Да не ги заборавиме оние што живеат во домови за стари лица
1. Зошто треба да им ја проповедаме добрата вест и на оние што живеат во установи за стари и изнемоштени лица?
1 Многу луѓе се соочуваат со тешкотиите што ги носи староста (Проп. 12:1-7). Бидејќи некои од нив живеат во установи за стари и изнемоштени лица, не е секогаш можно да им ја пренесеме добрата вест кога проповедаме од куќа до куќа. Ова е сѐ почест случај дури и во земјите каде што е обичај остарените родители да живеат заедно со своите деца или други роднини. Иако можеби немаат добро памтење или слабо се движат, некои остарени лица кои живеат во такви установи сепак се способни да учат за Јехова и да го засакаат. Како можеме и со нив да ја споделиме добрата вест за „нашата прекрасна надеж“? (Тит 2:13).
2. Како може да се направи список на установи за стари лица кои би можеле да ги посетиме?
2 Како да се почне: Информации за установите за стари лица обично можат да се најдат на Интернет или во телефонски именик. Може да се побара под „пензионерски дом“, „дом за стари лица“ или „геријатриски центри (грижа за постари лица)“. Надгледникот за служба може да направи список и да избере зрели објавители кои ќе ја посетат секоја установа. Со добро планирање и доверба во Јехова, честопати е можно да се започне заедничка библиска студија со постарите лица кои живеат таму (Изр. 21:5; 1. Јов. 5:14, 15).
3, 4. а) Со кого треба најпрво да разговараме и да му кажеме дека би сакале да одржуваме заедничка библиска студија во домот? б) Како може да објасниме која ни е целта?
3 Во некои домови за стари лица се организираат заеднички активности. Ако постојат такви установи и на вашето собраниско подрачје, би можело да се започне заедничка библиска студија со некои од станарите. Се разбира, најнапред треба да се закаже разговор со управникот или, пак, сопственикот на домот за стари лица.
4 Ако си замолен да сведочиш во таква установа и треба да се сретнеш со одговорното лице, што би можел да му кажеш? Објасни му дека доброволно го користиш своето време за да ги поучуваш за Библијата лицата кои би сакале да разговараат на религиозни теми. Распрашај се дали во таа установа има станари што би сакале да учествуваат во 30-минутна заедничка библиска дискусија која би се одржувала еднаш седмично. Иако можат да се користат разни публикации, досега најголем успех имало со Мојата книга со библиски приказни и Најголемиот човек кој некогаш живеел. Би било добро да му ги покажеш публикациите на управникот, односно сопственикот. Би можел да се договориш со него за денот, часот и местото каде што ќе се одржува таквата студија, и да го замолиш да ги извести станарите во домот. Слободно кажи му дека си Јеховин сведок. Но, објасни му дека нема да доаѓаш за да држиш богослужба, туку да поучуваш за Библијата.
5. Кои практични предлози можат да помогнат студијата да биде интересна и корисна?
5 Како да се води студијата: Начинот на кој ќе ја водиш студијата зависи од околностите и атмосферата во домот, па затоа биди прониклив и флексибилен. Треба да носиш со себе повеќе примероци од публикацијата што ќе се проучува, и на крајот од студијата треба повторно да ги собереш. Добро е да носиш и примероци со покрупни букви, доколку има на твојот јазик. Може да се читаат пасусите, да се постават прашањата и да се дава одговор слично како што правиме на состанок. Пасусите или библиските стихови може да ги чита и некој од присутните кој сака и може да го прави тоа. Во текот на студијата, труди се да им го задржиш интересот на оние што дошле, и биди позитивен и срдечен. Со дозвола од управникот или сопственикот, повремено можеш да пуштиш некое од DVD-јата на нашата организација кое ја зајакнува верата во Библијата или ги истакнува поуките од некој библиски извештај. Студијата би можела да се започне и заврши со едноставна молитва. Некои објавители дури успеале да ги вклучат и теократските песни.
6. Како можеш да постапиш ако некој од станарите има некаков приговор?
6 Што ако некој од станарите има приговор на нешто што ќе се прочита или ќе се каже во текот на студијата? Биди прониклив кога одговараш (Кол. 4:6). Би можел накратко да му прочиташ стих од Библијата со кој директно се одговара на неговиот приговор. Ако тоа не е можно, тогаш спомни му дека ќе го имаш на ум она што го кажал и ќе се потрудиш лично да му одговориш откако ќе заврши заедничката студија.
7. Што можеш да направиш ако некој станар има прашања за нешто што лично го интересира или покажува посебен интерес за Библијата?
7 Понекогаш некој станар може да постави прашање или да изрази желба да дознае повеќе. Во ваков случај, една сестра обично вели: „Тоа е многу добро прашање. Но, бидејќи се работи за нешто што Вас лично Ве интересира, да завршиме прво со дискусијата, па потоа ќе можеме ние двете да поразговараме за тоа“. Честопати е можно со таквите заинтересирани лица да се води поединечна библиска студија во друго време и на друго место.
8. Како треба да се известуваат заедничките и поединечните библиски студии што ќе се започнат во домот за стари лица?
8 Обично, најдобро е истите Сведоци да присуствуваат на заедничката библиска студија што ја започнале во некој дом за стари лица. Секој од објавителите што учествува може да го извести времето. На крајот од месецот, оној што ја води студијата треба во својот извештај да запише една библиска студија и онолку повторни посети колку што се одржала заедничката студија. Поединечните библиски студии што ќе се започнат со некои од станарите може да се известуваат на вообичаен начин.
9, 10. Кои особини мора да ги имаат оние што се вклучени во овој вид сведочење? Објасни.
9 Студијата треба да биде редовна: Најдобро е да се одреди конкретно во кој ден и во кое време ќе се одржува заедничката библиска студија. Станарите и персоналот во домот ќе очекуваат студијата да се одржува редовно, и да започнува и завршува навреме (Мат. 5:37). Затоа, објавителите треба да бидат одговорни, трудољубиви и организирани. Искуството покажало дека најдобро е двајца зрели објавители да соработуваат за време на заедничката студија — еден да ја води, а другиот да му помага (Проп. 4:9, 10). Во поголемите установи, можеби ќе бидат потребни повеќе објавители.
10 Исто така, многу е важно да бидете срдечни и да покажете личен интерес (Фил. 2:4). На првата студија, одвојте време да го запознаете секој од присутните. Запишете ги нивните имиња и обидете се да ги запомните до следната посета. Но, имајте на ум дека некои постари луѓе се навредуваат кога некој непознат им се обраќа само по име. Ако сте стрпливи и сочувствителни, сите ќе се чувствуваат добредојдено и ценето.
11. Како оние што ја водат заедничката студија можат да покажат почит кон персоналот и кон членовите на семејството на станарите?
11 Освен тоа, неопходно е да покажувате почит и љубезност кон персоналот во домот за стари лица и роднините на станарите. Штом ќе се договорите кога и како ќе се одржува студијата, мудро е да не правите промени пред да разговарате со управникот, односно сопственикот. Одвреме-навреме би можеле да го прашате управникот за тоа што мисли за студијата и дали има некој предлог. Кога некои членови на семејствата на станарите се на посета за време на студијата, потрудете се да ги запознаете. Објаснете им која е целта на заедничката библиска студија и уверете ги дека искрено сте заинтересирани за нивниот роднина. Поканете ги да присуствуваат на студијата.
12, 13. Раскажи искуства кои покажуваат колку убави резултати носи проповедањето во домовите за стари лица.
12 Резултати: Од извештаите на патувачките надгледници и собранијата дознаваме дека овој вид служба дава убави резултати. Во еден случај, околу 20 станари биле присутни на првата заедничка библиска студија. Благодарение на овие дискусии, биле започнати поединечни студии со шест лица. Со текот на времето една станарка се крстила. Студијата во еден друг дом поттикнала една 85-годишна жена да почне да оди на состаноците во локалното собрание и да изрази желба да се крсти. Со цел да ги намали активностите организирани за старите лица, управата во еден дом ја укинала заедничката библиска студија. Но, станарите се жалеле до управникот. По некое време, студијата била повторно воспоставена и оттогаш на неа присуствуваат од 25 до 30 лица.
13 Љубовта што ја покажуваме кон оние во домовите за стари лица им остава силен впечаток и на другите. На пример, понекогаш на студијата присуствуваат и некои од вработените, па дури и учествуваат во дискусијата. Со тоа што се трудиме да покажеме личен интерес кон остарените лица во тие домови даваме убаво сведоштво во околината (1. Пет. 2:12). Откако му објасниле која е целта на студијата, еден управник рекол: „Зошто не дојдовте порано? Од кога би можеле да почнете?“ Друг управник напишал: „Од срце им ја препорачувам оваа заедничка студија на сите домови за стари лица во регионот. Јеховините сведоци ја нудат оваа бесплатна услуга како дел од нивната проповедничка служба“. Еден дом за стари лица на Хаваите им доделил награда на Јеховините сведоци за доброволната служба што ја вршат. Во пофалницата било наведено дека тие се „бесценето богатство“ за станарите во домот.
14. Зошто сакаме да им пружиме помош на оние што живеат во домовите за стари лица?
14 Јехова ги повикува и постарите да го фалат (Пс. 148:12, 13). Ова важи и за оние што се во домовите за стари лица. Дали на твоето собраниско подрачје има установи во кои живеат постари луѓе што би сакале да ја слушнат добрата вест? Со помош на локалните старешини и управниците на тие установи, би можеле да им дадеме убаво сведоштво на оние што живеат таму. Ако не ги заборавиме луѓето кои се во поодминати години, ќе покажеме дека го следиме примерот на Јехова (Пс. 71:9, 18).