Мажот и жената — создадени еден за друг
МАЖОТ и жената отсекогаш копнееле да бидат заедно. Таа желба потекнува од Бог. Јехова Бог видел дека не е добро првиот човек Адам да биде сам, па затоа му направил „помошничка, како негово дополнение“.
Јехова пуштил длабок сон врз Адам и му зел едно ребро. ‚Од реброто направил жена и му ја довел на човекот.‘ Адам бил толку восхитен кога се сретнал со таа прекрасна творба на Јехова што рекол: „Најпосле, еве коска од моите коски и месо од моето месо“. За Адам навистина било лесно да ја сака таа совршена жена Ева, која имала прекрасни женствени особини. А и совршениот Адам, кој постапувал како што треба да постапува еден маж, заслужувал почит. Тие биле создадени еден за друг. Библијата вели: „Затоа човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“ (1. Мојсеева 2:18-24).
Но денес, семејствата се распаѓаат, а мажите и жените честопати се малтретираат меѓусебно физички или со зборови, или, пак, се грижат само за себе. Натпреварувачкиот дух меѓу мажите и жените честопати придонесува тие да бидат во судир и неслога. Сето ова е спротивно на Божјата волја. Бог го создал мажот за да исполни една прекрасна улога на Земјата. Жената, пак, добила една посебна и скапоцена улога како дополнение на мажот. Тие требало складно да соработуваат. Откога постои човекот, побожните мажи и жени се трудат совесно да ги исполнат улогите што Јехова им ги одредил, и затоа се среќни и задоволни. Какви се тие улоги, и како ние да ги исполниме?
[Слика на страница 3]
Мажот и жената се создадени за да ги извршат ценетите улоги што им ги одредил Бог