Читателите прашуваат
Зошто Јеховините сведоци не употребуваат крст?
Јеховините сведоци цврсто веруваат дека со смртта на Исус Христос е дадена откупнина што овозможува вечен живот за оние што веруваат во него (Матеј 20:28; Јован 3:16). Меѓутоа, не веруваат дека Исус умрел на крст, како што обично се прикажува на сликите. Тие веруваат дека Исус умрел на столб на кој немало приковано попречна греда.
Луѓето употребувале крстови уште во Месопотамија, две илјади години пред Христос. И во Скандинавија луѓето резбале крстови на карпи во бронзената доба, многу векови пред раѓањето на Исус. Тие нехристијани го користеле крстот „како магичен знак... што штити и носи среќа“, напишал данскиот историчар и стручњак за симболи Свен Тито Акен во својата книга Симболите што нѐ опкружуваат (Symbols Around Us). Не е никакво чудо што во една католичка енциклопедија отворено стои: „Крстот го среќаваме и во претхристијанските и во нехристијанските култури, каде што главно се поврзува со вселената или природата“ (New Catholic Encyclopedia). Тогаш, зошто црквите го избрале крстот како свој најсвет симбол?
Ценетиот библиски изучувач В. Е. Вајн ги изнесува следниве непобитни факти: „Кон средината на третиот век од н.е... во црквите почнале да се примаат и пагани... и ним им било дозволено да задржат поголем број од своите пагански знаци и симболи. Така бил усвоен знакот Тау или Т... со попречната цртичка ставена пониско“ (Толковен речник на зборови од Стариот и Новиот завет — Expository Dictionary of Old and New Testament Words).
Понатаму, Вајн вели дека и именката „крст“ и глаголот „распнува“ се однесуваат на „столб или колец,.. кој се разликува од обликот што го прифатила Црквата, имено две прекрстени греди“. Во склад со ова, во еден библиски превод издаден од Универзитетот во Оксфорд стои: „Доказите велат... дека Господарот бил убиен на обичен столб, а не на две прекрстени греди“ (Companion Bible). Јасно, црквите прифатиле една традиција која нема поткрепа во Библијата.
Историчарот Акен, цитиран погоре, забележува: „Во двата века по смртта на Исус, прашање е дали христијаните употребувале некаков симбол како што е крстот“. За раните христијани, додава тој, крстот „мора да означувал главно смрт и зло, како што подоцна означувале гилотината и електричната столица“.
Што е уште поважно, независно од тоа кое средство се користело за мачењето и погубувањето на Исус, христијаните не треба да обожаваат никаква слика или симбол од тоа средство. „Бегајте од идолопоклонство“, заповеда Библијата (1. Коринќаните 10:14). Исус кажал по што ќе се препознаваат неговите вистински следбеници. Тој рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35).
Во сите работи поврзани со обожавањето на Јехова, Јеховините сведоци, исто како христијаните од првиот век, не ја следат традицијата, туку Библијата (Римјаните 3:4; Колошаните 2:8). Затоа, тие не употребуваат крст.
[Слика на страница 22]
Релјеф на кој е прикажан пагански Асирски цар што носи крст, околу 800 пр.н.е.
[Извор на слика]
Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum