Јехова е наш помошник
„Мојата помош е од Јехова, Творецот на небото и земјата“ (ПСАЛМ 121:2, NW).
1, 2. а) Зошто може да се рече дека на сите нас ни треба помош одвреме-навреме? б) Каков Помошник е Јехова?
НА КОГО од нас никогаш не му притребала помош? Факт е дека понекогаш на сите нас ни треба помош — за да се справиме со некој тежок проблем, за да поднесеме некоја болна загуба, за да издржиме некој тежок испит. Кога им треба помош, луѓето честопати му се обраќаат на некој грижлив пријател. Кога ќе споделиме некое бреме со еден таков пријател, може да ни биде полесно да го носиме. Но, тоа е отприлика сѐ што еден човек може да направи. Освен тоа, другите можеби нема секогаш да бидат во положба да ни помогнат тогаш кога тоа ни е потребно.
2 Меѓутоа, има еден Помошник кој има неограничена моќ и способности. Плус, тој нѐ уверува дека никогаш нема да нѐ напушти. Тоа е Оној чијшто идентитет го открил псалмистот и за кого, со потполна доверба, изјавил: „Мојата помош е од Јехова“ (Псалм 121:2). Зошто овој псалмист бил убеден дека Јехова ќе му помогне? За да одговориме на ова прашање, да го разгледаме 121. Псалм. Тоа ќе ни помогне да видиме зошто можеме и ние со доверба да го сметаме Јехова за наш Помошник.
Непресушен извор на помош
3. Кон кои планини можеби псалмистот ги подигнал своите очи, и зошто?
3 Како темел за доверба во Јехова, псалмистот прво укажал на Неговата творечка моќ: „Ќе ги подигнам очите свои кон планините. Од каде ќе ми дојде помош? Мојата помош е од Јехова, Творецот на небото и земјата“ (Псалм 121:1, 2, NW). Псалмистот не ги подигнал очите кон која и да било планина. Кога биле запишани овие зборови, Јеховиниот храм се наоѓал во Ерусалим. Тој град, сместен високо во јудејските планини, бил Јеховиното фигуративно живеалиште (Псалм 135:21). Можеби псалмистот ги подигнал очите кон ерусалимските планини каде што бил изграден Јеховиниот храм и со доверба му се обратил на Јехова за помош. Зошто псалмистот бил толку сигурен дека Јехова може да му помогне? Затоа што Тој е „Творецот на небото и земјата“. Всушност, псалмистот како да рекол: ‚Сигурно ништо не може да го спречи семоќниот Творец да ми помогне!‘ (Исаија 40:26).
4. Како покажал псалмистот дека Јехова е секогаш свесен за потребите на својот народ, и зошто е тоа утешна мисла?
4 Понатаму, псалмистот објаснил дека Јехова секогаш е свесен за потребите на своите слуги: „Тој нема да остави да се сопне твојата нога и Тој нема да задреме, твојот чувар. Не, не дреме и не спие Тој, Израелевиот чувар“ (Псалм 121:3, 4). Не е можно Бог да дозволи оние што веруваат во него ‚да се сопнат‘ или да претрпат пад од кој не ќе можат да закрепнат (Пословици 24:16). Зошто? Затоа што Јехова е како еден претпазлив пастир што будно ги чува своите овци. Зарем ова не е една утешна мисла? Тој ни за момент нема да замиже пред потребите на својот народ. Деноноќно бдее над нив.
5. Зошто за Јехова се вели дека стои крај ‚десната рака‘?
5 Уверен дека Јехова е лојален Заштитник на својот народ, псалмистот напишал: „Господ е твој пазител, Господ е твоја сенка, на твојата десна рака. Сонцето нема да ти наштети дење ни месечината ноќе“ (Псалм 121:5, 6). На еден патник што патувал пеш по Блискиот Исток, добро ќе му дошло место каде што имало сенка за да се заштити од врелото сонце. Јехова е како сенка за својот народ и го штити од неволји што спржуваат како врела жега. Забележи дека за Јехова се вели дека стои крај ‚десната рака‘. Во древното војување, штитот, кој се држел во левата рака, не ја заштитувал сосем десната рака. Некој лојален пријател можел да биде заштита така што би стоел и би се борел од десната страна на војникот. Како таков пријател, Јехова лојално стои покрај своите обожаватели, секогаш спремен да им помогне.
6, 7. а) Како нѐ уверува псалмистот дека Јехова никогаш нема да престане да му помага на својот народ? б) Зошто можеме да го имаме истото уверување што го имал псалмистот?
6 Дали Јехова некогаш ќе престане да му помага на својот народ? Тешко е дури и да се замисли нешто такво. Псалмистот заклучил: „Господ да те чува од секое зло, да ја чува твојата душа! Господ да го чува твоето излегување и враќање, од сега и довека“ (Псалм 121:7, 8). Забележи дека иако псалмистот употребил сегашно време, од зборовите „од сега и довека“ е јасно дека мислел и на иднината. На овој начин, вистинските обожаватели се уверени дека Јехова ќе им помага и во иднина. Каде и да одат, со каква и неволја да се соочат, Јехова секогаш ќе биде тука да им помогне (Пословици 12:21).
7 Навистина, писателот на 121. Псалм бил уверен дека семоќниот Творец ги чува своите слуги нежно како грижлив пастир и будно како претпазлив чувар. Ја имаме секоја причина и ние да го имаме истото уверување што го имал псалмистот, зашто Јехова не се менува (Малахија 3:6). Дали ова значи дека секогаш ќе бидеме физички заштитени? Не, но сѐ додека му се обраќаме како на наш Помошник, тој ќе нѐ штити од сѐ што би можело да ни нанесе духовна штета. Природно ни доаѓа да се запрашаме: ‚Како ни помага Јехова?‘ Да разгледаме четири начини на кои ни помага тој. Во оваа статија ќе разгледаме како им помагал на своите слуги во библиски времиња, а во наредната како му помага на својот народ денес.
Помош од ангелите
8. Зошто не изненадува тоа што ангелите се длабоко заинтересирани за доброто на земните слуги на Бог?
8 Јехова има под своја команда милиони и милиони ангели (Даниел 7:9, 10). Овие духовни синови верно ја извршуваат неговата волја (Псалм 103:20). Тие добро знаат дека Јехова многу ги сака своите човечки обожаватели и дека сака да им помогне. Не изненадува тоа што ангелите се длабоко заинтересирани за доброто на земните слуги на Бог (Лука 15:10). Значи, ангелите сигурно се радосни што Јехова ги користи за да им помага на луѓето. На кои начини Јехова ги користел ангелите за да им помогне на своите човечки слуги во древни времиња?
9. Дај пример за тоа како Бог ги овластил ангелите да ги штитат верните луѓе.
9 Бог ги овластил ангелите да ги штитат и да ги избавуваат верните луѓе. Двајца ангели им помогнале на Лот и на неговите ќерки да се спасат од уништувањето на Содом и Гомора (Битие 19:1, 15—17). Само еден ангел убил 185.000 асирски војници што му се заканувале на Ерусалим (2. Цареви 19:35). Кога Даниел бил фрлен во лавовска јама, Јехова ‚го испратил својот ангел и им ги затворил устите на лавовите‘ (Даниел 6:21, 22). Еден ангел го ослободил апостол Петар од затвор (Дела 12:6—11). Библијата спомнува и многу други примери за ангелска заштита, со што е потврдено она што е кажано во Псалм 34:7: „Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува“.
10. Како употребил Јехова еден ангел за да го охрабри пророкот Даниел?
10 Во некои прилики, Јехова користел ангели за да ги охрабрат и зајакнат верните луѓе. Трогателен пример за тоа се наоѓа во 10. поглавје од Даниел. Во тоа време, Даниел можеби имал околу 100 години. Пророкот бил многу обесхрабрен, веројатно затоа што Ерусалим бил запустен а градењето на храмот се одолговлекувало. Исто така, се вознемирил кога видел една застрашувачка визија (Даниел 10:2, 3, 8). Бог со љубов му испратил еден ангел за да го охрабри. Ангелот повеќе од еднаш го потсетил Даниел дека за Бог тој е ‚љубимец‘. Кој бил резултатот од тоа? Остарениот пророк му рекол на ангелот: „Ме охрабри“ (Даниел 10:11, 19).
11. Кој е еден пример за тоа како ангелите биле користени за да го водат делото на проповедање на добрата вест?
11 Јехова користел ангели и за да го водат делото на проповедање на добрата вест. Еден ангел го упатил Филип да му проповеда за Христос на еден етиопски евнух, кој потоа се крстил (Дела 8:26, 27, 36, 38). Кратко по ова, Божја волја било добрата вест да им се проповеда и на необрежаните не-Евреи. Еден ангел му се појавил во визија на Корнелиј, богобојазлив не-Евреин, и му рекол да го повика апостол Петар. Кога гласниците на Корнелиј го нашле Петар, му рекле: „Корнелиј . . . преку свет ангел доби божествено упатство да те повика да дојдеш во неговиот дом и да го чуе она што имаш да го кажеш“. Петар се оѕвал на тоа, и така првите необрежани не-Евреи станале членови на христијанското собрание (Дела 10:22, 44—48). Замисли си како би се чувствувал ти кога би знаел дека ангел ти помогнал да стапиш во контакт со некое исправно наклонето лице!
Помош преку светиот дух
12, 13. а) Зошто апостолите на Исус имале добра причина да веруваат дека светиот дух може да им помогне? б) На кој начин светиот дух ги оспособил христијаните од првиот век?
12 Кратко пред да умре, Исус ги уверил своите апостоли дека нема да бидат оставени без помош. Таткото ќе им испрати ‚помошник, светиот дух‘ (Јован 14:26). Апостолите имале добра причина да веруваат дека светиот дух може да им помогне. Впрочем, во инспирираното Свето писмо има многу примери за тоа како Јехова го користел светиот дух, најголемата сила што воопшто постои, за да му помага на својот народ.
13 Во многу прилики, светиот дух бил користен за да ги оспособи луѓето да ја вршат Јеховината волја. Светиот дух ги оспособил судиите да го ослободат Израел (Судии 3:9, 10; 6:34). Истиот тој дух ги оспособил христијаните од првиот век да продолжат смело да проповедаат и покрај сето противење (Дела 1:8; 4:31). Тоа што со успех ја извршувале својата служба дало убедлив доказ дека светиот дух дејствува. Како инаку би можело да се објасни тоа што „неуки и обични“ луѓе можеле да ја рашират пораката за Царството низ целиот тогаш познат свет? (Дела 4:13; Колошаните 1:23).
14. Како го користел Јехова својот свет дух за да го просветли својот народ?
14 Јехова го користел својот свет дух и за да го просветли својот народ. Со помош на Божјиот дух, Јосиф можел да ги протолкува пророчките сонови на фараонот (Битие 41:16, 38, 39). Преку својот дух, Јехова им ги открил своите намери на понизните, но ги скрил од гордите (Матеј 11:25). Затоа, за она што Јехова им го дава „на оние кои го љубат“, апостол Павле рекол: „Бог нам ни го откри тоа преку својот дух“ (1. Коринќаните 2:7—10). Само со помошта од светиот дух човек може навистина да ја разбере Божјата волја.
Помош од Божјата реч
15, 16. Што му било кажано на Исус Навин за да може да постапува мудро?
15 Јеховината инспирирана реч е ‚корисна за поучување‘ и им помага на Божјите слуги да бидат ‚потполно оспособени, целосно опремени за секое добро дело‘ (2. Тимотеј 3:16, 17). Во Библијата има многу примери за тоа како на Божјите слуги од древни времиња им помогнале деловите од неговата Реч што веќе биле запишани.
16 Библијата помогнала Божјите обожаватели да добијат добро водство. Кога на Исус Навин му била доверена одговорноста да го води Израел, му било кажано: „Книжниот свиток на Законот [што го запишал Мојсеј] нека биде на твојата уста: размислувај за него дење и ноќе, за да пазиш верно сѐ што е напишано во него: само тогаш ќе бидеш среќен и ќе успееш во потфатите [ќе постапуваш мудро, NW]“. Забележи дека Бог не му ветил на Исус Навин дека ќе му влее мудрост преку некое чудо. Наместо тоа, ако Исус Навин го читал и ако размислувал за „книжниот свиток на Законот“, ќе постапувал мудро (Исус Навин 1:8; Псалм 1:1—3).
17. Како им помогнале на Даниел и на цар Јосиј деловите од Библијата што им биле достапни?
17 Исто така, Божјата пишана реч помогнала да се објават неговата волја и намера. На пример, од записите на Еремија, Даниел сфатил колку долго Ерусалим ќе биде запустен (Еремија 25:11; Даниел 9:2). Размисли и за она што се случило за време на владеењето на јудејскиот цар Јосиј. Во тоа време, нацијата веќе се оддалечила од Јехова и изгледа дека царевите престанале да си прават личен примерок од Законот и не го применувале (Второзаконие 17:18—20). Но, додека храмот се поправал, бил пронајден „книжниот свиток на Законот“, веројатно напишан од Мојсеј. Можеби тоа бил оригиналниот текст што бил завршен околу 800 години пред тоа. Откако му го прочитале Законот, Јосиј сфатил колку многу нацијата ја прекршувала Јеховината волја, и презел строги мерки за да го прави она што било запишано во книгата (2. Цареви 22:8; 23:1—7). Зарем не е очигледно дека на Божјиот народ од древни времиња му помогнале деловите од Светото писмо што му биле достапни?
Помош од соверниците
18. Зошто можеме да речеме дека, секогаш кога еден вистински обожавател ќе му помогне на друг, вистинскиот извор на таа помош е, всушност, Јехова?
18 Помошта што Јехова ни ја дава честопати ја добиваме преку соверниците. Навистина, секогаш кога еден вистински обожавател ќе му помогне на друг, вистинскиот извор на таа помош е, всушност, Бог. Зошто го велиме ова? Од две причини. Прво, вклучен е Божјиот свет дух. Тој дух создава плодови, меѓу кои се и љубовта и добротата, кај оние што бараат тој да влијае врз нив (Галатите 5:22, 23). Според тоа, кога еден Божји слуга е поттикнат да му помогне на некој друг, тоа е доказ дека Јеховиниот дух дејствува. Второ, создадени сме според Божјиот лик (Битие 1:26). Ова значи дека можеме да ги покажуваме неговите особини, вклучувајќи ги и неговата љубезност и сочувство. Затоа, кога еден слуга на Јехова ќе му помогне на друг, вистинскиот Извор на помошта е оној чии особини биле имитирани.
19. Според библискиот извештај, како Јехова обезбедувал помош преку соверниците?
19 Како Јехова обезбедувал помош преку соверниците во библиски времиња? Јехова честопати поттикнувал некој негов слуга да му даде совет на некој друг, како кога Еремија му дал животоспасувачки совет на Варух (Еремија 45:1—5). Одвреме-навреме, вистинските обожаватели биле поттикнати да дадат материјална помош за соверниците, како кога христијаните од Македонија и Ахаја покажале желба да им помогнат на своите сиромашни браќа во Ерусалим. Апостол Павле забележал дека таквата великодушност со право донела „израз на благодарност кон Бог“ (2. Коринќаните 9:11).
20, 21. Под кои околности апостол Павле бил зајакнат од браќата од Рим?
20 Особено трогателни се извештаите за тоа како Јеховините слуги вложиле напори за да се зајакнат и да се охрабрат еден со друг. Разгледај еден пример во кој е вклучен апостол Павле. Додека бил на пат кон Рим како затвореник, Павле патувал по римскиот пат познат како Апиев пат. Последниот дел од патувањето бил особено непријатен зашто патниците морале да поминат низ мочурлив, низински предел.a Браќата од собранието во Рим знаеле дека Павле доаѓа. Што да направат? Дали да чекаат во удобноста на својот дом во градот додека да пристигне Павле и потоа да излезат да го поздрават?
21 Библискиот писател Лука, кој го придружувал Павле на ова патување, ни кажува што се случило: „Откако тамошните [римските] браќа ги слушнаа вестите за нас, ни излегоа во пресрет дури до Апиевиот плоштад и Трите крчми“. Можеш ли да си ја замислиш таа сцена? Знаејќи дека Павле доаѓа, една делегација од браќа патувала од Рим за да го пречека. Еден дел од делегацијата чекал на Апиевиот плоштад, добро позната попатна постојка околу 74 километри од Рим. Другите браќа чекале во Трите крчми, попатна постојка на околу 58 километри од градот. Како реагирал Павле? Лука известува: „Кога ги здогледа, Павле му заблагодари на Бог и се охрабри“ (Дела 28:15). Замисли си — само тоа што ги видел овие браќа кои вложиле труд да го поминат целиот тој пат, за Павле било извор на сила и утеха! И кому му се заблагодарил Павле за оваа поддршка и помош? На оној што стоел зад тоа, Јехова Бог.
22. Кој ни е годишниот стих за 2005, и што ќе биде разгледано во наредната статија?
22 Јасно, инспирираниот извештај за тоа како постапувал Бог говори самиот за себе. Тој е Помошник кому му нема рамен. Во склад со тоа, годишен стих на Јеховините сведоци за 2005 ќе им бидат зборовите од Псалм 121:2 [NW]: „Мојата помош е од Јехова“. Но, како ни помага Јехова денес? Ова ќе биде разгледано во наредната статија.
[Фуснота]
a Римскиот поет Хорациј (65—68 пр.н.е.), кој патувал по истиот пат, зборувал во врска со неудобностите на овој дел од патувањето. Хорациј опишал дека плоштадот во Апиј бил „претрупан со сопственици на чамци и скржави крчмари“. Се жалел на „проклетите комарци и жаби“ и на „одвратната“ вода.
Се сеќаваш ли?
На кои начини Јехова обезбедувал помош —
• преку ангелите?
• преку својот свет дух?
• преку својата инспирирана Реч?
• преку соверниците?
[Истакната мисла на страница 15]
Годишниот стих за 2005 ќе биде: „Мојата помош е од Јехова“ (Псалм 121:2, NW).
[Слика на страница 16]
Павле му се заблагодарил на Бог за помошта што ја добил од браќата од Рим