Еврејско ритуално капење — дали му претходело на крштавањето?
ЈОВАН КРСТИТЕЛ им проповедал на луѓето „дека треба да се крстат во знак на покајание“. И Исус им заповедал на своите следбеници да прават ученици и да ги крстат (Марко 1:4; Матеј 28:19).
Библијата покажува дека христијанското крштавање бара целосно нурнување под вода. „Слични обреди“, тврди книгата Jesus and His World (Исус и неговиот свет), „можат да се видат во многу религии, во минатото но и сега, во различни земји и во различни култури.“ Книгата наведува дека „христијанското крштавање води потекло... од јудаизмот“. Колку е основано ова тврдење?
Еврејски ритуални базени за капење
Археолозите, кои вршеле ископувања во близината на Храмското брдо во Ерусалим, откриле скоро 100 ритуални бањи, или базени за капење, кои потекнуваат од првиот век пр.н.е. и од првиот век од н.е. Еден натпис на една синагога од вториот или третиот век од н.е. кажува за такви бањи што служеле за „посетителите на кои им биле потребни“. Други базени се пронајдени во делот од Ерусалим каде што живееле богати и свештенички семејства; скоро секоја куќа си имала своја приватна ритуална бања.
Бањите биле правоаголни резервоари изделкани во камен или ископани во земја и обложени со тули или камен. Биле премачкувани со малтер за да не истекува водата. Повеќето имале димензии од 1,8 метри на 2,7 метри. Дождовната вода била насочувана во резервоарите преку канали. Водата била длабока најмалку 1,2 метри за да можело да се изврши потполно нурнување со клекнување во водата. Скалилата што воделе до водата понекогаш биле поделени со низок преграден ѕид. Се смета дека оној што се капел, а бил нечист, влегувал во бањата за прочистување од едната страна на скалилата, а излегувал од другата, за на тој начин да се избегне какво и да е заразување.
Бањите се користеле во поврзаност со еврејските ритуали за чистота. Што било вклучено во тоа?
Законот и традицијата во врска со капењето
Мозаитскиот закон ја нагласувал потребата Божјиот народ да биде чист, и во духовен и во телесен поглед. Израелците се здобивале со најразлични облици на нечистотија од која морале да се прочистат со капење на телото и со перење на алиштата (3. Мојсеева 11:28; 14:1-9; 15:1-31; 5. Мојсеева 23:10, 11).
Јехова Бог е чист и свет во потполност. Затоа од свештениците и од Левитите се барало, под закана со смрт, да си ги мијат рацете и нозете пред да му се приближат на жртвеникот (2. Мојсеева 30:17-21).
Изучувачите сметаат дека до првиот век од н.е., еврејското верско уредување ги проширило барањата за свештеничкото прочистување на не-Левитите. И Есените и фарисеите често пати ритуално се миеле. Во врска со времето на Исус, еден извор наведува: „Од еден Евреин се барало ритуално да се исчисти пред да влезе во Храмското брдо, пред да принесе жртва, пред да може да извлече полза од жртвата што свештеникот би ја принел за него, и за други слични цели“. Текстовите од Талмудот наведуваат дека од оние што се капеле се очекувало целосно да се нурнат под вода.
Исус ги критикувал фарисеите затоа што го нагласувале ритуалното чистење. Тие очигледно практикувале „разни крштавања“, во кои спаѓале и крштавања на „чаши, бокали и бакарни садови“. Исус рекол дека фарисеите ги прекршиле Божјите заповеди за да ги наметнат своите традиции (Евреите 9:10, фуснота; Марко 7:1-9; 3. Мојсеева 11:32, 33; Лука 11:38-42). Ниеден дел од Мозаитскиот закон не барал целосно нурнување на телото.
Дали христијанското крштавање води потекло од ритуалното капење што го практикувале Евреите? Никако!
Ритуалното капење и христијанското крштавање
Евреите практикувале на себеси обреди за чистење. Но, крштавањето што го вршел Јован не било некаков облик на ритуално капење што им бил познат на Евреите. Тоа што Јован станал познат како Крстителот покажува дека нурнувањето што го вршел тој било поинакво. Еврејските верски водачи дури му испратиле делегација за да го прашаат: „Зошто... крштаваш?“ (Јован 1:25).
Чистењето што се барало со Мозаитскиот закон морало да се повторува онолку пати колку што еден поклоник ќе станел нечист. Тоа не било случај со крштавањето што го вршел Јован ниту со крштавањето што подоцна го вршеле христијаните. Крштавањето на Јован укажувало на покајание и на отфрлање на поранешниот начин на живот. Христијанското крштавање, пак, укажувало на тоа дека лицето му се заветува на Бог. Христијанинот го правел тоа само еднаш, а не секогаш одново.
Ритуалното капење што се вршело во домовите на еврејските свештеници и во јавните бањи во близината на Храмското брдо, само привидно личело на христијанското крштавање. Овие две нурнувања имале сосема различни значења. The Anchor Bible Dictionary забележува: „Меѓу изучувачите постои значителна согласност дека Јован [Крстител] не презел ниту присвоил некое особено крштавање од својата средина“, односно од јудаизмот. Истото може да се каже и за крштавањето што се вршело во христијанското собрание.
Христијанското крштавање претставува „молба упатена до Бог за чиста совест“ (1. Петрово 3:21). Крштавањето означува дека поединецот во потполност му се заветувал на Јехова за да му служи Нему како ученик на Неговиот Син. Целосното нурнување под вода е соодветен симбол за таквото заветување. Кога некој се нурнува под вода тоа означува дека тој умира во поглед на својот поранешен начин на живот. Излегувањето од водата, пак, означува дека оживеал за да ја врши Божјата волја.
Јехова Бог им дава чиста совест на оние што се заветуваат и се крштаваат на тој начин. Затоа, вдахновениот апостол Петар можел на другите верници да им каже: „[Крштавањето] сега и вас ве спасува“. Тоа е нешто што никогаш не може да го постигне ниту едно еврејско ритуално капење.