Одвоени, но не и заборавени
АПОСТОЛ Павле ги советувал сохристијаните: „Да им правиме добро на сите, а особено на своите браќа по вера“ (Гал. 6:10). Денес сѐ уште го следиме овој совет вдахновен од Бог и се трудиме да им помагаме на нашите соверници. Се разбира, меѓу оние во христијанското собрание за кои треба со љубов да се грижиме се и нашите драги постари браќа и сестри кои живеат во старечки домови.
Во некои земји е вообичаено најблиските да се грижат за остарените родители така што ќе ги земат во својот дом. Меѓутоа, во други земји, голем број постари лица зависат од негата што можат да ја добијат само во старечки дом. Дури и некои постари христијани живеат во вакви домови. Со какви тешкотии се соочуваат? Како да се справат со својата ситуација ако немаат семејство што може да им помага? Како може да им помогне христијанското собрание? И каква корист ќе имаме ако редовно ги посетуваме?
На кои тешкотии наидуваат во старечките домови
Кога ќе се преселат во старечки дом, постарите христијани може да се најдат на подрачјето на друго собрание. Можеби Сведоците од новото собрание не се свесни дека треба да ги посетуваат редовно бидејќи сѐ уште не ги познаваат. Освен тоа, и во самиот старечки дом најверојатно се опкружени со луѓе кои си имаат свои верски убедувања. Тоа може да ги доведе нашите постари сохристијани во тешка ситуација.
На пример, во некои старечки домови се одржуваат богослужби во самиот објект. Една медицинска сестра рекла: „Некои постари Сведоци, кои не се во состојба јасно да зборуваат, беа однесени во инвалидски колички на богослужба без да бидат прашани дали воопшто сакаат да одат“. Освен тоа, вработените во старечките домови обично ги користат родендените и Божиќните и Велигденските празници да им го направат поинтересен животот на станарите. На некои Сведоци во овие домови им била дадена и храна што нивната совест не им дозволува да ја јадат (Дела 15:29). Ако редовно ги посетуваме нашите постари браќа и сестри, ќе можеме да им помогнеме да се справат со ваквите ситуации.
Помош од собранието
Првите христијани биле свесни за одговорноста што ја имале кон постарите лица кои немале семејство кое би се грижело за нив (1. Тим. 5:9). Слично е и денес. Надгледниците внимаваат да не бидат занемарени потребите на постарите што живеат во старечките домови на нивното подрачје.a Роберт, кој е старешина, истакнува: „Би било добро христијанските надгледници лично да ги посетат постарите за да видат во какви услови живеат и да се молат заедно со нив. Собранието може многу да помогне околу грижата за нивните потреби“. Ако одвоиме време да ги посетуваме постарите, покажуваме дека сме свесни колку му е важно на Јехова да се грижиме за оние на кои им треба помош (Јак. 1:27).
Кога е потребно, старешините спремно преземаат чекори за практично да им се помогне на браќата и сестрите кои живеат во локалните старечки домови. Роберт наведува една таква потреба: „Треба да ги охрабриме постарите браќа и сестри да доаѓаат на собраниските состаноци, се разбира, доколку се во можност да го сторат тоа“. Но, за оние што не можат да патуваат до Салата на Царството, старешините би можеле да направат нешто друго. Жаклина, која е во своите 80-ти години и боледува од остеоартрит, ја слуша програмата на состанокот по телефон. Таа вели: „Многу се охрабрувам кога можам да ги слушам состаноците додека се во тек. Не би ги пропуштила за ништо на светот!“
Ако некој постар христијанин не може да ги слуша состаноците по телефон, старешините би можеле да се погрижат програмата да се снима на аудиокасета. Оној што ќе му ја однесе касетата на христијанинот во старечкиот дом може да размени охрабрувачки мисли со него. „Кога им раскажуваме на постарите браќа и сестри за она што се случува со другите членови во собранието, тоа им помага да чувствуваат дека сѐ уште се дел од нашето духовно семејство“, вели еден надгледник.
Продолжи да комуницираш
Се разбира, кога ќе се преселат во старечки дом, мнозина од постарите се збунети и под стрес. Како резултат на тоа, некои се повлекуваат во себеси. Но, ако ги посетиме нашите постари браќа и сестри веднаш откако ќе се преселат и им покажеме дека сакаме да ги охрабриме, многу ќе помогнеме да им се врати душевниот мир и да почувствуваат радост (Изр. 17:22).
Можеби некои сметаат дека нема смисла да се посетуваат оние браќа и сестри што имаат нарушено ментално здравје или, што не можат да слушаат или, пак, имаат некој друг сличен проблем. Сепак, кога се трудиме да ги посетуваме, сеедно колку ни е тешко да комуницираме со нив, покажуваме дека и понатаму ‚предводиме во искажувањето почит‘ кон нашите соверници (Рим. 12:10). Ако некој постар брат има проблеми со краткотрајната меморија, би можеле да го поттикнеме да ни раскаже некои искуства од порано — дури и од детството — или, пак, да ни каже како ја дознал библиската вистина. Што да сториме ако му е тешко да се искаже? Стрпливо да го слушаме и, ако е соодветно, да спомнеме два-три збора кои можеби му се на врвот на јазикот. Исто така, можеме во кратки црти да го повториме она што ни го раскажал и да го охрабриме да продолжи. Ако е збунет или има проблеми со говорот, па затоа тешко се разбира, би можеле да се обидеме да сфатиме што сака да ни каже со тоа што внимателно ќе го слушаме неговиот глас.
Ако воопшто не може да комуницира со зборови, би можеле да направиме нешто друго. Лоренс, која служи како пионер, редовно ја посетува Медлин, една 80-годишна христијанка која повеќе не може да зборува. Лоренс објаснува како успеваат да комуницираат: „Ја држам Медлин за рака додека се молиме. А таа благо ми ја стиска раката и трепнува со очите во знак на благодарност за тие пријатни заеднички моменти“. Нашите постари пријатели можат многу да се охрабрат само ако ги држиме за рака или ако ги прегрнеме од срце.
Зошто е важно да си таму
Со своите редовни посети на постарите можеш да влијаеш врз квалитетот на негата што тие ја добиваат. Даниела, која веќе дваесетина години посетува соверници што живеат во старечки домови, вели: „Кога персоналот во домот ќе види дека тоа лице редовно има посета, подобро се грижи за него“. Роберт, кој беше цитиран погоре, вели: „Негувателите се поспремни да соработуваат со оние што редовно посетуваат некое остарено лице. Можеби нема да покажат иста почит кон некој што доаѓа повремено“. Бидејќи негувателките честопати си имаат работа со семејства кои имаат замерки, се радуваат кога некој од посетителите ќе им се заблагодари за она што го прават. Освен тоа, ако воспоставиме добри односи со членовите на персоналот, можеби ќе бидат поспремни да ги почитуваат мерилата и верувањата на некој постар Сведок за кого се грижат.
Можеме да имаме добри односи со негувателите и ако им понудиме помош во некои едноставни задолженија. Има места каде што, поради хроничниот недостиг на оспособен персонал, вработените не можат да им дадат доволно добра нега на остарените лица. Ребека, една медицинска сестра, препорачува: „Најтешко е за време на оброците. Затоа, можеби ова е добро време да се посети некој пријател и да му се помогне да јаде“. Без двоумење треба да ги прашаме сестрите како би можеле да помогнеме.
Кога редовно одиме во истиот старечки дом, ќе можеме да видиме што му треба на нашиот остарен брат или сестра и, со одобрение од персоналот, ќе можеме да сториме нешто за да ги задоволиме тие потреби. На пример, би можеле да им ја развеселиме собата со тоа што ќе им закачиме слики од нивните најмили или некои детски цртежи. Имајќи го на ум нивното добро, би можеле да им однесеме топла наметка или некое средство за лична хигиена. А ако домот има градина, би можеле да го изнесеме нашиот пријател на свеж воздух. Лоренс, која беше цитирана погоре, вели: „Медлин им се радува на моите седмични посети. Кога со мене има и деца, таа веднаш се насмевнува и очите ѝ светнуваат!“ Вакви и слични постапки од наша страна можат многу да им значат на оние што живеат во старечки дом (Изр. 3:27).
Заемна корист
Редовното посетување на некоја постара личност може да ја стави на испит „искреноста на [нашата] љубов“ (2. Кор. 8:8). Во која смисла? Може да биде болно за нас да гледаме како состојбата на еден пријател постепено се влошува. Лоренс признава: „Во почетокот, влошеното здравје на Медлин толку ме погоди што плачев по секоја посета. Но, сфатив дека горливата молитва ми помага да ги надминам стравовите и да ѝ дадам уште поголемо охрабрување“. Роберт со години посетува еден сохристијанин по име Лари, кој има Паркинсонова болест. Тој вели: „Болеста на Лари толку напредна што веќе не можам да разберам ниту еден збор од она што ми го кажува. Но, кога се молиме заедно, сѐ уште ја чувствувам неговата вера“.
Кога ги посетуваме остарените соверници, не им помагаме само ним туку си помагаме и себеси. Тоа што се решени да останат блиски со Јехова додека живеат меѓу луѓе кои имаат поинакви верувања од нашите, нѐ учи да имаме вера и да бидеме храбри. Нивната спремност да добиваат духовна храна, и покрај тоа што не можат добро да слушаат или да гледаат, јасно ни покажува дека „човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Мат. 4:4). Со тоа што уживаат во едноставни работи, како што е една детска насмевка или заеднички оброк, постарите нѐ потсетуваат дека треба да бидеме задоволни со она што го имаме. Нивната љубов кон духовните работи може да ни помогне и самите да сфатиме што е најважно во животот.
Всушност, целото собрание има корист од поддршката што им ја даваме на постарите. Зошто? Со оглед на тоа што оние кои се телесно слаби зависат во поголема мера од братската љубов, собранието може да научи да покажува уште поголемо сочувство. Затоа, сите ние треба да гледаме на грижата за постарите — сеедно колку долго треба да им ја даваме — како на можност да си служиме еден на друг (1. Пет. 4:10, 11). Ако старешините предводат во ова, ќе им помогнат и на другите во собранието да видат дека овој аспект од нашите христијански активности никогаш не би смееле да го занемариме (Езек. 34:15, 16). Со нашата спремна поддршка полна со љубов им покажуваме на нашите постари сохристијани дека не се заборавени.
[Фуснота]
a Штом секретарот во собранието ќе дознае дека некој брат или сестра од неговото собрание се преселил во старечки дом на друго подрачје, ќе биде корисно и многу обѕирно од негова страна веднаш да ги извести старешините од собранието на тоа подрачје.
[Истакната мисла на страница 28]
„Кога персоналот во домот ќе види дека тоа лице редовно има посета, подобро се грижи за него“
[Слика на страница 26]
Нашите срдечни молитви можат да му го вратат душевниот мир на некој остарен сохристијанин
[Слика на страница 26]
Нашите нежни изрази на љубов ќе ги зајакнат нашите остарени соверници