Состаноци за проповедање кои ја исполнуваат својата цел
1. Каква цел имаат состаноците за проповедање?
1 Во една прилика, Исус бил со 70 свои ученици пред да ги испрати да проповедаат (Лука 10:1-11). Тој ги охрабрил со тоа што ги потсетил дека нема да бидат сами и дека ќе ги води Јехова, „Господарот на жетвата“. Исто така, им дал и упатства што ќе им помогнеле во задачата и ги организирал „двајца по двајца“. Денес, состаноците за проповедање имаат слична цел — таму добиваме охрабрување, упатства и се организираме.
2. Колку долго ќе трае состанокот за проповедање?
2 Засега, состаноците за проповедање траат од 10 до 15 минути, а во тоа е вклучено и организирање на групите, доделување на подрачја и молитва. Но, ова ќе се смени. Почнувајќи од април, состанокот за проповедање ќе трае од 5 до 7 минути. Меѓутоа, кога овој состанок се одржува по некој друг собраниски состанок, треба да биде уште пократок бидејќи присутните веќе чуле убави библиски мисли. Со тоа што состанокот за проповедање ќе биде краток, ќе остане повеќе време за проповедање. Освен тоа, пионерите или објавителите што почнале да проповедаат пред состанокот, ќе ја прекинат службата само за кратко време.
3. Што може да се направи за состаноците за проповедање да им бидат од најголема корист на објавителите?
3 Состаноците за проповедање треба да бидат организирани на таков начин што објавителите ќе имаат најголема корист од нив. Во многу собранија, подобро е секоја група за проповедање да си има свој состанок, наместо сите групи да имаат заеднички состанок. Така на објавителите ќе им биде полесно да отидат на состанокот за проповедање или да стигнат до подрачјето. Објавителите ќе бидат побрзо организирани, а надгледникот на групата ќе може да му обрне внимание на секој во неговата група. Старешинството може да ги земе предвид околностите на собранието и на темел на тоа да одлучи што би било најдобро да се направи. Пред да заврши состанокот со кратка молитва, сите треба да знаат каде и со кого ќе одат во служба.
4. Зошто состаноците за проповедање не треба да ги сметаме за помалку важни од другите состаноци?
4 Не е помалку важен од другите собраниски состаноци: Бидејќи состаноците за проповедање се одржуваат за оние што ќе одат во служба, на нив можеби нема да дојдат сите од собранието. Меѓутоа, ова не значи дека на нив не треба да гледаме сериозно или дека треба да ги сметаме за помалку важни од другите собраниски состаноци. Како што Јехова се погрижил да ги имаме сите други состаноци, тој се погрижил да ги имаме и состаноците за проповедање, кои ни помагаат да се поттикнуваме кон љубов и добри дела (Евр. 10:24, 25). Затоа, братот што го води состанокот треба добро да се подготви. Така, дискусијата ќе им користи на присутните и со неа ќе му се оддаде чест на Јехова. Доколку е изводливо, објавителите што планираат да одат во служба треба да се потрудат да отидат на состанокот.
На состаноците за проповедање треба да гледаме сериозно и не треба да ги сметаме за помалку важни од другите собраниски состаноци
5. а) Каква одговорност има надгледникот за служба при организирањето на состаноците за проповедање? б) Како треба една сестра да го води состанокот за проповедање?
5 Како да се подготви братот што води: За да може некој добро да се подготви да изнесе точка на состанок, треба однапред да знае дека е задолжен за таа точка. Истото важи и за состанокот за проповедање. Се разбира, кога секоја група за проповедање си има свој состанок, состанокот го води надгледникот на групата или неговиот помошник. Но, кога сите групи од собранието имаат заеднички состанок за проповедање, надгледникот за служба ќе одреди кој брат ќе го води состанокот. Некои надгледници за служба им даваат распоред на сите браќа што ќе водат состанок за проповедање, а ставаат еден примерок и на огласната табла. Надгледникот за служба треба добро да процени кога одредува кој ќе го води состанокот за проповедање, имајќи на ум дека квалитетот на овој состанок ќе зависи од тоа колку добро браќата што водат умеат да поучуваат и да ги организираат работите. Ако некои денови нема на располагање старешина, слуга-помошник или друг крстен брат кој е одобрен да води состаноци, надгледникот за служба треба да задолжи една способна крстена сестра да го води состанокот. (Види ја статијата „Кога состанокот го води сестра“.)
6. Зошто е важно оној што ќе го води состанокот добро да се подготви?
6 Задачите што ги добиваме во Теократската школа за служба и за Состанокот за нашата служба ги сфаќаме сериозно и добро се подготвуваме за нив. Речиси никој не се подготвува за задачата дури кога ќе тргне на состанок. На ист начин треба да гледаме и на задачата да водиме состанок за проповедање. Бидејќи состаноците за проповедање ќе бидат пократки, добрата подготовка е многу важна за состанокот да биде поучен и да заврши на време. Во добра подготовка спаѓа и однапред да се одреди на кое подрачје ќе се оди кога ќе се сведочи како група.
7. За кои работи би можел да зборува братот што ќе го води состанокот?
7 За што да се зборува: Бидејќи околностите се разликуваат од едно подрачје до друго, верниот роб нема направено нацрт за секој состанок за проповедање. Во рамката „На состанокот за проповедање може да се разгледа...“ се наведени некои предлози. Обично, состанокот треба да се води како дискусија со присутните. Понекогаш може да има и некоја добро подготвена презентација или да се гледа некој соодветен видеоклип од jw.org/mk. Кога се подготвува за состанокот за проповедање, братот што ќе го води треба да размисли што ќе ги охрабри и што ќе им биде од помош на објавителите што ќе одат во служба тој ден.
Кога се подготвува за состанок за проповедање, оној што го води состанокот треба да размисли што ќе ги охрабри и ќе им помогне на оние што ќе одат во служба тој ден
8. За што би било корисно да се зборува на состанокот за проповедање во сабота и недела?
8 На пример, во сабота, повеќето објавители нудат Стражарска кула и Разбудете се! Мнозина од оние што одат во служба во сабота, не одат другите денови од седмицата и можеби ќе им биде тешко да се сетат на презентацијата што ја вежбале на Семејната вечер посветена на Јехова. Затоа, ќе биде добро на состанокот да се разгледа некоја презентација од Нашата служба за Царството. Исто така, би можеле да разгледате како во презентациите за списанијата да вклучите некоја локална вест, настан или празник или како да поставите темел за повторна посета доколку некој земе списанија. Ако некој од присутните веќе ги нудел тековните списанија, братот што води може да го замоли да даде кратки предлози или да раскаже охрабрувачки искуства. Во недела, братот што води може да одлучи да разгледа нешто слично во врска со публикациите што се на понуда за тој месец. Публикациите со кои ги поучуваме луѓето, како што се брошурите Добра вест и Запознај го Бог и книгата Што учи Библијата може да се нудат во секое време, што значи дека братот што води може накратко да разгледа како да се понуди една од овие публикации.
9. За што може да се зборува на состаноците за проповедање во сабота и недела кога има некоја посебна акција?
9 Ако за време на викендот собранието учествува во некоја посебна акција, братот што го води состанокот може да даде предлози како да се понудат тековните списанија заедно со поканата или трактатот или, пак, да зборува за тоа како да постапи објавителот кога ќе сретне заинтересирано лице. Друга опција е да се раскажат искуства кои ја истакнуваат вредноста на таквите акции.
10, 11. За да биде состанокот за проповедање продуктивен, зошто е важно објавителите да се подготват за него?
10 Како да се подготват објавителите: И објавителите можат да придонесат состанокот за проповедање да биде продуктивен. Со тоа што однапред ќе се подготват за служба — можеби на Семејната вечер — ќе можат да споделат корисни информации со другите. Во добрата подготовка спаѓа и да си земат списанија и друга литература пред да појдат на состанокот за проповедање за да можат сите да тргнат кон подрачјето без непотребно задржување.
11 Исто така, важно е секој да планира да дојде неколку минути пред да започне состанокот за проповедање. Се разбира, ние сакаме да стигнуваме навреме на сите собраниски состаноци. Меѓутоа, ова особено важи за состанокот за проповедање. Ако пристигнеме доцна, би можеле да му направиме проблем на братот што го води состанокот. Во која смисла? Тој зема предвид повеќе фактори пред да ги организира објавителите. Кога се присутни малкумина, можеби ќе одлучи сите групно да одат на едно подрачје. Ако некои дошле пеш на состанокот, а подрачјето е далеку, можеби ќе организира тие објавители да одат во служба со оние што дошле со автомобил. Ако треба да се сведочи на подрачје каде што има многу криминал, може да ги замоли браќата да одат со сестрите. Објавителите со здравствени ограничувања може да ги организира да сведочат на рамна улица или во објекти со помалку скали. Може да одреди поновите објавители да одат во служба со поискусните. Но, ако објавителите доцнат, плановите обично ќе мора да се променат за да ги организира и нив. Се разбира, понекогаш ќе се случи да задоцниме од оправдани причини. Меѓутоа, ако имаме навика да доцниме, добро е да се прашаме дали доцниме затоа што не ги цениме доволно состаноците за проповедање или затоа што не знаеме да се организираме за да стигнеме навреме.
12. Ако обично сам се договараш за служба, за што би можел да размислиш?
12 Објавителите можат однапред да се договорат со кого ќе одат во служба или, пак, кога ќе дојдат на состанокот за проповедање да им биде доделено со кого да одат. Ако обично самиот се договараш за служба, дали би можел ‚широко да го отвориш своето срце‘ така што ќе одиш во служба со различни објавители наместо секогаш да одиш само со твоите блиски пријатели? (2. Кор. 6:11-13). Би можел ли понекогаш да одиш во служба со некој понов објавител и да му помогнеш подобро да проповеда? (1. Кор. 10:24; 1. Тим. 4:13, 15). Внимателно слушај ги сите упатства што ќе ги добиеш, вклучувајќи го и тоа од каде треба да почнеш да проповедаш. Кога состанокот ќе заврши, немој да го менуваш договореното и веднаш тргни кон подрачјето.
13. Како ќе ни користат состаноците за проповедање ако сите сме совесни и го даваме својот дел?
13 Откако завршиле со проповедањето, седумдесеттемина ученици ‚се вратиле радосни‘ (Лука 10:17). Несомнено, тоа што Исус се сретнал со нив пред да почнат да проповедаат им помогнало да бидат успешни. Слична корист можеме да имаме и од нашите состаноци за проповедање. Ако сите сме совесни и го даваме својот дел, состаноците за проповедање ќе нѐ охрабрат, ќе ни помогнат да станеме повешти и ќе нѐ организираат да ја исполниме задачата да им дадеме „сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:14).