Ќе останеш ли беспрекорен по секоја цена?
„Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (ЈОВ 27:5)
1, 2. Што треба да градиме, и кои прашања ќе ги разгледаме?
ЗАМИСЛИ СИ дека разгледуваш градежен план за некоја куќа. Воодушевен си од практичниот распоред и со задоволство размислуваш колку убаво би било ти и твоето семејство да живеете во неа. Но, зарем нема да се сложиш дека самиот план, а и твоето размислување за него нема многу да ти користат доколку навистина не ја изградиш куќата, не се вселиш во неа и потоа не ја одржуваш?
2 Слично е и со беспрекорноста. Можеби сме свесни дека таа е многу важна и корисна особина — и за нас и за оние што ги сакаме. Но, би било залудно да ѝ се восхитуваме доколку самите не се потрудиме да ја стекнеме и да ја зачуваме. Обично во денешниов свет се вложуваат многу пари кога се гради нешто (Лука 14:28, 29). За да изградиме беспрекорност кај себеси исто така ќе треба да вложиме прилично време и труд. Но, тоа навистина се исплаќа. Затоа, да разгледаме три прашања: Како можеме да бидеме беспрекорни? Како ќе успееме да ја зачуваме нашата христијанска беспрекорност? Што може да стори некој ако извесно време не постапувал беспрекорно?
Како можеме да бидеме беспрекорни?
3, 4. а) На кои начини ни помага Јехова да ја градиме својата беспрекорност? б) Како можеме да градиме беспрекорност по примерот на Исус?
3 Во претходната статија видовме дека Јехова нѐ удостоил со честа лично да одлучиме дали ќе бидеме беспрекорни или не. За среќа, тој не нѐ препушта сами на себе во оваа работа, туку нѐ учи како да ја градиме оваа скапоцена особина и великодушно ни го дава својот свет дух, кој ни помага да ги примениме неговите поуки (Лука 11:13). Освен тоа, Бог им дава и духовна заштита на оние што се трудат да живеат непорочно (Изр. 2:7).
4 Како Јехова нѐ учи да останеме беспрекорни? Пред сѐ, со тоа што го испратил својот Син, Исус, на Земјата. Исус му бил совршено послушен. Тој ‚станал послушен сѐ до смртта‘ (Фил. 2:8). Исус му бил послушен на својот небесен Татко во сѐ што правел, дури и кога тоа било многу тешко. Тој му рекол на Јехова: „Нека не биде мојата волја, туку твојата!“ (Лука 22:42). Добро е секој од нас да се праша: ‚Дали и јас се трудам да бидам послушен на сличен начин?‘ Ако се трудиме да бидеме послушни од исправни мотиви, ќе успееме да останеме беспрекорни. Да видиме на кои полиња од животот е особено важно да бидеме послушни.
5, 6. а) Како нагласил Давид колку е важно да останеме беспрекорни дури и кога не нѐ гледаат други луѓе? б) Со какви предизвици се соочуваат христијаните денес кога се сами?
5 Треба да сме му послушни на Јехова дури и кога сме сами. Псалмистот Давид сфатил колку е важно да биде беспрекорен, односно непорочен дури и тогаш кога бил сам. (Прочитај Псалм 101:2.) Како цар, Давид бил постојано меѓу луѓе. Без сомнение, во многу прилики бил изложен на погледот на стотици, па дури и на илјадници души. (Спореди со Псалм 26:12.) Во тие моменти било многу важно да биде беспрекорен, бидејќи царот требало да му даде пример на својот народ (5. Мој. 17:18, 19). Но, Давид научил дека, дури и кога е сам — „во својот дом“— сѐ уште требало да живее непорочно. А како е со нас?
6 Во Псалм 101:3 се напишани следниве зборови на Давид: „Пред своите очи нема да ставам ништо зло“. Денес ни се нудат многу можности да ставиме нешто зло пред своите очи, особено кога сме сами. На мнозина ваков предизвик им наметнува пристапот до Интернет. Лесно е да бидеме намамени да гледаме непристојни, па дури и порнографски материјали. Но, дали со тоа би му биле послушни на Бог кој го вдахновил Давид да ги запише тие зборови? Порнографијата има штетни последици бидејќи разгорува погрешни желби и страсти, ја нагризува совеста, ги поткопува браковите и го понижува оној што ја гледа (Изр. 4:23; 2. Кор. 7:1; 1. Сол. 4:3-5).
7. Кое начело може да ни помогне да останеме беспрекорни кога сме сами?
7 Ниту еден слуга на Јехова, всушност, никогаш не е сам. Нашиот Татко со љубов нѐ набљудува. (Прочитај Псалм 11:4.) Колку мора да се радува Јехова кога гледа дека му се спротивставуваме на искушението! Кога го правиш тоа, го слушаш предупредувањето што стои зад зборовите на Исус кои се запишани во Матеј 5:28. Биди решен по секоја цена да не гледаш слики што ќе те наведат да направиш нешто лошо. Немој да си ја прокоцкаш својата скапоцена беспрекорност за срамно гледање или читање на порнографски материјали!
8, 9. а) Со каков предизвик во поглед на својата беспрекорност се соочиле Даниел и неговите другари? б) Како младите христијани денес го радуваат Јехова, а и своите сохристијани?
8 Можеме да останеме беспрекорни и така што ќе му бидеме послушни на Јехова кога сме меѓу луѓе кои не се Сведоци. Размисли за Даниел и за тројцата негови другари. Тие биле одведени како заробеници во Вавилон кога биле многу млади. Таму биле опкружени со неверници кои не знаеле ништо за Јехова, и биле ставени под притисок да јадат избрани јадења кои биле забранети според Божјиот закон. Овие момчиња лесно можеле да си најдат изговор за да го прекршат овој закон. На крајот на краиштата, нивните родители, старешините и свештениците не можеле да видат што прават тие четворица. Кој ќе знаел што направиле? Јехова ќе знаел. Затоа тие зазеле цврст став и му биле послушни, и покрај тоа што биле под притисок и во опасност (Дан. 1:3-9).
9 Насекаде во светот, младите Јеховини сведоци постапуваат на сличен начин и се држат за Божјите мерила за христијаните, одбивајќи да му попуштат на притисокот од врсниците. Кога вие млади одбивате да земете дрога, да се тепате, да пцуете, да вршите неморал или да правите други лоши работи, вие сте му послушни на Јехова. Тоа е добро за вас, но така го радувате и Јехова, а и вашите сохристијани! (Пс. 110:3).
10. а) Кои погрешни гледишта за блудот навеле некои млади да ја изгубат својата беспрекорност? б) Како ќе постапиме за да останеме беспрекорни во поглед на блудот?
10 Треба да бидеме послушни и во нашето однесување со спротивниот пол. Знаеме дека Божјата реч го забранува блудот. Сепак, лесно е послушноста да премине во попустливост. На пример, некои млади се впуштиле во орален и анален секс или во заемна мастурбација, правдајќи се дека ова не е толку лошо бидејќи технички „не е сексуален однос“. Таквите млади забораваат — или можеби свесно избираат да го игнорираат фактот — дека зборот што во Библијата се користи за блуд ги вклучува сите тие работи, и за таквите погрешни постапки некој може да биде исклучен од собранието.a Но, уште полошо е што не им е толку важно дали ќе останат беспрекорни. Бидејќи се трудиме да ја зачуваме својата беспрекорност, не бараме дупки во законот. Не се обидуваме да се приближиме што е можно повеќе до гревот без да бидеме казнети. Не ни се важни само правните последици што можеби ќе ги сносиме доколку направиме грев. Напротив, мислиме како да постапуваме на начин што ќе го радува Јехова и што нема да ги повреди неговите чувства. Наместо да испитуваме колку можеме да се приближиме до гревот без да го направиме, ние уште оддалеку се тргаме и ‚бегаме од блуд‘ (1. Кор. 6:18). Така покажуваме дека сме навистина беспрекорни.
Како ќе успееме да ја зачуваме својата беспрекорност?
11. Зошто е важна секоја постапка со која покажуваме послушност? Наведи една споредба.
11 Со оглед на тоа што беспрекорноста се гради со послушност, можеме да ја зачуваме така што ќе продолжиме да бидеме послушни. Само една постапка со која сме покажале послушност може да ни изгледа безначајна. Но, како што одминува времето, таквите постапки се насобираат. Да наведеме една споредба: Иако една цигла може да ни изгледа безначајна, ако внимателно наредиме многу цигли, со нив можеме да си изградиме прекрасна куќа. На сличен начин, со секоја послушна постапка ние, всушност, постепено ја градиме својата беспрекорност (Лука 16:10).
12. Како Давид дал пример за беспрекорност кога се соочил со малтретирање и неправда?
12 Нашата беспрекорност особено се гледа кога истрајуваме во неволји или кога сме жртви на малтретирање или неправда. Размисли за библискиот пример на Давид. Како млад, тој постојано бил прогонуван од еден цар кој бил поставен од Јехова. Но, цар Саул ја имал изгубено Јеховината милост, и затоа му бил страшно љубоморен на Давид, кого Бог го сакал. И покрај тоа, Саул останал цар одредено време и ја искористил израелската војска за да го гони Давид. Јехова дозволил оваа неправда да потрае неколку години. Дали Давид се огорчил на Бог? Дали заклучил дека нема зошто човек да истрае? Напротив. Тој се однесувал со најголема почит кон положбата на Божји помазаник што ја имал Саул, и одбил да му врати мило за драго кога му се укажала можност за тоа (1. Сам. 24:2-7).
13. Како можеме да ја зачуваме својата беспрекорност ако некој нѐ повреди или нѐ навреди?
13 Давид е навистина извонреден пример за нас денес! Ние сме дел од едно меѓународно собрание составено од несовршени луѓе, кои можат во секој момент да ни згрешат, па дури и самите да станат неверни. Се разбира, благословени сме што живееме во време кога Јеховиниот народ во целина сигурно нема да се расипе (Иса. 54:17). Но, како ќе реагираме ако некој нѐ разочара или нѐ повреди нас лично? Ако дозволиме огорченоста кон некој соверник да ни го затруе срцето, тогаш е во опасност нашата беспрекорност кон Бог. Однесувањето на другите никогаш не е изговор за да му се налутиме на нашиот Бог или да престанеме да му бидеме верни (Пс. 119:165). Ако истраеме дури и кога сме во неволји, ќе успееме да ја зачуваме својата беспрекорност.
14. Како реагираат беспрекорните лица на организациските промени или на појаснувањето на одредени библиски учења?
14 Ќе ја зачуваме својата беспрекорност и со тоа што нема да им наоѓаме маани на другите, односно нема да ги критизираме. Се разбира, ова би значело дека сме му верни на Јехова. Тој сега го благословува својот народ повеќе од кога и да било порано. Никогаш досега во историјата на Земјата обожавањето на вистинскиот Бог не било толку возвишено (Иса. 2:2-4). Кога доаѓа до промени во објаснувањата на некои библиски стихови или во начинот на кој се прават работите, добро е да ги прифатиме. Се радуваме што гледаме докази дека духовната светлина станува сѐ посилна (Изр. 4:18). Ако ни е тешко да разбереме некоја промена, го молиме Јехова да ни помогне да ја сфатиме. Во меѓувреме, остануваме послушни и ја чуваме својата беспрекорност.
Што ако некој не постапувал беспрекорно?
15. Само поради кого можеш да ја изгубиш својата беспрекорност?
15 Ова е отрезнувачко прашање, зарем не? Од претходната статија видовме дека беспрекорноста е апсолутно неопходна. Доколку не сме беспрекорни, ќе го изгубиме Јехова како пријател и ќе немаме вистинска надеж. Но, не заборавај го следново: постои само една личност во вселената поради која можеш да ја изгубиш својата беспрекорност. Таа личност си ти! Јов многу добро го разбрал тоа. Тој рекол: „Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5). Ако имаш слична решеност и ако останеш близок со Јехова, секогаш ќе бидеш беспрекорен (Јак. 4:8).
16, 17. а) Што не треба да стори некој што направил тежок грев? б) Кои се исправните чекори што треба да ги преземе?
16 Сепак, има такви кои не успеваат да ја зачуваат својата беспрекорност. Исто како што било случај додека биле живи апостолите, некои паднале во замка да прават тежок грев. Ако такво нешто ти се случило и тебе, дали ситуацијата е безнадежна? Не мора да значи. Што може да се стори? Да видиме прво што не треба да се стори. Како луѓе сме склони да скриеме дека сме згрешиле и да не им кажеме на родителите, на сохристијаните или на старешините. Меѓутоа, Библијата нѐ потсетува: „Кој ги крие престапите свои, ќе нема успех, а оној што ги признава и ги остава, ќе биде помилуван“ (Изр. 28:13). Оние што се трудат да ги скријат гревовите прават сериозна грешка, бидејќи ништо не може да се скрие од Бог. (Прочитај Евреите 4:13.) Некои дури се обидуваат да водат двоен живот, преправајќи се дека му служат на Јехова додека, од друга страна, продолжуваат да прават грев. Тоа не е живот на беспрекорност, туку е сосема спротивен на беспрекорноста. Јехова не се радува кога му вршат служба лица што кријат тешки гревови. Напротив, тој се гневи на таквото лицемерство (Изр. 21:27; Иса. 1:11-16).
17 Кога некој христијанин ќе направи тежок грев, јасно е што се очекува од него. Треба да побара помош од христијанските старешини. Јехова одредил како да постапат тие во случај на тешка духовна болест. (Прочитај Јаков 5:14.) Не дозволувај стравот од можна казна или исправка да те спречи да побараш помош ако си духовно болен. Впрочем, дали мудриот човек ќе дозволи минливата болка од една инјекција, па дури и од операција, да го спречи да се лекува од некоја смртоносна болест? (Евр. 12:11).
18, 19. а) Како се гледа од примерот на Давид дека човек може повторно да стане беспрекорен? б) На што си решен ти во врска со твојата беспрекорност?
18 Има ли надеж тоа лице целосно да закрепне? Може ли некој повторно да биде беспрекорен откако направил пропуст? Да го разгледаме уште еднаш примерот на Давид. И тој направил тежок грев. Ја гледал со желба жената на друг човек, направил прељуба со неа и средил да биде убиен нејзиниот невин сопруг. Тешко е да се рече дека во тоа време Давид бил беспрекорен, зарем не? Сепак, дали ситуацијата била безнадежна? На Давид му била потребна строга казна, и тој заслужено ја добил. Потоа, бидејќи искрено се каел, Јехова му покажал милост. Давид си ја научил лекцијата од казната и повторно станал беспрекорен така што му бил послушен на Бог без оглед на сѐ. Животот на Давид е пример за она што го читаме во Изреки 24:16: „Зашто, ако праведникот падне и седум пати, пак ќе стане“. Кој бил резултатот? Забележи што му рекол Јехова на Соломон во врска со Давид откако Давид умрел. (Прочитај 1. Царевите 9:4.) Бог се сеќавал на Давид како на беспрекорен човек. Навистина, Јехова може да ја очисти кај грешниците што се каат дури и дамката од некој тежок грев (Иса. 1:18).
19 Значи, ќе бидеш беспрекорна личност ако од љубов си му послушен на Бог. Остани верен и истраен, и ако направиш тежок грев, покажи дека искрено се каеш. Колку скапоцена е беспрекорноста! Затоа, да покажеме иста решеност како Давид, кој рекол: „А јас ќе живеам непорочно“ (Пс. 26:11).
[Фуснота]
Како би одговорил?
• Како можеш да бидеш беспрекорен?
• Како ќе можеш да ја зачуваш својата беспрекорност?
• Како е можно пак да станеш беспрекорен ако си направил грев?
[Рамка на страница 8]
‚ТОА БЕШЕ НЕШТО ПРЕКРАСНО‘
Една жена, која била во петтиот месец од бременоста, го кажала ова во врска со љубезноста и чесноста на една девојка која воопшто не ја познавала. Тој ден жената седела во кафетерија, и дури по неколку часа сфатила дека таму си го заборавила паричникот. Во него имала 2.000 долари — многу повеќе отколку што обично носела со себе. „Бев очајна“, изјавила подоцна за еден локален весник. Меѓутоа, една девојка го нашла паричникот и веднаш ја побарала сопственичката. Бидејќи не успеала да ја најде, го однела во полициска станица, и на крајот полицијата успеала да ја пронајде бремената жена. „Тоа навистина беше нешто прекрасно“, изјавила благодарната сопственичка. Зошто девојката толку многу се трудела да ги врати парите? Весникот забележува дека, како Јеховин сведок, таа ‚ѝ ја припишува својата чесност на религијата во која пораснала‘.
[Слика на страница 9]
Младите можат да останат беспрекорни кога се на испит
[Слика на страница 10]
Давид ја изгубил својата беспрекорност извесно време, но се поправил