Искористи ги во потполност состаноците за проповедање
1. Како можат да ни помогнат состаноците за проповедање?
1 Делотворните состаноци за проповедање ни даваат вистинско охрабрување и практични совети пред да одиме во служба. Тие ни овозможуваат да сведочиме со други објавители при што можеме да соработуваме со нив и меѓусебно да се поддржуваме и поучуваме (Изр. 27:17; Проп. 4:9, 10). Што можеме да правиме за во потполност да ги искористиме тие состаноци?
2. Кои информации би можел водителот да ги разгледа на состанокот?
2 Водителот: За овие состаноци обично не е кажано однапред кои информации треба да се разгледуваат. Затоа, ако треба да го водиш состанокот, потребно е добро да се подготвиш. Немој автоматски да планираш да го разгледаш дневниот стих, иако можеш да го вклучиш во дискусијата ако е директно поврзан со службата на проповедање. Размисли за тоа што ќе биде од практична корист за оние што ќе сведочат тој ден. На пример, можеби ќе сакаш да биде разгледана или прикажана една презентација. Исто така, можеби ќе одлучиш да разгледате нешто од книгите Расправљање, Школа за служба, или некоја точка што неодамна била разгледана на Состанок за нашата служба. Другпат би можеле да дискутирате за тоа како да се справите со некој проблем што може да се појави на вашето подрачје. Освен тоа, особено ако мнозина планираат да одат на повторни посети, би можеле да разговарате за тоа како да го зголемите интересот на некое лице и да започнете да проучувате со него. Без оглед за што ќе избереш да разговарате, биди воодушевен и охрабрувачки.
3. Колку треба да трае состанокот и што треба да се постигне во тоа време?
3 Започни го состанокот на време, дури и ако знаеш дека некој ќе доцни. Добро процени како ќе ги организираш објавителите за службата, и дај им подрачја на оние што им е потребно. Состанокот треба да трае 10 до 15 минути, па дури и помалку ако пред него имало собраниски состанок. Пред да заврши состанокот, сите треба да знаат со кого и каде ќе одат во служба на проповедање. Состанокот треба да се заврши со молитва.
4. Што ќе им помогне на сите во потполност да ги искористат состаноците за проповедање?
4 Вие можете да помогнете: Како што е случај и со собраниските состаноци, ако дојдеме на време покажуваме почит кон Јехова и обѕирност кон другите. Учествувај во дискусијата. Би можел да му дозволиш на водителот да ти додели да соработуваш со некого, или би можел самиот да се договориш пред состанокот. Ако повеќе сакаш самиот да се договараш за служба на проповедање, потруди се ‚широко да го отвориш срцето‘ така, што ќе соработуваш со различни објавители, наместо само со блиските пријатели (2. Кор. 6:11-13). Откако ќе заврши состанокот, немој да го менуваш она што е договорено и веднаш оди на подрачјето.
5. Која е целта на состаноците за проповедање?
5 Состаноците за проповедање имаат иста цел како и собраниските состаноци. Тие се организираат за да можеме „да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела“ (Евр. 10:24, 25). Ако се трудиме да ги искористиме овие состаноци, тоа ќе ни помогне да ја извршуваме нашата служба — која е навистина ‚добро дело‘!