Како можеш да ја разбереш Библијата
3. Прифати помош од другите
Кога истражувачот Едвард Џон Ејр патувал низ пустата Нуларборска Низина, локалните Абориџини го научиле да собира вода од песочните дини и од еукалиптусите. Благодарение на тоа што прифатил помош од оние што добро ја познавале земјата, Ејр подоцна си го спасил животот.
КАКО што покажува овој пример, за успешно да се заврши некој тежок потфат, честопати треба помош од некој поискусен. Истото важи и кога ќе почнеш да ја читаш Библијата.
Исус не очекувал неговите следбеници да ја разберат Библијата без ничија помош. Еднаш, тој ‚им го отворил умот да ги разберат Писмата‘ (Лука 24:45). Исус знаел дека на оние што ја читаат Библијата им треба помош за да ги разберат учењата што се запишани во неа.
Кој да ни помогне?
Исус им дал задача на своите вистински следбеници да им помагаат на луѓето да се запознаат со Библијата. Пред да се вознесе на небото, тој заповедал: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Главната задача на христијаните е да поучуваат, односно да им објаснат на луѓето како да ги применат библиските начела во секојдневниот живот. Вистинските христијани им помагаат на другите да ја разберат Библијата.
Кратко време откако Исус им го дал тој налог на своите следбеници, се случило нешто интересно. Библијата раскажува за еден дворјанин од Етиопија што читал дел од пророштвото на Исаија. Дошол до стихови што не можел да ги разбере. Стиховите што го збуниле биле: „Како овца го одведоа на колење. Како јагне, немо пред оној што го стриже, не ја отвора својата уста. Во неговото понижување беше лишен од праведен суд. Кој ќе ги раскаже поединостите за неговото потекло? Зашто, животот му е одземен од земјата“ (Дела 8:32, 33; Исаија 53:7, 8).
Дворјанинот го прашал Филип, кој бил искусен христијанин што добро ги познавал Писмата: „За кого пророкот го вели ова? За себе или за некој друг?“ (Дела 8:34). Искрениот Етиопјанин се враќал од Ерусалим, каде што бил за да го обожава Бог, и веројатно се молел за водство. Очигледно читал искрено и понизно. Но, сепак не го разбрал тој дел од Библијата. Понизно побарал помош од Филип. Она што му го објаснил Филип толку го израдувало што посакал и самиот да стане христијанин (Дела 8:35-39).
И денес Јеховините сведоци го вршат делото што го вршеле Филип и другите рани христијани. Во преку 235 земји, Сведоците доброволно им помагаат на другите да разберат што навистина учи Библијата. Тоа го прават преку проучување на Библијата тема по тема. Ваквото систематско проучување вклучува разработка на она што го кажува Библијата на некоја одредена тема.a (Види ја рамката „Јасни одговори на библиски прашања“.)
„Добив одговор на сите мои прашања“
Стивен, Валванера и Џоан, кои ги спомнавме во првата статија, почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. „Се зачудив што со едноставно споредување на неколку библиски начела или извештаи, вистината за некоја работа честопати ја наоѓав во самата Библија“, вели Стивен. „Пред да почнам да ја проучувам Библијата, никој ми немаше покажано како да го правам тоа. Многу ми олесни кога дознав дека Библијата не треба да биде причина за бескрајни дебати и противречни мислења.“
И Валванера го мисли истото. „Сѐ беше толку поврзано и логично“, вели таа. „Она што го учев беше точно, не само затоа што ‚Црквата‘ вели така, туку затоа што имаше разумно објаснување за сѐ.“ Џоан раскажува: „Тоа што Библијата ми даде одговор на сите мои прашања ме исполни со почит — длабока почит кон Авторот — бидејќи тој однапред знаел да напише соодветен одговор на сѐ што ќе прашаат луѓето“.
Познаваш ли некој Јеховин сведок? Зошто не го замолиш да ти покаже како се проучува Библијата? Ако не познаваш лично некој Јеховин сведок, слободно пиши на соодветната адреса наведена на 4. страница од ова списание. Со помош на Божјиот свет дух, ако читаш без предрасуди и ако ти помогне некој што добро знае да те поучи за Библијата, Божјата реч нема да биде нејасна книга за тебе. Ти можеш да ја разбереш Библијата!
[Фуснота]
a Книгата што на многумина им помага во ваквото проучување на Светото писмо е Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слика на страница 8]
Јасни одговори на библиски прашања
Некои теми што ги обработуваат Јеховините сведоци во програмата за проучување на Библијата:
• Каква е Божјата намера со Земјата?
• Каде се мртвите?
• Дали живееме во „последните денови“?
• Зошто Бог ги допушта страдањата?
• Како можам да имам среќен семеен живот?
[Слики на страница 7]
За да ја разбереш Библијата... моли се за Божјиот свет дух, читај ја без предрасуди и прифати помош од другите