Зошто да бидеме искрени?
КОГА имал 18 години, Манфред бил на стажирање во една фирма.a Фирмата им обезбедила нему и на уште неколку други стажисти да добијат дополнително оспособување на еден курс, кој го посетувале по два пати седмично. Еден ден, ги пуштиле порано од часови. Според правилата на фирмата, во таков случај стажистите требало да се вратат на работа. Но сите, освен Манфред, си отишле низ град. Кога Манфред се вратил на работа, случајно го сретнал директорот што бил одговорен за нив. Тој го прашал: „Зошто не си на часови? И каде се другите?“ Што да му одговори Манфред?
Манфред сега имал проблем. Дали да ја каже вистината или да ги заштити другите стажисти? Ако каже како што е, другите ќе имаат непријатности и ќе го замразат. Дали е исправно да се излаже под такви околности? Што би сторил ти во таква ситуација? Пред да се вратиме на Манфред, најпрвин да разгледаме што да земеме предвид кога треба да одлучиме дали да ја кажеме вистината или не.
Вистината и лагата — кога започнало соперништвото
На почетокот од човечката историја, сѐ се засновало на вистината. Немало извртување на факти и немало искривување, односно погрешно претставување на вистината. Јехова, Творецот, е ‚Богот на вистината‘. Неговата реч е вистина. Тој не може да лаже и ги осудува лагите и лажливците (Псалм 31:5; Јован 17:17; Тит 1:2).
Ако е така, тогаш од каде се појавила лагата? Исус Христос го дал најмеродавниот одговор кога на своите верски противници, кои сакале да го убијат, им кажал: „Вашиот татко е Ѓаволот и сакате да постапувате според желбите на својот татко. Тој е човекоубиец откако се побуни, и не остана постојан во вистината, бидејќи во него нема вистина. Кога зборува лага, го зборува своето, бидејќи е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44). Со тие зборови, Исус мислел на настанот од Еденската градина кога Сатана ги навел првите маж и жена да му бидат непослушни на Бог, да направат грев и, како последица на тоа, да умрат (1. Мојсеева 3:1-5; Римјаните 5:12).
Исусовите зборови јасно покажуваат дека Сатана е ‚таткото на лагата‘, од кого потекнуваат лажењето и невистината. Сатана останува главниот поборник за невистината, кој, всушност, „го заведува целиот свет“. Тој е највиновниот за штетата што лагата, која е раширена насекаде, му ја нанесува на човештвото (Откровение 12:9).
Соперништвото меѓу вистината и лагата, кое го започнал Сатана Ѓаволот, до ден-денес незапирливо се шири. Тоа продира во сите пори на човечкото општество и влијае врз секого поединечно. Секој човек, со начинот на кој живее и постапува, застанува или на страната на вистината или на страната на лагата. Оние што стојат на Божјата страна, живеат според вистината од Божјата реч, Библијата. А тие што не одат по патот на вистината, свесно или несвесно, паѓаат во рацете на Сатана бидејќи „целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19; Матеј 7:13, 14).
Зошто човекот е склон да лаже?
Фактот дека „целиот свет“ лежи во власта на Сатана дава одговор на прашањето: Зошто многу луѓе лажат? Но можеби се прашуваме: „Зошто Сатана, ‚таткото на лагата‘, почнал да лаже?“ Тој знаел дека Јехова има законско право да биде Врховен владетел на сѐ што создал, вклучувајќи ги и првите луѓе. Сепак, Сатана ја посакувал за себе таа возвишена и единствена положба, иако немал право на тоа. Поради алчност и себична амбиција, скроил план како да му ја одземе таа положба на Јехова. Затоа се послужил со лаги и измама (1. Тимотеј 3:6).
А како е денес? Зарем не се согласуваш дека луѓето најчесто лажат поради алчност и себични амбиции? Алчната трговија, корумпираната политика и лажната религија се преполни со измами, лаги, манипулации и проневери. Зошто? Зарем не затоа што луѓето честопати се мотивирани од алчност и од амбициозна желба да напредуваат или да добијат богатство, власт или положба на која немаат право? Еден мудар човек, кој се викал Соломон и бил владетел во древниот Израел, рекол: „Оној што брза да се збогати, не останува невин“ (Изреки 28:20). И апостол Павле напишал: „Љубовта кон парите е корен на секакви зла“ (1. Тимотеј 6:10). Истото важи и за прекумерната желба да се дојде на власт или на положба.
Друга причина за лажењето е стравот. Некои се плашат од последиците или се плашат дека другите ќе имаат лошо мислење за нив ако ја кажат вистината. Сосема е природно луѓето да имаат желба другите да ги сакаат или да ги прифатат. Меѓутоа, оваа желба може да ги наведе да ја извртат вистината, макар малку, само за да ги прикријат своите слабости, да не откријат непријатни детали или само за да остават добар впечаток. Соломон со право напишал: „Кој се тресе од страв од човек, си поставува замка, а кој се надева на Јехова, ќе биде заштитен“ (Изреки 29:25).
Лојалност кон Богот на вистината
Што одговорил Манфред кога директорот го прашал што се случило? Манфред ја кажал вистината. Тој рекол: „Денес професорот нѐ пушти порано, па затоа дојдов на работа. А што се однесува до другите, не можам да зборувам во нивно име. Можеби ќе можете да ги прашате Вие лично“.
Манфред ќе можел итро да одговори, и да го наведе директорот на погрешен заклучок. Тогаш другите стажисти би го сакале. Но Манфред имал добри причини да ја каже чистата вистина бидејќи е Јеховин сведок. Поради тоа што бил чесен, имал чиста совест. Освен тоа, ја стекнал довербата на својот работодавач. Додека бил на стажирање, Манфред бил поставен во одделението за накит, каде што обично не им е дозволено на стажистите да работат. Околу 15 години подоцна, кога Манфред добил унапредување во фирмата, истиот директор му телефонирал за да му честита и притоа ја спомнал таа случка кога Манфред бил искрен.
Бидејќи Јехова е Бог на вистината, секој што сака да биде близок со него мора да ‚ја отфрли лагата‘ и да ‚ја зборува вистината‘. Еден слуга на Бог мора да ја сака вистината. „Веродостојниот сведок не лаже“, напишал мудриот човек. Тогаш, што е лага? (Ефешаните 4:25; Изреки 14:5).
Што е лага?
Секоја лага е невистина, но секоја невистина не е лага. Зошто не? Според еден речник, лага е „кога некој ти кажува неточна информација со намера да те измами, иако самиот знае дека таа не е вистина“. Да, некој лаже кога намерно сака да измами некого. Според тоа, ако некој ненамерно, по грешка, кажува невистина — како што е неточен факт или бројка — тоа не е исто како да кажува лага.
Освен тоа, треба да земеме предвид дали тој што ја бара информацијата има право да добие целосен одговор. Еве, да претпоставиме дека на Манфред му го поставил истото прашање некој директор од друга фирма. Дали Манфред би бил должен да му каже сѐ? Не, не би бил должен. Тој директор би немал право на такви информации, и затоа Манфред не би морал да му ги даде. Се разбира, дури и во таков случај, би било погрешно да лаже.
Каков пример ни дал Исус Христос? Еднаш Исус разговарал со неколкумина што не биле негови ученици, но се интересирале како тој ќе патува за Ерусалим. „Замини одовде и појди во Јудеја“, го советувале тие. Што им одговорил Исус? „Вие појдете на празникот, а јас уште не одам на овој празник, зашто моето време уште не е дојдено.“ Кратко потоа, Исус сепак отишол на празникот во Ерусалим. Зошто им одговорил така? Тие немале право да знаат точно каде ќе биде тој. Затоа Исус, иако не им кажал ништо неточно, им дал нецелосен одговор за да не можат да им направат нешто лошо нему или на неговите следбеници. Тоа не било лага, бидејќи апостол Петар за Исус напишал: „Тој не направи грев, ниту, пак, се најде измама во неговата уста“ (Јован 7:1-13; 1. Петрово 2:22).
А како постапил самиот Петар? Ноќта кога Исус бил уапсен, зарем не излажал три пати и рекол дека не го познава Исус? Да, Петар подлегнал на стравот од човек и излажал. Но веднаш потоа, ‚горко плачел‘ и се покајал, и гревот му бил простен. Освен тоа, научил нешто од својата грешка. Неколку дена подоцна, зборувал на јавно место за Исус и решително одбил да престане да зборува кога еврејските власти во Ерусалим строго му наредиле да го стори тоа. Се разбира, тоа што Петар згрешил и брзо се покајал треба да нѐ утеши сите нас, бидејќи лесно може да ни се случи, во момент на слабост, да згрешиме во зборовите или во постапките (Матеј 26:69-75; Дела 4:18-20; 5:27-32; Јаков 3:2).
Вистината ќе остане засекогаш
„Вистинољубивите усни ќе постојат засекогаш, а лажливиот јазик само за миг“, се вели во Изреки 12:19. Да, вистинитите зборови се одликуваат со трајност. И меѓучовечките односи се постабилни и се извор на поголемо задоволство кога луѓето се решени да ја зборуваат вистината и да постапуваат според неа. Без сомнение, искреноста веднаш дава добри резултати. Во нив спаѓаат: чистата совест, добриот углед и цврстата поврзаност со брачниот партнер, со семејството и со пријателите, па дури и со деловните соработници.
Лагите, пак, не можат да го положат испитот на времето. Еден јазик што кажува неточни работи може да ги мами другите извесно време, но невистината, кога-тогаш, ќе се открие. Освен тоа, Јехова, Богот на вистината, одредил до кога ќе ги толерира невистините и оние што го оправдуваат лажењето. Библијата ветува дека Јехова ќе го отстрани влијанието на Сатана Ѓаволот, таткото на лагата, кој го заведува целиот свет. Наскоро, Јехова ќе им стави крај на сите лаги и лажливци (Откровение 21:8).
Ќе биде огромно олеснување кога конечно „вистинољубивите усни“ ќе постојат засекогаш!
[Фуснота]
a Тоа не му е вистинското име.
[Истакната мисла на страница 5]
Луѓето честопати се мотивирани да лажат од алчност и од себична амбиција
[Истакната мисла на страница 6]
Секоја лага е невистина, но секоја невистина не е лага
[Слика на страница 6]
Што учиме од случката кога Петар се одрекол од Христос?
[Слика на страница 7]
Кога луѓето ја зборуваат вистината, меѓучовечките односи се постабилни и се извор на поголемо задоволство