Денот на дипломирањето — прекрасен ден
„БЛАГОСЛОВЕНИ сме со еден прекрасен ден. Сонцето свети. Небото е сино. Тревата е зелена. Птиците пеат. Сѐ навестува прекрасен ден и нема да бидеме разочарани. Јехова не е Бог на разочарувања. Тој е Бог на благослови.“
Со овие забелешки, брат Семјуел Херд, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, ја започна програмата по повод дипломирањето на 117-от клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower. Тоа се случи на 11 септември 2004. Одличната програма содржеше изградувачки библиски совети, како и локални искуства и искуства од мисионерското подрачје. Да, тоа навистина беше прекрасен ден за сите 6.974 присутни во Образовниот центар на Watchtower во Патерсон (Њујорк) и во другите комплекси во Бруклин и Волкил што беа поврзани со телевизиски пренос.
Зборови на охрабрување за студентите
Џон Кикот, кој е член на Одборот на подружницата во САД, кажа охрабрувачки зборови во темата „Задржи радост како мисионер“. Истакна дека студентите од Гилеад се познати по нивната радост, која беше очигледна и на ова дипломирање. Поуките од Библијата што ги добија во текот на школскиот семестар им донесоа радост на студентите, и сега тие се во можност да им помогнат и на другите да почувствуваат слична радост. Како? Така што ќе се трошат себеси во својата служба како мисионери. Исус рекол: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). Додека го имитираат Јехова Бог, великодушниот ‚среќен Бог‘ кој им ја дава вистината на другите, тие ќе можат да ја задржат и својата радост (1. Тимотеј 1:11).
Следен на програмата беше уште еден член на Водечкото тело, Дејвид Сплејн, кој говореше на тема „Како ќе се согласувате со другите?“ Нема сомнение дека е убаво и пријатно да се живее во единство, иако можеби за тоа ќе треба ‚на луѓето од сите видови да им станеме сѐ‘ (1. Коринќаните 9:22; Псалм 133:1). Брат Сплејн спомна дека во мисионерското дело дипломците ќе имаат контакт со многу луѓе — луѓето на подрачјето, другите мисионери, браќата и сестрите во новото собрание и оние од канцеларијата на подружницата што го водат делото на проповедање и правење ученици. Тој даде практични предлози за тоа како да се направи меѓучовечките односи да бидат што е можно попријатни: научи го тамошниот јазик, биди спремен да се привикнеш на локалните обичаи, почитувај ја приватноста на другите мисионери и биди им послушен на оние што го преземаат водството (Евреите 13:17).
Потоа, инструкторот на Гилеад, Лоренс Боуен, праша: „Како размислуваш ти?“ Тој ги потсети студентите дека оние што ‚суделе по надворешниот изглед‘ не го прифатиле Исус како Месија (Јован 7:24). Како несовршени луѓе, мораме да внимаваме да не почнеме наместо „Божји мисли“ да ‚мислиме човечки мисли‘ (Матеј 16:22, 23). Дури и духовните луѓе мораат да продолжат да го приспособуваат начинот на кој размислуваат. Како што е случај со еден брод на море, промените што се прават сега можат да значат дека или ќе стигнеме до целта или ќе доживееме духовен бродолом. Континуираното проучување на Библијата во нејзиниот контекст ни помага да мислиме „Божји мисли“.
Валас Ливеранс, друг инструктор на Школата Гилеад, го заклучи овој дел од програмата. Неговата тема, која се темелеше на Исаија 55:1, беше „Што ќе купиш?“ Тој ги охрабри студентите да ги ‚купат‘ освежувањето, радоста и храната што доаѓаат од Божјата пророчка порака за нашево време. Пророштвото на Исаија ја споредува оваа Реч Божја со вода, вино и млеко. Како може да се купи сето тоа „без сребреници и без плаќање“? Брат Ливеранс објасни дека тоа е можно ако се обрне внимание на библиското пророштво и ако небиблиските мисли и патишта се заменат со Божјите мисли и патишта (Исаија 55:2, 3, 6, 7). На овој начин, новите мисионери ќе можат да се одржат на нивните странски доделби. Несовршените луѓе честопати мислат дека среќата зависи од стремежот по материјална удобност. „Не дозволувајте да ви продадат такви идеи“, поттикна говорникот. „Не верувајте во тоа. Одвојте си време за смисловно да ја проучувате Божјата пророчка реч. Тоа може да ве освежи, да ве зајакне и да ви донесе радост во вашата мисионерска доделба.“
Интересни искуства на студентите и интервјуа
Студентите редовно учествуваа во проповедничката активност. Под водство на Марк Нојмар, друг инструктор на Гилеад, неколкумина од класот прикажаа искуства што ја нагласија темата „Не се срамиме од добрата вест“ (Римјаните 1:16). Присутните уживаа додека слушаа како овие искусни објавители сведочеле од куќа до куќа, на улица и во трговски центри. Студентите што знаеја други јазици презедоа иницијатива да дојдат до луѓето што го зборуваат тие јазици на подрачјето на своето собрание. Другите добро ги користеа библиските публикации што ги издаваат Јеховините сведоци кога одеа на повторни посети и кога ќе започнеа домашни библиски студии. Тие ‚не се срамеа‘ да ја проповедаат добрата вест.
Брат Вилијам Нонкс, кој служи во Службениот оддел, интервјуираше искусни мисионери од Буркина Фасо, Летонија и Русија. Тие дадоа практични совети што се сосредоточија на темата „Јехова со љубов ги наградува верните“. Еден од браќата што беа интервјуирани ги поттикна студентите да се потсетат на војската од 300 војници на Гедеон. Секој војник си имал своја задача, што придонело походот на Гедеон да успее (Судии 7:19—21). Слично на тоа, и мисионерите што ќе останат на своите доделби ќе бидат наградени.
„На луѓето од сите видови станете им сѐ“ беше темата што беше истакната во интервјуата што потоа ги водеше Семјуел Робертсон, кој е инструктор во Патерсон. Тој интервјуираше четворица членови на Одбори на подружници, од Сенегал, Гуам, Либерија и Мадагаскар. Во овие земји служат вкупно 170 мисионери. Од коментарите, дипломците дознаа на кој начин Одборот на подружницата им помага на новите мисионери да се привикнат на нивните доделби. Тоа честопати значи да се научат обичаи што можеби изгледаат невообичаени за Западните стандарди. На пример, во некои земји е сосем нормално да видиш мажи, вклучувајќи ги и мажите во христијанското собрание, како се држат за рака додека се шетаат како пријатели. Во некои места што спаѓаат под подружницата во Гуам, се служат необични јадења. Но, други се привикнале, па и новите мисионери ќе можат да се привикнат!
Гај Пирс, член на Водечкото тело, ја разработи темата „Останете лојални на ‚царството на нашиот Господ‘ “. Тој ги потсети присутните: „Јехова создавал со цел. Тој имал некаква намера за своите творби. Неговата намера за оваа Земја не се променила. Таа незапирливо оди кон своето исполнување. Ништо не може да го смени тоа“ (Битие 1:28). Брат Пирс ги охрабри сите лојално да се подложат на Божјиот суверенитет и покрај тешкотиите што се последица од гревот на првиот човек, Адам. „Живееме во часот на суд. Имаме уште малку време за да ги најдеме оние со искрени срца и да им помогнеме да ја дознаат вистината. Добро да го користиме времето за да ги достигнеме другите со добрата вест за Царството“, поттикна брат Пирс. Оние што лојално го поддржуваат Божјето Царство можат да сметаат на неговата поддршка (Псалм 18:25).
Во последниот дел, претседавачот прочита поздрави и желби за сѐ најубаво од подружници од целиот свет. Потоа на дипломците им беа врачени дипломите, а еден од нив прочита писмо од класот со кое изразија длабока благодарност за обуката што ја добија. Тоа беше соодветен крај на еден прекрасен ден што сите присутни долго ќе го паметат.
[Рамка на страница 23]
ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ
Број на застапени земји: 11
Број на земји во кои се доделени: 22
Број на студенти: 48
Просечна старост: 34,8
Просек на години во вистина: 18,3
Просек на години во полновремена служба: 13,4
[Слика на страница 24]
117. клас што дипломираше на Библиската школа Гилеад на Watchtower
Во списокот долу, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.
1) Томпсон Е.; Норвел Г.; Пауел Т.; Коза М.; Мек-Интаер Т. 2) Рајли А.; Клејтон К.; Ален Џ.; Бланко А.; Муњос Л.; Рустад Н. 3) Гереро З.; Гарсија К.; Мек-Керли Д.; Ишикава Т.; Бланко Г. 4) Мек-Интаер С.; Крус Е.; Гереро Џ.; Ричи О.; Авелјанеда Л.; Гарсија Р.; 5) Пауел Џ.; Фиска Х.; Муњос В.; Бауман Д.; Шо С.; Браун К.; Браун Л. 6) Шо К.; Рајли А.; Пелокин К.; Мунк Н.; Мек-Керли Д.; Ишикава К. 7) Мунк М.; Пелокин Џ.; Коза Т.; Авелјанеда М.; Ален К.; Ричи Е.; Норвел Т. 8) Крус Џ.; Бауман Х.; Клејтон З.; Фиска Е.; Томпсон М.; Рустад Џ.