Животна приказна
Дознав зошто Бог ги допушта страдањата и ми се смени животот
РАСКАЖАЛ ХАРИ ПЕЛОЈАН
Зошто Бог ги допушта страдањата? Ова прашање ме измачуваше уште од мал. Моите родители беа вредни, чесни луѓе посветени на семејството. Но, татко ми воопшто не беше религиозен, а мајка ми беше само малку. Затоа не можеа да ми дадат одговор на моето прашање.
ПРАШАЊЕТО продолжи уште повеќе да ме измачува за време на Втората светска војна, кога три години служев во морнарицата на Соединетите Држави. Кога заврши војната, бев испратен да служам на еден брод кој носеше хуманитарна помош во Кина. За речиси една година, колку што бев таму, бев сведок на неописливо страдање.
Кинезите се вредни, паметни луѓе. Но, многу од нив мака мачеа со сиромаштијата и со насилството што зеде замав во Втората светска војна. Посебно бев погоден кога ќе видев како многу слатки дечиња, прегладнети и во партали, просеа од нас додека слегувавме од бродот.
Зошто?
Роден сум во 1925 година и пораснав во Калифорнија (САД). Никогаш во животот немав видено такво нешто. Затоа не можев да престанам да се прашувам: „Ако постои семоќен Творец, зошто би дозволил толку многу луѓе, а посебно невини деца, да страдаат во такви услови?“
Покрај тоа, се прашував зошто Бог, ако навистина постои, би го дозволил сето уништување, масовно убивање, смрт и страдање што човештвото ги доживеало низ вековите — а особено за време на Втората светска војна, кога дури 50 милиони луѓе ги изгубија животите. И зошто, во текот на таа војна, поттикнати од нивните свештеници меѓусебно се убиваа луѓе што припаѓаа на една иста религија, само затоа што беа од различна националност?
Телескопот
Кога во 1939 година започна Втората светска војна, а со тоа и масовниот колеж на луѓето насекаде во светот, не можев да верувам дека постои Бог. Потоа, на час по наука во средно училиште, секој од учениците требаше да изработи по некој научен инструмент. Бидејќи ме интересираше астрономијата, се зафатив да направам голем рефлектен телескоп, со огледало со дијаметар од 20 сантиметри.
За да го направам телескопот, купив парче стакло дебело околу 3 сантиметри и широко 20 сантиметри, и го однесов на стаклар за да ми го исече кружно. Потоа го почнав мачното рачно стружење за да го претворам во вдлабнато огледало. На тоа го посветив сето слободно време во текот на целото полугодие. Кога огледалото беше готово, го монтирав во една долга метална цевка и го доопремив телескопот со окна со различна јачина.
Во една јасна ноќ без месечина, за првпат излегов надвор со својот телескоп и го фокусирав на ѕвездите и на планетите во нашиот Сончев систем. Едноставно бев запрепастен од бројот и од извонредната организираност на небесните тела. Но, кога дознав дека некои „ѕвезди“ се, всушност, цели галаксии како нашиот Млечен пат, и дека во секоја има по милијарди ѕвезди, се зачудив уште повеќе.
Си реков: „Нема шанси сето ова да настанало само од себе. Редот не може да биде резултат на случајност. Во вселената владее таков ред што таа мора да е дело на гениј. Можно ли е, сепак, да постои Бог?“ По ова со телескопот, веќе не бев толку догматичен во своите атеистички ставови.
Сето тоа ме натера да се запрашам: „Ако постои толку моќен и мудар Бог, способен да направи нешто толку чудесно како вселената, зарем не е способен да ја поправи бедната состојба на Земјата? И зошто воопшто дозволил да се најдеме во толку бедна состојба?“ Кога ќе им ги поставев овие прашања на религиозни лица, не можеа да ми дадат задоволувачки одговор.
По средното училиште и неколку години колеџ стапив во американската морнарица. Но, и капеланите во војската не можеа да одговорат на моите прашања. Многу често, оние што беа побожни ќе речеа нешто како: „Чудни се Господовите патишта“.
Продолжувам со потрагата
Моите прашања околу тоа зошто Бог ги допушта страдањата останаа и откако си заминав од Кина. Не можев да ги тргнам од глава, особено откако ги видов воените гробишта на многуте острови на коишто застанувавме по патот накај дома додека пловевме по Пацификот. Речиси сите гробови беа на млади луѓе кои само што почнале да живеат.
Откако се вратив во Соединетите Држави и завршив со воената служба, ми остана да довршам уште една година на универзитетот Харвард во Кембриџ, Масачусетс. По таа година дипломирав, но не се вратив дома во Калифорнија. Решив некое време да останам на источниот брег на земјата и да се обидам да најдам одговор на моите прашања. Планирав да појдам во Њујорк Сити, кадешто имаше многу религии, за да видам за што се поучуваше во нив.
Тетка ми, Изабел Капијан, која живееше во Њујорк, ме покани да седам кај нив. Таа и двете нејзини ќерки, Роуз и Рут, беа Јеховини сведоци. Бидејќи мислев дека нема да ме интересира она во што веруваа тие, почнав да одам кај други религии, да разговарам со нивни членови и да читам нивна литература. Обично ќе ги прашав зошто Бог ги допушта страдањата, но и тие знаеја колку што знаев и јас. На крај, заклучив дека, најверојатно, сепак нема Бог.
Ги наоѓам одговорите
Потоа им побарав на тетка ми и на братучетките нешто од нивната литература за да видам во што веруваат Јеховините сведоци. Веднаш штом ги прочитав публикациите, увидов дека Сведоците многу се разликуваат од другите религии. Одговорите се темелеа на Библијата и ме задоволија. За кратко време, моите прашања околу тоа зошто Бог ги допушта страдањата беа одговорени.
Но, можев да видам и дека Јеховините сведоци не само што имаат одговори од Библијата, туку и живеат во склад со неа. На пример, ја прашав тетка ми што правеа Јеховините сведоци во Германија за време на Втората светска војна. Дали одеа во војска, дали велеа „Хајл Хитлер!“, и дали го поздравуваа знамето со кукаст крст? Нејзиниот одговор беше: „Не, не го сторија тоа“. Поради овој свој неутрален став, биле праќани во концентрациони логори, кадешто многу од нив биле убиени. Таа ми објасни дека за време на војната Јеховините сведоци насекаде во светот имале ист став — биле неутрални. Дури и во демократските земји, младите мажи Јеховини сведоци биле затворани поради својот неутрален став.
Потоа тетка ми ме замоли да го прочитам стихот од Јован 13:35, кадешто пишува: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“. Без оглед каде живеат, вистинските христијани треба да се препознаваат по овој знак — љубовта. За нив е назамисливо да се борат едни против други во војна и да се убиваат само затоа што не се од иста националност! Таа праша: „Можеш ли да си го замислиш Исус и неговите ученици како се убиваат едни со други на спротивставени страни во римските војни?“
Исто така, ми кажа да прочитам што пишува и во 1. Јованово 3:10-12. Таму стои: „Децата Божји и децата на Ѓаволот се познаваат по ова: Секој кој не врши праведност, не потекнува од Бог, како и оној кој не го љуби својот брат . . .треба да имаме љубов еден кон друг; не како Каин, кој потекнуваше од злобниот и го уби својот брат“.
Библијата е јасна. Вистинските христијани се сакаат едни со други без разлика во која земја живеат. Тоа значи дека никогаш нема да убијат некој од своите духовни браќа ниту, пак, кој и да е друг. Затоа Исус можел да го рече следново за своите следбеници: „Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:16).
Зошто е допуштено злото
Наскоро дознав дека Библијата ни дава одговор зошто Бог го допушта страдањето. Таа објаснува дека, кога Бог ги создал нашите први родители, ги направил совршени и ги сместил во една рајска градина (Битие 1:26; 2:15). Покрај тоа, Бог им дал еден многу пожелен подарок — слободна волја. Но, ова свое право морале да го користат одговорно. Ако му останеле послушни на Бог и на неговите закони, ќе продолжеле да живеат како совршени во рајот. Ќе можеле целата земја да ја претворат во рај. Нивните потомци ќе биле совршени, што значи дека, со текот на времето, целата земја ќе станела преубав рај населен со совршени, среќни луѓе (Битие 1:28).
Но, ако Адам и Ева одбереле да тргнат по свој сопствен пат, независен од Бог, тој немало да дозволи да продолжат да живеат како совршени луѓе (Битие 2:16, 17). За жал, нашите први родители не ја искористиле исправно слободната волја и одбрале да живеат независно од Бог. На тоа биле поттикнати од едно бунтовно духовно суштество, кое е познато како Сатана Ѓаволот. Тој копнеел да биде независен од Бог и да биде обожаван, нешто на кое има право единствено Бог (Битие 3:1-19; Откровение 4:11).
Така Сатана станал „богот на овој систем на работи“ (2. Коринќаните 4:4). Библијата вели: „Целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Исус го нарекол Сатана „владетелот на светот“ (Јован 14:30). Непослушноста на Сатана и на нашите први родители му донела несовршенство, насилство, смрт, тага и страдање на целото човештво (Римјаните 5:12).
„Патот на човекот не е во неговата власт“
За да покаже до што ќе ги доведе луѓето тоа што не сакаат да ги почитуваат законите на Творецот, Бог дозволил во текот на неколку илјади години да живеат со последиците на нивната непослушност. Во текот на ова време луѓето имале доволно можности да ја увидат вистинитоста на она што го вели Библијата: „Патот на човекот не е во неговата власт... човекот, кој што оди, не може да ги управува своите чекори! Господи, казни [укори, NW] ме“ (Еремија 10:23, 24).
Денес, по толку многу векови зад нас, јасно ни е дека владеењето независно од Бог се покажало катастрофално. Затоа, Бог нема намера да ги остави луѓето и понатаму да продолжат со своето штетно експериментирање да бидат независни од него и да не ги почитуваат неговите закони.
Прекрасна иднина
Пророштвата дадени во Библијата покажуваат дека, многу скоро, Бог ќе му стави крај на овој злобен, безмилосен свет: „Уште малку и ќе го снема безбожникот, ќе го бараш неговото место, а него веќе ќе го нема. Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11).
Пророштвото дадено во Даниел 2:44 вели: „Во времето на овие цареви (сите видови на власт што постојат моментално) Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека“. Никогаш повторно нема да биде дозволено да владее некој човек. Над целата земја ќе управува Божјето Царство. Под таа власт, целата земја ќе биде претворена во рај, а луѓето ќе станат совршени и ќе можат вечно да живеат во среќа. Библијата ветува: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага, ни пискот, ни болка“ (Откровение 21:4). Каква прекрасна иднина замислил Бог за нас!
Поинаков живот
Тоа што добив задоволувачки одговори на моите прашања ми го промени животот. Од тој момент, сакав да му служам на Бог и да им помагам на другите да го пронајдат одговорот на тие прашања. Сфатив колку е сериозно она што е запишано во 1. Јованово 2:17: „Светот [денешниот светски поредок со кој управува Сатана] поминува, и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“. Многу сакав да живеам вечно во Божјиот нов свет. Решив да останам во Њујорк и се поврзав со едно собрание на Јеховините сведоци таму. Доживеав многу убави искуства додека им помагав и на други да го дознаат она што го дознав и јас.
Во 1949 година ја запознав Роуз Мари Луис. Таа, шесте нејзини сестри и мајка ѝ, Сејди, беа Јеховини сведоци. Роуз му служеше на Бог проповедајќи полновремено. Имаше безброј убави особини, и веднаш ме привлече. Се венчавме во јуни 1950 година и останавме да живееме во Њујорк. Службата што ја извршувавме нѐ исполни со среќа, а се радувавме и на надежта вечно да живееме во Божјиот нов свет.
Во 1957 година, Роуз Мари и јас бевме поканети полновремено да служиме во главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк. Во јуни 2004 година бевме во среќен брак веќе 54 години, од кои 47 поминавме во седиштето во Бруклин. Тоа беа години на среќна служба за Јехова и блиска соработка со илјадници соверници.
Најтешкото страдање во мојот живот
За жал, во почетокот на декември 2004 година, на Роуз Мари и беше дијагнозиран канцероген тумор на едното белодробно крило. Докторите беа согласни дека се работи за рак што брзо се шири и дека затоа туморот мора да се отстрани. Операцијата беше направена при крајот на истиот месец, и по околу една седмица, додека и јас бев во болничката соба на Роуз, влезе хирургот и рече: „Роуз Мари, слободно оди си дома! Излечена си!“
Но, само неколку дена откако си дојдовме дома, Роуз Мари доби силни болки во желудникот и на други места. Бидејќи траеја непрекинато, повторно појде во болница за да направи дополнителни испитувања. Беше утврдено дека, од некоја причина, во повеќето витални органи ѝ се создава згрутчена крв, што спречува органите да го добијат неопходниот кислород. Докторите направија сѐ што може да се направи за да го спречат ова, но безуспешно. Само неколку седмици подоцна, на 30 јануари 2005 година, бев погоден со најтешкиот удар во мојот живот. Мојата најмила Роуз Мари почина.
Тогаш имав речиси 80 години и во животот имав видено како многу луѓе страдаат, но ова беше нешто друго. Роуз Мари и јас бевме, како што вели Библијата, „едно тело“ (Битие 2:24). Видов колку страдаа некои луѓе, а и самиот страдав кога ми умираа пријатели и роднини. Но, страдањето што го почувствував кога почина мојата жена беше многу посилно и трае многу подолго. Сега потполно разбирам каква неизмерна тага им причинувала на луѓето смртта на најмилите веќе толку долго.
Сепак, многу ми помогна да ја совладам тагата тоа што сфаќам кој е изворот на страдањето и како тоа ќе заврши. Псалм 34:18 вели: „Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух“. Најмногу ми помага да ја издржам болката тоа што знам дека Библијата вели дека ќе има воскресение, дека оние што се во гробовите ќе излезат и ќе им биде дадена можност да живеат засекогаш во Божјиот нов свет. Дела 24:15 вели: „Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“. Роуз Мари многу го сакаше Бог. Сигурен сум дека и тој ја сака и дека ќе се сети на неа и ќе ја врати во живот тогаш кога одредил, се надевам многу скоро (Лука 20:38; Јован 11:25).
Иако болката што ја носи смртта на најмилиот е огромна, радоста кога повторно ќе оживее ќе биде уште поголема (Марко 5:42). Божјата реч ветува: „Твоите мртви ќе оживеат... и земјата ќе ги исфрли мртвите“ (Исаија 26:19). Многу од „праведните“ спомнати во Дела 24:15 најверојатно ќе бидат меѓу првите што ќе воскреснат. Колку прекрасно ќе биде тоа време! А меѓу оние што ќе се вратат ќе биде и Роуз Мари. Со колкава радост ќе ја пречекаме сите што ја сакаме! Колку само ќе бидеме среќни тогаш што ќе се наоѓаме во свет во кој повеќе нема да постои страдање!
[Слики на страница 9]
Додека бев во Кина, видов многу страдање
[Слики на страница 10]
Од 1957 година, служам во главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин
[Слика на страница 12]
Во 1950 година се оженив со Роуз Мари
[Слика на страница 13]
Со Роуз Мари на 50-годишнината од нашиот брак, во 2000 година