето име“ (Матеј 24:9). Додека се приближуваме до крајот, Сатана ќе предизвика нациите да ја излеат својата омраза кон Јеховиниот народ (Езекиел 38:10—12, 14—16). Ова ќе го означи времето кога Јехова ќе дејствува. „Ќе се возвеличам и ќе се објавам пред сите народи и ќе познаат дека Јас Сум Господ“ (Езекиел 38:23). На тој начин, Јехова ќе го посвети своето големо име и ќе го избави својот народ од прогонството. Затоа, „среќен е оној човек кој и понатаму истрајува“ (Јаков 1:12).
19. Што треба да правиме додека го очекуваме големиот ‚Јеховин ден‘?
19 Како што „Јеховиниот ден“ сѐ повеќе се приближува, да се радуваме зашто сме ‚сметани за достојни да бидеме посрамени‘ поради Исусовото име (2. Петрово 3:10—13; Дела 5:41). Како раните христијани, да продолжиме ‚без престан да поучуваме и да ја објавуваме добрата вест за Христос‘ и за неговата царска влада додека ја очекуваме нашата награда во Јеховиниот праведен нов свет (Дела 5:42; Јаков 5:11).
За повторување
•Што значи да се страда поради праведност?
• Како влијаело прогонството врз раните христијани?
• Зошто може да се рече дека Јеховините сведоци се прогонувани како пророците од старо време?
• Зошто можеме да се ‚радуваме и да потскокнуваме од радост‘ кога сме прогонувани?
[Слики на страници 16 и 17]
„Среќни сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат“
[Извор на слика]
Група во затвор: Chicago Herald-American