Искреност — дали ја очекуваме само од другите?
„МРАЗАМ лаги и мразам кога некој ме лаже!“, изјавила една 16-годишна девојка. Повеќето од нас се согласуваат со тоа. Ние сакаме да веруваме дека информациите што сме ги добиле — било писмено било усно — се точни. Но дали ние ја кажуваме вистината кога им пренесуваме информации на другите?
Во една анкета спроведена во Германија, голем дел од испитаниците сметале дека е „дозволено да лажеме за мали работи за да се заштитиме себеси или некој друг, па дури е и неопходно за луѓето да бидат во добри односи“. А еден новинар напишал: „Навистина е благородно ако секогаш ја кажуваме вистината, но тоа сепак е досадно“.
Дали и ние повеќе сакаме другите да се искрени кон нас, а сепак мислиме дека понекогаш постојат добри причини ние самите да не ја кажеме вистината? Важно ли е дали ја кажуваме вистината? Кои се последиците ако лажеме?
Лажењето нанесува штета
Каква штета може да нанесе лажењето? Тоа создава недоверба меѓу брачните другари и меѓу членовите на семејството. Неоснованото озборување може да наруши нечиј углед. Ако вработените во една фирма мамат, тогаш се зголемуваат трошоците на фирмата, и поради тоа нејзините производи се поскапи. Затајувањето на данокот ги лишува владите од средствата што им се потребни за да ги плаќаат јавните служби. Кога стручњаците даваат лажни информации при некое истражување, може да си ја уништат кариерата и да го расипат угледот на институцијата за која работат. Нечесните шеми за брзо збогатување може да ги ограбат лековерните инвеститори и да ги остават без скршен денар, а понекогаш да им нанесат и уште поголема штета. Не е чудо што Библија ни вели дека „лажлив јазик“ и „лажен сведок што зборува лаги“ спаѓаат во работите што му се одвратни на Јехова Бог (Изреки 6:16-19).
Лажењето, кое е присутно насекаде, може да им нанесе штета и на поединци и на општеството во целина. Малкумина би го оспориле тој факт. Тогаш зошто луѓето намерно кажуваат невистини? И дали секоја невистина е лага? Одговорите на тие и на други прашања ќе ги добиеме во следната статија.
[Слика на страница 3]
Лажењето создава недоверба меѓу брачните другари