Тој уживаше во законот на Јехова
АЛБЕРТ Д. ШРЕДЕР, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, заврши со својот живот на Земјата во средата, на 8 март 2006 година. Имаше 94 години и помина повеќе од 73 години во полновремена служба.
Брат Шредер е роден во Сегино (Мичиген, САД), во 1911 година.a Кога бил дете, научил многу за Библијата од својата баба, која му всадила и љубов кон читањето на Јеховината реч. Студирал латински и германски јазик и електротехника на универзитетот Мичиген. Меѓутоа, кога се зголемило неговото ценење за Светото писмо, тој прекинал со световните студии за да почне полновремено да служи како проповедник за Царството. Во 1932 година стана член на бетелската фамилија во Бруклин (Њујорк).
Во 1937 година, на возраст од 26 години, брат Шредер доби задача да го надгледува делото на Јеховините сведоци во Британија. Неговата ревност за проповедничкото дело охрабри многумина од таа земја да започнат со полновремена служба. Еден млад човек со кој соработуваше во Бетелот во Лондон беше Џон Е. Бар. Подоцна тие многу години служеа заедно во Водечкото тело.
Она што го правеше брат Шредер за Јеховините сведоци не помина незабележано во воените години. Во август 1942 година, тој беше депортиран од Британија. По мачното патување низ Атлантикот за време на војната, во септември тој се врати во Бруклин.
Во тоа време, Јеховините слуги веќе беа во исчекување на големото дело што требаше да започне откако ќе заврши Втората светска војна. Брат Шредер беше изненаден и среќен кога ја доби својата следна задача — да помогне во составувањето на наставната програма за мисионерската школа Гилеад. Многу години служеше како инструктор на таа школа и помогна да се обучат многу мисионери. Оние на кои им предаваше на Гилеад и подоцна на Школата за именувани браќа, имаат пријатни сеќавања за неговите часови. Уживаше да им всадува љубов кон Божјите закони и нагласуваше колку е важно да го запознаат Јехова.
Во 1956 година, брат Шредер се ожени со Шарлот Боуин, а во 1958 година се роди нивниот син, Јуда Бен. Брат Шредер беше добар христијански сопруг и татко. Во 1974 година почна да служи во Водечкото тело, каде што многу се ценеше неговиот увид во работите. Тој беше љубезен и понизен човек кој, пред сѐ, сакаше да го прослави Божјето величествено име. Уверени сме дека брат Шредер ја доби својата небесна награда како помазан христијанин што навистина „ужива во законот на Јехова“ (Псалм 1:2).
[Фуснота]
a Животната приказна на брат Шредер беше објавена во Стражарска кула од 1 март 1988 (англ).