Како да извлечеш корист од групата за проповедање
1. Кои работи што порано ги добивавме преку Собраниското проучување на книга сѐ уште можеме да ги имаме преку групата за проповедање?
1 Ти недостигаат ли некои работи од Собраниското проучување на книга? Групите беа помали и атмосферата беше понеформална. Така, уште полесно можеа да се развијат пријателства кои ни помагаа да останеме цврсти во верата (Изр. 18:24). Надгледникот за собраниско проучување на книга можеше подобро да се запознае со нашите лични околности и да ни даде соодветно охрабрување (Изр. 27:23; 1. Пет. 5:2, 3). Сето ова сѐ уште можеме да го добиеме преку нашата група за проповедање.
2. Како можеме да преземеме иницијатива да стекнеме пријатели во нашата група за проповедање кои ќе ни дадат духовна поддршка?
2 Преземи иницијатива: Обично, групите за проповедање се слични по големина со поранешните групи за проучување на книга. Додека „заеднички“ соработуваме со другите во службата, можат да се развијат блиски пријателства (Фил. 1:27). Со колкумина од твојата група си бил во служба? Би можел ли ‚широко да го отвориш своето срце‘ во овој поглед? (2. Кор. 6:13). Освен тоа, одвреме-навреме би можеле да поканиме некој од нашата група да ни се придружи на Семејната вечер или да го викнеме на јадење. Во некои собранија, групите за проповедање наизменично им изразуваат гостопримство на говорниците. Кога ќе ѝ дојде редот, групата се собира на оброк и на заемно охрабрување, сеедно дали говорникот може да дојде или не.
3. Кои се некои прилики кога можеме да добиеме духовна помош во рамките на нашата група за проповедање?
3 Иако сега собранијата се состануваат само двапати седмично, ова не значи дека на објавителите им треба помалку внимание од именуваните браќа. Секоја група има свој надгледник кој треба секому да му даде охрабрување и помош во службата. Ако надгледникот на групата сѐ уште не те викнал во служба, зошто не го викнеш ти? Освен тоа, еден викенд во месецот собранискиот надгледник за служба оди во служба со различна група. Во помалите собранија каде што има само неколку групи за проповедање, може да направи план да ја посети секоја група двапати во годината. Дали ти си планираш да одиш во служба кога тој е во вашата група?
4. а) Како се организираат состаноците за проповедање? б) Зошто е добро да размислиме дали можеме да понудиме во нашиот дом да се одржуваат состаноци за проповедање?
4 Обично е подобро секоја група да си има свој состанок за проповедање за време на викендите. Кога на неколку места има состанок за проповедање отприлика во исто време, на објавителите ќе им биде полесно да отидат на некој од состаноците, а и на подрачјето. Така објавителите можат побрзо да се организираат и веднаш да се упатат кон подрачјето. Освен тоа, на надгледникот на групата ќе му биде полесно да му обрне внимание на секого од неговата група. Меѓутоа, поради околностите можеби ќе биде подобро две или повеќе групи да се спојат. Ако првата сабота од месецот или по проучувањето на Стражарска кула има состанок за проповедање за целото собрание, добро е секоја група да седи посебно, а надгледникот на групата да има неколку минути за да ја организира пред состанокот за проповедање да заврши со молитва. (Види ја рамката „Можеш ли да го понудиш својот дом?“)
5. Иако повеќе нема Собраниско проучување на книга, во што можеме да бидеме сигурни?
5 Иако повеќе нема Собраниско проучување на книга, Јехова и понатаму ни обезбедува сѐ што ни е потребно за да ја вршиме неговата волја (Евр. 13:20, 21). Кога тој се грижи за нас, ништо не ни недостасува (Пс. 23:1). Преку нашата група за проповедање добиваме многу благослови. Ако преземеме иницијатива и ‚обилно сееме, обилно и ќе жнееме‘ (2. Кор. 9:6).
[Рамка на страница 6]
Можеш ли да го понудиш својот дом?
Во текот на викендот, некои собранија ги спојуваат групите за проповедање бидејќи нема доволно домови каде што би можеле да се одржуваат состаноците. Состаноците за проповедање спаѓаат во собраниските активности, затоа чест е да се одржуваат во нашиот дом. Можеш ли да го понудиш својот дом? Немој да мислиш дека не е соодветен затоа што е скромен. Старешините ќе земат предвид каде се наоѓа твојот дом и други фактори како што беше случај и кога одлучуваа каде ќе се одржува проучувањето на книга. Ако сакаш да го понудиш својот дом, кажи му го тоа на надгледникот на твојата група.