Потрага по практично водство
АКО бараш совет, имаш голем избор. Бизнисот со книги за самопомош е еден од оние што најмногу цветаат во светот. Во земји како што се Британија, Латинска Америка, Јапонија и САД, книгите за самопомош се меѓу најпродаваните. Сѐ поголема популарност стекнуваат и видеопрезентациите, курсевите и ТВ-емисиите за самопомош. Нивната популарност лежи во идејата дека можеш сам да си ги решиш проблемите без да се консултираш со психолог, брачен советник или свештеник. На кои полиња даваат совети?
Некои од најпопуларните теми што ги обработуваат се постигнување на личните амбиции, среќа во љубовта и воспитување на децата. Други вообичаени тематики се депресијата, ужаленоста поради нечија смрт и последиците од разводот. Многу се барани и совети во врска со прејадувањето, пушењето и пијанството. Дали советите што ги даваат се практични? Понекогаш се, но честопати и не се. Затоа е мудро да се земе предвид библиското предупредување: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15).
Книгите за самопомош се многу поинакви од прирачниците со кои се учат вештини како фотографирање, сметководство или јазик. Таквите прирачници можат да бидат ефикасна и евтина замена за некој курс. Но, книгите за самопомош — од областа на бизнисот, бракот, воспитувањето деца или менталното здравје — се поинакви. Тие обично препорачуваат одреден начин на живот или извесни филозофии. Затоа е мудро да се прашаме: ‚Кој го дава советот? Од кој извор доаѓаат овие информации?‘
Стручњаците можеби нема секогаш да ги темелат своите мислења на внимателно собрани докази. Се случува некој автор да дава совети што се продаваат најдобро, знаејќи дека ќе заработи многу пари ако им го кажува на луѓето она што сакаат да го чујат. Замисли, само во една земја бизнисот со книги за самопомош носи повеќе од 8 милијарди долари годишно!
Колку се практични прирачниците за самопомош?
Кога земаш некоја книга за самопомош, очекуваш да најдеш практични совети. Но, понекогаш ќе најдеш само површни или теоретски предлози. Обично, во таквите книги стои: ‚Ако размислуваш позитивно, сигурно ќе успееш. Сѐ што ќе посакаш, било да се тоа пари, здравје или стабилна врска, ќе добиеш ако размислуваш позитивно‘. Дали ваквиот совет е практичен? Ќе ти помогне ли да се соочиш со реалноста и со разочарувањата во животот?
Да ги земеме за пример книгите што содржат совети за романтични врски и брак, кои се едни од најпопуларните. Дали им помагаат на луѓето да имаат среќни, стабилни семејства? Не секогаш. Една рецензентка смета дека авторот на извесна книга за самопомош во љубовта, која брзо постигна голем успех во Латинска Америка, „ги учи читателите да изградат здрава врска и да стекнат самопочит“. Авторот тврди дека одржувањето врска што не функционира значи предавство на самиот себеси. Пораката што се крие зад тоа е дека е важно да го правиш тоа што придонесува ти лично да се чувствуваш убаво, наместо да се соочиш со проблемите и да се трудиш да ги решиш.
Точно е дека во книгите за самопомош има добри совети. Сепак, во нив има и лоши совети. Некој стручњак може да даде корисни предлози за една работа, но неговите предлози за нешто друго можат уште повеќе да ги влошат работите. Ваквите книги содржат толку многу, и честопати толку противречни мислења, што е невозможно исправно да се процени кои се добри, а кои лоши. На чии совети можеш да се потпреш? Прашај се: ‚Дали советите се внимателно истражени или, пак, се само лични мислења на авторот? До која мерка желбата за богатство или углед влијаела врз искреноста и моралните принципи на авторот?‘
Една книга што го положила испитот на времето е Библијата. Таа дава практични совети на многу теми што се разработени во книгите за самопомош. Но, тоа не е сѐ. Таа мотивира милиони луѓе да го применат советот: „Да се обновувате во силата што го задвижува вашиот ум и да ја облечете новата личност“ (Ефешаните 4:23, 24). Библијата дава мудри објаснувања за причините за нашите проблеми и нѐ учи како да се справиме со нив. Што е уште поважно, силно нѐ мотивира да го правиме она што е исправно. Во следната статија ќе биде објаснето како го постигнува тоа.