Истрајноста под испити му носи фалба на Јехова
„Ако трпите затоа што правите добро и поднесувате, тоа му е допадливо на Бог“ (1. ПЕТРОВО 2:20).
1. Бидејќи вистинските христијани се заинтересирани да живеат во склад со своето предание, кое прашање мораме да го разгледаме?
ХРИСТИЈАНИТЕ му се предадени на Јехова и сакаат да ја извршуваат неговата волја. За да живеат во склад со своето предание, тие даваат сѐ од себе да ги следат стапките на својот Пример, Исус Христос, и да сведочат за вистината (Матеј 16:24; Јован 18:37; 1. Петрово 2:21). Меѓутоа, Исус и други верни поединци го дале својот живот и умреле за својата вера како маченици. Дали тоа значи дека сите христијани можат да очекуваат да умрат за својата вера?
2. Како гледаат христијаните на испитите и на страдањето?
2 Како христијани, поттикнати сме да бидеме верни до смрт, но тоа не значи дека мораме да умреме за својата вера по секоја цена (2. Тимотеј 4:7; Откровение 2:10). Ова значи дека, иако сме спремни да страдаме за нашата вера — и, ако е потребно, да умреме за неа — не ни е мила помислата да се случи такво нешто. Не се радуваме на страдањето ниту, пак, болката или понижувањето ни причинуваат задоволство. Меѓутоа, со оглед на тоа што треба да очекуваме испити и прогонство, внимателно треба да размислиме како би можеле да постапиме кога тоа ќе се случи.
Верни под испит
3. Кои библиски примери за справување со прогонство можеш да ги раскажеш? (Види ја рамката „Како се справиле со прогонството“ на следната страница.)
3 Во Библијата наоѓаме многу извештаи што покажуваат како реагирале Божјите слуги во минатото кога се соочувале со ситуации во кои животот им бил во опасност. Различните начини на кои реагирале им даваат водство на денешните христијаните ако и тие некогаш мора да се соочат со слични предизвици. Разгледај ги извештаите во рамката „Како се справиле со прогонството“ и види што можеш да научиш од нив.
4. Што може да се рече за начинот на кој реагирале Исус и другите верни слуги кога биле под испит?
4 Иако Исус и другите верни слуги на Бог реагирале на прогонството различно, во зависност од околностите, јасно е дека тие не го доведувале својот живот непотребно во опасност. Кога ќе се нашле во опасни ситуации биле храбри, но претпазливи (Матеј 10:16, 23). Тие имале цел да го унапредат делото на проповедање и да го задржат својот интегритет кон Јехова. Нивните реакции во различни ситуации им даваат пример на христијаните што денес се соочуваат со испити и прогонство.
5. Какво прогонство имало во Малави во 1960-тите, и како реагирале Сведоците таму?
5 Во денешно време, Јеховиниот народ честопати се наоѓал во услови на големи неволји и оскудица поради војни, забрани или директно прогонство. На пример, во 1960-тите, Јеховините сведоци во Малави биле жестоко прогонувани. Нивните Сали на Царството, домовите, храната и дуќаните — практично сѐ што имале — биле уништени. Тие биле тепани и доживувале и други страшни искуства. Како реагирале браќата? Илјадници морале да бегаат од своите села. Многу од нив нашле засолниште во шумите, додека други отишле во привремено изгнанство во соседен Мозамбик. Иако многу верни поединци го изгубиле животот, други одлучиле да избегаат од опасната зона, што во тие околности очигледно било разумна постапка. На тој начин браќата го следеле примерот што го дале Исус и Павле.
6. Што не престанале да прават Сведоците во Малави и покрај жестокото прогонство?
6 Иако браќата од Малави морале да се преселат или да се кријат, тие го барале и го следеле теократското водство и во тајност ги извршувале своите христијански активности најдобро што можеле. Со каков резултат? Непосредно пред забраната во 1967 бил достигнат највисок број од 18.519 објавители на Царството. Иако забраната сѐ уште била на сила и многу браќа избегале во Мозамбик, во 1972 бил известен нов највисок број од 23.398 објавители. Секој месец имале просек од преку 16 часа служба. Без сомнение, нивното постапување му донело фалба на Јехова, а Неговиот благослов бил врз тие верни браќа за сето тоа многу тешко време.a
7, 8. Од кои причини некои одлучуваат да не избегаат, иако имаат проблеми поради противењето?
7 Од друга страна, пак, во земјите каде што има проблеми поради противењето, некои браќа можеби одлучуваат да не заминат, иако можат да го сторат тоа. Преселбата може да реши извесни проблеми, но веројатно ќе создаде други. На пример, дали ќе можат да одржуваат контакт со христијанското братство и да не западнат во духовна изолација? Дали ќе успеат да се држат за својата духовна рутина додека се борат да застанат на свои нозе, можеби во некоја побогата земја или во земја каде што има повеќе прилики да си ја поправат материјалната состојба? (1. Тимотеј 6:9).
8 Други избираат да не се преселат затоа што се загрижени за духовното добро на своите браќа. Тие одлучуваат да останат и да се соочат со ситуацијата за да продолжат да проповедаат на своето домашно подрачје и да бидат извор на охрабрување за сообожавателите (Филипјаните 1:14). Бидејќи направиле таков избор, некои успеале да придонесат дури и за законски победи во нивната земја.b
9. Кои фактори мора некој да ги разгледа кога одлучува дали да остане или да се исели поради прогонство?
9 Да се остане или да се замине — ова секако е лична одлука. Се разбира, таквите одлуки мораме да ги донесеме дури откако во молитва ќе побараме водство од Јехова. Меѓутоа, сеедно како ќе одлучиме да постапиме, мораме да ги имаме на ум зборовите на апостол Павле: „Секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Римјаните 14:12). Како што забележавме претходно, она што го бара Јехова е секој од неговите слуги да остане верен под секакви околности. Некои негови слуги се соочуваат со испити и со прогонство денес; други можеби ќе се соочат во иднина. Сите ќе бидат испитани на некој начин, и никој не треба да очекува дека ќе биде исклучок (Јован 15:19, 20). Како предадени слуги на Јехова, не можеме да го избегнеме универзалното спорно прашање во врска со посветувањето на Јеховиното име и оправдувањето на неговиот суверенитет (Езекиел 38:23; Матеј 6:9, 10).
„Никому не враќајте зло за зло“
10. Каков важен пример ни дале Исус и апостолите за тоа како да се справиме со притисоците и противењето?
10 Уште едно важно начело што можеме да го научиме од начинот на кој реагирале Исус и апостолите кога биле под притисок е никогаш да не им се одмаздуваме на нашите прогонители. Никаде во Библијата не се укажува дека Исус или неговите следбеници се организирале во некакво движење на отпорот или дека се послужиле со сила за да се борат против прогонителите. Напротив, „никому не враќајте зло за зло“, ги советувал христијаните апостол Павле. „Не одмаздувајте се самите, љубени, туку дајте му место на гневот; зашто е напишано: ‚Одмаздата е моја; јас ќе отплатам, вели Јехова‘“. Освен тоа, „не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладувај го злото со добро“ (Римјаните 12:17—21; Псалм 37:1—4; Пословици 20:22).
11. Што вели еден историчар за ставот на раните христијани кон државата?
11 Раните христијани го зеле при срце тој совет. Во својата книга The Early Church and the World (Раната црква и светот), историчарот Сесил Џ. Каду го опишува ставот што го имале христијаните кон државата во периодот од 30—70 н.е. Тој пишува: „Немаме директни докази дека христијаните од тој период некогаш се обиделе со сила да се спротивстават на прогонството. Најмногу што правеле во овој поглед било да им дофрлат на своите владетели некоја жестока критика или да ги збунат со бегство. Меѓутоа, нормалната реакција на христијаните на прогонството не одела подалеку од умерено но цврсто одбивање да ги послушаат наредбите на владата што сметале дека се во судир со послушноста на Христос“.
12. Зошто е подобро да поднесеш страдање отколку да се одмаздуваш?
12 Дали ваквиот навидум пасивен начин на постапување навистина е практичен? Зарем сите што реагираат така нема да бидат лесен плен за оние што сакаат да се ослободат од нив? Зарем не би било паметно да се бранат? Од човечка гледна точка можеби изгледа така. Меѓутоа, како Јеховини слуги, ние сме уверени дека следењето на Јеховиното водство во сѐ е најдобриот начин на постапување. Ги имаме на ум зборовите на Петар: „Ако трпите затоа што правите добро и поднесувате, тоа му е допадливо на Бог“ (1. Петрово 2:20). Уверени сме дека Јехова е добро запознаен со ситуацијата и нема да дозволи работите да продолжат така во бескрај. Како можеме да бидеме сигурни во тоа? На својот народ што бил заробен во Вавилон, Јехова му рекол: „Кој ве допира, Ми ја допира зеницата на окото“ (Захарија 2:8). Колку долго некој ќе дозволи да му ја допираат зеницата? Јехова ќе донесе олеснување кога ќе дојде време. Нема никакво сомневање во тоа (2. Солуњаните 1:5—8).
13. Зошто Исус подложно дозволил непријателот да го уапси?
13 Во овој поглед можеме да гледаме на Исус како на наш пример. Кога дозволил неговите непријатели да го уапсат во градината Гетсиманија, тоа не било затоа што не можел да се одбрани. Всушност, тој им рекол на своите ученици: ‚Или мислите дека не можам да го замолам мојот Татко да ми даде овој час повеќе од дванаесет легии ангели? Во тој случај, како би се исполнило Писмото дека вака мора да се случи?‘ (Матеј 26:53, 54). На Исус му било најважно да се изврши Јеховината волја, дури и ако тоа значело дека ќе треба да страда. Тој имал целосна доверба во зборовите на пророчкиот псалм на Давид: „Нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш твојот светец да види гниење“ (Псалм 16:10). Со години подоцна, апостол Павле рекол за Исус: „Поради радоста што беше поставена пред него, тој претрпе маченички столб, презирајќи го срамот, и седна откај десницата на Божјиот престол“ (Евреите 12:2).
Радост кога се посветува Јеховиното име
14. Каква била радоста што го поткрепила Исус низ сите негови испити?
14 Каква била радоста што го поткрепила Исус низ најтешкиот испит што може да се замисли? Од сите Јеховини слуги, секако дека главна мета на Сатана бил Исус, Божјиот сакан Син. Според тоа, најголем одговор на Сатановото исмејување на Јехова било тоа што Исус го задржал својот интегритет под испит (Пословици 27:11). Можеш ли да си ги замислиш радоста и задоволството што мора да ги чувствувал Исус кога бил воскреснат? Колку ли само бил среќен кога сфатил дека ја исполнил улогата што му била доделена да ја одигра како совршен човек во оправдувањето на Јеховиниот суверенитет и во посветувањето на Неговото име! Исто така, тоа што седи „откај десницата на Божјиот престол“ несомнено е прекрасна чест и најголем извор на радост за Исус (Псалм 110:1, 2; 1. Тимотеј 6:15, 16).
15, 16. Какво нечовечно прогонство поднеле Сведоците во Заксенхаузен, и што им дало сила за тоа?
15 И за христијаните е радост да имаат удел во посветувањето на Јеховиното име со тоа што ќе истраат во испити и прогонство, следејќи го примерот на Исус. Еден таков пример беше искуството на Сведоците што страдаа во озлогласениот концентрационен логор Заксенхаузен и го преживеаја исцрпувачкиот марш на смртта на крајот на II светска војна. Во текот на тој марш, илјадници затвореници умреа од смрзнување, болести или глад или, пак, есесовците брутално ги погубија по патот. Сите 230 Сведоци преживеаја држејќи се заедно и помагајќи си иако го ризикуваа дури и сопствениот живот.
16 Што им дало на тие Сведоци сила да издржат такво нечовечно прогонство? Штом стигнале на безбедно, тие ја изразиле својата радост и благодарност кон Јехова во еден документ со наслов „Резолуција на 230 Јеховини сведоци од шест националности, собрани во една шума во близина на Шверин во Мекленбург“. Во неа изјавиле: „Поминавме еден долг и тежок период на испити, а оние што преживеаја, како да беа истргнати од огнена печка, дури не ни мирисаат на оган (Види Даниел 3:27.) Напротив, тие се полни со сила и моќ од Јехова и желно чекаат нови заповеди од Царот за да ги унапредуваат интересите на Теократијата“.c
17. Со кои облици на испити се соочува Божјиот народ денес?
17 Исто како што било случај кај тие 230 верни поединци, и нашата вера може да биде испитана, иако сѐ уште не сме „се спротивставиле до крв“ (Евреите 12:4). Но, испитот може да биде во многу облици. Тоа може да биде исмејување од соучениците или можеби притисок од врсниците да направиме неморал и други престапи. Освен тоа, решеноста да се воздржуваме од крв, да стапиме во брак само во Господ или да ги воспитуваме децата во верата ако живееме во разделен дом понекогаш може да предизвика големи притисоци и испити (Дела 15:29; 1. Коринќаните 7:39; Ефешаните 6:4; 1. Петрово 3:1, 2).
18. Какво уверување имаме дека можеме да ги поднесеме дури и најтешките испити?
18 Меѓутоа, без оглед на тоа каков испит може да нѐ снајде, знаеме дека страдаме затоа што на прво место го ставаме Јехова и неговото Царство и сметаме дека е вистинска предност и радост да се прави тоа. Нѐ охрабруваат успокојувачките зборови на Петар: „Ако ве прекоруваат поради Христовото име, среќни сте, бидејќи духот на славата, да, духот Божји, почива врз вас“ (1. Петрово 4:14). Со моќта на Јеховиниот дух, имаме сила да ги поднесеме дури и најтешките испити, на негова слава и фалба (2. Коринќаните 4:7; Ефешаните 3:16; Филипјаните 4:13).
[Фусноти]
a Настаните во 1960-тите беа само првото од низата жестоки и грозоморни прогонства што мораа да го поднесуваат Сведоците во Малави речиси три децении. За целосен извештај, види го српското издание на Годишник на Јеховините сведоци 1999, страници 171—212.
b Види ја статијата „Врховниот суд го поддржува вистинското обожавање во ‚Араратскта земја‘“, во изданието на Стражарска кула од 1 април 2003, страници 11—14.
c За целосниот текст на резолуцијата, види го англиското издание на Годишник на Јеховините сведоци 1974, страници 208 и 209. Извештај од прва рака на еден преживеан во маршот може да се најде во изданието на Стражарска кула од 1 јануари 1998, страници 25—29.
Можеш ли да објасниш?
• Како гледаат христијаните на страдањето и прогонството?
• Што можеме да научиме од начинот на кој реагирале Исус и другите верни поединци кога биле под испит?
• Зошто не е мудро да се одмаздуваме кога сме прогонувани?
• Која радост го поткрепила Исус за време на неговите испити, и што можеме да научиме од тоа?
[Рамка/слики на страница 15]
Како се справиле со прогонството
• Пред војниците на Ирод да пристигнат во Витлеем за да ги убијат сите машки доенчиња од две години па надолу, под водство на ангелите Јосиф и Марија го зеле доенчето Исус и избегале во Египет (Матеј 2:13—16).
• Безброј пати во текот на службата на Исус, неговите непријатели се обидувале да го убијат затоа што давал моќно сведоштво. Во секоја таква прилика Исус успевал да се извлече (Матеј 21:45, 46; Лука 4:28—30; Јован 8:57—59).
• Кога војниците и службениците дошле во градината Гетсиманија за да го уапсат Исус, тој отворено кажал кој е, при што двапати им рекол: „Јас сум тој“. Тој дури и ги спречил своите следбеници да пружат отпор и му дозволил на мноштвото да го одведе (Јован 18:3—12).
• Во Ерусалим, Петар и другите биле уапсени, тепани и им било наредено да престанат да зборуваат за Исус. Сепак, кога ги пуштиле, тие ‚си заминале и секој ден во храмот и од куќа до куќа продолжиле без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест за Христос, Исус‘ (Дела 5:40—42).
• Кога Савле, кој подоцна станал апостол Павле, дознал дека Евреите во Дамаск сковале завера да го убијат, браќата го ставиле во една кошница и го спуштиле низ еден отвор на градскиот ѕид ноќе и тој побегнал (Дела 9:22—25).
• Со години подоцна, Павле избрал да се повика на цезарот, иако ни управителот Фест ни царот Агрипа не нашле „ништо што заслужува смрт или окови“ (Дела 25:10—12, 24—27; 26:30—32).
[Слики на страници 16 и 17]
Иако жестокото прогонство ги присилило да бегаат, илјадници верни Сведоци од Малави радосно ја извршувале службата за Царството
[Слики на страница 17]
Радоста од посветувањето на Јеховиното име ги поддржала овие верни луѓе за време на нацистичкиот марш на смртта и во концентрационите логори
[Извор на слика]
Марш на смртта: KZ-Gedenkstätte Дахау, со љубезна дозвола на фотографските архиви на USHMM
[Слики на страница 18]
Испитите и притисоците можат да бидат во многу облици