Читателите прашуваат
Дали страдањата во животот се казна од Бог?
Дали некој трагичен настан во животот те навел да си помислиш дека Бог сака да страдаш? Некоја ненадејна болест, инвалидитет или предвремената смрт на некој од семејството може да ни создаде чувство дека Бог намерно сакал да нѐ казни.
Спротивно на таквите размислувања, би требало да те утеши сознанието дека Бог сака луѓето да бидат среќни и да не им се случува ништо лошо. Затоа, кога ги создал првите луѓе, Бог ги сместил во „градината Еден“, рајски парк во кој животот бил без никакви страдања (1. Мојсеева 2:15).
За жал, првите луѓе решиле да ја отфрлат прекрасната иднина што им претстоела и намерно не го послушале Бог. Последиците биле погубни не само за нив туку и за сите нивни потомци, вклучувајќи нѐ и нас. Зошто? Таа ситуација може да се спореди со она што се случува кога еден татко не се држи на договорот да плаќа кирија — целата фамилија е истерана од станот, и затоа сите мора да се мачат и да живеат во беда. Нешто слично се случило по таа прва побуна: оттогаш целото човештво страда (Римјаните 5:12). Многу години подоцна, праведниот човек Јов се жалел дека, ако неговата болка и страдања би можеле ‚да се стават на вага‘, би биле ‚потешки од морскиот песок‘ (Јов 6:2, 3).
Друга причина што страдаме е тоа што не можеме сѐ да знаеме однапред. На пример, замисли си дека некој гради и продава куќи во место каде што често има пожари. Без да знаеш за тоа, ти купуваш една од тие куќи и живееш во неа. Зар со тоа не би се ставил себеси и твојата фамилија во опасност да ви се случи голема несреќа? Каков проблем и да настане, не би рекол дека е казна од Бог, нели? Библијата реално вели: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15).
Меѓутоа, утешно е да се знае дека, иако секому лесно може да му се случи некаква несреќа, Бог има намера многу скоро луѓето да се ослободат од секакво страдање. Кога ќе дојде тоа време, никогаш повеќе нема да доживееш, да видиш, ниту да чуеш за некоја неволја. Солзите од тага, болка, смрт и оплакување ќе бидат работи што ‚поминале‘ (Откровение 21:4). Утешно е и ветувањето дека никогаш повторно луѓето нема да градат и да садат за да биде сето тоа уништено во војни или катастрофи. Наместо тоа, „ќе уживаат во плодовите на своите раце“ (Исаија 65:21-25).
Додека чекаш Бог сосема да ги отстрани неволјите, што можеш да направиш сега за да си олесниш? Прво и најважно од сѐ, „не потпирај се на сопствениот разум“, туку „имај доверба во Јехова со сето свое срце“ (Изреки 3:5). Барај од Бог водство и утеха. Обрни внимание на Божјата мудрост што се наоѓа во Библијата. Тоа ќе ти помогне да донесуваш мудри одлуки и ќе те заштити од неволји што можат да се избегнат (Изреки 22:3).