Приближи му се на Бог
Творец што е достоен да го фалиме
ДАЛИ некогаш си се прашал: ‚Која е смислата на животот?‘ Оние што веруваат дека животот е резултат на непромислена еволуција, залудно бараат одговор на ова прашање. Но, тоа не е случај и со оние што ја прифаќаат непобитната вистина дека Јехова Бог е Изворот на животот (Псалм 36:9). Тие знаат дека тој имал одредена намера кога нѐ создал. Таа намера е запишана во Откровение 4:11. Да видиме како овие зборови, што ги запишал апостол Јован, објаснуваат зошто постоиме.
Јован ни опишува еден небесен хор што го велича Бог: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“. Само Јехова е достоен, односно заслужува да му се оддава таква почит. Зошто? Затоа што ‚создал сѐ‘. Тогаш, на што треба да бидат мотивирани неговите созданија обдарени со разум?
За Јехова се вели дека е достоен да ‚прими‘ слава, чест и моќ. Без сомнение, тој е најславната, највеличествената и најмоќната личност во вселената. Иако повеќето луѓе не признаваат дека тој создал сѐ, има луѓе што јасно ги гледаат Божјите „невидливи својства“ во она што го создал (Римјаните 1:20). Со срца полни со ценење, мотивирани се да му оддаваат на Јехова слава и чест. На сите што сакаат да чујат, тие им ги објавуваат впечатливите докази дека Јехова е оној што прекрасно создал сѐ и дека, од таа причина, заслужува најголема почит (Псалм 19:1, 2; 139:14).
Но, како Јехова прима моќ од оние што му служат? Се разбира, семоќниот Творец не може да добие моќ и сила од ниедно создание (Исаија 40:25, 26). Сепак, бидејќи сме создадени според Божјиот лик, и ние во извесна мера ги имаме Божјите особини, меѓу кои е и моќта, односно силата (1. Мојсеева 1:27). Ако вистински го цениме она што нашиот Творец го направил за нас, ќе бидеме мотивирани да ја користиме својата сила за да му оддаваме чест и да го славиме. Наместо да си ги трошиме силите само на своите лични интереси, сметаме дека Јехова Бог е достоен да ја прими сета наша сила и моќ додека му служиме (Марко 12:30).
Тогаш, зошто постоиме? Последниот дел од Откровение 4:11 ни го дава одговорот: „Поради твојата волја сѐ постои и е создадено“. Ние не постоиме по своја волја. Постоиме затоа што тоа е Божја волја. Од таа причина, ако некому му се најважни само личните интереси, животот ќе му биде празен и бесмислен. За да најдеме душевен мир, радост, задоволство и исполнетост, треба да дознаеме која е Божјата волја и потоа да го доведеме својот живот во склад со неа. Дури тогаш ќе ја пронајдеме смислата на нашето постоење и ќе ја откриеме причината зошто сме создадени (Псалм 40:8).
[Извор на слика на страница 31]
NASA, ESA, и A. Nota (STScI)