ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w03 1/10 стр. 9-13
  • Прогонувани поради праведност

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Прогонувани поради праведност
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Сведок или маченик?
  • „Ќе бидете предмет на омраза“
  • Запис за верна истрајност
  • Зошто мразени и прогонувани?
  • Прогонувани, а сепак среќни
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Истрајноста под испити му носи фалба на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • „Сѐ до крајот на земјата“
    ,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
w03 1/10 стр. 9-13

Прогонувани поради праведност

„Среќни се оние кои се прогонувани поради праведност“ (МАТЕЈ 5:10).

1. Зошто Исус бил пред Понтиј Пилат, и што рекол?

„ЗА ТОА се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). Кога Исус ги кажал овие зборови, тој стоел пред Понтиј Пилат, римскиот управител на Јудеја. Исус не бил таму ниту по сопствен избор ниту на покана на Пилат. Напротив, стоел таму затоа што еврејските верски водачи лажно го обвиниле дека е злосторник што заслужува смрт (Јован 18:29—31).

2. Што направил Исус, и каков бил исходот?

2 Исус сосема добро знаел дека Пилат имал власт да го пушти или да го убие (Јован 19:10). Но, тоа не го спречило смело да му зборува на Пилат за Царството. Иако животот му бил во опасност, Исус ја искористил таа прилика да му посведочи на највисокиот државен авторитет во таа област. И покрај тоа сведоштво, Исус бил осуден и погубен и умрел како маченик со агониска смрт на маченички столб (Матеј 27:24—26; Марко 15:15; Лука 23:24, 25; Јован 19:13—16).

Сведок или маченик?

3. Што значел зборот „маченик“ во библиски времиња, а што значи денес?

3 За многу луѓе денес, маченик е отприлика исто што и фанатик, екстремист. Оние што се спремни да умрат за своето верување, особено религиозно верување, честопати се под сомнение дека се терористи или дека, во најмала рака, се опасни за општеството. Меѓутоа, зборот маченик доаѓа од еден грчки термин (мартис) што во библиски времиња значел „сведок“, личност што дава сведоштво за вистината на она во што верува, можеби на некое сослушување на суд. Дури подоцна тој израз добил значење на „оној што го дава животот за да сведочи“, па дури и да сведочи со тоа што ќе го даде својот живот.

4. Првенствено во која смисла Исус бил маченик?

4 Исус бил маченик првенствено во првата смисла на овој збор. Како што му рекол на Пилат, тој дошол ‚да сведочи за вистината‘. Неговото сведочење предизвикало сосема различни реакции кај луѓето. Некои од обичниот народ биле длабоко трогнати од она што го чуле и виделе и затоа поверувале во Исус (Јован 2:23; 8:30). И мноштвата, општо земено, а особено верските водачи, исто така силно реагирале — но негативно. Исус посочил на своите роднини што не биле верници: „Светот нема причина да ве мрази вас, но мене ме мрази, бидејќи јас сведочам за него дека неговите дела се зли“ (Јован 7:7). Поради тоа што сведочел за вистината, Исус го навлекол гневот на националните водачи, а тоа водело до неговата смрт. Навистина, тој бил „верниот и вистинскиот сведок (мартис)“ (Откровение 3:14).

„Ќе бидете предмет на омраза“

5. Што рекол Исус за прогонството уште во почетокот на својата служба?

5 Не само што самиот Исус трпел жестоко прогонство туку однапред ги предупредил своите следбеници дека истото ќе ги снајде и нив. Во почетокот на својата служба, во Проповедта на гората, Исус им рекол на своите слушатели: „Среќни се оние кои се прогонувани поради праведност, бидејќи ним им припаѓа небесното царство. Среќни сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат и лажно зборуваат секакво зло против вас. Радувајте се и потскокнувајте од радост, бидејќи голема е вашата награда на небесата“ (Матеј 5:10—12).

6. Какво предупредување дал Исус кога ги испратил 12-те апостоли?

6 Подоцна, кога ги испратил 12-те апостоли, Исус им рекол: „Чувајте се од луѓето; зашто ќе ве предаваат на месните судови, и ќе ве камшикуваат во нивните синагоги. Да, поради мене ќе ве довлекуваат пред управители и цареви за сведоштво на нив и на нациите“. Но, религиозните авторитети немало да бидат единствените што ќе ги прогонувале учениците. Исус исто така рекол: „Брат ќе предаде брат на смрт, и татко своето дете, и децата ќе станат против родителите и ќе дадат да бидат убиени. И ќе бидете предмет на омраза кај сите луѓе поради моето име; но кој ќе истрае докрај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 10:17, 18, 21, 22). Историјата на христијаните во првиот век сведочи за вистинитоста на овие зборови.

Запис за верна истрајност

7. Како дошло до тоа Стефан да стане маченик?

7 Кратко по смртта на Исус, Стефан бил првиот христијанин што умрел затоа што сведочел за вистината. Тој бил ‚полн со благодат и сила и правел големи предзнаци и знаци меѓу народот‘. Неговите верски непријатели ‚не можеле да се спротивстават на мудроста и на духот со кои тој зборувал‘ (Дела 6:8, 10). Исполнети со љубомора, тие го одвлечкале Стефан пред Синедрионот, еврејскиот виш суд, каде што бил изведен пред своите лажни обвинители и дал силно сведоштво. Меѓутоа, на крајот, непријателите го убиле овој верен сведок, Стефан (Дела 7:59, 60).

8. Како реагирале учениците во Ерусалим на прогонството што ги снашло по смртта на Стефан?

8 По убиството на Стефан ‚настанало големо прогонство против собранието што било во Ерусалим; и сите освен апостолите се распрснале по краиштата на Јудеја и Самарија‘ (Дела 8:1). Дали прогонството му ставило крај на сведочењето на христијаните? Напротив, извештајот ни кажува дека ‚оние кои биле распрснати, минувале низ земјата објавувајќи ја добрата вест на речта‘ (Дела 8:4). Тие сигурно гледале на оваа работа како и апостол Петар, кој во една претходна прилика рекол: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29). И покрај прогонството, тие верни и храбри ученици упорно сведочеле за вистината, иако знаеле дека тоа ќе доведе до уште повеќе неволји (Дела 11:19—21).

9. Какво прогонство и понатаму доживувале Исусовите следбеници?

9 Всушност, неволјите воопшто не попуштиле. Прво, дознаваме дека Савле — човекот што го одобрил и бил сведок на каменувањето на Стефан — ‚сѐ уште дишејќи со закана и убиство против Господовите ученици, отишол кај првосвештеникот и измолил од него писма до синагогите во Дамаск, за да може сите оние што ќе ги најде дека му припаѓаат на Патот, и мажи и жени, оковани да ги доведе во Ерусалим‘ (Дела 9:1, 2). Потоа, некаде во 44 н.е., ‚цар Ирод кренал раце на некои од собранието за да ги малтретира. Го погубил со меч Јаков, братот на Јован‘ (Дела 12:1, 2).

10. Каков запис за прогонство наоѓаме во Дела и во Откровение?

10 Останатиот дел од книгата Дела содржи еден неизбришлив запис за испитите, затворањата и прогонството што го поднесувале верните луѓе како што бил Павле, поранешниот прогонител што станал апостол, кој веројатно умрел со маченичка смрт од рацете на римскиот император Нерон некаде во 65 н.е. (2. Коринќаните 11:23—27; 2. Тимотеј 4:6—8). На крајот, во книгата Откровение, напишана кон крајот на првиот век, гледаме дека остарениот апостол Јован е затворен на казнениот остров Патмос ‚затоа што зборувал за Бог и сведочел за Исус‘. Во Откровение се спомнува и „Антипа, мојот сведок, верниот, кој е убиен“ во Пергам (Откровение 1:9; 2:13).

11. На кој начин правецот што го зазеле раните христијани докажал дека е точно она што го рекол Исус во врска со прогонството?

11 Сето ова докажало дека е точно она што Исус им го рекол на своите ученици: „Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:20). Верните рани христијани биле подготвени да се соочат со најголемиот испит, смрт — и тоа со мачење, со тоа што ќе биле фрлени на диви ѕверови или на кој и да е друг начин — за да го извршат налогот што им го дал Господ Исус Христос: „Ќе ми бидете сведоци како во Ерусалим така и во цела Јудеја и Самарија, па сѐ до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8).

12. Зошто прогонството на христијаните не е само работа на минатото?

12 Ако некој мисли дека така сурово се постапувало со Исусовите ученици само во минатото, многу греши. Павле, кој, како што видовме, и самиот поминал низ многу неволји, напишал: „Сите оние кои сакаат да живеат со побожна оддаденост во поврзаност со Христос Исус, исто така ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12). Во врска со прогонството, Петар рекол: „Всушност, на тој пат бевте повикани, зашто и Христос страдаше за вас, оставајќи ви пример, за тесно да ги следите неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Оттогаш па сѐ до овие ‚последни денови‘ на овој систем на работи, Јеховиниот народ постојано е предмет на омраза и непријателство (2. Тимотеј 3:1). Насекаде на земјата, под диктаторските режими и во демократските земји, Јеховините сведоци порано или подоцна трпеле прогонство, и како поединци и како група.

Зошто мразени и прогонувани?

13. Што треба да имаат на ум денешните слуги на Јехова во врска со прогонството?

13 Иако повеќето од нас денес уживаат релативна слобода да проповедаат и да се состануваат во мир, мораме да обрнеме внимание на библиското потсетување дека „се менува сцената на овој свет“ (1. Коринќаните 7:31). Работите можат да се променат толку брзо што, ако не сме подготвени умствено, емоционално и духовно, лесно можеме да се спрепнеме. Според тоа, што можеме да направиме за да се заштитиме? Еден силен начин да се одбраниме е јасно да задржиме на ум зошто мирољубивите христијани што се придржуваат на законот се мразени и прогонувани.

14. На што укажал Петар како на причина зошто христијаните биле прогонувани?

14 Апостол Петар зборувал за ова во своето прво писмо, што го напишал некаде во 62—64 н.е., кога христијаните низ целата Римска империја поднесувале испити и прогонство. Тој рекол: „Љубени, нека не ве чуди она што пламти меѓу вас, кое ви се случува заради искушување, како да ве снаоѓа нешто чудно“. За да објасни на што мисли, Петар продолжил: „Никој од вас да не страда како убиец или крадец или злосторник или како некој кој се меша во туѓи работи. Но, ако страда како христијанин нека не се срами, туку нека го прославува Бога во тоа име“. Петар укажал дека тие страдале не затоа што направиле некакви злодела туку затоа што биле тоа што се. Да се валкале во „истото длабоко калиште на разузданост“ како луѓето околу нив, тие ќе биле добредојдени и прифатени од нив. Но, тие страдале затоа што настојувале да ја исполнат својата улога како следбеници на Христос. Истото е случај и со вистинските христијани денес (1. Петрово 4:4, 12, 15, 16).

15. Каква противречност се гледа во постапувањето со Јеховините сведоци денес?

15 Во многу делови од светот, Јеховините сведоци се јавно пофалувани за единството и соработката што ги покажуваат на нивните конгреси и градежни проекти, за нивната чесност и трудољубивост, за нивното примерно морално однесување и семеен живот, па дури и за нивниот здрав изглед и однесување.a Од друга страна, нивното дело е забрането или ограничено во најмалку 28 земји во моментот кога се пишува ова, и многу Сведоци трпат физичко малтретирање и материјални загуби поради својата вера. Од каде е ваквата очигледна противречност? И зошто Бог го дозволува тоа?

16. Која е главна причина зошто Бог допушта неговиот народ да поднесува прогонство?

16 Пред сѐ, треба да ги имаме на ум зборовите од Пословици 27:11: „Биди мудар, сине мој, и зарадувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној, кој ме укорува“. Да, тоа е поради вековното спорно прашање за универзалниот суверенитет. И покрај обемното сведоштво што го дале сите оние што го докажале својот интегритет кон Јехова во текот на вековите, Сатана не престанал да го исмејува Јехова, како што правел и во деновите на праведниот човек Јов (Јов 1:9—11; 2:4, 5). Без сомнение, Сатана е уште поизбезумен во својот последен обид да го докаже своето тврдење, и тоа сега, кога Божјето Царство е цврсто воспоставено и има лојални поданици и претставници во целиот свет. Дали тие ќе му останат верни на Бог без оглед на тоа какви неволји и тешкотии ќе ги снајдат? На ова прашање мора лично да одговори секој слуга на Јехова (Откровение 12:12, 17).

17. Што мислел Исус со зборовите „тоа ќе ви биде прилика за сведоштво“?

17 Кога им зборувал на своите ученици за настаните што ќе се случеле за време „на завршетокот на системот на работи“, Исус кажал уште една причина зошто Јехова дозволува неговите слуги да поднесуваат страдање. Тој им рекол: „Ќе ве влечат пред цареви и управители поради моето име. Тоа ќе ви биде прилика за сведоштво“ (Матеј 24:3, 9; Лука 21:12, 13). Самиот Исус сведочел пред Ирод и пред Понтиј Пилат. И апостол Павле бил ‚влечен пред цареви и управители‘. На упатство на Господ Исус Христос, Павле побарал да му даде сведоштво на најмоќниот владетел во тоа време, кога изјавил: „Се повикувам на цезарот!“ (Дела 23:11; 25:8—12). И денес, тешките ситуации честопати воделе до тоа да им се даде добро сведоштво и на службениците и на јавноста.b

18, 19. а) Каква корист ќе имаме од тоа што ќе се справуваме со испити? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?

18 На крајот, и ние лично можеме да имаме корист ако се справуваме со испити и тешкотии. На кој начин? Ученикот Јаков ги потсетил своите сохристијани: „Сметајте го тоа за права радост, браќа мои, кога се соочувате со разни искушенија, бидејќи знаете дека овој испитан квалитет на вашата вера развива истрајност.“ Да, прогонството може да ни ја прочисти верата и да ни ја зајакне истрајноста. Затоа не нѐ фаќа претеран страв од него ниту, пак, бараме небиблиски средства да го избегнеме или да му ставиме крај. Наместо тоа, внимаваме на опомената на Јаков: „Истрајноста нека го доврши своето дело за да бидете потполни и здрави во секој поглед, без никаков недостаток“ (Јаков 1:2—4).

19 Иако Божјата реч ни помага да разбереме зошто Божјите верни слуги се прогонувани и зошто Јехова го дозволува тоа, тоа не мора да значи дека е лесно да се поднесе прогонството. Што може да нѐ зајакне да го издржиме? Што можеме да направиме кога сме соочени со прогонство? Овие важни работи ќе ги разгледаме во следната статија.

[Фусноти]

a Види Стражарска кула од 15 декември 1995, страници 27—29; 15 април 1994, страници 16 и 17; и Разбудете се! од 8 април 1994, страници 6—13.

b Види Разбудете се! од 8 јуни 2003, страници 3—11.

Можеш ли да објасниш?

• Првенствено во која смисла Исус бил маченик?

• Како влијаело прогонството врз христијаните во првиот век?

• Како што објаснил Петар, зошто раните христијани биле прогонувани?

• Од кои причини Јехова дозволува неговите слуги да трпат прогонство?

[Слики на страници 10 и 11]

Христијаните од првиот век не страдале поради некакви злодела туку затоа што биле тоа што се

ПАВЛЕ

ЈОВАН

АНТИПА

ЈАКОВ

СТЕФАН

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели