Зајакнати да се справиме со секоја неволја
„Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (ФИЛ. 4:13)
1. Зошто Јеховиниот народ се соочува со многу неволји?
КАКО Јеховин народ, честопати се соочуваме со најразлични неволји. Некои од нив се последица на нашата несовршеност, а некои ги предизвикува светот во кој живееме. Други се последица на непријателството кое постои меѓу оние што му служат на Бог и оние што не му служат (1. Мој. 3:15). Уште од почетокот на човечката историја, Бог им помагал на своите верни слуги да издржат кога биле прогонувани, да се спротивстават на лошото влијание од околината и да се справат со секакви други неволји. Неговиот свет дух може и нам да ни помогне во тоа.
Со прогонство
2. Која е целта на верското прогонство, и во какви облици може да биде тоа?
2 До верско прогонство доаѓа кога некои луѓе намерно вознемируваат или повредуваат други лица само затоа што не им се допаѓа нивната вера или верски убедувања. Целта на ваквото прогонство е да се искоренат тие верувања, да се спречи нивното ширење или да се скрши лојалноста на верниците. Тоа може да биде во различни облици — некогаш е отворено, а некогаш прикриено. Библијата ги споредува нападите на Сатана со напад на млад лав, но и со напад на кобра. (Прочитај Псалм 91:13.)
3. Во која смисла прогонството може да биде слично на напад од лав и на напад од кобра?
3 Како млад лав, Сатана честопати напаѓа отворено и директно, служејќи се со насилство, затворање или забрана (Пс. 94:20). Во Годишникот, каде што се зборува за активностите на Јеховините сведоци во нашево време, има многу извештаи кои покажуваат како Ѓаволот ја користи таа тактика. Насилни толпи, кои понекогаш се предводени од свештеници или политички фанатици, ги малтретирале Божјите слуги во многу места. Исплашени од таквите напади, слични на напади од лав, некои престанале да му служат на Јехова. Но, Ѓаволот напаѓа и како кобра — незабележливо и подмолно, при што целта му е да ги затруе умовите на луѓето или да ги намами да ја вршат неговата волја. Таквите напади се наменети да нѐ ослабнат или да нѐ расипат духовно. Сепак, со помош на светиот дух, можеме да се справиме и со двата облика на прогонство.
4, 5. Како можеме најдобро да се подготвиме за прогонство, и зошто тоа е најдобриот начин? Наведи пример.
4 Тоа што ќе си замислуваме какви сѐ прогонства би можеле да доживееме во иднина, нема да ни помогне да бидеме поспремни да се справиме со нив. Факт е дека едноставно не знаеме какви прогонства можеби нѐ чекаат, и затоа нема многу да ни користи тоа што ќе се оптоваруваме со работи кои можеби никогаш нема ни да се случат. Сепак, нешто можеме да сториме. Повеќето од оние што успешно пребродиле некое прогонство длабоко размислувале за примерите на верните Јеховини слуги запишани во Библијата, како и за учењата и примерот на Исус. На тој начин ја продлабочиле својата љубов кон Јехова. А таа љубов, пак, им помогнала да ги издржат сите испити со кои се соочиле.
5 Размисли, на пример, за две наши сестри од Малави. Сакајќи да ги натераат да купат партиски книшки, една насилна толпа луѓе ги натепале и ги соблекле, и им се заканиле дека ќе ги силуваат. Освен тоа, лажеле дека дури и членовите на бетелското семејство купиле партиски книшки. Што рекле сестрите? „Ние му служиме само на Јехова Бог. Ако браќата во подружницата купиле партиски книшки, тоа си е нивна работа. Ние нема да го сториме тоа, макар и да нѐ убиете!“ Откако зазеле ваков храбар став, двете сестри биле пуштени.
6, 7. Како Јехова ги зајакнува своите слуги да издржат кога се прогонувани?
6 Апостол Павле навел дека христијаните во Солун, „и покрај многу неволји“, ја прифатиле пораката за вистината „со радоста што доаѓа преку светиот дух“ (1. Сол. 1:6). Всушност, многу христијани — во минатото и денес — кои му останале верни на Бог под прогонство, велат дека, кога им било најтешко, почувствувале внатрешен мир, еден од плодовите на Божјиот свет дух (Гал. 5:22). Тој мир, пак, им помогнал да го зачуваат своето срце и ум. Да, Јехова го користи својот дух за да ги зајакне своите слуги да ги пребродат неволјите и да постапат мудро кога ќе се најдат на испити.a
7 Некои луѓе се чудат кога гледаат колку се решени слугите на Бог да му останат верни дури и ако се соочуваат со жестоко прогонство. Изгледа како Сведоците да се исполнети со натприродна сила — и тоа навистина е така. Апостол Петар нѐ уверува: „Ако ве исмејуваат поради Христовото име, среќни сте, бидејќи духот на славата — духот Божји — почива врз вас“ (1. Пет. 4:14). Тоа што сме прогонувани затоа што се држиме за праведните мерила е знак дека Јехова нѐ одобрува (Мат. 5:10-12; Јован 15:20). Колку сме среќни што го гледаме овој доказ за Јеховиниот благослов!
Со лошото влијание од околината
8. а) Што им помогнало на Исус Навин и на Халев да се спротивстават на лошото влијание од околината? б) Што учиме од примерот на Исус Навин и на Халев?
8 Еден поподмолен облик на противење со кој мораат да се справат христијаните е лошото влијание од околината. Сепак, бидејќи Јеховиниот дух е многу посилен од духот на светот, можеме да им се спротивставиме на луѓето кои нѐ исмејуваат, шират невистини за нас или, пак, се обидуваат да нѐ присилат да живееме според нивните мерила. На пример, што им помогнало на Исус Навин и на Халев да покажат дека не се согласуваат со гледиштето на другите десет извидници кои биле испратени во Ханаан? Светиот дух ги поттикнал да развијат „поинаков дух“, односно поинаков став од другите. (Прочитај 4. Мојсеева 13:30; 14:6-10, 24.)
9. Зошто христијаните треба да бидат спремни да се разликуваат од мнозинството?
9 Светиот дух им дал сила и на апостолите на Исус да му бидат послушни на Бог наместо на оние што мнозина ги почитувале како учители на вистинската религија (Дела 4:21, 31; 5:29, 32). На повеќето луѓе им е полесно да се поведат по мнозинството бидејќи така можат да избегнат судири и несогласувања. Но, вистинските христијани честопати мораат да заземат цврст став за она што знаат дека е исправно. Дури и тогаш, благодарение на силата што ја добиваат од Божјиот дух, не се плашат да бидат поинакви од другите (2. Тим. 1:7). Да разгледаме едно поле на кое не смееме да попуштиме на лошото влијание од околината.
10. Во каква недоумица се наоѓаат некои христијани?
10 Некои млади се мислат што да прават кога ќе дознаат дека некој нивни пријател постапува небиблиски. Можеби сметаат дека ќе го изневерат пријателот ако ги замолат старешините да му пружат духовна помош. Можно е и оној што греши да ги наговара своите пријатели да не кажуваат никому за неговиот грев. Се разбира, овој проблем не го имаат само младите. И на некои возрасни објавители им е тешко да им кажат на собраниските старешини дека некој нивни пријател или член на семејството прави или направил грев. Но, како треба вистинските христијани да реагираат на ваквиот притисок?
11, 12. Како би било најдобро да постапиш ако некој член на собранието те наговара да го скриеш неговиот грев, и зошто?
11 Замисли си ја следнава ситуација. Да речеме дека Горан, еден млад брат, дознал дека Марко, негов пријател од собранието, има навика да гледа порнографија. Горан му кажува на Марко дека е многу загрижен поради тоа. Но, Марко не обрнува внимание на неговите зборови. Кога Горан го советува да разговара со старешините, Марко му одговара дека, ако му е вистински пријател, нема да го издаде. Дали Горан треба да се плаши дека ќе го изгуби својот пријател? Можеби се прашува кому ќе му веруваат старешините ако Марко не признае дека гледа порнографија. Сепак, ако Горан си молчи, работите можат да станат уште полоши. Всушност, Марко би можел да го изгуби својот однос со Јехова. Добро е Горан да се сети на стихот кој вели дека „кој се тресе од страв од човек, си поставува замка, а кој се надева на Јехова, ќе биде заштитен“ (Изр. 29:25). Што друго може да стори Горан? Би можел повторно љубезно да му пристапи на Марко и отворено да разговара за проблемот со него. За ова ќе му биде потребна храброст. Но, може да се случи овој пат Марко да сака да зборува за својот проблем. Горан уште еднаш треба да го поттикне да зборува со старешините, но и да му каже дека, ако не го стори тоа во разумно време, тогаш тој ќе разговара со нив (3. Мој. 5:1).
12 Ако некогаш си се нашол во слична ситуација, можеби твојот пријател во почетокот не бил благодарен затоа што си сакал да му помогнеш. Сепак, можеби подоцна сфатил дека она што го правиш е за негово добро. Ако оној што греши добие и прифати помош, тогаш може засекогаш да ти биде благодарен што си собрал храброст да зборуваш и си покажал вистинска лојалност. Од друга страна, ако одбива да се помири со тебе затоа што си им кажал на старешините, тогаш дали навистина е пријател што би сакал да го имаш? Најважно од сѐ е да го правиме она што го бара нашиот најголем Пријател, Јехова. Кога го ставаме Бог на прво место, другите што го сакаат Него ќе нѐ почитуваат затоа што сме лојални и ќе ни бидат вистински пријатели. Никогаш не треба да му дадеме на Ѓаволот можност да дејствува во христијанското собрание. Во спротивно, навистина би го жалостеле Јеховиниот свет дух. Но, постапуваме во склад со светиот дух ако се трудиме собранието да остане чисто (Еф. 4:27, 30).
Со секакви неволји
13. Со какви неволји се соочува Јеховиниот народ, и зошто не е чудно што ги има на секој чекор?
13 Можат да нѐ погодат различни неволји — финансиски тешкотии, отказ од работа, природна катастрофа, смрт на некој близок, здравствени проблеми итн. Бидејќи живееме во „тешки времиња“, нормално е секој од нас да очекува, порано или подоцна, да го снајде некаква неволја (2. Тим. 3:1). Кога ќе се соочиме со таква ситуација, важно е да не бидеме премногу исплашени или загрижени. Светиот дух може да нѐ зајакне да издржиме секакви неволји.
14. Што го зајакнало Јов да ги издржи неволјите?
14 Јов доживеал многу неволји. Изгубил речиси сѐ што имал, се разболел од тешка болест, останал без децата и пријателите, а неговата жена изгубила доверба во Јехова (Јов 1:13-19; 2:7-9). Сепак, Елиу му дал вистинска утеха на Јов. Неговата порака, како и суштината на Јеховината порака била: „Застани и размисли за Божјите чудесни дела“ (Јов 37:14). Што му помогнало на Јов да ги преброди неволјите? И што ќе ни помогне нам да издржиме кога и самите ќе се најдеме во неволја? Тоа што длабоко ќе размислуваме за големите дела што Јехова ги направил преку својот моќен свет дух (Јов 38:1-41; 42:1, 2). А можеби се сеќаваме на времето кога и самите сме виделе докази дека Бог е заинтересиран за нас како поединци. Тој сѐ уште се грижи за нас.
15. Што му помогнало на апостол Павле да ги издржи неволјите?
15 И апостол Павле останал непоколеблив кога, поради својата вера, се соочил со неволји во кои понекогаш животот му висел на конец (2. Кор. 11:23-28). Како успеал да остане духовно и емоционално стабилен во тие тешки околности? Така што се потпирал на Јехова и често му се молел. Во текот на последниот тежок период од животот, кој очигледно завршил со неговата маченичка смрт, Павле напишал: „Господарот застана покрај мене и ме зајакна, за преку мене да се изврши потполно проповедањето на добрата вест и да ја чујат сите народи. И бев избавен од устата на лавовите“ (2. Тим. 4:17). Според тоа, Павле можел од лично искуство да ги увери соверниците дека нема потреба ‚да бидат загрижени за ништо‘. (Прочитај Филипјаните 4:6, 7, 13.)
16, 17. Како Јехова им помага на своите слуги да се справат со неволјите денес? Наведи пример.
16 Роксана, која служи како пионер, почувствувала на своја кожа дека Јехова се грижи за своите слуги. Кога побарала од својот работодавец да ја ослободи неколку дена за да појде на конгрес, тој ѝ се развикал и ѝ рекол дека, ако отиде, ќе ја отпушти од работа. Роксана сепак отишла, горливо молејќи се да ја задржи работата. Молитвата ѝ помогнала да се смири. Но, кога во понеделникот по конгресот дошла на работа, шефот навистина ја отпуштил. Роксана многу се загрижила. Иако не била добро платена, работата ѝ била потребна за да го издржува семејството. Повторно го молела Јехова, и си рекла дека, штом Бог се погрижил да ги задоволи нејзините духовни потреби на конгресот, тогаш сигурно ќе се погрижи и за нејзините материјални потреби. На пат кон дома, таа видела оглас: „Се бараат работници“. Се пријавила, иако се барале искусни лица што знаеле како да работат на индустриски машини за шиење. Раководителот сфатил дека таа нема искуство, но и покрај тоа ја примил на работа, при што ѝ понудил речиси двојно поголема плата од таа што ја добивала на претходното работно место. Роксана почувствувала дека Јехова ѝ одговорил на молитвите. Сепак, најголем благослов за неа било тоа што можела да зборува за добрата вест со некои од своите нови колеги. Пет од нив, вклучувајќи го и раководителот, ја прифатиле вистината и се крстиле.
17 Понекогаш ни се чини дека Бог не ни одговара на молитвите — барем не веднаш или не онака како што очекуваме. Ако е така, тогаш сигурно има добра причина за тоа. Јехова ја знае таа причина, но ние можеби ќе ја увидиме дури подоцна. Во едно можеме да бидеме сигурни — Бог не ги остава оние што му се верни (Евр. 6:10).
Помош да се справиме со секакви проблеми и искушенија
18, 19. а) Зошто може да очекуваме дека ќе имаме проблеми и искушенија? б) Како можеш успешно да се справиш со неволјите?
18 Јеховините слуги не се изненадени што наидуваат на искушенија, обесхрабрување, прогонство и лошо влијание од околината. Општо земено, светот е непријателски настроен кон нас (Јован 15:17-19). Сепак, светиот дух може да ни помогне успешно да се справиме со секој проблем на кој ќе наидеме додека му служиме на Бог. Јехова нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да поднесеме (1. Кор. 10:13). Тој никогаш нема да нѐ остави и никогаш нема да нѐ напушти (Евр. 13:5). Послушноста кон неговата вдахновена Реч нѐ штити и нѐ зајакнува. Освен тоа, Божјиот дух може да ги поттикне соверниците да ни дадат помош кога најмногу ни е потребна.
19 Затоа, и понатаму да бараме свет дух така што ќе го молиме Јехова да ни го даде и ќе ја проучуваме Библијата. Да продолжиме да ја ‚примаме од Божјата славна моќ сета потребна сила за потполно да истраеме и да бидеме долготрпеливи со радост‘! (Кол. 1:11).
[Фуснота]
a Други примери можеш да најдеш во Стражарска кула од 1 мај 2001, на страница 16 и во хрватското издание на Разбудете се! од 8 мај 1993, страници 21 и 22.
Како би одговорил?
• Како би можел да се подготвиш за прогонство?
• Како би требало да постапиш ако некој те тера да не кажеш дека прави или направил грев?
• Во што можеш да бидеш уверен кога ќе се соочиш со каква и да било неволја?
[Слика на страница 28]
Што учиме од Исус Навин и Халев?
[Слика на страница 29]
Како можеш да му помогнеш на некој пријател што прави грев?